Четиринаесетто поглавје
Да се старее заедно
1, 2. а) Какви промени настануваат додека наближува староста? б) На кој начин побожните мажи од библиските времиња нашле задоволство во староста?
ДОДЕКА старееме се случуваат многу промени. Физичката слабост ни ја исцрпува силата. Еден поглед во огледалото открива нови брчки и постепено губење на бојата на косата, па дури и на самата коса. Можеби памтењето ни слабее. Кога децата ќе стапат во брак, а исто така и кога ќе дојдат внучиња, се создаваат нови односи. За некои луѓе пензионирањето од световната работа доведува до поинаква рутина во животот.
2 Навистина, поодминатите години можат да бидат мачни (Проповедник 12:1—8). Сепак, размисли за Божјите слуги од библиските времиња. Иако на крајот ѝ подлегнале на смртта, тие стекнале не само мудрост туку и разбирање, а тоа им донело големо задоволство во староста (1. Мојсеева 25:8; 35:29; Јов 12:12; 42:17). Како успеале да бидат среќни додека стареат? Сигурно така што живееле во согласност со начелата кои денес ги наоѓаме запишани во Библијата (Псалм 118:105; 2. Тимотеј 3:16, 17).
3. Каков совет дал Павле за постарите мажи и жени?
3 Во своето писмо до Тит, апостол Павле им дал здраво водство на оние што стареат. Тој напишал: „Старците да бидат трезвени [умерени во навиките, НС], целомудрени, чисти, здрави во верата, во љубовта, во трпението; старичките, исто така, да живеат како што им прилега на светии — да не клеветат, да не се предаваат на многу вино, да учат за добро“ (Тит 2:2, 3). Ако внимаваш на овие зборови, тие ќе ти помогнат да се соочиш со предизвиците на стареењето.
ПРИВИКНИ СЕ НА САМОСТОЈНОСТА НА ТВОИТЕ ДЕЦА
4, 5. Како реагираат многу родители кога нивните деца ќе си заминат од дома, и како некои се привикнуваат на новата ситуација?
4 Менувањето на улогите бара привикнување. Колку само е вистинито ова кога израснатите деца го напуштаат домот и склопуваат брак! За многу родители ова е првото потсетување дека веќе стареат. Иако се среќни поради тоа што нивните потомци станале возрасни, родителите честопати се загрижени за тоа дали сториле сѐ што можеле за да ги подготват децата да бидат самостојни. Исто така, можеби им недостига тоа што тие повеќе не се во домот.
5 Се разбира, родителите и понатаму се грижат за доброто на своите деца дури и откако децата ќе си отидат од дома. „Само кога би можела често да се слушам со нив, да се уверам дека се добро — тогаш би била среќна“, рекла една мајка. Еден татко раскажува: „Кога нашата ќерка си замина од дома, многу ни беше тешко. Тоа остави една огромна празнина во нашето семејство бидејќи секогаш правевме сѐ заедно“. На кој начин овие родители се соочиле со отсуството на своите деца? Во многу случаи така што се грижеле за другите луѓе и им помагале.
6. Што помага да се задржат семејните односи на своето исправно место?
6 Кога децата ќе стапат во брак, улогата на родителите се менува. 1. Мојсеева 2:24 наведува: „Ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја; и обата ќе бидат едно тело“. Признавањето на божествените начела на поглаварство и добриот ред ќе им помогнат на родителите да ги задржат работите на своето исправно место (1. Коринтјаните 11:3; 14:33, 40).
7. Каков добар став развил еден татко кога неговите ќерки си заминале од дома и се омажиле?
7 Откако двете ќерки на една брачна двојка се омажиле и се преселиле, брачната двојка почувствувала празнина во својот живот. На почетокот сопругот бил огорчен на зетовите. Но, додека размислувал за начелото на поглаварство, тој увидел дека сега сопрузите на неговите ќерки се одговорни за своите домаќинства. Затоа, кога неговите ќерки барале совет, тој ги прашувал што мислат нивните сопрузи, а потоа се трудел да дава колку што е можно поголема поддршка. Сега неговите зетови гледаат на него како на пријател и со задоволство го примаат неговиот совет.
8, 9. На кој начин некои родители се привикнале на самостојноста на своите израснати деца?
8 Што ако нововенчаните не постапуваат онака како што нивните родители мислат дека е најдобро, иако не прават нешто небиблиско? „Секогаш им помагаме да увидат кое е Јеховиното гледиште“, објаснува една двојка чии деца се во брак, „но ако не се согласуваме со нивната одлука, ние ја прифаќаме и им ја даваме нашата поддршка и охрабрување.“
9 Во некои азиски земји, на некои мајки им е особено тешко да ја прифатат самостојноста на своите синови. Меѓутоа, ако го почитуваат христијанскиот ред и поглаварството, тие ќе увидат дека неслагањата со снаите ќе бидат сведени на минимум. Една христијанка смета дека тоа што нејзините синови си заминале од семејниот дом претставува „извор на сѐ поголема благодарност“. Таа е восхитена кога ја гледа нивната способност да управуваат со своите нови домаќинства. Исто така, тоа значело олеснување на физичкиот и емоционалниот товар што таа и нејзиниот сопруг мораат да го носат додека стареат.
ПОВТОРНО ОЖИВЕЈТЕ ЈА СВОЈАТА БРАЧНА ВРСКА
10, 11. Кој библиски совет ќе им помогне на луѓето да избегнат некои од замките на средовечноста?
10 Луѓето реагираат на различни начини кога ќе дојдат во своите средни години. Некои мажи се облекуваат поинаку, обидувајќи се да изгледаат помлади. Многу жени се загрижени поради промените што со себе ги донесува климактериумот. За жал, некои средовечни лица предизвикуваат огорченост и љубомора кај своите брачни другари, флертувајќи со помлади припадници на спротивниот пол. Меѓутоа, побожните мажи се „со здрави мисли“ и ги зауздуваат неисправните желби (1. Петрово 4:7, НС). Исто така и зрелите жени, од љубов кон своите сопрузи и од желба да му угодат на Јехова, работат на тоа да ја одржат стабилноста на својот брак.
11 Под инспирација, царот Лемуил запишал една фалба за ‚способната жена‘ што го наградува својот сопруг „со добро, а не со лошо, во сите денови од нејзиниот живот“. Христијанскиот сопруг нема да пропушти да го цени тоа што неговата жена се труди да се бори со секаква емоционална вознемиреност низ која минува во текот на своите средни години. Неговата љубов ќе го наведе ‚да ја фали‘ (Изреки 31:10, 12, 28, НС).
12. Како можат брачните двојки да се зближуваат меѓу себе додека минуваат годините?
12 Во текот на годините зафатени со подигање деца, обајцата можеби спремно сте ги ставале настрана своите лични желби за да се грижите за потребите на вашите деца. Откако тие си заминале, време е да го преориентирате својот брачен живот. „Кога ќерките си заминаа од дома“, вели еден сопруг, „одново почнав да ѝ се додворувам на мојата сопруга.“ Еден друг сопруг вели: „Секој од нас се грижи за здравјето на другиот и се потсетуваме дека е потребно да вежбаме“. За да не се чувствуваат осамени, тој и неговата сопруга им укажуваат гостопримство на другите членови на собранието. Да, ако се покажува интерес за другите, се добиваат благослови. Освен тоа, така му се угодува на Јехова (Филипјаните 2:4; Евреите 13:2, 16).
13. Каква улога играат отвореноста и искреноста додека сопругот и сопругата стареат заедно?
13 Не дозволувај да се создаде јаз во комуникацијата помеѓу тебе и твојот сопружник. Отворено разговарајте заедно (Изреки 17:27). „Со тоа што покажуваме грижа и обѕирност, го продлабочуваме разбирањето еден за друг“, коментира еден сопруг. Неговата сопруга се согласува, велејќи: „Додека стареевме, почнавме да уживаме во заедничкото пиење чај, во разговарањето и во меѓусебната соработка“. Со тоа што ќе бидеш отворен и искрен, ќе можеш да помогнеш да се зајакне вашата брачна врска, давајќи ѝ еластичност која ќе ги спречи нападите на Сатана, кој ги руши браковите.
РАДУВАЈ ИМ СЕ НА СВОИТЕ ВНУЦИ
14. Каква улога очигледно одиграла баба му на Тимотеј додека тој растел како христијанин?
14 Внуците се „венец“ за остарените (Изреки 17:6). Дружењето со внуците навистина може да претставува радост — да живне и да освежи. Библијата зборува пофално за Лоида, една баба која заедно со ќерка си Евника му ги пренела своите верувања на своето внуче, Тимотеј. Ова дете израснало со сознанието дека и мајка му и баба му ја ценат библиската вистина (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15).
15. Каков драгоцен придонес во поглед на внуците можат да дадат бабите и дедовците, но што треба да избегнуваат?
15 Значи, ова е едно посебно подрачје на кое бабите и дедовците можат да дадат многу драгоцен придонес. Баби и дедовци, вие веќе сте им го пренеле на вашите деца своето спознание за Јеховините намери. Сега можете да го сторите истото со уште една генерација! Многу мали деца се возбудени додека слушаат како нивните баби или дедовци им раскажуваат библиски приказни. Се разбира, вие не ја преземате одговорноста на таткото да ги всади вистините во своите деца (5. Мојсеева 6:7). Наместо тоа, вие ја дополнувате. Вашата молитва нека биде како молитвата на псалмистот: „И во староста, па и кога ќе престареам, Боже, не напуштај ме, за да ја објавувам мишката Твоја, силата Твоја и правдата Твоја на сегашниот род и на идниот“ (Псалм 70:18; 77:5, 6).
16. Како можат бабите и дедовците да избегнат да бидат причина за да се создаде напнатост во нивното семејство?
16 За жал, некои баби и дедовци толку многу ги разгалуваат своите малечки што се создаваат напнати односи помеѓу бабата или дедото и нивните возрасни деца. Меѓутоа, твојата искрена љубезност можеби ќе им олесни на твоите внуци да ти се доверат тогаш кога не се чувствуваат наклонети да им откријат некои работи на своите родители. Понекогаш младите се надеваат дека нивните попустливи баби и дедовци ќе застанат на нивна страна против родителите. Што тогаш? Покажи мудрост и охрабри ги твоите внучиња да бидат отворени со своите родители. Можеш да објасниш дека тоа му е угодно на Јехова (Ефесјаните 6:1—3). Ако е потребно, можеш да се понудиш да им го олесниш пристапот на младите така што претходно ќе разговараш со нивните родители. Биди отворен со своите внуци во врска со она што си го научил во текот на годините. Твојата искреност и отвореност можат да им бидат од корист.
ПРИЛАГОДУВАЈ СЕ ДОДЕКА СТАРЕЕШ
17. Која решителност на псалмистот треба да ја имитираат христијаните кои стареат?
17 Додека одминуваат годините, ќе откриеш дека не можеш да го правиш сето она што си го правел некогаш или што би сакал да го правиш. Како некој се помирува со процесот на стареење? Во мислите можеби се чувствуваш како да имаш 30 години, но погледот во огледалото открива една поинаква реалност. Не се обесхрабрувај. Псалмистот го преколнувал Јехова: „Не отфрлај ме на старост, кога ќе почне силата моја да исчезнува, не напуштај ме“. Донеси одлука да ја имитираш решителноста на псалмистот. Тој рекол: „Секогаш ќе се надевам на Тебе и ќе Те восхвалувам сѐ повеќе“ (Псалм 70:9, 14).
18. Како може еден зрел христијанин добро да го искористи пензионирањето?
18 Многумина однапред се подготвиле да ја зголемат својата фалба на Јехова откако ќе се пензионираат од световната работа. „Однапред планирав што ќе правам кога нашата ќерка ќе заврши со училиштето“, објаснува еден татко кој сега е во пензија. „Одлучив да започнам со полновремена служба на проповедање и го продадов мојот бизнис за да бидам слободен поцелосно да му служам на Јехова. Се молев за Божје водство.“ Ако наближуваш кон пензионерска возраст, црпи утеха од изјавата на нашиот Величествен Творец: „И до вашата старост Јас ќе бидам Истиот, до вашите бели коси ќе ве носам“ (Исаија 46:4).
19. Каков совет им е даден на оние што стареат?
19 Можеби нема да биде лесно да се привикнеш на пензионирање од световната работа. Апостол Павле ги советувал остарените мажи да бидат „умерени во навиките“. За тоа е потребна општа воздржаност, да не ѝ се попушта на склоноста да се бара лесен живот. После пензионирањето можеби ќе има уште поголема потреба од рутина и самодисциплина отколку претходно. Затоа, биди зафатен и ‚изобилно вработен во делото Господово, знаејќи дека твојата тешка работа во врска со Господа не е залудна‘ (1. Коринтјаните 15:58, НС). Прошири ги своите активности да им помагаш на другите (2. Коринтјаните 6:13). Многу христијани го прават тоа ревно проповедајќи ја добрата вест со едно прилагодено темпо. Додека старееш, биди ‚здрав во верата, во љубовта и во трпението‘ (Тит 2:2).
СООЧИ СЕ СО ЗАГУБАТА НА ТВОЈОТ СОПРУЖНИК
20, 21. а) Во сегашниов систем на ствари, што мора на крајот да ја раздели брачната двојка? б) На кој начин Ана им дава добар пример на ужалените сопружници?
20 Тажен но вистинит е фактот дека во сегашниов систем на ствари, смртта на крајот ги разделува брачните двојки. Ужалените христијански сопружници знаат дека нивните сакани сега спијат, и уверени се дека повторно ќе ги видат (Јован 11:11, 25). Но, загубата сепак е тешка. Како може да се соочи со неа оној што сѐ уште е жив?a
21 Ќе ти биде од помош ако се потсетиш на тоа како постапила некоја личност од Библијата. Ана станала вдовица после само седум години брак, а кога ние читаме за неа, таа имала 84 години. Можеме да бидеме сигурни дека тагувала кога го изгубила својот сопруг. Како се соочила со тоа? Ден и ноќ му принесувала на Јехова Бог света служба во храмот (Лука 2:36—38). Тоа што Ана живеела живот на богоугодна служба несомнено било како еден голем противотров за болката и осаменоста што ги чувствувала како вдовица.
22. На кој начин некои вдовици и вдовци успешно се соочиле со осаменоста?
22 „За мене најголем предизвик беше тоа што немав партнер за разговор“, објаснува една 72-годишна жена која станала вдовица пред десет години. „Мојот сопруг беше добар слушач. Зборувавме за собранието и за нашето учество во христијанската служба.“ Една друга вдовица вели: „Иако времето лечи, открив дека е поточно да се рече дека она што некому му помага да се излечи е што прави со своето време. Се наоѓаш во подобра положба да им помагаш на другите“. Еден 67-годишен вдовец се согласува со тоа, велејќи: „Еден прекрасен начин како успешно да се соочиш со загубата е да се даваш себеси додека ги тешиш другите“.
ЦЕНЕТИ ОД БОГ ВО СТАРОСТА
23, 24. Каква голема утеха им дава Библијата на остарените, особено на оние кои се овдовени?
23 Иако смртта го одзема саканиот брачен другар, Јехова останува секогаш верен, секогаш сигурен. „Само за едно Го молам Господа“, пеел царот Давид од дамнината, „само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да го посетувам Неговиот свет храм“ (Псалм 26:4).
24 „Вдовиците почитувај ги, но вистинските вдовици“, поттикнува апостол Павле (1. Тимотеј 5:3). Советот што следи по оваа поука покажува дека на достојните вдовици кои немале блиски роднини можеби им била потребна материјална помош од собранието. Меѓутоа, смислата на поуката ‚да бидат почитувани‘ ја содржи мислата да бидат ценети. Колкава само утеха можат да црпат побожните вдовици и вдовци од сознанието дека Јехова ги цени и дека ќе ги поддржи! (Јаков 1:27).
25. Која цел и понатаму им останува на остарените?
25 „Украс за старците — е нивната бела коса“, изјавува Божјата инспирирана Реч. Таа е „венец на славата, таа води по патот на правдата“ (Изреки 16:31; 20:29). Затоа, без оглед на тоа дали си во брак или повторно си самец, продолжи да ја ставаш службата за Јехова на прво место во својот живот. Така ќе имаш добро име кај Бог сега, а изглед за вечен живот во еден свет каде што болките на староста повеќе нема да постојат (Псалм 36:3—5; Исаија 65:20).
[Фуснота]
a За подетална дискусија на оваа тема, види ја брошурата Кога ќе умре некој што го сакаш, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА ИМ ПОМОГНАТ . . . НА БРАЧНИТЕ ДВОЈКИ ДОДЕКА ТИЕ СТАРЕАТ?
Внуците се „венец“ за старите луѓе (Изреки 17:6).
Староста може да донесе додатни можности да му се служи на Јехова (Псалм 70:9, 14).
Остарените се охрабрени да бидат „умерени во навиките“ (Тит 2:2, НС).
Ужалените сопружници, иако длабоко тагуваат, можат да најдат утеха во Библијата (Јован 11:11, 25).
Јехова ги цени старите луѓе кои се верни (Изреки 16:31).
[Слики на страница 166]
Додека стареете, повторно утврдете ја својата љубов еден кон друг