Шеснаесетто поглавје
Обезбеди трајна иднина за своето семејство
1. Каква била Јеховината намера за семејното уредување?
КОГА Јехова ги обединил во брак Адам и Ева, Адам ја изразил својата радост изговарајќи ја најраната запишана хебрејска поезија (1. Мојсеева 2:22, 23). Меѓутоа, Творецот имал на ум нешто повеќе отколку само да им донесе задоволство на своите човечки деца. Тој сакал венчаните двојки и семејствата да ја извршуваат неговата волја. На првата двојка ѝ рекол: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите, и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни што лазат по земјата“ (1. Мојсеева 1:28). Колку величествена и наградувачка задача било тоа! Колку само би биле среќни и тие и нивните идни деца доколку Адам и Ева со потполна послушност ја извршеле Јеховината волја!
2, 3. Како можат денешните семејства да најдат најголема среќа?
2 И денес семејствата се најсреќни кога заеднички ја извршуваат Божјата волја. Апостол Павле напишал: „Побожноста е полезна за сѐ, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот“ (1. Тимотеј 4:8). Семејството што живее со божествена оддаденост и го следи Јеховиното водство како што е содржано во Библијата, ќе најде среќа во ‚сегашниот живот‘ (Псалм 1:1—3; 118:105; 2. Тимотеј 3:16). Дури и тогаш кога само еден член на семејството ги применува библиските начела, работите стојат подобро отколку тогаш кога никој не го прави тоа.
3 Оваа книга разгледа многу библиски начела кои придонесуваат за семејната среќа. Веројатно забележа дека некои од нив многу често се појавуваат во книгава. Зошто? Затоа што тие претставуваат силни вистини кои се делотворни за доброто на сите, и тоа во различни аспекти од семејниот живот. Семејството што се труди да ги примени овие библиски начела открива дека божествената оддаденост навистина ‚има ветување за сегашниот живот‘. Ајде повторно да разгледаме четири од овие важни начела.
ВРЕДНОСТА НА САМОСОВЛАДУВАЊЕТО
4. Зошто самосовладувањето е многу важно во бракот?
4 Царот Соломон рекол: „Она што е разрушен град, без ѕидови, таков е човекот, кој не владее со духот свој“ (Изреки 25:28; 29:11). ‚Да се владее со својот дух‘, то ест да се покажува самосовладување, е многу важно за оние што сакаат да имаат среќен брак. Ако некој подлегнува на разорни емоции, како што е гневот или неморалната страст, ќе си нанесе штета за која ќе бидат потребни години за да се надомести — ако и воопшто може да се надомести.
5. Како може еден несовршен човек да негува самосовладување, и со какви користи?
5 Се разбира, ниту еден потомок на Адам не може потполно да го контролира своето несовршено тело (Римјаните 7:21, 22). Сепак, самосовладувањето е плод на духот (Галатјаните 5:22, 23). Значи, Божјиот дух ќе создаде самосовладување во нас ако молиме за оваа особина, ако го применуваме прикладниот совет што се наоѓа во Библијата и ако се дружиме со другите што го покажуваат, а ги избегнуваме оние што не го покажуваат (Псалм 118:100, 101, 130; Изреки 13:21; 1. Петрово 4:7). Таквиот начин на постапување ќе ни помогне да ‚бегаме од блудството‘ дури и тогаш кога сме доведени во искушение (1. Коринтјаните 6:18). Ќе го отфрлиме насилството и ќе го избегнеме или ќе го победиме алкохолизмот. Исто така, ќе постапуваме посмирено кога ќе нѐ провоцираат и кога ќе се најдеме во тешки ситуации. Сите, вклучувајќи ги и децата, нека научат да го негуваат овој неопходен плод на духот (Псалм 118:1, 2).
ИСПРАВНО ГЛЕДИШТЕ ЗА ПОГЛАВАРСТВОТО
6. а) Кој е божествено утврдениот ред на поглаварство? б) Што треба да има на ум еден маж за да може неговото поглаварство да му донесе среќа на семејството?
6 Второто важно начело е да се признае поглаварството. Павле го опишал исправниот ред на работите кога рекол: „Сакам уште да знаете дека глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот; на Христа, пак, глава е Бог“ (1. Коринтјаните 11:3). Ова значи дека мажот презема водство во семејството, неговата жена лојално го поддржува, а децата им се послушни на своите родители (Ефесјаните 5:22—25, 28—33; 6:1—4). Меѓутоа, забележи дека поглаварството води до среќа само тогаш кога е спроведено на исправен начин. Сопрузите кои живеат со божествена оддаденост знаат дека поглаварството не е диктатура. Тие го имитираат Исус, нивниот Поглавар. Иако требало Исус да биде „глава над сите“, тој „не дојде да Му служат, туку дојде да послужи“ (Ефесјаните 1:22; Матеј 20:28). Слично на тоа, еден христијански маж не спроведува поглаварство за да има корист тој, туку за да се грижи за интересите на својата жена и на децата (1. Коринтјаните 13:4, 5).
7. Кои библиски начела ќе ѝ помогнат на сопругата да ја исполни улогата што Бог ѝ ја одредил во семејството?
7 Од своја страна, пак, сопругата што живее со божествена оддаденост не се натпреварува со својот сопруг ниту, пак, настојува да доминира над него. Таа е среќна што може да го поддржува и да соработува со него. Понекогаш Библијата зборува дека сопругот ја „поседува“ својата жена и со тоа не остава место за никакво сомневање дека тој е нејзин поглавар (1. Мојсеева 20:3, НС). Преку бракот таа доаѓа под „законот на нејзиниот сопруг“ (Римјаните 7:2, НС). Во исто време, Библијата ја нарекува „помошник“ и „дополнување“ (1. Мојсеева 2:20, НС). Таа ги има особините и способностите што му недостигаат на нејзиниот сопруг и му ја дава потребната поддршка (Изреки 31:10—31). Исто така, Библијата вели дека сопругата е „партнерка“, онаа што работи рамо до рамо со својот брачен другар (Малахија 2:14, НС). Овие библиски начела им помагаат на мажот и на жената секој од нив да ја сфати положбата на другиот и да се однесуваат еден кон друг со соодветно почитување и достоинство.
‚БИДИ БРЗ ВО СЛУШАЊЕТО‘
8, 9. Објасни некои начела што ќе им помогнат на сите во семејството да ги подобрат своите вештини на комуницирање.
8 Во оваа книга често е нагласена потребата од слушање. Зошто? Затоа што работите се одвиваат подобро кога луѓето разговараат и навистина се сослушуваат еден со друг. Многу често беше нагласувано дека комуникацијата е двонасочна улица. Ученикот Јаков го изразил тоа на следниов начин: „Секој човек нека биде брз во слушањето, а спор во зборувањето“ (Јаков 1:19).
9 Исто така, важно е да внимаваме како зборуваме. Непромислените, кавгаџиските или жестоко критизерските зборови не создаваат успешна комуникација (Изреки 15:1; 21:9; 29:11, 20). Дури и тогаш кога она што го велиме е точно, ако тоа е кажано на груб, горд или бесчувствителен начин, веројатно ќе нанесе повеќе штета отколку добро. Нашиот говор треба да биде вкусен, „зачинет со сол“ (Колосјаните 4:6). Нашите зборови треба да бидат како ‚златни јаболка во сребрена кошничка‘ (Изреки 25:11). Семејствата што учат добро да комуницираат, направиле еден голем чекор кон постигнувањето среќа.
НЕОПХОДНАТА УЛОГА НА ЉУБОВТА
10. Кој вид љубов е неопходен во бракот?
10 Зборот „љубов“ многу често се појавува во оваа книга. Се сеќаваш ли за кој вид љубов првенствено стана збор? Точно е тоа дека романтичната љубов (грчки е́рос) игра важна улога во бракот, а во успешните бракови расте длабоката наклоност и пријателството (грчки фили́ја) помеѓу мажот и жената. Но, уште поважна е љубовта што е изразена со грчкиот збор ага́пе. Тоа е љубовта што ја негуваме кон Јехова, кон Исус и кон нашиот ближен (Матеј 22:37—39). Таква љубов покажува Јехова кон човештвото (Јован 3:16). Колку е прекрасно тоа што ние можеме да го покажеме истиот вид љубов кон нашиот брачен другар и кон децата! (1. Јованово 4:19).
11. На кој начин љубовта придонесува за доброто на еден брак?
11 Во бракот, оваа возвишена љубов навистина е „совршена врска на единство“ (Колосјаните 3:14, НС). Таа ги поврзува сопругот и сопругата и ги поттикнува да сакаат да го прават она што е најдобро еден за друг и за нивните деца. Кога семејствата се соочуваат со тешки ситуации, љубовта им помага обединето да ги средат работите. Додека брачната двојка старее, љубовта им помага да се поддржуваат и да продолжат да се ценат еден со друг. „Љубовта . . . не бара свое, . . . сѐ извинува, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ претрпува. Љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринтјаните 13:4—8).
12. Зошто љубовта кон Бог што ја покажува брачната двојка го зајакнува нивниот брак?
12 Брачната врска е особено цврста кога е запечатена не само со љубов помеѓу брачните другари туку првенствено со љубов кон Јехова (Проповедник 4:9—12). Зошто? Па, апостол Јован напишал: „Љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови“ (1. Јованово 5:3). Според тоа, една брачна двојка треба да ги воспитува своите деца во божествена оддаденост не само затоа што длабоко ги сака своите деца туку затоа што тоа е заповед од Јехова (5. Мојсеева 6:6, 7). Тие треба да бегаат од неморал не само затоа што се сакаат еден со друг туку пред сѐ затоа што го сакаат Јехова, кој ‚ќе ги суди блудниците и прељубниците‘ (Евреите 13:4). Дури и ако едниот сопружник создава големи проблеми во бракот, љубовта кон Јехова ќе го поттикне другиот да продолжи да ги следи библиските начела. Навистина се среќни оние семејства во кои меѓусебната љубов е зајакната со љубовта кон Јехова!
СЕМЕЈСТВО ШТО ЈА ИЗВРШУВА БОЖЈАТА ВОЛЈА
13. На кој начин решителноста да ја извршуваат Божјата волја ќе им помогне на поединците да го насочат својот поглед врз оние работи кои се навистина важни?
13 Целиот живот на еден христијанин е сосредоточен на извршувањето на Божјата волја (Псалм 142:10). Тоа, всушност, значи божествената оддаденост. Извршувањето на Божјата волја им помага на семејствата да го држат својот поглед насочен кон оние работи што се навистина важни (Филипјаните 1:9, 10). На пример, Исус предупредил: „Дојдов да разделам човек од татка си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина. И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни“ (Матеј 10:35, 36). Како обистинување на Исусовото предупредување, многу негови следбеници биле прогонувани од страна на членовите на нивните семејства. Колку тажна, болна ситуација! Сепак, семејните врски не треба да ја надминат нашата љубов кон Јехова Бог и кон Исус Христос (Матеј 10:37—39). Ако некој истрае и покрај противењето од семејството, противниците можеби ќе се променат кога ќе ги видат добрите резултати од божествената оддаденост (1. Коринтјаните 7:12—16; 1. Петрово 3:1, 2). Дури и да не се случи тоа, тој нема да постигне никакво трајно добро ако поради противењето престане да му служи на Бог.
14. На кој начин желбата да ја извршуваат Божјата волја ќе им помогне на родителите да постапуваат во најголем интерес на своите деца?
14 Извршувањето на Божјата волја им помага на родителите да донесуваат исправни одлуки. На пример, во некои средини родителите се склони да гледаат на своите деца како на инвестиција и сметаат дека тие ќе се грижат за нив кога ќе остареат. Иако е исправно и соодветно израснатите деца да се грижат за своите родители кои стареат, таквата обѕирност не треба да ги наведе родителите да ги насочат своите деца на еден материјалистички начин на живот. Родителите нема да им направат на своите деца никаква услуга ако ги воспитаат да ги ценат материјалните поседи повеќе од духовните работи (1. Тимотеј 6:9).
15. На кој начин Евника, мајка му на Тимотеј, била еден одличен пример на родител кој ја извршувал Божјата волја?
15 Еден добар пример во овој поглед е Евника, мајката на Тимотеј, еден млад пријател на Павле (2. Тимотеј 1:5). Иако Евника била мажена за неверник, заедно со баба му на Тимотеј, Лоида, успешно го воспитала Тимотеј да тежнее кон божествена оддаденост (2. Тимотеј 3:14, 15). Кога Тимотеј бил доволно голем, Евника му дозволила да си замине од дома и да започне со делото на проповедање на Царството како мисионерски придружник на Павле (Дела 16:1—5). Колку ли мора да била возбудена кога нејзиниот син станал еден извонреден мисионер! Неговата божествена оддаденост како возрасен човек добро го одразувала неговото рано воспитување. Сигурно дека Евника наоѓала задоволство и радост кога слушала извештаи за верната служба на Тимотеј, иако веројатно ѝ недостигало тоа што тој не бил со неа (Филипјаните 2:19, 20).
СЕМЕЈСТВОТО И ТВОЈАТА ИДНИНА
16. Како син, каква соодветна грижа покажал Исус, но која била неговата првенствена цел?
16 Исус бил подигнат во едно побожно семејство и, како возрасен човек, покажал соодветна грижа како син за мајка (Лука 2:51, 52; Јован 19:26). Меѓутоа, Исусовата првенствена цел била да ја исполни Божјата волја, а за него таа вклучувала да го отвори патот за човештвото да се радува на вечен живот. Ова го сторил тогаш кога го понудил својот совршен човечки живот како откуп за грешното човештво (Марко 10:45; Јован 5:28, 29).
17. Какви величествени изгледи за оние кои ја извршуваат Божјата волја отворил Исусовиот верен начин на постапување?
17 По Исусовата смрт, Јехова го подигнал во небесен живот и му дал голема власт, на крајот поставувајќи го за Цар на небесното Царство (Матеј 28:18; Римјаните 14:9; Откровение 11:15). Исусовата жртва овозможила некои луѓе да бидат избрани да владеат со него во тоа Царство. Таа исто така го отворила патот за останатиот дел од човештвото кои се со исправно настроени срца да се радуваат на совршен живот на Земјата која ќе биде обновена во рајски услови (Откровение 5:9, 10; 14:1, 4; 21:3—5; 22:1—4). Една од најголемите предности што ги имаме денес е оваа величествена добра вест да им ја кажуваме на нашите ближни (Матеј 24:14).
18. Какво потсетување и какво охрабрување им е дадено на семејствата и на поединците?
18 Како што покажал апостол Павле, животот на божествена оддаденост има ветување дека луѓето можат да ги наследат тие благослови во „идниот живот“. Сигурно дека токму тоа е најдобриот начин да се пронајде среќа! Запомни, „светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:17). Затоа, без оглед на тоа дали си дете или родител, сопруг или сопруга или, пак, возрасен самец со или без деца, труди се да ја извршуваш Божјата волја. Дури и кога си под притисок или кога си соочен со крајни тешкотии, никогаш не заборавај дека ти си слуга на живиот Бог. Затоа, твоите постапки нека му донесуваат радост на Јехова (Изреки 27:11). Исто така, твоето постапување нека ти донесе среќа сега, а вечен живот во новиот свет што доаѓа!
КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА МУ ПОМОГНАТ . . . НА ТВОЕТО СЕМЕЈСТВО ДА БИДЕ СРЕЌНО?
Самосовладувањето може да се негува (Галатјаните 5:22, 23).
Со едно исправно гледиште за поглаварството, и сопругот и сопругата ќе тежнеат кон најдобрите интереси на семејството (Ефесјаните 5:22—25, 28—33; 6:4).
Комуникацијата вклучува слушање (Јаков 1:19).
Љубовта кон Јехова ќе го зацврсти бракот (1. Јованово 5:3).
Извршувањето на Божјата волја е најважната цел на едно семејство (Псалм 142:10; 1. Тимотеј 4:8).
[Рамка на страница 188]
ДАРОТ НА САМЕШТВОТО
Сите луѓе не стапуваат во брак. Исто така, сите брачни двојки не донесуваат одлука да имаат деца. Исус бил самец, а за самештвото зборувал како за дар кога е „заради царството небесно“ (Матеј 19:11, 12). Исто така и апостол Павле одлучил да не се жени. И за самештвото и за брачната состојба тој зборувал како за ‚дарови‘ (1. Коринтјаните 7:7, 8, 25—28). Според тоа, иако оваа книга во најголем дел разгледуваше работи во врска со бракот и со подигањето деца, не треба да ги изгубиме од вид потенцијалните благослови и награди ако некој остане сам или, пак, е во брак но нема деца.