ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w97 15/6 стр. 26-29
  • Во посета на нашето домашно мисионерско поле

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Во посета на нашето домашно мисионерско поле
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Поднаслови
  • Совладување на јазичната бариера
  • Нашата разновидна служба
  • Различни култури
  • Светли изгледи
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
w97 15/6 стр. 26-29

Во посета на нашето домашно мисионерско поле

ГРУПАТА христијански собранија што ја посетувам, ме води од Португалија до Кина — или така барем изгледа. Сепак, мојата сопруга Олив и јас никогаш не ја напуштаме Британија.

Го посетуваме сѐ поголемиот број собранија на Јеховини сведоци на странски јазици, раштркани низ земјата. Од островот Џерзи — 20-тина километри од нормандискиот брег на Франција, каде што имаме една португалска група — па до градот Сандерланд на северот од Англија, каде што посетуваме заинтересирани луѓе кои зборуваат кинески, учествуваме во едно успешно, духовно напредно, мултијазично поле. Како дојдовме до тоа да ја имаме оваа необична доделба? И што се случува на нашето домашно мисионерско поле? Да ви објаснам.

Олив и јас околу 20 години служиме во патувачкото дело, посетувајќи ново собрание секоја седмица. Нашите патувања нѐ водеа од север до југ, од исток до запад, ширум Британија, а неодамна и до нашите христијански браќа на медитеранскиот остров Малта, каде што доживеавме извонредна христијанска гостопримливост. (Спореди Дела 28:1, 2.) После три години поминати на Малта, почнавме да се прашуваме каде ли ќе биде нашата следна доделба. Си замислувавме дека веројатно ќе посетуваме некое рурално англиско подрачје, и почнавме нашите мисли да ги прилагодуваме на оваа можност. Колкаво само изненадување беше кога ја добивме нашата доделба да служиме во оваа нова покраина составена од групи и собранија кои зборуваат 23 различни јазици!

Се прашувавме како ќе излеземе на крај со тоа. Освен нашето искуство на Малта, никогаш не сме се мешале многу со луѓе од некое поинакво потекло и култура. Дали навистина ќе бидеме во состојба да ги охрабриме оние кои не го разбираат многу англискиот? Како ќе комуницираме без познавање на други јазици? Што е со храната и со различните обичаи на другите? Дали ќе бидеме доволно прилагодливи? Ваквите прашања ни минуваа низ мислите додека во молитва размислувавме за оѕвивањето на овој македонски повик (Дела 16:9, 10; 1. Коринтјаните 9:19—22).

Совладување на јазичната бариера

„Отпрвин се чувствував недостаточна, бидејќи немав никакво познавање на јазици“ — објаснува Олив. „Не сфаќав како би можела да им помогнам на сестрите. Тогаш се сетив како двојката, која најпрво ја проучуваше Библијата со нас, нѐ храбреше никогаш да не одбиваме некоја доделба. Таа нѐ поучи дека Јехова никогаш не бара од нас да правиме нешто што не можеме“. И така, обајцата спремно ја прифативме доделбата.

Кога ќе размислиме, увидуваме дека нашето непознавање на друг јазик ни помогна со секого да постапуваме баш на истиот начин. На пример, присуствувањето на состаноците што секоја седмица се водат на поинаков јазик, нѐ наведе да го цениме тоа како се чувствувале браќата кои морале да седат на состаноци на англиски јазик, иако разбирале само малку од она што било речено. Навистина мораме добро да се подготвуваме за состаноците за да можеме да ја сфатиме смислата на она што се изнесува. Олив секогаш одговара на едно од прашањата на состанокот. Одговорот го подготвува на англиски и една сестра ѝ го преведува, испишувајќи го преводот фонетски. Таа признава дека по малку се колеба да крене рака за да коментира. Понекогаш, нејзините напори предизвикуваат смеа. Но, тоа не ја одвраќа. „Знам дека браќата го ценат мојот труд“ — вели таа. „Всушност, моето одговарање ги охрабрува оние кои подобро го знаат јазикот да учествуваат на состанокот.“

И за мене држењето говори е поинаку, бидејќи морам да оставам време за толкувачот после секоја реченица. Толку лесно може да ми се изгуби текот на мислата. Увидувам дека морам многу повеќе да се сконцентрирам и доста да скратам од мојот материјал. Но, јас уживам во тоа.

Нашата разновидна служба

Во многу урбани подрачја на Британија, луѓето кои зборуваат странски јазици се раштркани, можеби по двајца на една улица, а потоа мораш да патуваш извесно растојание за да најдеш други. Сепак, кога ќе ги поздравиш на нивниот јазик и ја гледаш реакцијата, чувствуваш дека се исплаќа. Ако братот што го придружувам ја изнесе пораката за Царството на јазикот на станарот, реакцијата честопати претставува големо задоволство.

Навистина, службата на терен на странски јазик е една од највозбудливите што сме ги доживеале во текот на нашите 40 години служба на Царството. Потенцијалот за пораст е огромен. Несомнено, многу луѓе учат многу побрзо и со подлабоко ценење кога се поучувани на својот мајчин јазик (Дела 2:8, 14, 41). Многу трогателно чувство е да се видат браќа и сестри со солзи радосници во очите на крајот од некој состанок, а во некои случаи како за првпат се во можност да ја слушаат и да ја разберат целата програма.

Кога проповедаме од куќа до куќа, настојуваме да направиме барем еден увод на јазикот на станарот, иако понекогаш си предизвикуваме мали потешкотии. На пример, еден вообичаен поздрав до едно гуџарати домаќинство е Кемчо, кое едноставно значи „Здраво“. Очигледно, она што еднаш по грешка го реков звучеше како да рекламирам една позната марка кафе. Меѓутоа, во еден дом, сопругот и сопругата се насмеаја кога ги поздравив на гуџарати. Тие веднаш нѐ поканија внатре и љубезно ни понудија кафе — ама не поради погрешниот изговор. Испадна дека биле роднини со некои од Јеховините сведоци од групата што ние ја посетувавме, и покажаа искрен интерес за вистината.

Една сестра која зборува англиски, повеќе години честопати ѝ оставала списанија на една госпоѓа која зборувала кинески. Таа повремено ѝ нудела на госпоѓата бесплатна домашна библиска студија, но ова било одбивано. Еден ден, една сестра која учеше кинески, ја придружила и ја понудила книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата на тој јазик, која заинтересираната станарка спремно ја зела.a Сега кога ја имала книгата на својот јазик, таа се согласила на библиска студија. Сета оваа промена ја направиле тие неколку зборови изговорени на јазикот на госпоѓата.

Различни култури

Не сфаќавме дека во некои култури на мажите не им се допаѓа нивните жени навечер сами да се движат надвор. На повеќе сестри тоа многу им отежнува да присуствуваат на состаноците што се одржуваат навечер. Некои азиски заедници мислат дека младите девојки кои избираат да не се мажат и да продолжат да живеат дома, го потценуваат семејството. Таткото на една млада сестра сакаше да се отруе кога таа одби да се омажи за човекот што ѝ го беше избрало семејството. Да, она што мораат да го поднесат таквите сестри навистина е вредно за спомен! Па сепак, кога ќе го видиш учинокот што вистината го има врз семејниот живот и како лојалноста на сестрите спрема Јехова ги импресионира родителите, тоа навистина е прекрасно.

Со учествувањето на оваа доделба, моравме да направиме некои промени. Пред да почнеме со патувачкото дело, мојата храна мораше да биде чисто англиски приготвена, но сега колку позачинета е храната толку подобро. Жалиме за многуте години што ги пропуштивме пред да почнеме да уживаме една таква разновидна кујна — од сирова риба па до кари.

Светли изгледи

Изгледа јасно дека ова е времето за цутење на полето на странски јазици во многу подрачја. Сега има на располагање сѐ повеќе и повеќе публикации на различни јазици. Можеш да го осетиш Јеховиниот благослов додека се организираат нови собранија. Браќа со познавање на други јазици доаѓаат оддалеку за да помогнат.

Еден истакнат пример беше реакцијата на проповедањето на добрата вест за Царството на француски. Во последниве години, во Британија дојдоа многу бегалци од Заир и од други африкански земји, кои зборуваат француски. Кога во Лондон беше оформено првото собрание на француски јазик, беа придружени околу 65 објавители. Една година подоцна, бројот скокна на 117, од кои 48 служеа полновремено како општи пионери. Набрзо, беше основано второ собрание за да се грижи за сѐ поголемиот интерес. Сега може да им се посвети поголемо внимание на заинтересираните, од кои 345 присуствуваа на прославата на Меморијалот во 1995. Поранешни дипломци на Гилеад, кои служеле во Бенин, Брегот на Слоновата Коска, Заир и Мароко, сега го користат своето искуство за да се грижат за ова растечко поле, и одѕивот е зачудувачки.

При една посета на француското собрание, со една млада Африканка отидов на една библиска студија. Кога моравме да заминеме, младата жена извика: „Ве молам, немојте да си одите. Останете уште“. Таа едноставно сакаше да дознае повеќе. Ме потсети на Лидија од првиот век (Дела 16:14, 15).

Нашето почетно дело беше да им помогнеме на малите групи на странски јазици да станат собранија. Таму каде што браќата одржуваа седмична Собраниска студија на книга, воведовме скратена Теократска школа за проповедање, еднаш месечно. Ова им помага да се изразуваат добро во службата на теренот. Сега постепено работат на тоа да ги одржуваат сите пет седмични собраниски состаноци. Веќе имаме нови собранија кои зборуваат велшки, гуџарати, јапонски, кинески (кантонски), пенџабски, португалски, тамилски и француски.

Исто така, се радувавме на предноста да присуствуваме на состаноци на браќа кои се глуви. Толку е трогателно да се посматраат браќата како пеат со своите раце. Сфаќајќи дека во нивната служба тие зборуваат со помош на гестови, јас ги ценам нивните извонредни напори да учествуваат во проповедањето на Царството. Има дури и толкувачи на знаци за оние кои се и глуви и слепи. Се чини дека Јехова се грижи никој да не биде изоставен.

Ако би требало да дадеме некоја особена молба, тоа би била истата онаа како на Исус: „Помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва“ (Матеј 9:38). Многу од нашите браќа го прифаќаат предизвикот да го учат јазикот на етничките групи на своето собраниско подрачје. Иако ние не сме чудесно обдарени со способноста да зборуваме различни јазици, Јехова сигурно ја отвора службата на ова домашно мисионерско поле — поле кое е зрело за жнеење (Јован 4:35, 36; раскажал Колин Сејмур).

[Фуснота]

a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели