Поглавје 19
Кога спознанието за Бог ја исполнува целата Земја
1, 2. На кој начин Јеховиното творештво претрпело штета?
ЗАМИСЛИ СИ некој голем уметник кој штотуку завршил една прекрасна слика. Тој со право ја смета за многу добра — ремек-дело! Но, прекуноќ, некој љубоморен противник ја нагрдува. Разбирливо е дека ова му задава голема болка на уметникот. Колку само е желен да го види вандалот зад решетки! А можеш да си замислиш колку само копнее да ѝ ја врати поранешната убавина на својата творба.
2 Како тој уметник, и Јехова создал ремек-дело кога ја подготвил Земјата и го поставил човечкиот род на неа. Откако ги создал човекот и жената, тој го прогласил сето свое земно дело за „многу добро“ (1. Мојсеева 1:31). Адам и Ева биле Божји деца и Бог ги сакал. За нив предвидел среќна, славна иднина. Вистина, Сатана ги навел на бунт, но Божјето прекрасно творештво не било непоправливо оштетено (1. Мојсеева 3:23, 24; 6:11, 12).
3. Што е „вистинскиот живот“?
3 Бог одлучил да ги поправи работите. Тој има голема желба да нѐ види да живееме онака како што првобитно наумил. Нашето кратко и тегобно постоење не е „вистинскиот живот“ (НС), бидејќи тоа е далеку полошо од она што Јехова го има на ум. „Вистинскиот живот“ што ни го посакува Бог е ‚вечен живот‘ под совршени услови (1. Тимотеј 6:12, 19).
4, 5. а) Како ќе се оствари надежта за Рајот? б) Зошто треба да размислуваме за нашата надеж за иднината?
4 Спознанието за Јехова носи одговорност пред него (Јаков 4:17). Но, помисли на благословите што ќе ги уживаш ако го применуваш тоа спознание и ако се стремиш по вечен живот. Во својата Реч, Библијата, Јехова Бог опишал една прекрасна слика за тоа каков ќе биде животот на Рајската Земја која е толку близу. Се разбира, како Јеховин народ, ние не му служиме на Бог само од желба за награда. Напротив, ние му служиме на Бог затоа што го сакаме (Марко 12:29, 30). Освен тоа, ние не го заслужуваме животот со самото тоа што му служиме на Јехова. Вечниот живот е дар од Бог (Римјаните 6:23). Ќе биде корисно за нас да медитираме за таквиот живот затоа што надежта за Рајот нѐ потсетува на тоа каков Бог е Јехова, имено дека тој со љубов „ги наградува оние, што [сериозно, НС] Го бараат“ (Евреите 11:6). Надежта која е многу реална во нашите мисли и срца, ќе ни овозможи да ги издржиме тешкотиите во Сатановиот свет (Јеремија 23:20).
5 Сега, да го сосредоточиме нашето внимание на библиски заснованата надеж за вечен живот во идниот земен Рај. Каков ќе биде животот кога спознанието за Бог ќе ја исполни Земјата?
ПОСЛЕ АРМАГЕДОН — РАЈСКА ЗЕМЈА
6. Што е Армагедон, и што ќе значи тој за човештвото?
6 Како што беше покажано порано, Јехова Бог наскоро ќе го уништи сегашниот систем на ствари. Светот забрзано се приближува кон она што Библијата го нарекува Хар-Магедон, или Армагедон. Иако овој збор ги наведува некои луѓе да помислат на нуклеарен холокауст што ќе го предизвикаат завојуваните народи, Армагедон воопшто не е нешто такво. Како што покажува Откровение 16:14-16, Армагедон е ‚војната на големиот ден на Бога Седржителот‘. Тоа е војна во која се вклучени „царевите на целиот свет“, односно народите. Синот на Јехова Бог, наименуваниот Цар, наскоро ќе вјава во битката Армагедон. Исходот е апсолутно сигурен. Сите оние кои се спротивставуваат на Божјето Царство и кои се дел од Сатановиот зол систем, ќе бидат отстранети. Ќе преживеат само оние кои му се лојални на Јехова (Откровение 7:9, 14; 19:11-21).
7. Каде ќе бидат Сатана и неговите демони за време на Христовото Илјадагодишно Владеење, и од каква корист ќе биде тоа за човештвото?
7 Замисли си дека ти си ја преживеал таа катастрофа. Каков ќе биде животот на Земјата во Божјиот ветен нов свет? (2. Петрово 3:13). Не треба да нагаѓаме околу тоа бидејќи Библијата веќе ни кажала, а она што таа го вели е восхитувачко. Дознаваме дека Сатана и неговите демони ќе бидат направени безопасни со тоа што ќе бидат затворени во бездна на неактивност за време на Илјадагодишното Владеење на Исус Христос. Овие злобни, пакосни суштества нема повеќе да демнат зад сцената, да предизвикуваат проблеми и да се обидуваат да нѐ подбуцнат на дела на неверност спрема Бог. Колкаво олеснување! (Откровение 20:1-3).
8, 9. Што ќе се случи во новиот свет со несреќите, болестите и стареењето?
8 Во свое време, сите облици на болест ќе исчезнат (Исаија 33:24). Тогаш сакатите ќе стојат, ќе одат, ќе трчаат и ќе играат на здрави и цврсти нозе. После долги години живот во нивниот свет на тишината, глувите ќе ги чујат радосните звуци околу себе. Слепите ќе бидат вџашени од стравопочит кога пред нивните очи ќе се појави богатиот свет од бои и облици (Исаија 35:5, 6). Најпосле, ќе ги видат лицата на своите сакани! Можеби тогаш нивната визија само за момент ќе ја замаглат солзите радосници.
9 Само замисли си! Нема повеќе очила, нема патерици и бастуни, нема повеќе лекови, нема повеќе забни клиники или болници! Никогаш повеќе душевните болести и депресиите нема да им ја одземаат радоста на луѓето. Ниедно детство нема да биде упропастено од болест. Разорните последици на стареењето ќе бидат свртени во обратен правец (Јов 33:25). Ќе станеме поздрави и појаки. Секое утро ќе се будиме од освежувачкиот ноќен сон со обновена сила, исполнети со енергија и желни за новиот ден на сјајно здравје и задоволувачка работа.
10. Со која работна задача ќе се зафатат преживеаните од Армагедон?
10 Ќе има изобилство од радосна работа што треба да ја извршат преживеаните од Армагедон. Тие ќе ја претворат Земјата во рај. Сите остатоци од загадениот стар систем ќе бидат отстранети. На местата на сиромашките квартови и упропастената земја ќе никнат паркови и градини. Сите ќе уживаат комфорни, пријатни станбени услови (Исаија 65:21). Како што ќе одминува времето, тие рајски делови на Земјата ќе се шират и ќе се множат, сѐ додека целата Земјина топка не го задоволи мерилото за убавина што го поставил Творецот уште во Едемската градина. Колкаво задоволство ќе биде да се учествува во тоа дело на обнова!
11. Каков ќе биде односот на човештвото со околината и со животинскиот свет во иднина?
11 Сето ова ќе се врши под божествено водство, така што околината нема да биде оштетена. Луѓето ќе бидат во мир со животните. Наместо свирепо да ги убива, човекот повторно ќе преземе одговорно управителство над Земјата и добро ќе се грижи за нив. Замисли си како волци и јагниња, лавови и телиња, се хранат заедно, а притоа домашните животни се потполно безбедни. Дури и малото дете ќе нема страв од дивите ѕверови ниту, пак, свирепи, брутални луѓе ќе го прекинуваат спокојството на новиот свет (Исаија 11:6-8). Каков само мирољубив свет ќе биде тоа!
ПРЕОБРАЗЕНО ЧОВЕШТВО
12. Како се исполнува денес Исаија 11:9, и како ќе се исполни во Рајот?
12 Исаија 11:9 ни кажува зошто нема да се нанесува штета по целата Земја. Тој вели: „Земјата ќе биде полна со познавање на Господа [со спознанието за Јехова, НС], како што водите го полнат морето“. Тоа се однесува на луѓето затоа што животните не можат да го примат „спознанието за Јехова“ и да прават промени, бидејќи се водени од инстинкт. Но, спознанието за нашиот Творец навистина ги менува луѓето. Без сомнение, и самиот веќе си направил некои промени како резултат на тоа што си го применувал спознанието за Бог во својот живот. Милиони луѓе го сториле истото. Затоа, ова пророштво веќе почнало да се исполнува кај оние кои му служат на Јехова. Сепак, тоа укажува и на времето кога луѓето во целиот свет нема да пројавуваат никакви животински или насилнички обележја и кога засекогаш ќе бидат мирољубиви.
13. Каква образовна програма ќе се одвива на Земјата?
13 Колку прекрасно ќе биде кога спознанието за Бог ќе ја исполни целата Земја! Ќе постои обемна образовна програма под водството на Царот Исус Христос и неговите 144.000 совладетели. Тогаш ќе почнат да се употребуваат новите „книги“. Очигледно, тоа се Божји пишани упатства кои ќе служат како темел за образованието на жителите на Земјата (Откровение 20:12). Човештвото нема да се учи на војна, туку на мир. Сите смртоносни оружја ќе исчезнат засекогаш (Псалм 45:9). Жителите на новиот свет ќе бидат поучени да се однесуваат кон своите ближни со љубов, почит и достоинство.
14. Каков ќе биде светот кога човештвото ќе стане едно обединето семејство?
14 Човештвото ќе стане едно обединето семејство. Нема да постојат бариери во поглед на единството и братството (Псалм 132:1-3). Ниеден дом не ќе мора да биде заклучен поради крадци. Мирот ќе владее во секое срце, во секоја куќа, во секој дел од Земјата (Михеј 4:4).
РАДОСНОТО ВОСКРЕСЕНИЕ
15. Кои две групи ќе воскреснат на Земјата?
15 За време на тој Милениум ќе се одвива и воскресението. Оние кои намерно грешеле против Божјиот свет дух, односно активна сила, со тоа што непокајнички постапувале против неговото делување или водство, нема да воскреснат (Матеј 23:15, 33; Евреите 6:4-6). Се разбира, Бог е тој што ќе одлучи кој грешел на таков начин. Но, ќе воскреснат две различни групи — „праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Со оглед на тоа дека ќе има исправен редослед, разумно е да заклучиме дека првите на коишто ќе им биде изразено добредојде назад во живот на Земјата, ќе бидат праведните, односно оние кои лојално му служеле на Јехова (Евреите 11:35-39).
16. а) Кој ќе биде меѓу „праведните“ коишто ќе воскреснат на Земјата? б) Кои верни лица од старо време особено сакаш да ги запознаеш, и зошто?
16 Наместо да слушаат вести за војни, несреќи и смрт, Јеховините слуги ќе добиваат прекрасни извештаи за воскресението. Ќе биде восхитувачки да се дознава за враќањето на такви верни мажи и жени како што се Авел, Енох, Ное, Авраам, Сара, Јов, Мојсеј, Раав, Рут, Давид, Илија, Естира. Какви само возбудливи факти ќе изнесат тие кога ќе раскажуваат додатни детали за многу библиски извештаи! Без сомнение, тие и праведниците кои умреле во поново време, ќе бидат подеднакво желни да дознаат за крајот на Сатановиот систем и за тоа како Јехова го посветил своето свето име и како ја оправдал својата сувереност.
17. Каква помош ќе им дадат верните лица на другите што ќе воскреснат?
17 Од каква само корист ќе бидат овие верни поединци во текот на следната фаза на воскресението, кога милијарди ‚неправедни‘ ќе бидат ослободени од оковите на смртта! Поголемиот дел од човештвото никогаш немал прилика да го запознае Јехова. Сатана „им ги заслепил умовите“ (2. Коринтјаните 4:4). Но, Ѓаволовото дело ќе пропадне. Неправедните ќе се вратат на една прекрасна и мирољубива Земја. Тие ќе бидат пречекани од луѓе кои ќе бидат добро организирани за да ги поучат за Јехова и за неговиот владејачки Син, Исус Христос. Додека милијарди воскреснати почнуваат да го запознаваат и да го сакаат нивниот Творец, спознанието за Јехова ќе ја исполни Земјата на еден дотогаш непознат начин.
18. Што мислиш, како ќе се чувствуваш кога ќе им изразуваш добредојде на твоите блиски кога ќе воскреснат?
18 Каква само радост во нашите срца ќе предизвика воскресението! Кој не страдал поради нашиот непријател смртта! Навистина, кој не се чувствувал наполно здробен кога некоја врска во која имало љубов, или некое пријателство биле прекинати поради тоа што болест, старост, несреќа или насилство го прекинале животот на некоја сакана личност? Замисли си ја и радоста на повторните средби во Рајот. Мајки и татковци, синови и ќерки, пријатели и роднини, ќе се прегрнуваат едни со други, смеејќи се и плачејќи од радост.
НАЈПОСЛЕ СОВРШЕНСТВО!
19. Какво чудо ќе се случи за време на Милениумот?
19 Низ Милениумот ќе се случува едно прекрасно чудо. За човештвото, тоа можеби ќе биде највозбудливиот аспект од Христовото Илјадагодишно Владеење. Јехова ќе го води својот Син да ги примени користите од откупната жртва над секој верен и послушен маж и жена. На тој начин, ќе биде отстранет сиот грев и човештвото ќе биде подигнато до совршенство (1. Јованово 2:2; Откровение 21:1-4).
20. а) Што ќе значи да бидеш совршен? б) Кога ќе почнат преживеаните од Армагедон и воскреснатите да живеат во потполна смисла на зборот?
20 Совршенство! Што ќе значи тоа? Тоа ќе значи враќање во живот каков што уживале Адам и Ева пред да згрешат против Јехова Бог. И физички, и ментално, и емоционално, и духовно — на секој замислив начин — совршените луѓе во потполност ќе ги исполнуваат Божјите мерила. Но, дали тогаш сите луѓе ќе бидат исти? Далеку од тоа! Јеховините творби — дрвјата, цвеќињата, животните — сите тие нѐ учат дека тој ја сака разноликоста. Совршените луѓе ќе имаат различни карактери и таленти. Секој ќе се радува на онаков живот каков што предвидел Бог. Откровение 20:5 вели: „Другите, пак, од умрените не оживеаја, додека не се наврши илјадата години“. Како големото мноштво преживеани од Армагедон, така и воскреснатите ќе бидат потполно здрави кога ќе достигнат безгрешно совршенство.
21. а) Што ќе се случи на крајот од Христовото Илјадагодишно Владеење? б) Што ќе се случи најпосле со Сатана и со сите оние кои го поддржуваат?
21 Совршените луѓе ќе се соочат со еден последен испит. На крајот од Милениумот, Сатана и неговите демони за кратко време ќе бидат пуштени од бездната и ќе им биде дозволено да го вложат последниот напор да ги одвратат луѓето од Јехова. Некои ќе ги стават неисправните желби пред љубовта кон Бог, но овој бунт ќе биде прекинат. Јехова ќе ги погуби овие себични лица сосе Сатана и сите негови демони. Сите престапници тогаш ќе исчезнат засекогаш (Откровение 20:7-10).
ШТО ЌЕ СТОРИШ ТИ?
22. Што очекуваш со нетрпение да правиш во Рајот?
22 Пред сите оние кои го сакаат Јехова Бог и кои ќе живеат на Рајската Земја, ќе се простира цела вечност. Едвај можеме да си ја замислиме нивната радост, во која можеш да учествуваш и ти. Музика, уметност, вештини — достигањата на совршеното човештво ќе ги надминат и најубавите дела на најголемите мајстори од стариот свет! На крајот на краиштата, луѓето ќе бидат совршени и ќе имаат неограничено време пред себе. Замисли си што сѐ ќе можеш да правиш како совршен човек. Помисли и на сето она што ќе можете да го научите ти и твоите ближни за Јеховините творби — од милијардите галаксии низ вселената, па до најситните субатомски честички. Сето она што ќе го постигне човештвото, уште повеќе ќе го радува срцето на Јехова, нашиот небесен Татко полн со љубов (Псалм 150:1-6).
23. Зошто животот во Рајот никогаш нема да биде досаден?
23 Животот тогаш нема да биде досаден. Како што ќе одминува времето, тој ќе станува сѐ поинтересен. Како што гледаш, спознанието за Бог нема крај (Римјаните 11:33). Низ сета вечност, секогаш ќе има што да се учи и да се истражуваат нови хоризонти (Проповедник 3:11). И додека и понатаму учиш за Јехова Бог, ќе продолжиш да живееш — но не само неколку години туку засекогаш! (Псалм 21:26).
24, 25. Зошто треба уште сега да живееш во склад со спознанието за Бог?
24 Зарем прекрасната иднина на рајската Земја не заслужува да вложиш секаков напор или жртва? Секако дека заслужува! Затоа, Јехова ти го подава клучот за таа величествена иднина. Тој клуч е спознанието за Бог. Дали ќе го употребиш?
25 Ако го сакаш Јехова, ти ќе уживаш во вршењето на неговата волја (1. Јованово 5:3). Какви само благослови ќе доживееш додека одиш по тој пат! Ако го применуваш спознанието за Бог, тоа ќе ти донесе посреќен живот уште сега во овој вознемирен свет. А идните награди се неизмерливи, бидејќи ова е спознанието кое води до вечен живот! Сега е поволното време да дејствуваш. Биди одлучен да живееш во склад со спознанието за Бог. Покажи ја својата љубов кон Јехова. Почитувај го неговото свето име и докажи дека Сатана е лажливец. За возврат, Јехова Бог, Изворот на вистинска мудрост и спознание, ќе се радува поради тебе во своето големо срце исполнето со љубов (Јеремија 31:3; Софонија 3:17). И тој засекогаш ќе те сака!
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Што е „вистинскиот живот“?
Што ќе се случи на Земјата после Армагедон?
Кој ќе воскресне на Земјата?
На кој начин човештвото ќе стане совршено и на крајот испитано?
Каква е твојата надеж во врска со Рајот?
[Слика на страници 188 и 189]
Дали се надеваш да живееш во Рајот кога спознанието за Бог ќе ја исполнува целата Земја?