Писмо од Водечкото тело
ДОДЕКА стоиме на прагот од новиот систем на работи кој доаѓа, многу е важно да продолжиме да чекаме на Јехова (Соф. 3:8). Пророкот Даниел изјавил дека „Бог . . . ги открива тајните, и Тој . . . го соопшти . . . она што ќе биде во последните денови“ (Дан. 2:28). Навистина, голема привилегија е да се живее на крајот од тој проречен период и да се разберат тајните коишто Јехова сега ги открива!
Преку „верниот и разборит роб,“ Јехова постепено ја разоткривал својата намера да собере едно меѓународно „големо мноштво“ од обожаватели во текот на овие тешки „последни денови“ (Мат. 24:45; Откр. 7:9; 2. Тим. 3:1). Исаија 2:2, 3 опишува дека ова собирање во светски размери ќе се случува „на крајот на деновите.“ Секоја година, ова собирање продолжува среде метежот и насилството кои беснеат во овој свет.
Во текот на 2004 календарска година, станавме уште по свесни дека треба да бидеме послушни на зборовите на Исус: „Бдејте . . . покажете се подготвени“ (Мат. 24:42, 44). Навистина, тоа што се случува на светската сцена има огромно значење за христијаните, кои ги препознаваат „знаците на времињата“ и реагираат во склад со тоа (Мат. 16:1-3). Во исполнување на неговата Реч, Јехова ќе остане со својот теократски организиран народ без оглед на тоа со какво противење ќе се соочат.
И покрај напорите на некои да го оневозможат или да го запрат објавувањето на Царството, нашите браќа продолжуваат да ја објавуваат вистината и да се собираат заедно (Дела 5:19, 20; Евр. 10:24, 25). Во текот на јуни 2004 година, еден апелационен суд во Москва (Русија) ја поддржа одлуката на еден нижи суд, да се забрани активноста на Јеховините сведоци и да се укинат нивните законски тела во овој град. Меѓутоа, ништо не успеа да ги спречи браќата; тие знаат што очекува Бог од нив и повеќе го слушаат него како Владетел отколку луѓето (Дела 5:29). Уверени сме дека Јехова ќе ги води своите слуги и покрај неповолната законска постапка.
Во Република Грузија за време на последниве пет години, браќата изгубија имот, претрпеа напади од толпи, а литературата им беше горена пред нивните очи. Но не успеа ниту едно оружје направено против нив (Иса. 54:17, NW). Во текот на 2004 службена година, Јеховините сведоци повторно беа законски признати во Грузија. Конгресите се одржаа слободно, а и литературата влегува во државата без проблеми. Беа известени нови, највисоки броеви на објавители и присутни на Меморијалот.
Во Еритреја, Ерменија, Република Кореја, Руанда и Туркменистан, браќата беа затворани заради нивната вера. Затоа што ја знаат библиската причина за нивните испити, иако малтретирани, тие го зачуваа својот интегритет чекајќи на избавувањето од Јехова (1. Петр. 1:6; 2. Петр. 2:9).
Кога ќе го разгледувате Извештајот на Јеховините сведоци за 2004 службена година во Стражарска кула од 1 февруари 2005, ќе се израдувате од Јеховината добрина (Пс. 31:19; 65:11). Се надеваме дека овој извештај ќе ве охрабри да продолжите да одите на начин кој му е угоден на Бог (1. Сол. 4:1).
И понатаму се прават големи напори за да се достигнат сите видови луѓе со вистината. На пример, за да им се помогне духовно на глувите и слепите, подготвени се видеокасети, DVD-а и друг материјал на знаковен јазик и публикации на Брајово писмо. Многу објавители на Царството ги научија јазиците што ги зборуваат имигрантите кои престојуваат на подрачјето од нивното собрание.
Освен тоа, беа формирани стотици групи кои се изолирани во тешко достапни подрачја. Една подружница се грижи за повеќе од 300 изолирани групи кои се состојат од преку 7.000 објавители. Колкав потенцијал претставува ова за нови собранија! Освен тоа, од 16.760.607 присутни на Меморијалот, повеќе од 10 милиони не беа Сведоци. Ова е јасен показател за зрелата жетва која допрва треба да се жнее.
Му благодариме на Јехова за неговиот богат благослов и за тоа што толку љубезно се грижи за нас од ден на ден (Посл. 10:22; Мал. 3:10; 1. Петр. 5:7). Додека обединето одиме напред во овие „последни денови“, нашата доверба и надеж се во Јехова. Без оглед на тоа со какви проблеми ќе се соочуваме, да го земеме при срце годишниот стих за 2005: „Мојата помош е од Јехова“ (Пс. 121:2, NW). Бидете уверени во нашата љубов и нашите молитви за вас.
Вашите браќа,
Водечкото тело на Јеховините сведоци