Љубовта е клучот за плодоносна служба
1 „Дојдете кај мене... и јас ќе ве закрепнам.“ (Мат. 11:28). Овие убави зборови на Исус покажуваат колку многу ги сака луѓето. Како христијани, ние сакаме да го следиме примерот на Исус така што ќе покажуваме љубов кон луѓето кои се исцрпени од овој свет што е без љубов. Како можеме да го правиме тоа додека ја пренесуваме добрата вест?
2 Со зборови: Љубовта кон луѓето го поттикнала Исус да ја искористи секоја можност да ја пренесува добрата вест (Јован 4:7-14). Љубовта ќе ни помогне да ја победиме својата колебливост да сведочиме неформално. Едно шестгодишно девојче убаво ѝ посведочило на една жена што седела до неа во една чекалница во болница. Што го поттикнало девојчето да го стори тоа? Тоа објаснило: „Жената изгледаше како да има потреба да дознае за Јехова“.
3 Нашиот интерес за луѓето можеме да го покажеме со една искрена, топла насмевка и пријателски тон на гласот. Освен тоа, љубов кон другите ќе покажеме и ако внимателно ги слушаме додека зборуваат, ако покажеме разбирање за нивните грижи, и ако искрено се интересираме за нив (Изр. 15:23). Според примерот на Исус, треба да им го насочиме вниманието кон охрабрувачката порака за Царството и кон љубовта и сочувството што Јехова ги покажува кон луѓето (Мат. 24:14; Лука 4:18).
4 Со дела: Исус брзо реагирал кога на луѓето им требала практична помош (Мат. 15:32). И ние имаме можности да правиме добри дела додека сме во службата. Една сестра набљудувала некоја жена како се мачи да разбере некој важен телефонски повик. Нашата сестра ѝ понудила на жената да ѝ ги преведе зборовите на оној што се јавувал по телефонот. Оваа љубезна постапка ѝ овозможила да започне библиски разговор со жената, која потоа прифатила да ја проучува Библијата. Во друг случај, кога еден брат повторно посетувал некој човек, забележал дека станарот е разлутен бидејќи заглавил еден голем кауч на влезот од станот. Откако му помогнал на станарот да го премести каучот, братот наскоро седел на истиот кауч и започнал да ја проучува Библијата со тој благодарен човек.
5 Додека учествуваме во службата, ние покажуваме љубов кон Бог и кон ближниот (Мат. 22:36-40). Кога го правиме тоа со зборови и со дела, луѓето со искрени срца сфаќаат дека ние ја имаме вистината.