СТУДИЈА 45
Илустрации/примери што поучуваат
ИЛУСТРАЦИИТЕ и примерите се моќни методи на поучување. Честопати го привлекуваат и го задржуваат вниманието со извонредна делотворност. Ги стимулираат способностите за размислување. Ги побудуваат емоциите и со тоа можат да ги достигнат совеста и срцето. Понекогаш, илустрациите можат да се користат за да се совладаат предрасуди. Тие се и делотворно средство за помнење. Дали ги користиш додека поучуваш?
Стилските фигури се илустрации што обично бараат само неколку збора; сепак можат да создадат живи умствени слики. Кога се внимателно избрани, голем дел од нивното значење е очигледно. Но, еден учител може да ја зголеми нивната вредност додавајќи кратко објаснување. Библијата е полна со примери од кои можеш да учиш.
Започни со компарации и метафори. Компарацијата е наједноставната стилска фигура. Ако штотуку почнуваш да учиш да користиш илустрации, можеби ќе ти биде од помош да започнеш со компарации. Тие обично се воведуваат со зборот „како“. Додека споредуваат две работи што се сосема различни, компарациите истакнуваат нешто што ним им е заедничко. Библијата е богата со фигуративен говор во кој вниманието се свртува кон созданијата — растенијата, животните и небесните тела — како и кон човековото искуство. Во Псалм 1:3 е кажано дека човек што редовно ја чита Божјата реч е „како дрво засадено покрај водни потоци“, дрво што е плодоносно и не венее. Се вели дека злобниот е „како лав“ што седи во засолниште за да го фати пленот (Псал. 10:9). Јехова му ветил на Авраам дека неговото семе ќе биде бројно ,како ѕвездите на небото‘ и ,како песокот на морскиот брег‘ (Бит. 22:17). Во врска со блискиот однос што го овозможил меѓу себе и нацијата Израел, Јехова рекол: „Како што појасот се долепува до човековите бедра“ така Тој предизвикал Израел и Јуда да се долепат до Него (Ерем. 13:11).
И метафорите истакнуваат сличност меѓу две многу различни работи. Но, метафората е појака. Зборува како едната работа да е другата, и на тој начин извесна особина од едната работа ја пренесува на другата. Исус им рекол на своите ученици: „Вие сте светлината на светот“ (Мат. 5:14). Опишувајќи ја штетата што може да ја предизвика неконтролираниот говор, ученикот Јаков напишал: „Јазикот е оган“ (Јак. 3:6). Давид за Јехова пеел: „Ти си моја карпа, моја тврдина“ (Псал. 31:3). За добро избрана метафора обично треба мало објаснување или, пак, тоа воопшто не е потребно. Нејзината делотворност се збогатува со нејзината краткост. Метафората може да ѝ помогне на твојата публика да се сети на некоја точка на начин што нема да се постигне ако само се наведе фактот.
Хиперболата е преувеличување, кое мора да се користи претпазливо, инаку, во спротивно, би можело погрешно да се разбере. Исус ја користел оваа стилска фигура за да создаде една незаборавна слика, кога прашал: „Зошто ја гледаш сламката во окото на својот брат, а не ја земаш во обѕир гредата во сопственото око?“ (Мат. 7:3). Пред да се обидеш да ја користиш оваа или некоја друга стилска фигура, научи делотворно да ги користиш компарацијата и метафората.
Користи примери. Наместо да користиш стилска фигура, можеби ќе се решиш да користиш примери како помагала за поучување, сеедно дали се тоа измислени раскази или вистинити искуства. Тие имаат тенденција да излезат од контрола, па затоа треба да се користат претпазливо. Таквите примери треба да се користат само за да се поддржат точките што се навистина важни и треба да се презентираат на таков начин што ќе се запомни поуката, а не само приказната.
Иако не треба да бидат реални случки, сите примери треба да одразуваат вистинити ставови и ситуации. Затоа, кога поучувал како треба да се гледа на покајничките грешници, Исус ја илустрирал својата поента кажувајќи за радоста на еден човек што ја пронашол својата загубена овца (Лука 15:1-7). Одговарајќи му на еден човек што не ја сфатил целосната важност на она што се мислело во Законот со заповедта да се љуби ближниот, Исус раскажал приказна за некој Самарјанин што му помогнал на некој ранет човек, откако свештеникот и Левитот не го сториле тоа (Лука 10:30-37). Ако научиш внимателно да ги набљудуваш ставовите и постапките на луѓето, ќе можеш делотворно да ја користиш оваа метода на поучување.
Пророкот Натан раскажал една замислена ситуација како средство да го укори цар Давид. Приказната била делотворна бидејќи со неа била избегната една ситуација која можела да го наведе Давид да реагира со самооправдување. Во приказната се работело за некој богат човек што имал многу овци и некој сиромашен што имал само едно женско јагне, кое многу нежно го одгледувал. Самиот Давид бил пастир, така што добро можел да ги разбере чувствата на сопственикот на тоа јагне. Давид реагирал со оправдана лутина кон богатиот, кој му го грабнал саканото јагне на сиромашниот. Потоа, Натан директно и отворено му рекол на Давид: „Ти си тој човек!“ Срцето на Давид било достигнато и тој искрено се покајал (2. Сам. 12:1-14). Со вежбање, можеш да научиш со емоционалните прашања да се справуваш на привлечен начин.
Од настаните запишани во Писмото може да се исцрпат многу примери што се вредни за поучување. Исус го сторил тоа со неколку збора кога рекол: „Сеќавајте се на Лотовата жена“ (Лука 17:32). Кога детално го опишувал знакот на својата присутност, Исус ги спомнал „деновите на Ное“ (Мат. 24:37-39). Во Евреите 11. поглавје, апостол Павле по име се осврнал на 16 мажи и жени како на примери на вера. Додека подобро ја запознаваш Библијата, ќе можеш да извлекуваш силни примери од она што Писмото го кажува за настаните и луѓето што се спомнати по име на неговите страници (Рим. 15:4; 1. Кор. 10:11).
Можеби понекогаш ќе ти биде од помош ако некоја поука засилиш со вистинито, современо искуство. Меѓутоа, гледај притоа да користиш само искуства што се потврдени и избегнувај ги оние што непотребно ќе доведат некого од публиката во непријатна состојба или ќе свртат внимание кон некоја полемична тема што не е поврзана со дискусијата. Запомни го и тоа дека искуството треба да служи за одредена цел. Не раскажувај непотребни детали, кои се склони да го одвратат вниманието од целта на твојата презентација.
Дали ќе се разбере? Која и да било илустрација или пример што ќе го користиш, треба да постигне одредена цел. Ќе го стори ли тоа ако не го примениш на темата за која се дискутира?
Откако своите ученици ги нарекол „светлината на светот“, Исус додал неколку забелешки за тоа како се користи светилката и каква одговорност подразбира ова за нив (Мат. 5:15, 16). По илустрацијата за загубената овца, тој дал коментар за радоста на небото заради еден грешник што се кае (Лука 15:7). И по приказната за ближниот Самарјанин, Исус му поставил на својот слушател едно отворено прашање, а потоа дал директен совет (Лука 10:36, 37). За разлика од тоа, Исус им ја објаснил својата илустрација за различните видови почва и илустрацијата за каколот на полето само на оние што биле доволно понизни да прашаат, а не на мноштвата (Мат. 13:1-30, 36-43). Три дена пред својата смрт, Исус кажал една илустрација за убиствено настроените лозари. Не ја објаснил примената; ниту, пак, била потребна. „Главните свештеници и фарисеите . . . забележаа дека зборува за нив“ (Мат. 21:33-45). Значи, природата на илустрацијата, ставот на публиката и твојата цел влијаат врз тоа дали е потребно да ја објасниш примената и, ако да, во колкава мера.
Развивањето на способноста делотворно да се користат илустрации и примери бара време, но напорот добро се исплаќа. Добро избраните илустрации ја спојуваат интелектуалната привлечност со емоционалниот учинок. Резултатот е тоа што пораката се пренесува со ефект, а тоа честопати не е можно со едноставни изјави на фактите.