Лекција 1
Бог те повикува да му станеш пријател
Бог сака да му бидеш пријател. Си помислил ли некогаш дека можеш да ѝ бидеш пријател на најголемата Личност во универзумот? Авраам, кој живеел многу одамна, бил наречен Божји пријател (Јаков 2:23). И други луѓе, за кои се зборува во Библијата, исто така уживале пријателство со Бог и биле многу благословени. Денес, луѓе од сите делови на Земјата му станале пријатели на Бог. И ти можеш да бидеш Божји пријател.
Да му бидеш пријател на Бог е подобро отколку да му бидеш пријател на кој и да е човек. Бог никогаш не ги разочарува своите лојални пријатели (Псалм 17:25). Да му бидеш пријател на Бог е подобро отколку да имаш богатство. Кога еден богат човек ќе умре, неговите пари ќе им припаднат на други луѓе. Меѓутоа, оние кои уживаат пријателство со Бог имаат богатство кое не може никој да им го одземе (Матеј 6:19).
Некои луѓе можеби ќе се обидат да те спречат да учиш за Бог. Тоа можеби ќе го сторат дури и некои твои пријатели или роднини (Матеј 10:36, 37). Ако другите ти се смеат или ти се закануваат, прашај се: ‚Кому сакам да му угодам — на луѓето или на Бог?‘ Размисли за следново: Ако некој ти рече да престанеш да јадеш, ќе го послушаш ли? Се разбира не! Ти треба храна за да живееш. Но Бог може да направи да живееш засекогаш! Затоа, никогаш не дозволувај некој да те спречи да учиш како можеш да му бидеш пријател на Бог (Јован 17:3).