ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • jr погл. 6 стр. 67-80
  • „Послушај го, те молам, гласот на Јехова“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Послушај го, те молам, гласот на Јехова“
  • Еремија и Божјата порака за нас
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ЈЕХОВА ЗАСЛУЖУВА ДА МУ БИДЕМЕ ПОСЛУШНИ
  • МНОГУ Е ВАЖНО ДА МУ БИДЕМЕ ПОСЛУШНИ НА ЈЕХОВА
  • ЈЕХОВА ПРОСТУВА ВЕЛИКОДУШНО, НО НЕ АВТОМАТСКИ
  • ПОСЛУШАЈ ГО ЈЕХОВА И ВРАТИ МУ СЕ
  • ПОСЛУШНОСТА Е ЗАШТИТА
  • ОНИЕ ШТО МУ СЕ ПОСЛУШНИ НА ЈЕХОВА НЕ СЕ САМИ
  • Дали секој ден прашуваш „Каде е Јехова?“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • „Не можам да молчам“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • „Кажи им ги овие зборови“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • „Ќе ја закрепнам изморената душа“
    Еремија и Божјата порака за нас
Повеќе
Еремија и Божјата порака за нас
jr погл. 6 стр. 67-80

Шесто поглавје

„Послушај го, те молам, гласот на Јехова“

1, 2. Каков став обично имаат оние што се наоѓаат на „патот по кој одат сите“, и зошто треба ти да бидеш поинаков?

ВО ДЕНЕШНИОВ свет, послушноста не е во мода. Кога донесуваат одлуки, многу луѓе воопшто не се прашуваат дали она што го прават е исправно или не. Всушност, би се рекло дека нивното мото во животот е: „Прави што ти душа сака!“ или „Не е битно што правиш, само гледај да не те фатат!“ Ова јасно може да се види кога возачите ги прекршуваат сообраќајните правила, кога фирмите ги изневеруваат своите клиенти и кога луѓе на положба ги кршат законите што можеби самите ги донеле. Слично како денес, и во времето на Еремија повеќето без размислување го избирале „патот по кој одат сите“, дури и кога тоа било погрешно и штетно (Ерем. 8:6).

2 Тебе ти е јасно дека оние што сакаат да бидат во Божја милост не можат едноставно да се поведат по мноштвото. Всушност, Еремија нагласил дека постои голема разлика меѓу оние што ‚не го слушаат гласот на Јехова‘ и оние што сакаат да му бидат послушни (Ерем. 3:25; 7:28; 26:13; 38:20; 43:4, 7). Секој од нас треба да се преиспита каде стои во овој поглед. Зошто? Затоа што Сатана сѐ понемилосрдно ги напаѓа христијаните за да ги натера да му бидат неверни на Бог. Тој е како змија која бесшумно чека во заседа, и одеднаш скокнува врз пленот и го каснува. Ако сме решени да го послушаме гласот на Јехова, ќе бидеме далеку од тие отровни змиски заби, чие каснување може да биде смртоносно. Но, како да ја зацврстиме нашата решеност да му бидеме послушни на Јехова? Во тоа можат да ни помогнат списите на Еремија.

ЈЕХОВА ЗАСЛУЖУВА ДА МУ БИДЕМЕ ПОСЛУШНИ

3. Зошто Јехова заслужува да му бидеме послушни?

3 Зошто Јехова заслужува да му бидеме послушни во сѐ? Еремија наведува една причина, кога вели: „Тој ја направи земјата со својата сила, ја зацврсти плодната почва со својата мудрост“ (Ерем. 10:12). Бидејќи Јехова е Севишен Господар на вселената, треба да се боиме од него повеќе отколку од кој и да е друг владетел. Тој има апсолутно право да бара од нас да ги послушаме неговите мудри заповеди кои се навистина за наше трајно добро (Ерем. 10:6, 7).

4, 5. а) Што можеле јасно да видат Евреите кога ги погодила суша? б) Како Јудејците ја одбиле ‚живата вода‘ од Јехова? в) На кој начин можеш да пиеш од ‚живата вода‘?

4 Освен што Јехова е Севишен Владетел, од него зависи и целокупниот живот, вклучувајќи го и нашиот. Евреите во времето на Еремија можеле многу јасно да го видат ова. Египетската земја во голема мера зависела од водите на реката Нил, но условите во Ветената земја биле поинакви. Божјиот народ главно зависел од пролетните и есенските дождови. Дождовницата, пак, најчесто се чувала во бунари или јами (5. Мој. 11:13-17). Само Јехова можел да им пушти дожд за земјата да даде род. Но, тој можел и да не им го пушти потребниот дожд. Токму тоа им го направил на непослушните Евреи во времето на Еремија. Страшни суши ги спржиле нивните ниви и лозја, а бунарите им ги оставиле празни (Ерем. 3:3; 5:24; 12:4; 14:1-4, 22; 23:10).

5 Иако им била многу важна дословната вода, овие Евреи одбиле да пијат од ‚живата вода‘ што Јехова спремно им ја нудел. Тие намерно не го послушале Божјиот закон и се потпирале на сојузите со околните народи. Со тоа станале како луѓе што, во време на суша, ја ставаат преостанатата вода во испукан бунар кој не може да ја држи. Нивната непослушност навистина им донела горки последици. (Прочитај Еремија 2:13; 17:13.) Сигурно не би сакале и самите да си нанесеме голема штета со тоа што би ја направиле истата грешка. Јехова и понатаму ни дава многу совети преку својата вдахновена Реч. Но, за да имаме корист од таа „жива вода“, мораме редовно да ја проучуваме Библијата и да се трудиме да живееме во склад со неа.

6. а) Каков став имал Седекија во врска со послушноста кон Јехова? б) Што мислиш, зошто царот бил неразумен?

6 Како што Божјиот ден на пресметка со Јуда наближувал, станувало сѐ поважно народот да му биде послушен на Јехова. Секој Евреин што сакал да ја има Неговата милост и заштита — вклучувајќи го и цар Седекија — морал да се покае и да биде послушен. Но, Седекија не бил цврсто решен да го прави она што е исправно. Кога некои поданици побарале Еремија да биде погубен, тој немал смелост да ги одбие. Како што видовме во претходното поглавје, Авде-Мелех го спасил пророкот од сигурна смрт. Подоцна Еремија го поттикнал Седекија: „Послушај го, те молам, гласот на Јехова“. (Прочитај Еремија 38:4-6, 20.) Очигледно, за свое добро, царот требало да реши да го послуша Бог.

Зошто било потребно Еремија постојано да ги поттикнува Евреите да му бидат послушни на Бог?

МНОГУ Е ВАЖНО ДА МУ БИДЕМЕ ПОСЛУШНИ НА ЈЕХОВА

7. Во какви ситуации твојата послушност може да биде ставена на испит?

7 Денес е исто толку важно да бидеме послушни како и во времето на Еремија. Колку цврсто си решен да му бидеш послушен на Јехова? Ако случајно ти се отвори порнографска страница на интернет, ќе ја гледаш ли или ќе му одолееш на искушението и веднаш ќе ја затвориш? А што ако, на училиште или на работа, некој што не е Сведок сака да започнете врска? Ќе имаш ли сила да кажеш ‚не‘? Дали литературата на отпадниците или нивните интернет-страници ти ја разгоруваат љубопитноста или ти се одбивни? Во овие и во слични ситуации, имај ги на ум зборовите од Еремија 38:20!

8, 9. а) Зошто е мудро да слушаш кога старешините се обидуваат да ти помогнат? б) Ако старешините повеќепати ти даваат ист совет, како треба да гледаш на тоа?

8 Преку Еремија, Јехова честопати го повикувал својот народ: „Вратете се, ве молам, секој од својот зол пат и поправете ги своите патишта и своите дела!“ (Ерем. 7:3; 18:11; 25:5; прочитај Еремија 35:15). И христијанските старешини прават сѐ што можат за да им помогнат на соверниците кои се во духовна опасност. Ако дојде ред да ти дадат совет за да не постапиш непромислено или погрешно, слушај ги. Тие имаат иста цел како и Еремија.

9 Старешините можеби ќе те потсетат на некои библиски начела на кои веќе ти укажале. Биди свесен дека воопшто не е лесно некому да му повториш ист совет. Но, многу потешко е кога оној кому му треба помош има сличен став како повеќето Евреи на кои им зборувал Еремија. Обиди се да сфатиш дека, всушност, тоа што старешините секогаш одново се обидуваат да ти помогнат е израз на Јеховината љубов. Освен тоа, имај на ум дека Еремија не ќе морал да ги повторува истите предупредувања доколку Евреите исправно реагирале. Значи, ако не сакаш постојано да го слушаш истиот совет, прифати го веднаш.

ЈЕХОВА ПРОСТУВА ВЕЛИКОДУШНО, НО НЕ АВТОМАТСКИ

10. Зошто Јехова не ги простува гревовите автоматски?

10 Колку и да се трудиме, сега не можеме совршено да му бидеме послушни на Јехова. Затоа сме му многу благодарни што е спремен да ни прости кога грешиме. Сепак, тој не ги простува гревовите автоматски. Зошто? Затоа што гревот му е одвратен (Иса. 59:2). Прво сака да се увери дека навистина има основа да ни прости.

11. Зошто е невозможно некој да помине незабележано ако тајно прави грев?

11 Како што веќе видовме, многу Евреи во деновите на Еремија по навика му биле непослушни на Бог, злоупотребувајќи ја неговата стрпливост и милост. Може ли и со некој Божји слуга денес да се случи истото? Да, ако не им обрнува внимание на Јеховините опомени и почне да прави грев. Во некои случаи тоа е видливо за сите, како, на пример, кога се склопува прељубнички брак, односно брак во кој едниот или, пак, двајцата, од библиска гледна точка, не се слободни повторно да се венчаат. Но, дури и гревот да се прави во тајност и другите да не знаат за тоа, оној што му е непослушен на Јехова гази на тенок мраз. Можеби некој што води двоен живот си мисли: ‚Никој нема да дознае‘. Но, вистината е дека Бог ги чита мислите и срцата, и гледа што се случува зад затворени врати. (Прочитај Еремија 32:19.) Што, всушност, треба да направи оној што навистина му бил непослушен на Бог?

12. Што мораат да направат понекогаш старешините за да го заштитат собранието?

12 Многу Евреи ја отфрлале помошта што Јехова постојано им ја нудел преку Еремија. И денес, некој што прави тежок грев можеби не се кае и ја одбива помошта од старешините. Во таков случај, тие мораат да го следат советот од Библијата и да го исклучат за да го заштитат собранието (1. Кор. 5:11-13; види ја рамката „Живот без закон“, на 73. страница). Но, дали ова значи дека за него нема надеж и дека никогаш повеќе не може да се врати во Јеховината милост? Не. Израелците се бунтувале долго време, а Бог сепак им рекол: „Вратете се, синови одметници! Ќе го излекувам вашето одметништво“ (Ерем. 3:22).a Јехова ги повикува грешниците да му се вратат. Всушност, тој им заповеда да го сторат тоа.

Зошто е мудро да го молиме Бог да ни прости кога ќе згрешиме?

ПОСЛУШАЈ ГО ЈЕХОВА И ВРАТИ МУ СЕ

13. Што мора да прифати тој што сака да му се врати на Јехова?

13 Како што покажал Еремија, за да му се врати на Бог, човек треба да се праша: „Што направив?“ А потоа треба искрено да си одговори, имајќи ги на ум библиските мерила. Непокајничките Евреи во времето на Еремија намерно го избегнувале тоа прашање. Одбиле да признаат колку грешеле, и затоа Јехова едноставно не можел да им прости. (Прочитај Еремија 8:6.) За разлика од нив, еден грешник што навистина се кае признава дека, со тоа што му бил непослушен на Јехова, нанел срам и на Неговото име и на христијанското собрание. Исто така, тој длабоко жали за болката и штетата што можеби им ја нанел на невини луѓе. Таквиот треба да сфати дека, само кога ќе ја прифати одговорноста за сите последици од своето лошо постапување, ќе може да се надева на простување од Јехова. Сепак, и тоа не е доволно за да ја стекне Божјата милост.

14. Како може некој да ‚му се врати со цело срце‘ на Јехова? (Вклучи ја и рамката „Што е каење?“)

14 Кога некој вистински се кае, ги испитува своите мотиви, желби и навики. (Прочитај Плач Еремиин 3:40, 41.) Тој се преиспитува во врска со работите кои му се слабост како, на пример, спротивниот пол, алкохолот или цигарите, интернетот или, пак, нечесноста во деловните односи. Исто како што една домаќинка добро ќе го исчисти секое ќоше од својата кујна — дури и она што никој не го гледа — за домот да ѝ биде вистински чист, така и лицето што се кае ќе даде сѐ од себе за темелно да ги исчисти своите мисли и да постапува исправно дури и кога никој не го гледа. Мора да му ‚се врати со цело срце‘ на Јехова така што ќе ги исполнува Божјите барања и ќе живее според Неговите мерила. Некои Евреи во времето на Еремија му се вратиле „лажно“ на Јехова. Се преправале дека жалат, но не го промениле ниту своето срце ниту својот живот (Ерем. 3:10). За разлика од нив, оној што искрено бара простување нема да се обиде да го излаже ни Јехова ни неговото собрание. Наместо да му биде најважно да си го поврати угледот или, пак, повторно да се дружи со роднините и со другите кои се во вистината, тој е решен да прекине со сите погрешни постапки за да ги добие Божјето простување и милост.

15. Како му се моли на Бог оној што вистински се кае?

15 Молитвата е важен дел од каењето. Во старо време, луѓето имале обичај да ги подигнуваат рацете кон небото кога се молеле. Денес, кога се моли, оној што вистински се кае ‚го подига и срцето и рацете кон Бог‘, како што вели Еремија (Плач 3:41, 42). Жалењето го поттикнува покајникот да постапи во склад со својата молба за простување. Неговите молитви се искрени и извираат од длабочината на неговото срце.

16. Зошто е разумно некој да му се врати на Бог?

16 Сигурно сфаќаш дека грешникот што навистина си ги признава грешките најверојатно ќе мора да ја згази својата гордост за да се врати кај Бог. Сепак, важно е да има на ум дека Јехова сака грешниците да се вратат кај него. Кога Бог ќе види дека некој е скршен во срцето, и Неговото срце почнува да ‚трепери од нежна сомилост‘ кон тоа лице. Тој сака да им прости на сите што ќе се покаат, исто како што им простил на Израелците кои се вратиле од изгнанство (Ерем. 31:20, Превод на Д. Х. Константинов). Колку е утешно што знаеме дека Бог им ветува мир и надеж на оние што му се послушни! (Ерем. 29:11-14). Тие повторно можат да бидат дел од Божјиот верен народ.

ПОСЛУШНОСТА Е ЗАШТИТА

17, 18. а) Кои биле Рихавовите синови? б) По што се познати тие? (Види ја и сликата на 77. страница.)

17 Оние што во сѐ му се послушни на Јехова ја имаат неговата заштита. Ова го потврдува примерот на Рихавовите синови кои живееле во времето на Еремија. Повеќе од двесте години пред тоа, нивниот предок Јонадав — Кенеецот што му се придружил на Јуј — им заповедал да не прават неколку работи. Една работа била да не пијат вино. Иако Јонадав одамна бил мртов, Рихавовите синови сѐ уште му биле послушни. За да ги испита, Еремија ги одвел во една од храмските трпезарии, каде што ставил пред нив вино и ги поттикнал да пијат. Но, тие му рекле: „Нема да пиеме вино“ (Ерем. 35:1-10).

18 За Рихавовите синови било важно да му бидат послушни на својот предок кој одамна бил мртов. Тогаш, со колку поголем жар треба вистинските Божји слуги да им бидат послушни на заповедите на живиот Бог! Послушноста на Рихавовите синови му се допаднала на Јехова. Таа била сосема спротивна на непослушноста на Евреите. Затоа Бог им ветил заштита во претстојната неволја. Тогаш, разумно е да очекуваме дека Јехова ќе ги заштити во големата неволја и оние што денес му се послушни во сѐ. (Прочитај Еремија 35:19.)

Зошто може да се рече дека некој покажува послушност кога се кае за тежок грев? Зошто оној што е послушен нема ни да има потреба да се кае?

ОНИЕ ШТО МУ СЕ ПОСЛУШНИ НА ЈЕХОВА НЕ СЕ САМИ

19. Како ќе те заштити Бог ако си му послушен?

19 Јехова не го штител својот народ само во минатото. Тој до ден-денес ги чува послушните од духовни опасности. Исто како што високите ѕидови во древните градови служеле за одбрана од непријателските напади така и Божјиот закон ги штити оние што го проучуваат и постојано го применуваат. Ќе останеш ли на сигурно зад бедемот на Божјите морални закони? Можеш да бидеш уверен дека ќе ти биде добро ако го сториш тоа (Ерем. 7:23). Мнозина можат да посведочат дека навистина е така. (Види ја рамката „Послушноста кон Јехова е заштита“.)

20, 21. а) Во што можеш да бидеш сигурен додека му служиш на Јехова? б) Како реагирал цар Јоаким на пораката што Бог му ја испратил преку Еремија?

20 Сеедно дали се соочуваш со противење во семејството, на работа, на училиште или, пак, од властите, тоа ти отежнува да му служиш на Бог. Сепак, биди уверен дека, ако си му послушен на Јехова секогаш и во сѐ, тој ќе ти помага и во најтешките ситуации. Не заборавај — Бог ветил дека ќе биде со Еремија кога ќе настапело жестоко противење, и си стоел на зборот. (Прочитај Еремија 1:17-19.) Во времето на цар Јоаким, било очигледно дека Јехова му помагал на Еремија.

21 Малку владетели во Израел им се противеле на Божјите гласници со таков бес како Јоаким. Ова се гледа од примерот на Урија, кој пророкувал во исто време со Еремија. Злобниот цар Јоаким бил спремен да го гони и надвор од границите на своето царство. Кога Јеховиниот пророк Урија бил фатен и одведен пред царот, тој заповедал да го погубат (Ерем. 26:20-23). Во четвртата година од владеењето на Јоаким, Јехова му заповедал на Еремија да ги напише сите зборови што му ги кажал дотогаш и потоа да ги прочита наглас во храмот. Свитокот дошол до рацете на Јоаким, и тој му наредил на еден дворјанин да му го прочита. Додека овој читал, царот го сечел свитокот и го фрлал во огнот што горел на мангалот, иако некои од кнезовите го молеле да не го прави тоа. Потоа испратил луѓе да ги фатат Еремија и Варух. Но, што се случило? ‚Јехова ги скрил‘ (Ерем. 36:1-6; прочитај Еремија 36:21-26). Тој не му дозволил на Јоаким да им направи зло на тие верни луѓе.

22, 23. Што учиш од примерот на една сестра од централна Азија за начинот на кој помага Бог?

22 Ако смета дека е потребно, Јехова може да ги заштити од опасност и своите слуги денес. Но, во повеќето случаи тој им дава храброст и мудрост за да му бидат послушни и да продолжат да ја проповедаат добрата вест. Една самохрана мајка, која ќе ја наречеме Ѓулистана, има четири деца. Јехова ѝ помага и нејзе. Некое време таа била единствениот Сведок на едно големо подрачје во централна Азија каде што властите се противат на проповедањето за Царството. Најблиското собрание е оддалечено преку 400 километри, па затоа Ѓулистана ретко е во друштво на зрели христијани. И покрај противењето и други проблеми, таа проповеда од куќа до куќа и наоѓа многу заинтересирани лица. Неодамна извести дека ја проучува Библијата дури со 20 луѓе и дека се грижи за духовните потреби на оваа група која и понатаму расте.

23 Исто како што му помагал на Еремија и на Ѓулистана, Бог е спремен да ти помогне и тебе и на други свои послушни слуги. Биди решен да му бидеш послушен нему, а не на луѓето. Тогаш ни противењето ни што и да е друго нема да те спречи да го фалиш единствениот вистински Бог и да им зборуваш за него на луѓето на твоето подрачје! (Ерем. 15:20, 21).

24. Како ти користи послушноста уште денес?

24 Не е можно да бидеме навистина радосни и среќни во животот ако сме независни од нашиот Творец (Ерем. 10:23). Откако го проучи она што Еремија го напишал за послушноста, увидуваш ли на кои други начини можеш да му дозволиш на Јехова уште повеќе да управува со твоите чекори? Само ако живееш според неговите заповеди, ќе најдеш вистинска среќа и ќе бидеш успешен. Јехова нѐ поттикнува: „Слушајте го мојот глас... за да ви биде добро!“ (Ерем. 7:23).

Како можеш да ги примениш во својот однос со Бог поуките за послушноста што се наоѓаат во книгата Еремија?

[Фуснота]

a Овде Јехова му се обраќа на северното царство Израел. Кога Еремија ја пренел оваа порака, десетплеменското царство веќе било во изгнанство стотина години. Од зборовите на Еремија се гледа дека тој народ сѐ уште не се покајал (2. Цар. 17:16-18, 24, 34, 35). Како и да е, поединци можеле повторно да се вратат во Божјата милост, па дури и да се вратат од изгнанство.

[Рамка на страница 73]

ЖИВОТ БЕЗ ЗАКОН

Каков им бил животот на Евреите по уништувањето на Ерусалим? Во Плач Еремиин 2:9, Еремија ни дава делумен опис на ситуацијата. Ѕидовите на градот, што пред тоа го штителе, биле разурнати, а веројатно биле скршени и портите. Но, уште полошо било тоа што ‚немало закон‘. Дали Еремија сакал да каже дека меѓу преживеаните што останале таму владеело безредие? Поголема е веројатноста неговите зборови да се однесуваат на загубата на духовната сигурност и на утехата што ја имале Евреите кога верните свештеници и пророци ги поучувале за Божјиот закон. Лажните пророци кои народот сега ги слушал немале никакво вистинско ‚видение‘ или совет од Јехова — нивните наводни „виденија“ биле безвредни (Плач 2:14).

И некој што е исклучен од христијанското собрание може да се чувствува слично како тие Евреи. Тој повеќе не може да ужива во блиско дружење со своите духовни браќа и сестри, а го нема ни вниманието што порано со љубов му го посветувале старешините. Освен тоа, веќе не ги добива ни важните духовни поуки. Во светот, каде што го ‚нема законот‘ од Јехова, тој веројатно чувствува длабока празнина во себе. Сепак, може повторно да стекне добар однос со Јехова и да има големи благослови (2. Кор. 2:6-10). Но, сигурно ќе се сложиш дека е многу подобро да го слушаме Јехова и никогаш да не ни се случи да останеме без закон.

[Рамка на страница 74]

ШТО Е КАЕЊЕ?

Хебрејските и грчките зборови што се користат во Библијата за да укажат на каење ја опишуваат промената на ставот кај еден човек кој се откажува од погрешните работи што ги правел или, пак, имал намера да ги прави. Тие зборови ги опишуваат и чувствата на тоа лице како што е чувството на жалење. Хебрејскиот збор може да означува и утеха (2. Сам. 13:39; Јов 42:6). Освен тоа, Библијата јасно покажува дека оној што вистински се кае ќе го смени и постапувањето бидејќи на тоа го поттикнуваат силните чувства што извираат од срцето. Токму такво каење очекува Јехова од сите што тврдат дека жалат за своите гревови (Ерем. 31:18, 19).

[Рамка на страница 78]

ПОСЛУШНОСТА КОН ЈЕХОВА Е ЗАШТИТА

Еден млад Сведок од Шпанија е многу среќен што го послушал Јехова. Тој пишува: „Една девојка од мојот клас сакаше да излегува со мене. Беше многу убава, но длабоко во себе знаев дека е опасно да имам врска со некој што не го сака Јехова.

Некаде во тоа време, сокласниците ми вршеа притисок да појдам со нив на една забава за да го прославиме крајот на учебната година. Кога им објаснив на темел на Библијата зошто нема да одам, ми се смееја и ме навредуваа. Се чувствував отфрлено. Му го спомнав ова на еден старешина во собранието, а тој ме праша: ‚Може ли некој што не ги почитува твоите одлуки и морални вредности да ти биде вистински пријател?‘ Тие зборови ми дадоа сила и ми помогнаа да се спротивставам на притисокот од сокласниците.

И многу сум среќен поради тоа. На забавата, една девојка била силувана. Истата ноќ, тројца мои сокласници беа тешко повредени во сообраќајна несреќа бидејќи возачот бил пијан. Да отидев на забавата, веројатно и јас ќе бев во колата. Благодарен сум му на Јехова што ми даде сила да го послушам и покрај силниот притисок од врсниците“.

[Слика на страница 69]

Ако редовно пиеш од ‚живата вода‘ што ја дава Јехова, ќе имаш сила да му бидеш послушен

[Слика на страница 70]

Слушај ги старешините кога се трудат да ти помогнат

[Слика на страница 75]

‚Зошто не послушав?‘

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели