-
Која е Божјата волја?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
Која е Божјата волја?
Бог сака вечно да живееме во мир и среќа во рај на Земјата!
Но, можеби ќе речеш: ‚Такво нешто не е можно‘. Библијата вели дека Божјето Царство ќе го направи тоа и дека Божјата волја е сите луѓе да дознаат кое е тоа Царство и каква е Божјата намера со нас (Псалм 37:11, 29; Исаија 9:7).
Бог сака да ни биде добро.
Исто како што еден добар татко им го мисли најдоброто на своите деца, така и нашиот небесен Татко сака вечно да бидеме среќни (Исаија 48:17, 18). Тој ветил дека „оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17).
Бог сака да одиме по неговите патеки.
Библијата вели дека нашиот Творец сака да „нѐ поучува за своите патишта“ за да можеме да „одиме по неговите патеки“ (Исаија 2:2, 3). Тој има „народ за своето име“ што ја објавува неговата волја низ целата Земја (Дела 15:14).
Бог сака обединето да му служиме.
Наместо да ги разединува луѓето, обожавањето на вистинскиот Бог, Јехова, ги обединува затоа што ги поттикнува искрено да се сакаат (Јован 13:35). Кој ги поучува денес луѓето во целиот свет како да му служат на Бог обединето? Оваа брошура ќе ти помогне да го најдеш одговорот.
-
-
Какви луѓе се Јеховините сведоци?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 1
Какви луѓе се Јеховините сведоци?
Данска
Тајван
Венецуела
Индија
Колку Јеховини сведоци познаваш? Можеби некои од нас ти се соседи, колеги или соученици. Или, пак, можеби некогаш си разговарал со нас за Библијата. Кои сме, всушност, ние и зошто зборуваме за своите верувања со другите?
Ние сме обични луѓе. Сите ние имаме најразлично потекло и живееме во различни услови. Некои од нас порано припаѓале на друга религија, а други, пак, не верувале во Бог. Но, пред да станеме Јеховини сведоци, сите ние сме посветиле време внимателно да ги испитаме учењата од Библијата (Дела 17:11). Сфативме дека она што го дознавме е вистина и донесовме лична одлука да му служиме на Јехова Бог.
Имаме корист од она што го учиме од Библијата. Како секој друг, и ние мораме да се бориме со разни проблеми и со нашите слабости. Но, бидејќи се трудиме да живееме според библиските начела, водиме подобар живот (Псалм 128:1, 2). Тоа е една причина зошто сакаме да им ги кажеме на другите убавите работи што ги учиме од Библијата.
Живееме според вредностите на кои нѐ учи Бог. Овие вредности што ги учиме од Библијата нѐ поттикнуваат да им правиме добро на другите и да ги почитуваме, и да развиваме особини како што се чесноста и љубезноста. Библиските начела им помагаат на луѓето да бидат одговорни и корисни членови на општеството и придонесуваат за обединети семејства и за висок морал. Бидејќи сме уверени дека „Бог не е пристрасен“, се чувствуваме како едно меѓународно семејство во кое сите имаат исти верувања и во кое не постојат никакви расни и политички бариери. Точно, ние сме обични луѓе, но обединети во едно уникатно братство (Дела 4:13; 10:34, 35).
Какви сличности постојат меѓу Јеховините сведоци и другите луѓе?
Кои вредности Јеховините сведоци ги научиле од Библијата?
-
-
Зошто се нарекуваме Јеховини сведоци?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 2
Зошто се нарекуваме Јеховини сведоци?
Ное
Авраам и Сара
Мојсеј
Исус Христос
Многу луѓе мислат дека „Јеховини сведоци“ е име на некоја нова религија. Но, уште пред повеќе од 2.700 години, слугите на единствениот вистински Бог биле наречени негови „сведоци“ (Исаија 43:10-12). До 1931 год., бевме познати како Истражувачи на Библијата. Зошто го усвоивме името Јеховини сведоци?
Кажува кој е нашиот Бог. Според древните ракописи, Божјето име, Јехова, се појавува илјадници пати во Библијата. Во многу преводи на Библијата ова име е заменето со титули, како што се Господ или Бог. Сепак, кога зборувал со Мојсеј, вистинскиот Бог и самиот го користел своето лично име, Јехова, и му рекол: „Тоа е моето име за навек“ (2. Мојсеева 3:15). На тој начин, Бог се издвоил од сите лажни богови. За нас е голема чест да го носиме Божјето свето име.
Покажува која е нашата задача. Почнувајќи од праведниот Авел, низ вековите многу луѓе сведочеле за својата вера во Јехова. Во овој „голем облак од сведоци“ спаѓаат и Ное, Авраам, Сара, Мојсеј, Давид и други (Евреите 11:4—12:1). Како што некој би сведочел на суд во одбрана на некое невино лице, така и ние сме решени да ја објавуваме вистината за нашиот Бог.
Го следиме примерот на Исус. Библијата го нарекува Исус „верниот и вистинит сведок“ (Откровение 3:14). Самиот Исус рекол дека ‚го објавил Божјето име‘ и дека ‚сведочел за вистината‘ за Бог (Јован 17:26; 18:37). Според тоа, вистинските следбеници на Христос треба да го носат Божјето име и да го објавуваат. Јеховините сведоци се трудат да го прават токму тоа.
Зошто Истражувачите на Библијата го усвоиле името Јеховини сведоци?
Колку долго Јехова има сведоци на Земјата?
Кој е најголемиот сведок на Јехова?
-