СТУДИЈА 44
Делотворно користење прашања
ЗАТОА што бараат одговор — или усен или во мислите — прашањата помагаат да се вклучат и слушателите. Прашањата можат да ти помогнат да започнеш разговори и да уживаш поттикнувачка размена на мисли. Како говорник и учител, можеш да користиш прашања за да побудиш интерес, да помогнеш некому да резонира на некоја тема или уште повеќе да го нагласиш она што го кажуваш. Кога добро користиш прашања, ги охрабруваш другите активно да размислуваат наместо само пасивно да слушаат. Имај на ум некоја цел и поставувај ги прашањата на начин што ќе ти помогне да ја постигнеш.
За да охрабриш на разговор. Кога учествуваш во службата на теренот, будно чекај прилика да ги повикаш луѓето да се искажат, ако сакаат.
Многу Сведоци започнуваат интересни дискусии едноставно прашувајќи: „Дали сте се прашале. . ?“ Кога избираат прашање за кое навистина размислуваат многу луѓе, тие речиси секогаш убаво си поминуваат во службата на теренот. Дури и ако е ново за размислувањето на другиот, прашањето може да поттикне љубопитност. Најразлични работи можат да се воведат со изрази како, на пример: „Што мислите. . ?“ „Што чувствувате. . ?“ и „Дали верувате. . ?“
Кога евангелизаторот Филип му пристапил на еден етиопски дворски службеник, кој го читал наглас пророштвото на Исаија, Филип едноставно прашал: „Го разбираш ли всушност тоа што го читаш?“ (Дела 8:30). Ова прашање му го отворило патот на Филип да ги објасни вистините за Исус Христос. Користејќи слично прашање, некои денешни Сведоци пронашле луѓе кои навистина гладувале за јасно разбирање на библиската вистина.
Кога ќе им дадеш прилика да ги изразат сопствените гледишта, многу луѓе ќе бидат порасположени да те сослушаат. Откако ќе поставиш прашање, слушај внимателно. Кога потврдуваш дека си го сослушал одговорот на лицето, биди љубезен, а не критизерски настроен. Пофали го, кога можеш тоа да го сториш искрено. Во една прилика, откако еден книжник ,одговорил паметно‘, Исус го пофалил со зборовите: „Не си далеку од Божјето царство“ (Мар. 12:34). Дури и ако не го делиш истото гледиште со другиот, можеш да му се заблагодариш за тоа што го кажал своето мислење. Она што тој го кажал може да ти открие некој став што треба да го земеш предвид додека ја споделуваш библиската вистина со него.
За да воведеш важни мисли. Кога зборуваш пред група или разговараш со некој поединец, обиди се да користиш прашања што водат до важни мисли. Погрижи се твоите прашања да вклучуваат работи што се од вистински интерес за публиката. Исто така, можеш да користиш прашања што побудуваат љубопитност, бидејќи одговорот не е баш очигледен. Ако направиш кратка пауза, откако си поставил прашање, публиката веројатно со подлабок интерес ќе го слуша она што следи.
Во една прилика, пророкот Михеј употребил неколку прашања. Откако прашал што очекува Бог од оние што го обожаваат, пророкот изложил уште четири прашања, од кои секое вклучувало можен одговор. Сите тие прашања ги подготвуваат читателите за проникливиот одговор со кој го заклучува тој дел од својата дискусија (Мих. 6:6-8). Би можел ли да направиш нешто слично кога поучуваш? Пробај.
За да резонираш на некоја тема. Прашањата можат да се користат за да им се помогне на другите да ја следат логиката на еден аргумент. Јехова го сторил тоа кога изнесувал една сериозна објава за Израелците, како што се гледа во Малахија 1:2-10. Најпрвин им рекол: „Ве љубев вас“. Тие пропуштиле да ја ценат таквата љубов, па затоа прашал: „Не беше ли Исав брат Јаковов?“ Потоа Јехова укажал на запустената состојба на Едом како на доказ дека поради нејзината злоба, Бог не ја љубел таа нација. Потоа навел илустрации проткаени со прашања за да го нагласи пропустот на Израелците правилно да реагираат на неговата љубов. Некои од прашањата се така изразени, небаре се поставени од неверните свештеници. Други се прашања што Јехова им ги поставил на свештениците. Дијалогот побудува емоции и ни го задржува вниманието; логиката е несоборлива; пораката — незаборавна.
Некои говорници делотворно користат прашања на сличен начин. Иако можеби не се очекува усен одговор, публиката се вклучува умствено, како да учествува во дијалог.
Кога водиме библиски студии, користиме метода што бара учество на студентот. Се разбира, поголемо добро се постигнува ако студентот не само ги цитира отпечатените одговори. Со љубезен тон, користи додатни прашања за да резонираш со него. Кај клучните мисли, охрабри го да ја користи Библијата како темел за својот одговор. Би можел и да го прашаш: „Како ова за кое дискутираме е поврзано со другава точка што ја проучувавме? Зошто е важно? Како треба да влијае врз нашиот живот?“ Таа метода е поделотворна отколку да ги изразиш сопствените убедувања или самиот ти да дадеш некое опширно објаснување. На ваков начин му помагаш на студентот да ја користи својата „сила на разумот“ за да го обожава Бог (Рим. 12:1).
Ако некој студент не сфаќа извесна идеја, биди стрплив. Можеби се обидува да го спореди тоа што го кажуваш со она во кое верувал со години. Би можело да биде од помош ако ѝ пристапиш на темата од поинаков агол. Меѓутоа, понекогаш е потребно многу едноставно резонирање. Слободно користи го Писмото. Користи илустрации. Заедно со нив користи и едноставни прашања со кои ќе го повикаш лицето да резонира за доказите.
За да ги извлечеш внатрешните чувства. Кога одговараат на прашања, луѓето секогаш не откриваат како навистина се чувствуваат. Може едноставно да ги дадат оние одговори за кои мислат дека ти ги сакаш. Потребна е проникливост (Посл. 20:5). Како што сторил Исус, би можел да прашаш: „Веруваш ли во тоа?“ (Јован 11:26).
Кога многу ученици на Исус се навредиле од нешто што тој рекол и го напуштиле, Исус ги замолил апостолите да ги изразат своите чувства. Ги прашал: „Да не сакате и вие да си отидете?“ Петар ги изразил со зборови нивните чувства, велејќи: „Господи, кај кого да отидеме? Ти имаш зборови на вечен живот; и ние поверувавме и спознавме дека ти си Светиот Божји“ (Јован 6:67-69). Во една друга прилика, Исус ги прашал учениците: „Што велат луѓето, кој е Синот човечки?“ Потоа поставил прашање со кое ги замолил да го искажат она што стоело во нивните срца. „А вие, што велите вие, кој сум јас?“ Одговарајќи, Петар рекол: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (Мат. 16:13-16).
Кога водиш библиска студија, можеби ќе ти биде од корист ако усвоиш сличен пристап кон извесни спорни прашања. Би можел да прашаш: „Како гледаат на ова твоите соученици (или колеги)?“ Потоа, би можел да прашаш: „Што чувствуваш ти за тоа?“ Познавањето на вистинските чувства на едно лице ќе ти овозможи тебе како учител да бидеш од најголема помош.
За да нагласиш. Прашања можат да се користат и за да се нагласат мислите. Апостол Павле го правел тоа, како што е запишано во Римјаните 8:31, 32: „Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас? Оној кој не го поштеди ни својот сопствен Син, туку го предаде за сите нас, зошто тогаш со него да не ни даде љубезно и сѐ друго?“ Забележи дека, во секој случај, прашањето дава поподробни детали за делот-реченица што стои веднаш пред него.
Откако го запишал Јеховиниот суд против царот на Вавилон, пророкот Исаија изразил силна увереност, додавајќи: „Кога Господ над Војските одлучи, кој ќе се воспротиви? Кога ќе ја испружи раката, кој ќе ја одврати?“ (Иса. 14:27). Таквите прашања со самата своја содржина покажуваат дека не може да се негира идејата што е изразена. Не се очекува одговор.
За да разоткриеш погрешно размислување. Внимателно промислените прашања се силни алатки за да се разоткрие некое погрешно размислување. Пред да излекува еден човек, Исус ги прашал фарисеите и некои познавачи на Законот: „Дозволено ли е на сабат да се лекува или не е дозволено?“ Откако го излекувал, продолжил со уште едно прашање: „Кој од вас, ако неговиот син или бик му падне в бунар, нема веднаш да го извлече на сабатен ден?“ (Лука 14:1-6). Не очекувал одговор ниту, пак, му бил даден. Прашањата го разоткриле нивното погрешно размислување.
Понекогаш дури и вистинските христијани можат да западнат во погрешно размислување. Некои во Коринт, во првиот век, ги давале на суд своите браќа за да ги решат проблемите што требало да можат да ги решат меѓу себе. Како се справил апостол Павле со таа ситуација? Поставил серија директни прашања за да го исправи нивното размислување (1. Кор. 6:1-8).
Со вежбање, можеш да научиш делотворно да користиш прашања. Меѓутоа, запомни дека треба да бидеш учтив, особено кога разговараш со постари, со луѓе што не ги познаваш лично и со оние што се на авторитетни положби. Користи прашања за да ја презентираш библиската вистина на еден привлечен начин.