Научи го детето да гради мир
Возбудена од тоа што ќе се сели во друг град, осумгодишната Никол ѝ раскажувала на својата другарка Габриела за секој детаљ од преселбата. Еден ден, Габриела избувнала и ѝ рекла на Никол дека не ѝ е гајле што ќе си замине. Длабоко навредена и лута, Никол ѝ рекла на мајка си: „Никогаш повеќе не сакам да ја видам Габриела!“
ДЕТСКИТЕ караници, како онаа меѓу Никол и Габриела, честопати треба да се решат со помош на родителите — кои не треба само да ги излекуваат повредените чувства туку и да им покажат на децата како да постапат во таква ситуација. Децата по природа постапуваат ‚детински‘ и честопати не се свесни за тоа колкава болка можат да нанесат нивните зборови и постапки (1. Коринќаните 13:11). Потребно им е некој да им помогне да ги стекнат особините што водат до мирољубиви односи со членовите на семејството и со другите луѓе.
Христијанските родители се живо заинтересирани да ги научат своите деца ‚да бараат мир и да одат по него‘ (1. Петрово 3:11). За да се почувствува радоста што произлегува од градењето мир, вреди да се вложат сесрдни напори за да се надминат сомнежите, разочарувањето и непријателствата. Ако си родител, како можеш да ги научиш своите деца да градат мир?
Всади им желба да му угодат на „Богот на мирот“
Јехова е наречен „Богот на мирот“ и за него се вели дека „дава мир“ (Филипјаните 4:9; Римјаните 15:33). Затоа, мудрите родители вешто ја користат Божјата реч, Библијата, за да им всадат на децата желба да му угодат на Бог и да ги стекнуваат неговите особини. На пример, помогни им на своите деца да си го замислат она што апостол Јован го видел во едно впечатливо видение — величествено виножито, зелено како смарагд, кое се наоѓа околу Јеховиниот престолa (Откровение 4:2, 3). Објасни им дека ова виножито ги претставува мирот и спокојството што владеат околу Јехова и што ќе ги добијат сите кои му се послушни.
Јехова ни дава водство и преку својот Син, Исус, кој е наречен „Кнез на Мирот“ (Исаија 9:6, 7). Затоа, заедно со своите деца читајте ги библиските извештаи во кои Исус давал скапоцени поуки за избегнувањето расправии и караници, а потоа разговарајте за нив (Матеј 26:51-56; Марко 9:33-35). Објасни зошто Павле, кој некогаш бил „дрзок човек“, се променил и напишал дека „робот на Господарот не смее да се кара, туку треба да биде благ кон сите... да се совладува кога трпи зло“ (1. Тимотеј 1:13; 2. Тимотеј 2:24). Можеби пријатно ќе се изненадиш од одговорот на твоето дете.
Иван се сеќава дека, кога имал седум години, некое дете го задевало во училишниот автобус. „Толку ме разбесни што сакав да му вратам!“ — вели тој. „Тогаш се сетив на една лекција што ја научив дома за оние што сакаат да се караат. Знаев дека Јехова сака ‚никому да не враќам зло за зло‘ и ‚да бидам во мир со сите луѓе‘“ (Римјаните 12:17, 18). Тогаш Иван собрал сили и храброст да ја смири проблематичната ситуација со тоа што одговорил благо. Сакал да му угоди на Богот на мирот.
Биди мирољубив родител
Дали во твојот дом владее мирољубива атмосфера? Ако да, твоите деца можат да научат многу за мирот дури и без да им зборуваш многу. Колку делотворно ќе ги поучиш децата да бидат мирољубиви, многу зависи од тоа дали постапуваш мирољубиво како Бог и Христос (Римјаните 2:21).
Рас и Синди вложуваат голем труд за да ги воспитаат своите два сина, учејќи ги да постапуваат љубезно кога другите ќе ги изнервираат. Синди вели: „Ставот што го покажуваме кон нашите синови и кон другите кога ќе се појават проблеми игра голема улога во тоа како нашите деца постапуваат во слични ситуации“.
Дури и кога ќе згрешиш — а кој родител не греши? — таа ситуација би можел да ја искористиш за да дадеш вредни поуки. „Имаше моменти кога жена ми Тери и јас претерано реагиравме и ги каравме нашите три деца без да дознаеме што точно се случило“, признава Стефан. „Кога ќе постапевме така, им се извинувавме“. Тери додава: „Им кажуваме на децата дека не сме совршени и дека и ние грешиме. Сметаме дека ова не само што придонесе да има мир во нашата фамилија туку и им помогна на децата да научат како да градат мир“.
Дали твоите деца учат да бидат мирољубиви кога гледаат како ти постапуваш со нив? Исус опоменал: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). И покрај твоите пропусти, биди уверен дека љубовта што ја покажуваш кон своите деца ќе даде добри резултати. Младите побрзо ќе послушаат ако родителот ги советува со љубов.
Не гневи се брзо
Во Изреки 19:11 стои: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи“. Како да им помогнеш на децата да стекнат такво разбирање? Давид кажува еден практичен пристап што им помогнал нему и на жена му Маријана во воспитувањето на нивните син и ќерка. Тој вели: „Кога ќе се налутат затоа што некој рекол или направил нешто што ги повредува, им помагаме да имаат разбирање. Им поставуваме едноставни прашања: ‚Дали другиот имал тежок ден? Дали е можеби љубоморен? Дали некој го повредил?‘“ Маријана додава: „Така децата се смируваат, наместо да размислуваат негативно или да се расправаат за тоа кој е во право, а кој не“.
Ваквото воспитување дава одлични резултати. Забележи како Мишел, мајка ѝ на Никол, која ја спомнавме во почетокот на статијата, ѝ помогнала да го премости јазот меѓу неа и Габриела, но и повеќе од тоа. „Заедно со Никол го прочитавме 14. поглавје од книгата Учи од Големиот Учител“, вели Мишел.b „Потоа ѝ објаснив што мислел Исус кога рекол дека треба да простиме ‚до седумдесет и седум пати‘. Откако внимателно ја сослушав Никол, ѝ помогнав да сфати колку е тажна и обесхрабрена Габриела затоа што нејзината најдобра другарка ќе се пресели толку далеку“ (Матеј 18:21, 22).
Кога на Никол ѝ станало јасно што е тоа што можеби ја навело Габриела да избувне, ѝ било полесно да сфати како ѝ е на Габриела и да ѝ се јави за да ѝ се извини. „Оттогаш“, вели Мишел, „Никол со радост покажува обѕир кон чувствата на другите и прави сѐ што може за да им олесни“ (Филипјаните 2:3, 4).
Помогни им на своите деца да не се нервираат поради грешките и недоразбирањата. Така ќе можеш да видиш како тие искрено покажуваат грижа и нежност кон другите (Римјаните 12:10; 1. Коринќаните 12:25).
Укажи им дека е чест да простат
„Чест... е да [се] премине преку престапот“, стои во Изреки 19:11. Дури и во најболните моменти, Исус постапил како својот Татко и простил (Лука 23:34). Твоите деца можат да научат дека е чест да простат кога лично ќе почувствуваат колкаво олеснување е кога и ти ќе им простиш ним.
На пример, петгодишниот Вили многу сака да бои заедно со баба му. Еднаш таа ненадејно престанала да бои, строго го искарала и си заминала. Нему му било многу тешко. Татко му, Сем, вели: „Баба му има Алцхајмерова болест. Затоа, му го објаснивме ова на начин што тој може да го разбере“. Откако го потсетил Вили дека му имале простено многу пати и дека и тој треба да го прави истото со другите, Сем се изненадил од неговата реакција. „Замислете си само како се чувствувавме јас и жена ми“, вели Сем, „кога видовме како нашето дете оди кај својата 80-годишна баба, ѝ се извинува и потоа, држејќи ја за рака, ја води назад кон масата?“
Навистина за децата е чест да научат ‚да поднесуваат‘ и да им простуваат на другите кога тие ќе им згрешат нешто (Колошаните 3:13). Дури и кога луѓето намерно ќе сакаат да го нарушат мирот, увери го своето дете дека може многу да постигне ако реагира мирољубиво бидејќи, „кога патиштата на човекот му се допаѓаат на Јехова, тој ги помирува со него и неговите непријатели“ (Изреки 16:7).
И понатаму помагај му на своето дете да гради мир
Кога родителите ја користат Божјата реч за да ги поучат децата да живеат „во мир“ и да „творат мир“, тие се извор на вистински благослов за нив (Јаков 3:18). Така родителите ги опремуваат своите деца со она што им е потребно за да ги решаваат недоразбирањата на кои ќе наидат и им помагаат да бидат мирољубиви. Ова им носи неизмерна радост и задоволство во животот.
Ден и Кети имаат три духовно напредни деца на тинејџерска возраст. „Иако не ни беше секогаш лесно да ги воспитуваме кога беа мали“, вели Ден, „восхитени сме што се на прав пат. Добро се сложуваат со другите и им простуваат кога нешто ќе го загрози мирот“. Кети вели: „Ова особено нѐ радува, бидејќи мирот е еден од плодовите на Божјиот дух“ (Галатите 5:22, 23).
Затоа, со добра причина, како христијански родители ‚не се откажувајте‘ и ‚не се уморувајте‘ додека ги воспитувате своите деца да градат мир со другите — дури и ако во почетокот изгледа дека тоа не се учи толку брзо. Додека го правите тоа, бидете уверени дека „Богот на љубовта и на мирот ќе биде со вас“ (Галатите 6:9; 2. Коринќаните 13:11).
[Фусноти]
a Види ја сликата на 75. страница од книгата Откровение — близу е величествената завршница!, издадена од Јеховините сведоци.
b Издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слика на страница 20]
ПОЗИТИВНО ВЛИЈАНИЕ?
Во еден напис што го објави Media Awareness Network со наслов „Насилството во медиумската забава“ се вели: „Пораката дека насилството е средство за решавање на проблемите се провлекува во забавата во која и негативците и јунаците премногу често прибегнуваат кон насилство“. Само во околу 10 отсто од ТВ-емисиите, филмовите и музичките спотови што биле анализирани се зборувало за последиците од насилството. Наместо тоа, во написот стои: „Насилството едноставно беше претставено како оправдано, сосема нормално и неизбежно — најочигледен начин за да се реши некој проблем“.
Дали мислиш дека треба да промените нешто во врска со гледањето телевизија во вашиот дом? Не дозволувај медиумската забава да ги фрли во вода твоите напори да ги научиш децата да градат мир.
[Слика на страница 17]
Всади во своите деца желба да му угодат на „Богот на мирот“
[Слика на страница 18]
Одвој време да го поправиш детето ако зборува или постапува неубаво
[Слика на страница 19]
Твоите деца треба да научат да се извинат и да простат