4 „Геена“ — симбол на потполно уништување
Хебрејски: גי הנם (ге хином, „долината на Еном“); грчки: γέεννα (ге́ена); латински: gehenna (гехе́на)
„Геена“ значи „долината на Еном“. Тоа е грчки облик на хебрејскиот израз ге хином. Во ИсН 18:16, каде што се спомнува „долината на Еном“, во грчката Септуагинта стои „Геена“. Во библиските книги пишувани на грчки јазик, овој збор се појавува 12 пати, првпат во Мт 5:22. Во преводот Нов свет, на сите места, односно во: Мт 5:22, 29, 30; 10:28; 18:9; 23:15, 33; Мр 9:43, 45, 47; Лк 12:5; Јк 3:6, е преведен со изразот „геена“.
Долината на Еном станала буниште и место за горење на ѓубрето од Ерусалим. Во неа биле фрлани мршите на животни за да изгорат во огнот, кој бил одржуван со додавање на сулфур. Таму биле фрлани и телата на погубените злосторници, кои не ги сметале за достојни да бидат пристојно погребани во гроб. Ако мртвите тела паднеле во огнот, изгорувале, но ако паднеле на некоја од острите карпи во таа длабока клисура, почнувале да се распаѓаат и се полнеле со црви, кои гинеле дури откако ќе го изеделе целото месо и ќе го оставеле само костурот.
Во геената не биле фрлани ниту живи животни ниту луѓе за да горат живи или да се мачат. Затоа ова место не може да претставува некакво невидливо подрачје во кое човечки души вечно се мачат во вистински оган или вечно ги јадат бесмртни црви. Бидејќи на мртвите злосторници, кои биле фрлани таму, им бил скратен пристоен погреб во мними́он (или: „гроб; спомен-гроб“), збор кој во Библијата ја симболизира надежта за воскресение, Исус и неговите ученици го користеле изразот „геена“ како симбол за вечно уништување, за непостоење, односно „втора смрт“, смрт од која нема враќање.