Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
5-11 МАРТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | МАТЕЈ 20-21
„Кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга“
nwtsty слика
Плоштадот
Грчкиот збор агора може да значи и плоштад и пазар. Некои пазари (види ја сликата во Работните листови) се наоѓале на самата улица. Продавачите честопати ставале толку многу роба на улицата што го попречувале движењето. На овие места, мештаните можеле да си купат работи за домаќинство, садови од глина, скапи предмети од стакло, како и храна. Бидејќи во тоа време немало како да ја замрзнат храната, луѓето секој ден оделе да пазарат. Овде можеле да слушнат некоја новост од трговците или од другите купувачи, децата си играле, а невработените чекале некој да ги најми. На ваквите места Исус ги лекувал болните, Павле проповедал (Де 17:17), а горделивите книжници и фарисеи оделе таму за да привлечат внимание и да бидат поздравувани од другите.
nwtsty белешки за Мт 20:20, 21
мајката на Зеведеевите синови: Односно мајката на апостолите Јаков и Јован. Во евангелието по Марко пишува дека Јаков и Јован му пристапиле на Исус. Она што го побарала мајка им Салома, која можеби му била тетка на Исус, всушност, било нивна идеја (Мт 27:55, 56; Мр 15:40, 41; Јвн 19:25).
едниот од твојата десна страна, а другиот од левата: И двете позиции означуваат почесна и висока положба, но десната страна секогаш укажува на најголема можна чест (Пс 110:1; Де 7:55, 56; Ри 8:34).
nwtsty белешка за Мт 20:26, 28
слуга: Во Библијата, за оној што понизно им служи на другите честопати се користи грчкиот збор диаконос. Овој збор се користи за Исус (Ри 15:8), за учениците на Исус (1Ко 3:5-7; Кол 1:23), за слуга-помошниците (Фп 1:1; 1Ти 3:8), како и за слугите во некое домаќинство (Јвн 2:5, 9) и за државните службеници (Ри 13:4).
Најди духовни бисери
nwtsty белешки за Мт 21:9
Спаси го, те молиме: Буквално: „осана“. Грчкиот збор доаѓа од хебрејскиот израз кој значи: „спаси го, те молиме“. Овде овој израз се користи како молба до Бог за спасение и победа; може да се преведе и како „те молиме, дај му спасение“. Со текот на времето почнал да се користи и во молитвите и во фалбите кон Бог. Овој хебрејски израз го има во Пс 118:25 и е дел од Халел псалмите кои се пееле за време на Пасхата. Во ваквите прилики луѓето често го користеле овој израз. Еден начин на кој Бог одговорил на молитвата „спаси го, те молиме, синот Давидов“ е така што го воскреснал Исус. Во Мт 21:42, Исус цитирал од Пс 118:22, 23 и ги применил тие зборови на себе.
Синот Давидов: Со овој израз, луѓето признале дека Исус потекнува од лозата на Давид и дека тој е ветениот Месија.
12-18 МАРТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | МАТЕЈ 22-23
„Држи ги двете најголеми заповеди“
nwtsty белешки за Мт 22:37
срце: Кога се користи во симболична смисла, овој израз обично укажува на тоа каков е човекот однатре. Кога се спомнува заедно со „душа“ и „ум“, очигледно има потесно значење и се однесува главно на чувствата и желбите. Во овој стих, зборовите срце, душа и ум донекаде имаат исто значење — сите укажуваат на внатрешната личност на човекот, и се користат за да се истакне колку силна треба да биде нашата љубов кон Бог.
душа: Или „сето свое битие“.
ум: Се однесува на нашите умствени способности. Треба да ги користиме нашите умствени способности за да го запознаеме Бог и да развиеме љубов кон него (Јвн 17:3; Ри 12:1). Во овој цитат, кој е земен од 5. Мојсеева 6:5, во изворниот хебрејски текст се користат зборовите срце, душа и сила. Сепак, во евангелието по Матеј, кое е на грчки, наместо „сила“ се користи зборот „ум“. Ова е така од неколку можни причини. Прво, на древниот хебрејски јазик нема конкретен збор за „ум“, но обично со зборот „срце“ се опфаќал овој поим. Кога зборот „срце“ се користи во симболична смисла, укажува на тоа каков е човек однатре, и ги вклучува неговите мисли, чувства, ставови и стремежи (5Мо 29:4; Пс 26:2; 64:6, види ја белешката за срце од овој стих). Од таа причина, онаму каде што во хебрејскиот текст стои зборот „срце“, во Септуагинтата стои грчкиот збор за „ум“ (1Мо 8:21; 17:17; Из 2:10; Иса 14:13). Друга причина зошто Матеј можеби го користел зборот „ум“ наместо „сила“ кога цитирал од 5. Мојсеева 6:5 е тоа што хебрејскиот збор за „сила“ може да означува и физичка сила и умствени способности. Како и да е, тоа што хебрејскиот и грчкиот збор имаат слично значење покажува зошто писателите на евангелијата користеле различен збор кога цитирале од 5. Мојсеева.
nwtsty белешки за Мт 22:39
Втората: Исус дал директен одговор на прашањето на фарисејот во Мт 22:37, но додал уште нешто — втората најголема заповед (3Мо 19:18). Со тоа покажал дека овие две заповеди се тесно поврзани и дека целиот Закон и Пророците се темелат на нив (Мт 22:40).
ближен: Грчкиот збор може да се преведе и со „сосед“ и буквално значи „оној што е близу“. Но овој израз не се однесува само на некој што живее во наша близина туку може да се однесува и на секој човек со кого имаме некаков контакт (Лк 10:29-37; Ри 13:8-10).
nwtsty белешки за Мт 22:40
целиот Закон и Пророците: „Целиот Закон“ се книгите од 1. Мојсеева до 5. Мојсеева, а „Пророците“ се сите пророчки книги во Хебрејските списи. Сепак, кога овие изрази се спомнуваат заедно, може да укажуваат на сите книги од Хебрејските списи (Мт 7:12; 22:40; Лк 16:16).
се темелат: Грчкиот израз буквално означува „се држат за“. Со ова Исус истакнал дека не само Законот и Десетте заповеди туку и сѐ друго што е запишано во Хебрејските списи се темели на љубов (Ри 13:9).
Најди духовни бисери
nwtsty белешки за Мт 22:21
цезаревото на цезарот: Само во овој стих и во паралелните извештаи во Мр 12:17 и во Лк 20:25, Исус го спомнува римскиот император. Во „цезаревото“ е вклучен данокот за услугите што ги вршеле властите за народот, како и почитта и релативната подложност што луѓето требало да ја покажат кон нив (Ри 13:1-7).
Божјето на Бог: Во ова е вклучено да му служиме на Бог со цело срце, како и да покажуваме непоколеблива љубов и целосна послушност кон него (Мт 4:10; 22:37, 38; Де 5:29; Ри 14:8).
nwtsty белешка за Мт 23:24
кои го цедите пијалакот за да не проголтате комарец, а голтате камила: За Израелците комарецот бил еден од најмалите инсекти, а камилата едно од најголемите животни. Според Законот, и комарецот и камилата биле нечисти (3Мо 11:4, 21-24). Исус употребил хипербола, со мала доза на иронија, кога рекол дека верските водачи го цедат пијалакот за да не станат нечисти во случај да голтнат комарец, додека од друга страна не обрнувале внимание на поважните работи од Законот и со тоа како да проголтувале цела камила.
19-25 МАРТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | МАТЕЈ 24
Најди духовни бисери
nwtsty белешка за Мт 24:8
болните неволји: Грчкиот збор буквално укажува на силната болка која се јавува при пораѓање. Иако во овој случај се однесува на неволја, болка и страдање, овој збор покажува дека, исто како породилните болки, проречените неволји и страдања ќе станат почести, поголеми и подолготрајни во периодот пред големата неволја (Мт 24:21).
nwtsty белешки за Мт 24:20
во зима: Зимите се карактеризирале со обилни дождови, поплави и ниски температури. Во овие услови било тешко да се патува, како и да се најде храна и засолниште (Езр 10:9, 13).
во сабота: Во местата како Јудеја, на саботниот ден имало многу работи што луѓето не смееле да ги прават, и затоа било многу тешко да се патува и да се носи товар; освен тоа, градските порти биле затворени во сабота. (Види и Де 1:12 и sgd дел 16.)