ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • mwbr18 Јуни стр. 1-5
  • Превод на референци кои ги нема на македонски, јуни 2018

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Превод на референци кои ги нема на македонски, јуни 2018
  • Нашиот живот и служба – работни листови — Превод на референци кои ги нема на македонски (2018)
  • Поднаслови
  • 4-10 ЈУНИ
  • 11-17 ЈУНИ
  • 18-24 ЈУНИ
  • 25 ЈУНИ — 1 ЈУЛИ
Нашиот живот и служба – работни листови — Превод на референци кои ги нема на македонски (2018)
mwbr18 Јуни стр. 1-5

Нашиот живот и служба — работни листови

Превод на референци кои ги нема на македонски

4-10 ЈУНИ

ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | МАРКО 15-16

„Пророштва кои се исполниле на Исус“

nwtsty белешки за Мр 15:24, 29

ја разделија неговата облека: Во извештајот од Јвн 19:23, 24 се запишани некои детали кои не ги спомнале Матеј, Марко и Лука. По сѐ изгледа, римските војници фрлиле ждрепка и за горната и за долната облека на Исус. Војниците ја разделиле неговата горна облека „на четири дела, на секој војник по еден дел“, но не сакале да ја кинат неговата долна облека и затоа фрлиле ждрепка за неа. Така се исполниле зборовите од Пс 22:18, каде што било проречено дека ќе биде фрлена ждрепка за облеката на Месијата. Изгледа дека било обичај оние што го извршувале погубувањето да ја земат за себе облеката на осудениците. Затоа, пред да бидат погубени злосторниците, им се одземала облеката и сѐ што имале кај себе, и на тој начин им се нанесувал уште поголем срам и понижување.

подбивно вртејќи со главите: Со овој гест, кој обично бил проследен со зборови, се изразувале презир, потсмев и подбивање. Без да бидат свесни, минувачите го исполниле пророштвото од Пс 22:7.

nwtsty белешка за Мр 15:43

Јосиф: Од различните детали што писателите на евангелијата ги запишале за Јосиф јасно се гледа дека тие биле луѓе со различни карактери. На пример, даночникот Матеј запишал дека Јосиф бил „богат човек“; Марко, кој го напишал евангелието имајќи ги на ум главно Римјаните, вели дека Јосиф бил „угледен член на Советот“ кој го чекал Божјето Царство; сочувствителниот лекар Лука вели дека Јосиф бил „добар и праведен човек“, кој не се согласувал со одлуката што Советот ја донел во врска со Исус; а Јован е единствениот кој спомнал дека Јосиф бил ученик на Исус, но дека го криел тоа бидејќи се плашел од Евреите (Мт 27:57-60; Мр 15:43-46; Лк 23:50-53; Јвн 19:38-42).

Најди духовни бисери

nwtsty белешка за Мр 15:25

третиот час: Односно околу 9 часот наутро. Некои тврдат дека овој извештај наводно не е во склад со она што го пишува во Јвн 19:14-16, каде што стои дека Пилат го предал Исус за да биде погубен „околу шестиот час“. Иако од Библијата не може јасно да се види зошто овие извештаи се разликуваат, добро е да се земат предвид неколку работи. Евангелијата главно се согласни во поглед на тоа во кое време се случувале настаните во последниот ден од животот на Исус на Земјата. Од сите четири евангелија се гледа дека свештениците и старешините се состанале откако се разденило и дека потоа го однеле Исус кај римскиот управител Понтиј Пилат (Мт 27:1, 2; Мр 15:1; Лк 22:66 — 23:1; Јвн 18:28). Матеј, Марко и Лука запишале дека, откако Исус веќе бил прикован на столб, се спуштила темнина која траела од „шестиот час... сѐ до деветтиот час“ (Мт 27:45, 46; Мр 15:33, 34; Лк 23:44). Има една работа што треба да се земе предвид кога станува збор за тоа во кое време бил погубен Исус: за некои и камшикувањето било дел од извршувањето на оваа смртна казна. Понекогаш тоа било толку свирепо што осуденикот умирал додека го камшикувале. И Исус очигледно бил камшикуван многу сурово бидејќи некој друг морал да му го носи маченичкиот столб што во почетокот го понел сам (Лк 23:26; Јвн 19:17). Ако камшикувањето се сметало како почеток на погубувањето, тоа значи дека поминало некое време пред Исус да биде прикован на самиот столб. Во прилог на ова, во Мт 27:26 и Мр 15:15 камшикувањето и приковувањето се спомнати заедно. Според тоа, различни луѓе можат да наведат различно време за погубувањето во зависност од тоа што за нив лично е почеток на извршувањето на таа казна. Можеби и самиот Пилат сметал дека погубувањето на Исус започнало кога бил прикован на столбот, па затоа се зачудил кога дознал дека умрел кратко потоа (Мр 15:44). Освен тоа, добро е да знаеме како луѓето го делеле деноноќието во тоа време. За Евреите во првиот век од н.е., денот се состоел од 12 часа и почнувал со изгрејсонце, односно околу 6 часот наутро. Според тоа, „третиот час“ траел од осум до девет часот наутро, а „шестиот час“ завршувал околу пладне. Се разбира, во текот на годината, сонцето изгревало и заоѓало во различно време. Затоа и должината на денот била различна, во зависност од годишното време. Библиските писатели честопати укажувале на вообичаената поделба на денот на четири периоди од по три часа. На ист начин ја делеле и ноќта. Ова објаснува зошто во Христијанските грчки списи обично се вели дека нешто се случило во третиот, шестиот или деветтиот час (Мт 20:1-5; Јвн 4:6; Де 2:15; 3:1; 10:3, 9, 30). Освен тоа, бидејќи повеќето луѓе немале уреди за точно мерење на времето, пред да наведат кога се случило нешто, честопати велеле „околу“, како што се гледа од Јвн 19:14 (Мт 27:46; Лк 23:44; Јвн 4:6; Де 10:3, 9). Заклучок: Кога зборувал за погубувањето на Исус, Марко можеби мислел и на камшикувањето и на приковувањето, додека Јован се осврнал само на приковувањето. Веројатно и двајцата го заокружиле времето: Марко го заокружил на последниот час од првиот тричасовен период во денот (т.е. околу 9 часот), а Јован го заокружил на последниот час од вториот тричасовен период во денот (т.е. околу 12 часот). Освен тоа, кога во своето евангелие го навел времето, Јован напишал „околу“. Овие фактори можеби се причина зошто во двата извештаја се наведува различно време за погубувањето. А тоа што Јован, кој го напишал своето евангелие со децении подоцна, навел време што навидум се разликува од она што го навел Марко, покажува дека тој не го препишал извештајот од него.

nwtsty белешка за Мр 16:8

бидејќи се плашеа: Според најстарите достапни ракописи кои го содржат последниот дел на евангелието според Марко, оваа книга завршува со зборовите од осмиот стих. Некои тврдат дека тоа, всушност, не се последните зборови од ова евангелие бидејќи така би завршило премногу нагло. Но, со оглед на тоа што Марко пишува на краток и јасен начин, ова тврдење можеби и не е издржано. Освен тоа, според Ероним и Евзебиј, изучувачи од четвртиот век, изворниот извештај завршува со зборовите „бидејќи се плашеа“.

Некои грчки ракописи и преводи на други јазици имаат долг или краток заклучок кој следи по осмиот стих. Долгиот заклучок (кој се состои од 12 дополнителни стиха) се наоѓа во Александрискиот кодекс, Ефремовиот кодекс и Безеовиот кодекс од Кембриџ, кои потекнуваат од петтиот век од н.е. Го има и во латинската Вулгата, Кортонско-сирискиот кодекс и сириската Пешита. Меѓутоа, долгиот заклучок го нема во Синајскиот и Ватиканскиот кодекс — два постари грчки ракописи кои потекнуваат од четвртиот век. Исто така, не се наоѓа во Синајско-сирискиот кодекс, кој потекнува од четвртиот или петтиот век, како ни во најстариот Сахидски коптски ракопис од евангелието според Марко, кој потекнува од петтиот век. Слично на тоа, и најстарите ракописи од ова евангелие на ерменски и грузиски јазик завршуваат со осмиот стих.

Некои подоцнежни грчки ракописи и преводи на други јазици го содржат краткиот заклучок (кој се состои од само неколку реченици). Кодекс Региус од осмиот век од н.е. ги содржи и двата заклучоци — прво краткиот, а потоа долгиот. И пред едниот и пред другиот заклучок стои забелешка која објаснува дека тие стихови ги признаваат само одредени истражувачи, што укажува дека во овој кодекс не биле прифатени како дел од изворниот текст.

Според сето ова, ни краткиот ни долгиот заклучок по Мр 16:8 не се дел од светите списи кои се вдахновени од Бог.

11-17 ЈУНИ

ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЛУКА 1

Најди духовни бисери

nwtsty белешка за Лк 1:69

рог на спасението: Или „моќен спасител“. Во Библијата животинските рогови честопати се симбол на сила, освојување и победа (1Са 2:1; Пс 75:4, 5, 10; 148:14). Освен тоа, тие понекогаш симболизираат владетели и владетелски династии — и добри и лоши — а нивните освојувачки походи се споредени со бодење со рогови (5Мо 33:17; Да 7:24; 8:2-10, 20-24). Во овој контекст, изразот „рог на спасението“ се однесува на Месијата кој има моќ да спаси.

nwtsty белешка за Лк 1:76

ќе одиш пред Јехова: Јован Крстител требало да оди пред Јехова во таа смисла што требало да го најави доаѓањето на Исус, кој ќе го застапувал својот Татко и ќе дошол во негово име (Јвн 5:43; 8:29).

18-24 ЈУНИ

ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЛУКА 2-3

„Млади, дали станувате сѐ поблиски со Јехова?“

nwtsty белешка за Лк 2:41

Неговите родители секоја година одеа: Според Законот, не било задолжително и жените да присуствуваат на пасхалната прослава. Сепак, Марија имала обичај еднаш годишно да оди на празникот во Ерусалим заедно со Јосиф (2Мо 23:17; 34:23). Секоја година тие патувале речиси 300 километри во двата правца заедно со своето сѐ поголемо семејство.

nwtsty белешки за Лк 2:46, 47

поставувајќи им прашања: Како што може да се забележи од реакцијата на оние што го слушале, Исус не поставувал прашања како секое друго дете, само за да си ја задоволи љубопитноста (Лк 2:47). Грчкиот збор преведен со „поставувајќи... прашања“ понекогаш може да означува вкрстено испрашување кое е карактеристично за судски процес (Мт 27:11; Мр 14:60, 61; 15:2, 4; Де 5:27). Историчарите велат дека некои од најугледните верски водачи имале обичај да остануваат во храмот откако ќе завршеле празниците и да поучуваат во некој од големите тремови. Луѓето седеле крај нивните нозе за да ги слушаат и да им поставуваат прашања.

се восхитуваа: Во овој стих, обликот на грчкиот глагол укажува на трајно или на повторливо дејство.

nwtsty белешка за Лк 2:51, 52

им беше послушен: Грчкиот глагол во овој израз укажува на трајно дејство. Тоа значи дека, откако ги восхитил учителите во храмот со своето познавање на Божјата Реч и си заминал дома, Исус продолжил и понатаму спремно да ги слуша своите родители. Но, овде не станува збор за обична послушност што родителот ја очекува од своето дете. Послушноста на Исус била од особена важност бидејќи така го исполнил Мојсеевиот закон до најситен детаљ (2Мо 20:12; Га 4:4).

Најди духовни бисери

nwtsty белешки за Лк 2:14

а на земјата мир меѓу луѓето што му се по волја: Во некои ракописи овој текст пренесува поинаква смисла и затоа во некои Библии е преведен со изразот: „а на земјата мир, благонаклоност кон луѓето“. Но, преводот на овој израз во Светото писмо — превод Нов свет има потврда во некои постари и поверодостојни ракописи. Со таа објава, ангелите не сакале да кажат дека Бог ќе им покаже благонаклоност на сите луѓе без оглед на нивните ставови и постапки. Наместо тоа, таа се однесува на оние што му се по волја на Бог затоа што покажуваат вера во него и стануваат следбеници на неговиот Син (види ја белешката за луѓето што му се по волја за овој стих).

луѓето што му се по волја: Изразот „што му се по волја“ е превод на грчкиот збор евдокиа, кој може да се преведе и со „милост; благонаклоност; одобрување“. Сродниот глагол евдокео се користи во Мт 3:17; Мр 1:11 и Лк 3:22 (види ја белешката за Мр 1:11), каде што Бог му се обраќа на својот Син веднаш по неговото крштавање, и во основа значи „одобрува; е задоволен од; покажува наклоност; се радува на“. Во склад со ова, изразот „луѓето што му се по волја“ (антропис евдокиас) се однесува на оние што имаат Божје одобрување и наклоност, и може да се преведе со „луѓе што тој ги одобрува; луѓе со кои тој е задоволен“.

25 ЈУНИ — 1 ЈУЛИ

ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЛУКА 4-5

„Спротивстави им се на искушенијата како Исус“

nwtsty видеоклип

Врвот на храмскиот ѕид

Можеби Сатана дословно го поставил Исус „на врвот од храмскиот ѕид“ и побарал од него да се фрли оттаму. Сепак, не се знае каде точно можеби стоел Исус. Бидејќи зборот „храм“ може да се однесува на целиот храмски комплекс, можеби тој стоел на југоисточниот агол (1) од храмскиот ѕид или, пак, на некој друг агол од ѕидот. Да скокнел од кое и да било од овие места, тоа за него ќе значело сигурна смрт доколку Јехова не го спасел.

Најди духовни бисери

nwtsty белешка за Лк 4:17

свитокот на пророкот Исаија: Свитокот на Исаија од Мртвото Море се состои од 17 парчиња пергамент споени во свиток долг 7,3 метри кој содржи 54 колони. Можно е свитокот во синагогата во Назарет да бил со слична должина. Бидејќи во првиот век текстот не бил поделен на поглавја и стихови, сигурно не било лесно Исус да го најде пасусот што сакал да го прочита. Сепак, тоа што успеал да го најде местото каде што биле напишани пророчките зборови покажува дека многу добро ја познавал Божјата Реч.

nwtsty белешка за Лк 4:25

три години и шест месеци: Според 1Ца 18:1, Илија најавил „во третата година“ дека сушата ќе заврши. Затоа некои тврдат дека она што го кажал Исус не е во склад со она што го пишува во 1. Царевите. Сепак, овој извештај од Хебрејските списи не укажува дека сушата траела помалку од три години. Изразот „во третата година“ очигледно укажува на третата година од периодот што започнал кога Илија првпат му кажал на Ахав дека ќе има суша (1Ца 17:1). Ова веројатно се случило кога сушниот период — кој обично трае до шест месеци, а тогаш можеби траел и повеќе отколку што било вообичаено — веќе бил во тек. Освен тоа, сушата не завршила веднаш откако Илија се сретнал повторно со Ахав „во третата година“, туку дури откако на планината Кармил Јехова покажал со оган кој е вистинскиот Бог (1Ца 18:18-45). Според тоа, она што го кажал Исус во овој стих, како и сличната изјава што ја запишал неговиот полубрат во Јк 5:17, е во склад со временскиот период кој е наведен во 1Ца 18:1.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели