ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w19 Декември стр. 1-32
  • Величествената слобода што ни ја дава Јехова

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Величествената слобода што ни ја дава Јехова
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2019
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ИСУС ОБЈАВУВАЛ СЛОБОДА
  • ПРВИТЕ КОИ БИЛЕ ОСЛОБОДЕНИ
  • МИЛИОНИ ДРУГИ ЌЕ БИДАТ ОСЛОБОДЕНИ
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Прошталната година и слободата што ќе ја добиеме во иднина
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2021)
  • Надежта за јубилејот на човештвото
    Пејте му фалби на Јехова
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2019
w19 Декември стр. 1-32

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 50

Величествената слобода што ни ја дава Јехова

Објавете во земјата слобода за сите нејзини жители (3. МОЈ. 25:10)

ПЕСНА 22 Царството е родено — нека дојде!

КРАТОК ПРЕГЛЕДa

1-2. а) Што одбележуваат луѓето во некои земји? б) Што била прошталната година? (Види ја рамката „Што била прошталната година?“) в) За што зборувал Исус во Лука 4:16-18?

ВО НЕКОИ земји се одржуваат посебни свечености за да се одбележи 50-годишнината од некој важен настан. Луѓето можат да ја прославуваат таа годишнина еден ден, цела седмица, па дури и подолго. Сепак, тие свечености имаат крај, и радоста што ја носи тој настан брзо исчезнува.

2 На секои 50 години, древните Израелци имале посебна причина за радост — тие одбележувале една важна годишнина, наречена проштална година. Оваа годишнина им носела слобода на Израелците. Зошто таа има значење и за нас денес? Бидејќи нѐ потсетува на нешто подобро, нешто што Јехова го направил за нас за да можеме да бидеме слободни засекогаш. Уште денес можеме да имаме корист од таа слобода за која зборувал и Исус. (Прочитај Лука 4:16-18.)

Што била прошталната година?

Израелците ја одбележувале прошталната година на секои 50 години. Почнувајќи од времето кога влегле во Ветената земја, тие требало шест години да сеат, да ја обработуваат земјата и да жнеат. Седмата година требало да биде сабатна година, во која не смееле ниту да сеат ниту да ги поткаструваат растенијата. Израелците требало да сметаат седум вакви периоди од по седум години (7 × 7 = 49), а 50-тата година требало да биде проштална. Ако сметаме од времето кога Израелците влегле во Ветената земја, првата проштална година почнала во месецот тишри (септември/октомври) 1424 год. пр. н.е. (3. Мој. 25:2-4, 8-10).

Мажите кои биле робови добиваат слобода за време на прошталната година, а нивните семејства радосно ги пречекуваат

Прошталната година им носела голема радост на Израелците бидејќи оние што биле робови се враќале кај своето семејство и го добивале назад своето земјиште (Види во пасус 3)b

3. Според 3. Мојсеева 25:8-12, како им користела прошталната година на Израелците?

3 За подобро да разбереме што мислел Исус кога зборувал за слободата, добро е прво да видиме нешто повеќе за годишнината што требало да ја одбележуваат Божјите слуги во минатото. Јехова им рекол на Израелците: „Посветете ја педесеттата година и објавете во земјата слобода за сите нејзини жители. Тоа нека ви биде проштална година, па вратете се секој на своето наследство, вратете се секој кај својот род“. (Прочитај 3. Мојсеева 25:8-12.) Во претходната статија, видовме како на Израелците им користело тоа што го држеле сабатот. А како им користела прошталната година? На пример, да замислиме дека еден Израелец западнал во долг и дека, за да го плати долгот, морал да го продаде своето земјиште. За време на прошталната година, повторно ќе му било вратено земјиштето. Затоа, човекот можел да се врати „на своето наследство“, и така во иднина неговите деца ќе можеле да го наследат земјиштето. Некои, пак, имале толку голем долг што, за да го отплатат, морале да се продадат себеси или едно од своите деца како робови. Во текот на прошталната година, робот требало да се врати „кај својот род“. На тој начин никој не морал да остане роб до крајот на животот. Сето ова ни покажува дека Јехова многу се грижел за својот народ!

4-5. Зошто е добро да дознаеме нешто повеќе за прошталната година што ја одбележувале Израелците во минатото?

4 Која била уште една корист од прошталната година? Јехова објаснил: „Никој кај тебе не треба да биде сиромашен, зашто Јехова ќе те благослови во земјата што ти ја дава Јехова, твојот Бог, да ја заземеш како наследство“ (5. Мој. 15:4). Тоа е сосема спротивно од она што се случува во светот денес во кој богатите стануваат уште побогати, а сиромашните уште посиромашни!

5 Денешните Божји слуги не се обврзани да го држат Мојсеевиот закон. Ова значи дека не треба да го држиме законот за проштална година со кој биле ослободувани робовите, се поништувале долговите и се враќало семејното наследство (Рим. 7:4; 10:4; Еф. 2:15). Сепак, имаме добра причина да дознаеме нешто повеќе за прошталната година. Зошто? Бидејќи нѐ потсетува на она што Јехова го направил за нас за да нѐ ослободи од гревот.

ИСУС ОБЈАВУВАЛ СЛОБОДА

6. Какво ослободување им е потребно на сите луѓе?

6 На сите нам ни треба ослободување од еден многу суров облик на ропство — ропството на гревот. Бидејќи сме наследиле грев, сите старееме, се разболуваме и умираме. Многумина стануваат свесни за таа сурова реалност кога ќе се погледнат во огледало или кога ќе се разболат. Исто така, се разочаруваме кога ќе направиме некој грев. Апостол Павле признал дека е заробен „со законот на гревот, кој е во [неговите] делови на телото“. Тој додал: „Беден човек сум јас! Кој ќе ме избави од телото, кое ме води во таква смрт“ (Рим. 7:23, 24).

7. Какво ослободување прорекол Исаија?

7 За среќа, Бог презел чекори да бидеме ослободени од гревот. Таквото ослободување е возможно само преку Исус. Повеќе од 700 години пред Исус да дојде на Земјата, Исаија прорекол дека во иднина луѓето ќе добијат многу поголема слобода од онаа што можеле да ја добијат Израелците за време на прошталната година. Тој напишал: „Духот на Севишниот Господар Јехова е врз мене, зашто Јехова ме помаза за да им ја објавам добрата вест на кротките. Ме испрати да им ги превијам раните на оние што се со скршено срце, да им објавам слобода на заробениците“ (Иса. 61:1). На кого се однесува ова пророштво?

8. На кого се однесува пророштвото на Исаија во врска со ослободувањето?

8 Тоа важно пророштво за ослободувањето почнало да се исполнува откако Исус ја започнал својата служба на Земјата. Кога отишол во синагогата во својот роден град Назарет, Исус им ги прочитал тие зборови од Исаија на Евреите кои биле присутни таму: „Јеховиниот дух е врз мене, зашто Бог ме помаза да им објавам добра вест на сиромасите, ме испрати да проповедам ослободување на заробените и враќање на видот на слепите, да ги пуштам на слобода здробените, да ја проповедам Јеховината година на милоста“. Во таа прилика, Исус објаснил дека ова пророштво се однесува на него (Лука 4:16-19, 21). Како тој го исполнил ова пророштво?

ПРВИТЕ КОИ БИЛЕ ОСЛОБОДЕНИ

Исус чита еден свиток во синагогата во Назарет

Во синагогата во Назарет, Исус објавил ослободување (Види во пасуси 8-9)

9. Какво ослободување очекувале многумина во времето на Исус?

9 Во првиот век од нашата ера, луѓето почнале да ја добиваат слободата што ја прорекол Исаија и за која читал Исус. Можеме да бидеме сигурни во ова бидејќи Исус објавил: „Денес се исполнија овие зборови од Писмото, кои штотуку ги чувте“ (Лука 4:21). Многумина кои ги чуле зборовите што ги прочитал Исус веројатно очекувале некаква политичка промена, односно да бидат ослободени од власта на Римјаните. Исусовите ученици веројатно го очекувале истото. Тоа се гледа од изјавата на двајца од нив кои некое време подоцна рекле: „Ние се надевавме дека тој е оној што ќе го избави Израел“ (Лука 24:13, 21). Но ние знаеме дека Исус не ги поттикнувал своите следбеници да се бунтуваат против суровото владеење на Римјаните. Наместо тоа, тој им рекол да му го плаќаат „цезаревото на цезарот“ (Мат. 22:21). Тогаш какво ослободување им донел Исус на луѓето во тоа време?

10. Од што ги ослободил Исус луѓето?

10 Божјиот Син дошол за да ги ослободи луѓето од две работи. Прво, Исус им помогнал да бидат ослободени од погрешните учења што ги ширеле верските водачи. Многу Евреи во тоа време им робувале на човечки традиции и погрешни верувања (Мат. 5:31-37; 15:1-11). Оние што тврделе дека им помагаат на луѓето да му служат на Бог, всушност, биле слепи во духовен поглед. Бидејќи ги отфрлиле Месијата и вистината за која тој поучувал, тие не го запознале Бог, односно останале во духовна темнина и нивните гревови не биле простени (Јован 9:1, 14-16, 35-41). Со тоа што ги поучувал другите за вистината и со добриот пример што го оставил, Исус им покажал на понизните луѓе како да се ослободат од лажните учења (Мар. 1:22; 2:23—3:5).

11. Која е втората работа од која Исус им овозможил ослободување на луѓето?

11 Втората работа од која Исус им овозможил ослободување на луѓето е ропството на наследениот грев. На темел на Исусовата жртва, Бог може да им ги прости гревовите на оние што имаат вера во откупнината и што ја покажуваат својата вера со своите постапки (Евр. 10:12-18). Исус рекол: „Ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни“ (Јован 8:36). Таквата слобода сигурно била поголема од слободата што древните Израелци можеле да ја добијат за време на прошталната година! На пример, некој што ќе бил ослободен во прошталната година можел повторно да стане роб, а дури и да не се случело тоа, еден ден ќе морало да умре.

12. Кои биле првите што ја добиле слободата која ја објавил Исус?

12 На Педесетница 33 год. од н.е., Јехова ги помазал со свет дух апостолите и други верни Божји слуги. Тој ги усвоил како свои синови за да можат во иднина да бидат воскреснати на небото и да владеат со Исус (Рим. 8:2, 15-17). Тие биле првите кои ја добиле слободата што ја објавил Исус во синагогата во Назарет. Овие мажи и жени повеќе не им робувале на лажните учења на еврејските верски водачи и на нивните обичаи кои не биле во склад со Божјата Реч. Исто така, Бог ги сметал за ослободени од погубните последици на гревот што го наследиле од Адам. Симболичната проштална година која започнала со помазувањето на Христовите следбеници во 33 год. од н.е. ќе заврши на крајот од илјадагодишното владеење на Исус. Кои добри работи ќе се случат до тогаш?

Некои детали за симболичната проштална година

  1. 30 ГОД. ОД Н.Е.: Во синагогата во Назарет, Исус објавува ослободување (Лука 4:21)

  2. 33 ГОД. ОД Н.Е.: Симболичната проштална година започнува со помазувањето на Христовите следбеници (Рим. 8:2, 15-17)

  3. ДЕНЕС: Помазаниците имаат многу благослови од симболичната проштална година

  4. ИЛЈАДАГОДИШНО ВЛАДЕЕЊЕ НА ИСУС: Во текот на илјадагодишното владеење на Исус, луѓето ќе бидат ослободени од гревот и несовршеноста

  5. КРАЈ НА ИЛЈАДАГОДИШНОТО ВЛАДЕЕЊЕ: Симболичната проштална година завршува и луѓето се потполно ослободени од гревот и смртта (Рим. 8:21)

МИЛИОНИ ДРУГИ ЌЕ БИДАТ ОСЛОБОДЕНИ

13-14. Освен помазаните христијани, кој друг може да ја добие слободата што ја објавувал Исус?

13 Денес, милиони искрени луѓе од сите народи се дел од „другите овци“ (Јован 10:16). Тие не се избрани од Бог да владеат на небото со Исус. Наместо тоа, Библијата вели дека тие имаат можност да живеат вечно на Земјата.

14 Ако и ти имаш таква надеж, можеш уште сега да добиеш некои од благословите што ги имаат помазаниците. Бидејќи покажуваш вера во жртвата на Исус, можеш да го молиш Јехова да ти ги прости гревовите. Благодарение на тоа можеш да имаш добар однос со Бог и чиста совест (Еф. 1:7; Отк. 7:14, 15). Размисли и за благословите што ги имаш поради тоа што си ослободен од лажните учења. Исус рекол: „Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Таквата слобода ни носи голема радост!

15. Кои се некои работи од кои ќе бидеме ослободени?

15 Наскоро ќе добиеме многу поголема слобода. Во блиска иднина, Исус ќе ги уништи лажната религија и неправедните човечки влади. Бог ќе заштити едно „големо мноштво“ луѓе кои верно му служат, и потоа ќе им дозволи да се радуваат на благословите во рајот на Земјата (Отк. 7:9, 14). Ќе воскреснат огромен број луѓе кои ќе имаат можност да бидат ослободени од сите последици на гревот што сме го наследиле од Адам (Дела 24:15).

16. Каква величествена слобода ги очекува луѓето во иднина?

16 Во текот на илјадагодишното владеење, Исус и оние што ќе владеат со него ќе им помогнат на луѓето да имаат совршено здравје и совршен однос со Бог. Како што видовме претходно, за време на прошталната година, Израелците добивале слобода. Но за време на илјадагодишното владеење, човештвото ќе ја добие најголемата можна слобода. Ова значи дека сите луѓе кои ќе му служат верно на Јехова ќе бидат совршени и повеќе нема да грешат.

Семејства од различни раси со задоволство берат грозје во новиот свет

Во новиот свет, ќе имаме работа која ќе нѐ исполнува (Види во пасус 17)

17. Какво пророштво е дадено во врска со Божјите слуги во Исаија 65:21-23? (Види ја сликата на насловната страница.)

17 Во пророштвото од Исаија 65:21-23 пишува каков ќе биде животот на Земјата во иднина. (Прочитај.) Некои луѓе мислат дека во рајот нема да работиме, туку само ќе одмараме. Но, Библијата покажува дека во тоа време Божјите слуги ќе имаат работа која ќе ги исполнува. Кога илјадагодишното владеење на Исус ќе заврши, можеме да бидеме сигурни дека човештвото „ќе биде ослободено од робувањето на распадливоста и дека ќе ја добие славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21).

18. Зошто можеме да имаме доверба дека нѐ очекува прекрасна иднина?

18 Јехова се погрижил Израелците да имаат време за работа и време за одмор. Истото ќе го направи и за своите слуги во текот на илјадагодишното владеење на Исус. Без сомнение, во новиот свет ќе има време за духовни активности бидејќи и тогаш, како и сега, нашата среќа ќе зависи од нашиот однос со Јехова. Во текот на илјадагодишното владеење ќе имаме многу причини за радост бидејќи верно ќе му служиме на Јехова и ќе имаме работа која ќе ни носи задоволство.

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Што била прошталната година што ја одбележувале древните Израелци, и како таа им користела?

  • Каква слобода им дал Јехова на помазаниците?

  • Каква слобода ќе им даде Јехова на „другите овци“?

ПЕСНА 142 Цврсто да се држиме за нашата надеж

a Во минатото, Јехова им заповедал на Израелците да одбележуваат една посебна годишнина која им овозможувала да добијат слобода. Иако денес Божјите слуги не го држат Мојсеевиот закон, оваа годишнина има значење и за нас. Во оваа статија ќе видиме како таа годишнина нѐ потсетува на нешто што Јехова го направил за нас.

b ОПИС НА СЛИКАТА: За време на прошталната година во древниот Израел, мажите кои биле робови добивале слобода и можеле да се вратат кај своето семејство и на своето земјиште.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели