Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
25-31 ЈАНУАРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 3. МОЈСЕЕВА 24 — 25
„Прошталната година и слободата што ќе ја добиеме во иднина“
it-1-E 1200, пас. 2
Наследство
Бидејќи земјата останувала во наследство на истото семејство од генерација на генерација, не можела да биде трајно продадена. Кога некој ја продавал земјата, тој всушност ја давал под наем според вредноста на родот што требало да го даде до следната проштална година. Цената на земјата се намалувала како што се приближувала прошталната година. Во таа година, секое парче земја требало да му се врати на првобитниот сопственик, доколку тој не ја откупил пред прошталната година (3Мо 25:13, 15, 23, 24). Оваа одредба се однесувала на куќите кои се наоѓале во градовите кои не биле обѕидани. Овие куќи се сметале како дел од полињата. Ако куќата се наоѓала во град заграден со ѕид, оној што ја продавал имал право на откуп во рок од една година од продажбата. Доколку не ја откупел, таа станувала сопственост на купувачот. Кога станувало збор за куќите во левитските градови, левитите имале трајно право на откуп бидејќи тие не добиле земја во наследство (3Мо 25:29-34).
1-7 ФЕВРУАРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 3. МОЈСЕЕВА 26 — 27
„Што треба да правиме за Јехова да нѐ благослови“
it-1-E 223, пас. 3
Стравопочит
Божјиот народ имал голема стравопочит (на хебрејски мохра) кон Мојсеј поради начинот на кој Јехова го користел и постапувал со него (5Мо 34:10, 12; 2Мо 19:9). Оние што имале вера го почитувале авторитетот на Мојсеј. Тие сфатиле дека Бог им зборува преку него. Израелците требало да имаат стравопочит и кон светиот шатор (3Мо 19:30; 26:2). Тоа значело дека требало да покажуваат длабока почит кон светиот шатор, да му служат на Јехова на начин што тој го одредил и да постапуваат во склад со сите негови заповеди.
Духовни бисери
it-2-E 617
Болести
Поради непослушност кон Божјиот закон. Израелците биле предупредени дека, ако не постапуваат во склад со сојузот што го склучиле со Јехова, тој ќе испрати чума меѓу нив (3Мо 26:14-16, 23-25; 5Мо 28:15, 21, 22). Во Библијата, и физичкото и духовното здравје се поврзани со Божјиот благослов (5Мо 7:12, 15; Пс 103:1-3; Из 3:1, 2, 7, 8; 4:21, 22; От 21:1-4), а болестите се поврзани со гревот и несовршеноста (2Мо 15:26; 5Мо 28:58-61; Иса 53:4, 5; Мт 9:2-6, 12; Јвн 5:14). Точно е дека во некои случаи Јехова Бог директно и веднаш погодил со болест некои поединци како, на пример, им нанел лепра на Маријам, Озија и Гиезиј (4Мо 12:10; 2Ле 26:16-21; 2Ца 5:25-27). Сепак, се чини дека во многу случаи болестите биле природна и неизбежна последица на погрешното постапување на поединци или на цели народи. Тие едноставно го жнееле она што го сееле (Га 6:7, 8). Нивното тело ги трпело последиците од погрешниот начин на постапување. Во врска со оние што се впуштиле во неприродни сексуални односи, апостол Павле рекол: „Бог... ги предаде на нечистотија за самите да си ги обесчестуваат своите тела... [Тие] ја примаат заслужената плата за своите расипани постапки“ (Ри 1:24-27).
8-14 ФЕВРУАРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 4. МОЈСЕЕВА 1 — 2
Духовни бисери
it-2-E 764
Попис
Кога се правел попис, обично се запишувало името на поединецот, како и тоа од кое племе и од кое семејство бил. Тоа не било само обично пребројување на луѓе. Пописите кои се спомнати во Библијата имале различни цели како, на пример, плаќање данок, воена служба или (за левитите) задолженија во светиот шатор.
15-21 ФЕВРУАРИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 4. МОЈСЕЕВА 3 — 4
„Службата на левитите“
it-2-E 241
Левити
Во времето на Мојсеј, само левитите кои веќе наполниле 30 години можеле во потполност да ги извршуваат своите должности, како што било пренесувањето на светиот шатор и на неговите предмети од едно место на друго (4Мо 4:46-49). Некои задолженија можеле да извршуваат откако ќе наполнеле 25 години. Но, не можеле да вршат тешка физичка работа, како што било пренесувањето на светиот шатор (4Мо 8:24). Кога ќе наполнеле 50 години, левитите повеќе не ги извршувале задачите од нивната служба кои биле задолжителни (4Мо 8:25, 26; 1Ле 23:24-26). Тие требало добро да го познаваат Законот бидејќи честопати го читале пред другите и го поучувале народот (1Ле 15:27; 2Ле 5:12; 17:7-9; Не 8:7-9).