-
Исус повторно го исчистил храмотИсус — патот, вистината и животот
-
-
ПОГЛАВЈЕ 103
Исус повторно го исчистил храмот
МАТЕЈ 21:12, 13, 18, 19; МАРКО 11:12-18; ЛУКА 19:45-48; ЈОВАН 12:20-27
ИСУС ПРОКОЛНАЛ ЕДНА СМОКВА И ГО ИСЧИСТИЛ ХРАМОТ
ЗА ДА ИМ ДАДЕ ЖИВОТ НА МНОГУМИНА, ИСУС ТРЕБАЛО ДА УМРЕ
Откако дошле од Ерихон, Исус и неговите ученици поминале три ноќи во Витанија. Рано изутрината, во понеделник на 10 нисан, тие тргнале за Ерусалим. Кога Исус оддалеку здогледал една смоква, отишол да види дали на неа ќе најде плод затоа што бил гладен. Дали нашол?
Било крај на март, а смоквите зрееле дури во јуни. Но, тоа дрво многу рано пуштило лисја, па затоа Исус си помислил дека можеби ќе најде и смокви на него. Сепак, не нашол ниту една. Поради лисјата, дрвото оставало лажен впечаток. Исус рекол: „Никогаш повеќе никој да не јаде плод од тебе!“ (Марко 11:14). Во истиот момент, смоквата почнала да се суши, а следното утро учениците дознале и какво значење имало тоа.
Кратко откако тргнале од Витанија, Исус и учениците пристигнале во Ерусалим. Таму Исус отишол во храмот, кој добро го разгледал претходното попладне. Но, тој ден одлучил и да преземе нешто, како што направил кога дошол три години пред тоа, за Пасхата во 30 год. од н.е. (Јован 2:14-16). Исус ‚ги истерал оние што продавале и купувале во храмот‘. Освен тоа, им ги испревртел „масите на менувачите на пари и клупите на продавачите на гулаби“ (Марко 11:15). Дури не дозволувал некој да пренесе некаков предмет во другиот дел од градот така што ќе поминел по пократкиот пат низ храмскиот двор.
Зошто Исус постапил толку решително? Тој рекол: „Зарем не е напишано: ‚Мојот дом ќе се вика дом на молитвата за сите народи‘? А вие од него направивте разбојничка пештера“ (Марко 11:17). Трговците ги нарекол разбојници, затоа што им наплатувале многу скапо на оние што немале друг избор освен да купат животни за жртва од нив. Затоа, нивното тргување Исус го сметал за изнудување и кражба.
Кога главните свештеници, книжниците и водечките луѓе од народот слушнале што направил Исус, повторно почнале да бараат начин да го убијат. Но, имале еден проблем. Не знаеле како да го изведат тоа, затоа што околу Исус постојано имало луѓе кои го слушале.
Освен Евреи, на Пасхата дошле и луѓе од другите народи што ја имале прифатено еврејската вера. Меѓу нив биле и некои Грци. Тие отишле кај Филип, можеби затоа што имал грчко име, и му рекле дека сакаат да го видат Исус. Тој отишол и му го кажал тоа на Андреј, веројатно поради тоа што не бил сигурен дали такво нешто би било соодветно. Потоа, Филип и Андреј му кажале за тие луѓе на Исус, кој очигледно сѐ уште бил во храмот.
Исус знаел дека му останувале само уште неколку дена до смртта, па затоа воопшто не било момент да ја задоволува љубопитноста на луѓето или да запознава нови луѓе. Затоа на Филип и на Андреј им ја кажал следнава споредба: „Дојде часот да биде прославен Синот човечки. Вистина, вистина, ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само. Но ако умре, донесува обилен род“ (Јован 12:23, 24).
Едно зрно пченица има мала вредност, но ако се стави во земја и ако „умре“, ќе из’рти и со текот на времето ќе порасне во клас со многу зрна пченица. Исус бил како тоа едно зрно, односно бил единствениот совршен човек. Но, со тоа што ќе му останел верен на Бог до смрт, ќе овозможел и многу верни Божји слуги кои биле самопожртвувани како него да добијат вечен живот. Затоа рекол: „Кој го сака својот живот, го уништува, а кој го мрази својот живот во овој свет, ќе го зачува за вечен живот“ (Јован 12:25).
Исус не зборувал само за себе, затоа што во продолжение рекол: „Ако некој сака да ми служи, нека оди по мене. И каде што сум јас, таму ќе биде и мојот слуга. Ако некој ми служи, Таткото ќе му укаже чест“ (Јован 12:26). Колку вредна награда! Оние на кои Таткото ќе им укажел чест, ќе биле заедно со Христос во Царството.
Свесен дека го очекува големо страдање и мачна смрт, Исус продолжил: „Сега душата ми е вознемирена. Што да кажам? Татко, спаси ме од овој час!“ Тоа не значело дека Исус сакал да го избегне она што го чекало. Веднаш потоа рекол: „Но, затоа и дојдов до овој час“ (Јован 12:27). Исус бил потполно спремен да се подложи на Божјата волја, и за таа цел го жртвувал и својот живот.
-
-
Евреите го чуле гласот на Бог, но дали поверувале?Исус — патот, вистината и животот
-
-
ПОГЛАВЈЕ 104
Евреите го чуле гласот на Бог, но дали поверувале?
МНОГУ ЛУЃЕ ГО ЧУЛЕ ГЛАСОТ НА БОГ
ВРЗ КОЈА ОСНОВА ЌЕ БИДАТ СУДЕНИ ЛУЃЕТО
Во понеделник на 10 нисан, Исус во храмот зборувал за тоа дека наскоро треба да умре. Загрижен како тоа ќе се одрази врз името на неговиот Татко, се помолил: „Татко, прослави го своето име!“ Тогаш од небото се слушнал силен глас, кој рекол: „Го прославив и пак ќе го прославам!“ (Јован 12:27, 28).
Луѓето што стоеле таму биле збунети. Некои помислиле дека загрмело. Други, пак, рекле: „Ангел му зборуваше“ (Јован 12:29). Но, тоа бил гласот на самиот Јехова Бог! Не било првпат луѓето да го чујат Божјиот глас откако Исус започнал со својата служба на Земјата.
Кога Исус се крстил три и пол години пред тоа, Јован Крстител го слушнал Бог, кој рекол: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја“. Потоа, кратко по Пасхата во 32 год. од н.е., Исус се преобразил пред Јаков, Јован и Петар. Тогаш, овие апостоли слушнале како Бог објавил: „Ова е мојот сакан Син, кој е по мојата волја! Него слушајте го!“ (Матеј 3:17; 17:5). Сега, во храмот, луѓето по третпат го слушнале Божјиот глас. Но, овојпат Јехова зборувал така што го чуле многу луѓе.
Исус објаснил: „Овој глас не беше заради мене, туку заради вас“ (Јован 12:30). Тоа било доказ дека тој навистина бил Божјиот Син, проречениот Месија.
Со тоа што ќе му останел верен на Бог до самиот крај, Исус ќе оставел пример за сите луѓе и ќе докажел дека Сатана Ѓаволот, владетелот на овој свет, заслужува да биде уништен. Исус рекол: „Сега е судењето на овој свет, сега владетелот на овој свет ќе биде исфрлен надвор“. Неговата смрт во никој случај немало да биде пораз, туку победа. Зошто? Тој објаснил: „Кога јас ќе бидам подигнат од земјата, ќе привлечам кај себе најразлични луѓе“ (Јован 12:31, 32). Со тоа што ќе умрел на маченички столб, Исус ќе можел да привлече многу луѓе кон себе и да им даде вечен живот.
Кога слушнале дека Исус ќе бил „подигнат“, луѓето рекле: „Слушнавме од Законот дека Христос останува засекогаш. Тогаш, како ти велиш дека Синот човечки мора да биде подигнат? Кој е тој Син човечки?“ (Јован 12:34). И покрај сите докази, дури и откако го чуле гласот на самиот Бог, повеќето од нив не верувале дека Исус навистина бил Синот човечки, ветениот Месија.
Како и порано, Исус повторно се споредил себеси со ‚светлина‘ (Јован 8:12; 9:5). Тој ги поттикнал луѓето: „Уште малку време светлината ќе биде меѓу вас. Одете додека ја имате светлината за да не ве надвие темнината... Додека ја имате светлината, верувајте во светлината за да бидете синови на светлината“ (Јован 12:35, 36). Откако го кажал тоа си заминал оттаму, затоа што 10 нисан не бил денот кога требало да умре. Исус требало да биде „подигнат“, односно прикован на маченички столб на денот на Пасхата, 14 нисан (Галатите 3:13).
Со тоа што не поверувале во Исус, Евреите ги исполниле зборовите на Исаија, кој прорекол дека очите на луѓето ќе бидат заслепени и срцата стврднати, па нема да се обратат и нема да бидат излекувани (Исаија 6:10; Јован 12:40). И навистина, повеќето Евреи тврдоглаво ги отфрлиле сите докази дека Исус бил ветениот Избавител — патот до животот.
Никодим, Јосиф од Ариматеја и многу други поглавари ‚поверувале‘ во Исус. Но, дали покажале дека имаат вера? Или, пак, од страв да не бидат исклучени од синагогата или поради тоа што сакале слава што доаѓа од луѓе, ја криеле својата вера во него? (Јован 12:42, 43).
Исус јасно објаснил што вклучува верата во него: „Кој верува во мене, не верува само во мене туку и во оној што ме испрати. И кој ме гледа мене, го гледа и оној што ме испрати“. Вистините кои Исус ги научил од својот Татко и за кои постојано ги поучувал другите биле толку важни што Исус рекол: „Кој ме отфрла мене и не го прима она што јас го велам, има свој судија. Речта што ја зборував — таа ќе му суди во последниот ден“ (Јован 12:44, 45, 48).
На крајот Исус заклучил: „Јас не зборував сам од себе, туку самиот Татко, кој ме испрати, ми даде заповед што да кажам и што да зборувам. И знам дека неговата заповед значи вечен живот“ (Јован 12:49, 50). Останувало уште кратко време до моментот кога Исус требало да ја пролее својата крв како жртва за сите што вистински веруваат во него (Римјаните 5:8, 9).
-