-
Храмот на ЈеховаПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 44
Храмот на Јехова
Откако Соломон станал цар на Израел, Јехова го прашал: „Што сакаш да ти дадам?“ Соломон одговорил: „Јас сум млад и неискусен. Те молам, дај ми мудрост за добро да го водам твојот народ“. Јехова му рекол: „Затоа што од мене побара мудрост, ќе бидеш најмудриот човек на Земјата. Но, ќе ти дадам и богатство. А ако ме слушаш, ќе ти дадам и долг живот“.
Соломон почнал да го гради храмот. Тој користел најдобро злато, сребро, дрво и скапоцени камења. Илјадници вешти мажи и жени работеле на храмот. По седум години, храмот бил завршен и дошло време да му го посветат на Јехова. На жртвеникот имало жртви, а Соломон клекнал пред жртвеникот и се помолил: „Јехова, ти си многу поголем и повозвишен од овој храм. Но те молам, прифати ги нашите жртви и слушни ги нашите молитви“. Што мислел Јехова за храмот и за молитвата на Соломон? Штом Соломон ја завршил својата молитва, од небото се појавил оган и ги изгорел жртвите на жртвеникот. Со тоа Јехова покажал дека е задоволен од храмот и дека го прифаќа. Кога го виделе тоа, Израелците многу се израдувале.
За мудроста на цар Соломон се расчуло низ целиот Израел, а и на многу далечни места. Луѓето доаѓале кај Соломон за да им помогне да ги решат проблемите. Дури и царицата од Сава дошла кај него и му поставила тешки прашања за да провери дали е вистина она што го слушнала за него. Откако ги чула неговите одговори, таа рекла: „Кога слушав што зборуваат другите за тебе, не ми се веруваше, ама сега се уверив дека ти си дури и помудар од она што се зборува. Твојот Бог, Јехова, навистина те благословил“. Луѓето во Израел си живееле убаво и среќно. Но, со текот на времето тоа се сменило.
„Овде е некој што е поголем од Соломон“ (Матеј 12:42)
-
-
Царството било поделеноПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 45
Царството било поделено
Сѐ додека Соломон му служел на Јехова, во Израел имало мир. Но, Соломон се оженил со многу жени од други земји, а тие им служеле на идоли. Малку по малку, Соломон се сменил, па почнал и тој да им служи на идоли. Јехова многу се налутил. Тој му рекол на Соломон: „Ќе го одземам Израел од твоето семејство и ќе го поделам на два дела. Поголемиот дел ќе му го дадам на еден твој слуга, а твоето семејство ќе владее само со помалиот дел“.
Јехова и на друг начин потврдил дека навистина ќе направи така. Еднаш Јеровоам, слугата на Соломон, бил на пат. Тогаш го сретнал пророкот Ахија, кој ја раскинал својата наметка на 12 парчиња и му рекол: „Јехова ќе го земе царството Израел од семејството на Соломон и ќе го подели на два дела. Земи десет од овие парчиња бидејќи ти ќе бидеш цар над десет племиња“. Кога цар Соломон слушнал за тоа, сакал да го убие Јеровоам! Затоа, Јеровоам побегнал во Египет. По некое време, Соломон умрел, а неговиот син Ровоам станал цар. Тогаш Јеровоам можел безбедно да се врати во Израел.
Старешините во Израел му рекле на Ровоам: „Ако се однесуваш добро со луѓето, ќе ти бидат послушни и верни“. Но, помладите пријатели на Ровоам му рекле: „Треба да бидеш строг и лош со луѓето! Дај им уште потешка работа!“ Ровоам ги послушал помладите пријатели. Тој немал никаква милост кон луѓето, и тие се побуниле. Го поставиле Јеровоам за цар на десетте племиња, кои станале познати како царството Израел. Другите две племиња останале под власта на Ровоам, и биле познати како царството Јуда. Така 12-те племиња на Израел биле поделени на два дела.
Јеровоам не сакал луѓето од неговото царство да му принесуваат жртви на Бог во Ерусалим, кој се наоѓал во царството на Ровоам. Знаеш ли зошто? Јеровоам се плашел дека така тие ќе престанат да го поддржуваат него и ќе почнат да го слушаат Ровоам. Затоа направил две златни телиња и им рекол на луѓето: „Ерусалим е многу далеку. Овде служете му на Бог“. Луѓето почнале да ги обожаваат златните телиња и повторно го заборавиле Јехова.
„Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници. Зашто, што им е заедничко на праведноста и на беззаконието?... Или што имаат заедничко верникот и неверникот?“ (2. Коринќаните 6:14, 15)
-