-
Огнената војска на ЈеховаПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 52
Огнената војска на Јехова
Вен-Адад, кој бил цар на Сирија, почнал да војува со Израел. Но, пророкот Елисеј го предупредувал царот на Израел секогаш кога Сиријците сакале да го нападнат, и така тој постојано се спасувал. Затоа Вен-Адад решил да го зароби Елисеј. Откако дознал дека Елисеј се наоѓа во градот Дотан, ја испратил сириската војска да го фати.
Војниците стигнале во Дотан ноќе. Следното утро, слугата на Елисеј излегол надвор и видел дека целиот град е опколен од огромна војска. Многу се исплашил и рекол: „Елисеј, што ќе правиме сега?“ Елисеј му одговорил: „Нашата војска е поголема отколку нивната“. Во тој момент, Јехова направил слугата на Елисеј да види дека планините околу градот се полни со коњи и огнени воени коли.
Кога сириските војници се обиделе да го фатат Елисеј, тој побарал помош од Јехова. Тогаш војниците толку се збуниле што не можеле да сфатат каде се наоѓаат. Елисеј им рекол: „Сте го згрешиле градот. Дојдете со мене, јас ќе ве одведам кај човекот што го барате“. Тие тргнале по Елисеј, и тој ги одвел во Самарија — градот во кој живеел царот на Израел.
Сиријците сфатиле каде се наоѓаат, но веќе било предоцна. Царот на Израел го прашал Елисеј: „Да ги убијам ли?“ Дали Елисеј ја искористил оваа прилика за да им се одмазди на овие луѓе кои сакале да му наштетат? Не. Елисеј рекол: „Не ги убивај. Дај им да јадат, а потоа пушти ги да си одат“. Така царот направил голема гозба и на крајот им дозволил да си заминат.
„Во ова се надеваме на Бог: што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14)
-
-
Храбриот ЈодајПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 53
Храбриот Јодај
Језавела имала ќерка по име Готолија, која била исто толку злобна како мајка ѝ. Готолија му била жена на царот на Јуда. Кога тој умрел, нивниот син станал цар. Но, кога умрел и синот, Готолија си ја приграбила власта над Јуда. Таа се обидела да го уништи целото царско семејство така што ги убила сите што би можеле да станат цареви наместо неа. Ги убила дури и своите внуци! Сите се плашеле од неа.
Првосвештеникот Јодај и неговата жена, Јосавета, знаеле дека тоа што го направила Готолија било многу лошо. Тие си го ризикувале животот за да спасат едно внуче на Готолија кое се викало Јоас. Јодај и Јосавета се грижеле за детенцето во храмот.
Кога Јоас имал седум години, Јодај ги повикал сите заповедници и левити и им рекол: „Стојте на вратите од храмот и никого не пуштајте внатре“. Тогаш Јодај го поставил Јоас за цар на Јуда и му ставил круна на главата. Луѓето од Јуда почнале да извикуваат: „Да живее царот!“
Царицата Готолија ја слушнала вревата од луѓето и брзо отишла во храмот. Кога го видела новиот цар, извикала: „Заговор! Заговор!“ Заповедниците ја фатиле злобната царица, ја изнеле од храмот и ја убиле. Дали народот почнал да му служи на Јехова откако умрела таа?
Јодај им помогнал на луѓето да склучат сојуз со Јехова. Тие му ветиле дека ќе му служат само нему. Јодај им рекол да го срушат храмот на Ваал и да ги искршат идолите. Тој ги поставил свештениците и левитите да служат во храмот за да може народот повторно да го обожава Јехова таму. Јодај поставил стражари да го чуваат храмот за да не може во него да влезе никој што е нечист според Јехова. Потоа Јодај и заповедниците го однеле Јоас во палатата и го поставиле на престолот. Луѓето во Јуда биле многу среќни. Злобната Готолија повеќе ја немало, и тие повторно можеле да му служат на Јехова, а не на лажниот бог Ваал. Со својата храброст, Јодај им помогнал на многу луѓе, нели?
„Не плашете се од оние што го убиваат телото, но не можат да ја убијат душата. Туку плашете се повеќе од оној што може да ги погуби и душата и телото во геената“ (Матеј 10:28)
-