-
Уништувањето на ЕрусалимПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 58
Уништувањето на Ерусалим
Луѓето во Јуда многу пати го заборавале Јехова и почнувале да им служат на лажни богови. Јехова со години се обидувал да им помогне. Им испраќал многу пророци, но наместо да ги слушаат, тие им се потсмевале. Како Јехова им покажал дека не треба да им служат на идоли?
Навуходоносор, кој бил цар на Вавилон, почнал да поразува многу народи. Кога за првпат го освоил Ерусалим, тој ги заробил цар Јоахин, кнезовите, војниците и занаетчиите, и сите ги одвел во Вавилон. Освен тоа, го зел сето богатство од храмот на Јехова. Потоа Навуходоносор го поставил Седекија за цар на Јуда.
Во почетокот, Седекија му бил послушен на Навуходоносор. Но, народите што живееле во близина и лажните пророци му велеле на Седекија да се побуни против Вавилон. Еремија го предупредил: „Ако се побуниш, во Јуда ќе има многу убиства, глад и болести“.
Откако владеел осум години, Седекија одлучил да се побуни против Вавилон. Тој побарал помош од египетската војска. Но, Навуходоносор ја испратил својата војска да го нападне Ерусалим, и таа го опколила целиот град. Еремија му рекол на Седекија: „Ако им се предадеш на Вавилонците, Јехова вели дека ќе останеш жив и дека градот нема да биде уништен. Но ако не се предадеш, Вавилонците ќе го запалат Ерусалим, а тебе ќе те заробат“. Седекија рекол: „Нема да се предадам!“
По една и пол година, вавилонската војска ги пробила ѕидовите на Ерусалим и го запалила целиот град. Храмот изгорел, загинале многу луѓе, а илјадници други биле заробени.
Седекија избегал од Ерусалим, но Вавилонците тргнале по него. Тие го фатиле близу градот Ерихон и го одвеле кај Навуходоносор. Вавилонскиот цар наредил Седекија да гледа како неговите синови се убиени пред негови очи. Потоа Навуходоносор го ослепил Седекија и го ставил во затвор, каде што подоцна умрел. И покрај сѐ што се случило, Јехова им ветил на луѓето од Јуда: „По 70 години повторно ќе ве вратам во Ерусалим“.
А што се случило со младите кои биле одведени како заробеници во Вавилон? Дали му останале верни на Јехова? Ајде да видиме.
„Јехова Боже, Семоќен, исправни и праведни се твоите пресуди“ (Откровение 16:7)
-
-
Четири момчиња останале верниПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 59
Четири момчиња останале верни
Кога Навуходоносор ги заробил угледните луѓе од Јуда и ги однел во Вавилон, над нив го поставил главниот царски дворјанин Асфеназ. Навуходоносор му рекол на Асфеназ од нив да ги избере најздравите и најпаметните момчиња. Момчињата требало да бидат подучувани три години, за потоа да служат како царски дворјани во Вавилон. Требало да научат да читаат, пишуваат и зборуваат на јазикот што се користел во Вавилон. Исто така, требало да јадат храна каква што јаделе царот и неговите дворјани. Четири од тие момчиња се викале Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. Асфеназ им дал вавилонски имиња: Валтазар, Седрах, Мисах и Авденаго. Дали поради школувањето што го добиле престанале да му служат на Јехова?
Овие четири момчиња биле решени да не му згрешат на Јехова. Тие знаеле дека не треба да јадат од царските јадења бидејќи според законот на Јехова било забрането да се јадат некои животни што се јаделе во Вавилон. Затоа му рекле на Асфеназ: „Те молиме не нѐ терај да јадеме од царската храна“. Асфеназ им рекол: „Ако не јадете и царот види дека сте се разболеле, ќе ме убие!“
Тогаш на Даниел му дошла една идеја. Тој му рекол на Асфеназ: „Те молиме, 10 дена давај ни само зеленчук и вода. Потоа види како изгледаме ние, а како изгледаат момчињата кои јадат од царската храна“. Асфеназ се согласил.
Откако поминале тие 10 дена, Даниел и неговите тројца другари изгледале поздраво од сите други момчиња. Јехова многу се радувал што му останале верни. Тој му дал на Даниел способност да разбира соништа.
Кога школувањето завршило, Асфеназ ги донел момчињата пред Навуходоносор. Царот разговарал со нив и видел дека Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј се попаметни и поостроумни од сите други момчиња. Тогаш ги избрал да работат во неговиот дворец. Кога требало да донесува важни одлуки, царот честопати барал совет од нив. На овие четири момчиња Јехова им дал поголема мудрост дури и од магионичарите и најмудрите советници на царот.
Иако биле во туѓа земја, Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј не заборавиле дека Јехова е нивниот Бог. Дали и ти ќе му бидеш послушен на Јехова секогаш, дури и кога твоите родители не се со тебе?
„Никој нека не те потценува поради твојата младост, туку биди им пример на верните во говорот, во постапките, во љубовта, во верата, во чистотата“ (1. Тимотеј 4:12)
-