-
Езра поучувал за Божјиот законПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 66
Езра поучувал за Божјиот закон
Поминале околу 70 години откако повеќето Израелци се вратиле во Ерусалим. Но, некои сѐ уште живееле во различни места во Персиското Царство. Еден од нив се викал Езра. Тој бил свештеник и го поучувал народот за Божјиот закон. Езра дознал дека луѓето во Ерусалим не му се послушни на Законот, па затоа сакал да појде кај нив и да им помогне. Персискиот цар Артаксеркс му рекол: „Бог ти дал мудрост за да поучуваш за неговиот Закон. Оди, а со тебе нека појде и секој што сака“. Езра и сите што сакале да се вратат во Ерусалим се сретнале на едно место, му се помолиле на Јехова да ги чува по патот и тргнале на тоа долго патување.
По четири месеци, пристигнале во Ерусалим. Кнезовите му рекле на Езра: „Израелците не го послушаа Јехова и си зедоа жени кои им служат на лажни богови“. Што направил Езра? Пред целиот народ, клекнал на колена и се помолил: „Јехова, ти направи многу работи за нас, а ние толку ти згрешивме!“ Луѓето се покајале, но сѐ уште правеле работи што не се добри. Затоа, Езра избрал старешини и судии да видат што е проблемот. Во текот на следните три месеци, на сите што не му служеле на Јехова им било кажано да си заминат.
Поминале 12 години. Во меѓувреме, ѕидовите околу Ерусалим повторно биле изградени. Езра ги собрал луѓето на плоштадот за да им чита од Божјиот закон. Кога ја отворил книгата, луѓето станале. Езра кажал неколку зборови за фалба на Јехова, и тие ги кренале рацете во знак на согласност. Потоа Езра почнал да го чита и објаснува Законот, а луѓето внимателно слушале. Тие признале дека повторно се оддалечиле од Јехова и заплакале. Следниот ден, Езра повторно им читал од Законот. Луѓето дознале дека за кратко време треба да го прослават Празникот на сениците. Затоа, веднаш почнале да прават подготовки за празникот.
Во текот на седумте дена од празникот, луѓето се радувале и му благодареле на Јехова за добрата жетва. Таков Празник на сениците немало уште од времето на Исус Навин. По празникот, луѓето се собрале и се помолиле: „Јехова, ти нѐ спаси од ропство, нѐ хранеше во пустината и ни ја даде оваа прекрасна земја. Но ние секогаш одново ти бевме непослушни. Ти ни испраќаше пророци да нѐ опоменуваат, но ние не ги слушавме. Сепак, ти беше многу стрплив и не заборави што му вети на Авраам. Ветуваме дека отсега ќе ти бидеме послушни“. Тие го запишале своето ветување, а потоа кнезовите, левитите и свештениците му ставиле печат.
„Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28)
-
-
Ѕидот околу ЕрусалимПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 67
Ѕидот околу Ерусалим
Да се вратиме неколку години наназад, кога ѕидот околу Ерусалим сѐ уште не бил обновен. Неемија бил Израелец кој живеел во персискиот град Суза и му бил слуга на цар Артаксеркс. Неговиот брат дошол од Јуда и му кажал една лоша вест: „Луѓето што се вратија во Ерусалим се во тешка ситуација. Градските ѕидови и порти кои Вавилонците ги уништија сѐ уште не се обновени“. Неемија многу се загрижил. Сакал да оди во Ерусалим и да им помогне на луѓето, па затоа го молел Јехова царот да го пушти да оди.
По некое време, царот забележал дека Неемија е тажен. Затоа му рекол: „Што се случило? Никогаш не сум те видел толку тажен“. Неемија одговорил: „Како да не сум тажен кога мојот град, Ерусалим, е целиот во урнатини?“ Царот го прашал: „Како можам да ти помогнам?“ Во тој момент, Неемија кратко се помолил во себе. Потоа рекол: „Те молам, царе, дозволи ми да појдам во Ерусалим за да ги обновам ѕидовите на градот“. Цар Артаксеркс му дозволил на Неемија да оди на тој долг пат, а му дал и сѐ што му било потребно за да пристигне безбедно во Ерусалим. Исто така, царот го поставил Неемија за управител на Јуда и му дал доволно дрва за градските порти.
Кога Неемија пристигнал во Ерусалим, проверил во каква состојба е градскиот ѕид. Потоа ги повикал свештениците и управителите и им рекол: „Ситуацијата е многу лоша. Мора веднаш да се фатиме за работа“. Луѓето се согласиле и почнале да ги поправаат ѕидовите.
Но, некои непријатели на Израелците им се потсмевале и им велеле: „Ѕидот што го градите е толку јак што може да го сруши и обична лисица“. Работниците не обрнувале внимание на исмевањето и продолжиле да градат. Малку по малку, ѕидот станувал сѐ повисок и сѐ појак.
Непријателите решиле да го нападнат Ерусалим од различни страни кога никој нема да очекува. Но, Евреите дознале за тоа и многу се уплашиле. Неемија им рекол: „Не плашете се. Јехова е со нас“. Потоа поставил стражари да ги штитат работниците, па така непријателите не можеле да ги нападнат.
Градските ѕидови и порти биле завршени за само 52 дена. За да ја прослават успешната работа, Неемија ги повикал сите левити во Ерусалим. Пејачите ги поделил на две групи. Тие се искачиле на градскиот ѕид и тргнале да го обиколат градот — едните од едната страна, а другите од другата. Свиреле на труби, чинели и харфи и му пееле на Јехова. Езра тргнал со едната група, а Неемија со другата. Двете групи на крајот се сретнале кај храмот, и сите луѓе — мажи, жени и деца — му принеле жртви на Јехова и се веселеле. Нивната радост била толку голема што се слушала надалеку.
„Никакво оружје направено против тебе нема да успее“ (Исаија 54:17)
-