-
Елисавета родила детеПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 68
Елисавета родила дете
Поминале повеќе од 400 години откако биле обновени ѕидовите на Ерусалим. Во близина на овој град живеел еден свештеник по име Захарија со својата жена, Елисавета. Тие биле во брак многу години, но немале деца. Еден ден, додека Захарија принесувал темјан во Светињата во храмот, му се појавил ангелот Гавриел. Захарија многу се исплашил, но Гавриел му рекол: „Не плаши се. Ти носам добра вест од Јехова. Жена ти, Елисавета, ќе роди син кој ќе се вика Јован. Јехова го избра Јован за една важна задача“. Захарија прашал: „Како да верувам во тоа? Јас и жена ми сме престари за да имаме дете“. Гавриел рекол: „Бог ме испрати да ви ја кажам оваа вест. Но бидејќи не ми поверува, ќе бидеш нем сѐ додека бебето не се роди“.
Захарија се задржал во Светињата подолго од обично. Кога конечно излегол, луѓето што биле таму сакале да знаат што се случило. Но, Захарија не можел да зборува. Можел само да прави знаци со рацете. Тогаш луѓето сфатиле дека Захарија добил порака од Бог.
По некое време, Елисавета забременила и родила машко дете, токму како што рекол ангелот. Нејзините пријатели и роднини дошле да го видат бебето. Тие многу се радувале за Елисавета. Таа им рекла: „Ќе му го дадеме името Јован“. Тогаш тие ѝ рекле: „Ама никој во вашата фамилија не се вика Јован. Нека се вика Захарија, како татко му“. Но, Захарија зел една плочка и напишал: „Јован му е името“. Од тој момент, Захарија повторно можел да зборува! Луѓето од цела Јудеја дознале за ова дете и велеле: „Што ли ќе стане од него кога ќе порасне?“
Потоа Захарија се исполнил со свет дух и кажал едно пророштво: „Нека биде славен Јехова. Тој му вети на Авраам дека ќе испрати Месија, кој ќе нѐ спаси. Јован ќе биде пророк, и ќе му го подготви патот на Месијата“.
Нешто посебно ѝ се случило и на Марија, која ѝ била роднина на Елисавета. Што било тоа? Да видиме во следното поглавје.
„За луѓето тоа е невозможно, но за Бог сѐ е возможно“ (Матеј 19:26)
-
-
Ангелот Гавриел дошол кај МаријаПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 69
Ангелот Гавриел дошол кај Марија
Марија ѝ била роднина на Елисавета. Таа била млада и живеела во градот Назарет во Галилеја. Марија била верена за Јосиф, кој бил дрводелец. Кога Елисавета била во шестиот месец од бременоста, ангелот Гавриел ѝ се појавил на Марија. Тој ја поздравил и ѝ рекол: „Јехова ти укажа голема чест, Марија“. Таа не сфатила што сакал да каже Гавриел. Затоа, тој ѝ рекол: „Ќе забремениш и ќе родиш син. Дај му го името Исус. Тој ќе владее како Цар, и неговото Царство ќе трае засекогаш“.
Марија рекла: „Ама јас уште не сум мажена. Како може да имам дете?“ Гавриел ѝ одговорил: „За Јехова ништо не е невозможно. Ќе добиеш син со помош на светиот дух. И твојата роднина Елисавета забремени“. Тогаш Марија рекла: „Јас сум Јеховина робинка. Нека биде како што кажа“.
Марија отишла во еден град во планините кај Елисавета. Кога стигнала кај неа и ја поздравила, Елисавета почувствувала дека бебето во неа потскокнало. Тогаш се исполнила со свет дух и рекла: „Марија, Јехова многу те благослови. Колкава чест е мајката на Месијата да дојде кај мене!“ Марија рекла: „Со сета душа го славам Јехова“. Таа останала кај Елисавета три месеци, а потоа се вратила дома во Назарет.
Кога Марија му кажала на Јосиф дека е бремена, тој повеќе не сакал да ја земе за жена. Но, еден ангел му се појавил на сон и му рекол: „Не плаши се да се ожениш со неа. Таа не направи ништо лошо“. Така Јосиф се оженил со Марија.
„Сѐ што сакаше Јехова да направи, направи на небото и на земјата“ (Псалм 135:6)
-