-
Исус станал МесијаПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 74
Исус станал Месија
Јован проповедал: „Доаѓа некој што е поважен од мене“. Кога Исус имал околу 30 години, од Галилеја отишол кај реката Јордан. Таму Јован ги крштавал луѓето. Исус сакал Јован да го крсти и него, но Јован му рекол: „Не можам јас да те крстам. Ти треба да ме крстиш мене“. Исус му одговорил: „Јехова сака ти да ме крстиш“. Така влегле во реката Јордан и Јован целосно го потопил Исус во водата.
Потоа, Исус се кренал од водата и се помолил. Во истиот момент, небесата се отвориле и Божјиот дух слегол врз него во облик на гулаб. Тогаш Јехова од небото рекол: „Ти си мојот Син, кој многу го сакам. Ти си ми по волја“.
Кога светиот дух дошол на Исус, тој станал Христос, односно Месија. Оттогаш Исус почнал да ја врши задачата за која Јехова го испратил на Земјата.
Веднаш откако се крстил, Исус отишол во пустината и останал таму 40 дена. Кога се вратил, отишол да се види со Јован. Додека му се приближувал, Јован рекол: „Ова е Божјето Јагне! Преку него ќе им се простат гревовите на луѓето“. Со овие зборови им покажал на луѓето дека Исус е Месијата. А дали знаеш што му се случило на Исус додека бил во пустината? Ајде да видиме.
„Од небото се слушна глас: ’Ти си мојот сакан Син! Ти си по мојата волја‘“ (Марко 1:11)
-
-
Ѓаволот го искушал ИсусПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 75
Ѓаволот го искушал Исус
Откако Исус се крстил, светиот дух го одвел во пустината. Цели 40 дена не јадел ништо, и затоа бил многу гладен. Тогаш Ѓаволот дошол кај него за да го наведе да му згреши на Бог, и му рекол: „Ако навистина си Божји Син, кажи им на овие камења да станат лебови“. Но, Исус му одговорил така што цитирал од Божјата Реч: „Напишано е дека на човекот не му треба само храна за да живее. Тој треба да го слуша и секој збор што доаѓа од Јехова“.
Потоа, Ѓаволот му рекол на Исус: „Ако навистина си Божји Син, скокни од највисокиот дел на храмот. Напишано е дека Бог ќе ги прати своите ангели да те фатат за да не паднеш“. Но, Исус повторно цитирал од Божјата Реч: „Напишано е дека не треба да го испитуваме Јехова“.
На крајот, Сатана му ги покажал на Исус сите царства на светот, сето нивно богатство и слава, и му рекол: „Сите овие работи ќе ти ги дадам ако ми се поклониш само еднаш“. Но, Исус му одговорил: „Бегај, Сатано! Напишано е дека треба да му служиме само на Јехова“.
Тогаш Ѓаволот си заминал, а кај Исус дошле ангели и му дале нешто да јаде. Оттогаш, Исус почнал да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство. Тој бил испратен на Земјата токму поради тоа. На луѓето им се допаѓало тоа што го кажувал Исус, па затоа го следеле каде и да одел.
„Кога [Ѓаволот] зборува лага, го зборува своето, бидејќи е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44)
-