-
Исус проповедал за Божјето ЦарствоПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 78
Исус проповедал за Божјето Царство
Кратко откако се крстил, Исус почнал да проповеда: „Божјето Царство е близу“. Додека тој патувал низ Галилеја и Јудеја, неговите ученици го следеле. Кога Исус се вратил во својот град Назарет, влегол во синагогата, го отворил свитокот на Исаија и пред сите прочитал: „Јехова ми даде свет дух за да ја проповедам добрата вест“. Потоа рекол: „Ова пророштво се исполни денес“. Иако луѓето сакале да гледаат како Исус прави чуда, тој добил свет дух главно за да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство.
Потоа Исус отишол кај Галилејското Море. Таму нашол четири свои ученици, кои биле рибари. Тој им рекол: „Дојдете со мене, и ќе станете рибари на луѓе“. Овие ученици се викале Петар, Андреј, Јаков и Јован. Тие ја оставиле својата работа како рибари и веднаш тргнале по Исус. Заедно со него патувале низ цела Галилеја и проповедале за Божјето Царство. Тие проповедале во синагогите, на пазарите и по улиците. Каде и да оделе, ги следела голема група луѓе. За Исус се зборувало насекаде, дури и во далечната Сирија.
Со текот на времето, на некои од своите следбеници Исус им дал моќ да ги лекуваат луѓето и да истеруваат демони. А други оделе со него додека проповедал од град во град и од село во село. Голем број верни жени, меѓу кои биле Марија Магдалена, Јоана и Сусана, оделе со Исус и со неговите следбеници и им помагале.
Откако ги обучил своите ученици, Исус ги испратил да проповедаат. Додека оделе низ Галилеја, тие им помогнале на многу луѓе да ја прифатат пораката и да се крстат. Толку многу луѓе сакале да станат ученици на Исус што тој ги споредил со нива спремна за жетва. Исус рекол: „Молете го Јехова да испрати повеќе работници за жетвата“. Подоцна, тој избрал 70 свои ученици и ги испратил да проповедаат во Јудеја двајца по двајца. Тие им проповедале за Божјето Царство на најразлични луѓе. Кога се вратиле, учениците биле многу радосни и едвај чекале да му кажат на Исус како си поминале. Добрата вест сѐ повеќе се ширела, а Ѓаволот не можел да направи ништо за да го спречи тоа.
Исус сакал неговите ученици да продолжат со тоа важно дело и откако тој ќе се врати на небото. Затоа им рекол: „Проповедајте ја добрата вест по целата Земја. Учете ги луѓето за Божјата Реч и крштавајте ги“.
„И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43)
-
-
Исус правел многу чудаПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 79
Исус правел многу чуда
Исус дошол на Земјата за да ја објавува добрата вест за Божјето Царство. Со помош на светиот дух што го добил од Јехова, тој направил многу чуда со кои покажал што ќе стори во иднина како Цар. Исус можел да лекува секакви болести. Каде и да одел, кај него доаѓале болни луѓе, и тој ги лекувал. Слепите почнувале да гледаат, глувите да слушаат, сакатите да одат, а ги лекувал и оние што биле обземени од демони. Луѓето оздравувале дури и ако само го допреле работ на неговата облека. Постојано го следеле многу луѓе. Исус им помагал дури и кога сакал да биде сам.
Еднаш, додека Исус бил во една куќа, некои луѓе донеле парализиран човек на носилка. Но, во куќата имало толку голема гужва што не можеле да го внесат човекот внатре. Затоа направиле дупка во покривот и го спуштиле долу. Исус му рекол на човекот: „Стани и оди“. Човекот навистина станал, и луѓето биле восхитени.
Во друга прилика, додека Исус влегувал во едно село, 10 мажи болни од лепра стоеле малку подалеку од него и викале: „Исус, помогни ни!“ Во тоа време, лепрозните луѓе не смееле да се доближуваат до други луѓе. На 10-те лепрозни Исус им рекол да одат во храмот. Според Јеховиниот закон, така требало да направи секој што ќе оздравел од лепра. Тие тргнале и, додека уште оделе по патот, оздравеле. Кога сфатил дека повеќе не е болен, еден од нив се вратил за да му се заблагодари на Исус и да го слави Бог. Иако сите 10 оздравеле, само еден му кажал фала на Исус.
Една жена која 12 години била многу болна, очајно сакала да се излечи. Додека Исус бил меѓу група луѓе, таа му се приближила од зад грб и го допрела работ на неговата облека. Во истиот момент, нејзината болест исчезнала. Тогаш Исус прашал: „Кој ме допре?“ Жената се исплашила, но сепак дошла пред него и му ја кажала вистината. Исус ја утешил и ѝ рекол: „Ќерко, оди си во мир“.
Еден угледен човек по име Јаир го молел Исус: „Те молам дојди кај мене! Мојата ќеркичка е многу болна“. Но, уште пред Исус да стигне таму, девојчето починало. Кога дошол пред куќата на Јаир, видел многу луѓе кои плачеле за девојчето. Исус им кажал: „Не плачете — таа само спие“. Тогаш го фатил девојчето за рака и рекол: „Дете, стани!“ Ќерката на Јаир станала во истиот момент. Исус им кажал на родителите да ѝ дадат да јаде. Можеш ли да си замислиш колку биле среќни?
„Бог го помаза со свет дух и сила, а тој минуваше низ земјата правејќи добро и лекувајќи ги сите кои Ѓаволот ги угнетуваше, зашто Бог беше со него“ (Дела 10:38)
-