-
Исус избрал дванаесет апостолиПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 80
Исус избрал дванаесет апостоли
Откако Исус проповедал околу една и пол година, дошло времето да донесе една важна одлука. Тој требало да избере ученици со кои најмногу ќе соработува и кои ќе предводат во христијанското собрание. За да може да направи добар избор, на Исус му била потребна помош од Јехова. Тој отишол на една планина каде што можел да биде сам, и таму се молел цела ноќ. Утрото, Исус повикал некои од своите ученици и од нив избрал 12 апостоли. Се сеќаваш ли како се викале? Тие биле Петар, Андреј, Јаков, Јован, Филип, Вартоломеј, Тома, Матеј, Јаков — синот на Алфеј, Тадеј, Симон и Јуда Искариот.
Андреј, Петар, Филип и Јаков
Овие 12 апостоли требало да патуваат со Исус. Откако ги обучил, тој ги испратил да проповедаат. Јехова им дал моќ да истеруваат демони и да лекуваат болни.
Јован, Матеј, Вартоломеј и Тома
Исус ги сметал апостолите за свои пријатели и имал доверба во нив. Фарисеите мислеле дека тие се необразовани и прости луѓе. Но, Исус ги ценел и ги обучил за делото на проповедање. Тие требало да останат со него и во најважните моменти од неговиот живот, на пример кратко пред да умре и по неговото воскресение. Исто како Исус, и повеќето апостоли биле од Галилеја. Некои од нив биле женети.
Јаков — синот на Алфеј, Јуда Искариот, Тадеј и Симон
Апостолите биле несовршени и правеле грешки. Понекогаш зборувале без да размислат, а донеле и некои лоши одлуки. Освен тоа, понекогаш биле многу нестрпливи, па дури и се расправале кој од нив е најважен. Сепак, апостолите биле добри луѓе кои го сакале Јехова. Подоцна, тие требало да бидат темелот на христијанското собрание.
„Ве нарекувам пријатели, бидејќи ви објавив сѐ што чув од мојот Татко“ (Јован 15:15)
-
-
Проповедта на горатаПоуки од Библијата
-
-
ПОГЛАВЈЕ 81
Проповедта на гората
Исус ги избрал своите 12 апостоли, и потоа тргнал да си оди од планината. Додека се симнувал, сретнал голема група луѓе. Тие биле дојдени од Галилеја, Јудеја, Тир, Сидон, Сирија и од другата страна на реката Јордан. Со себе носеле и луѓе што биле болни или, пак, измачувани од демони. Исус ги излекувал сите, а потоа седнал и почнал да го поучува народот. Тој објаснил што треба да правиме ако сакаме да бидеме пријатели со Бог: треба да бидеме свесни дека не можеме без Јехова и треба да научиме да го сакаме. Но, не можеме да го сакаме Бог ако не ги сакаме луѓето. Треба да бидеме добри и фер со сите, дури и со оние што не се однесуваат убаво со нас.
Исус рекол: „Не треба да ги сакате само вашите пријатели. Треба да ги сакате и непријателите и да им простувате на луѓето од срце. Ако некој ви се лути поради нешто, брзо одете кај него и извинете му се. Со другите однесувајте се како што сакате и тие да се однесуваат со вас“.
Исус им дал добри совети на луѓето и за материјалните работи. Тој рекол: „Поважно е да бидеш пријател со Јехова отколку да бидеш многу богат. Парите може да ти ги украдат, но пријателството со Јехова никој не може да ти го украде. Престанете да се грижите што ќе јадете, пиете или облечете. Погледнете ги птиците. Бог се погрижил секогаш да имаат што да јадат. Грижите нема да ви го продолжат животот. Не заборавајте, Јехова знае што ви треба“.
Луѓето првпат слушнале некој да поучува така. Нивните верски водачи не ги учеле за такви работи. Зошто Исус бил толку добар учител? Бидејќи сѐ што кажувал доаѓало од Јехова.
„Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души“ (Матеј 11:29)
-