ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Кому да му веруваш?
    Разбудете се! 2006 | Септември
    • Кому да му веруваш?

      „Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“ (ЕВРЕИТЕ 3:4).

      СЕ СОГЛАСУВАШ ли со размислувањата на овој библиски писател? Откако бил напишан овој стих, пред околу 2.000 години, човештвото многу напредувало на полето на науката. Дали сѐ уште има луѓе кои мислат дека поради доказите за создавање во природата човек мора да верува во постоењето на Создател, Творец — Бог?

      Дури и во индустриски развиените земји, многу луѓе би рекле да. На пример, во Соединетите Држави, една анкета што во 2005 година ја спроведе списанието Newsweek, покажа дека 80 отсто од луѓето „веруваат дека Бог го создал универзумот“. Дали ова се должи на тоа што луѓето не се доволно образовани? Но, дали и некои научници веруваат во Бог? Научното списание Nature во 1997 година извести дека речиси 40 отсто од анкетираните биолози, физичари и математичари веруваат во Бог кој не само што постои туку и ги слуша и одговара на молитвите.

      Меѓутоа, други научници воопшто не се согласуваат со тоа. Д-р Херберт А. Хауптман, добитник на Нобелова награда, неодамна на една научна конференција рече дека верувањето во натприродното, особено во Бог, е неспојливо со вистинската наука. „Ваквото верување“, рече тој, „е штетно за доброто на човечкиот род.“ Дури и научниците што веруваат во Бог не можат да се решат да поучуваат дека, според доказите за создавање што се очигледни кај растенијата и животните, мора да има и Создател. Зошто? Откривајќи една причина, Даглас Х. Ервин, палеобиолог од Смитсоновиот институт, вели: „Едно од правилата на науката е: нема место за чуда“.

      Може да оставиш другите да ти кажуваат што треба да мислиш и во што треба да веруваш. Или, можеш и самиот да испиташ некои од доказите и да дојдеш до заклучок. Додека читаш за најновите научни откритија што се изнесени на наредните страници, запрашај се: ‚Дали е логично да се заклучи дека нема Творец?‘

      [Истакната мисла на страница 3]

      Самиот испитај ги доказите

      [Рамка на страница 3]

      ДАЛИ ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ СЕ КРЕАЦИОНИСТИ?

      Јеховините сведоци веруваат во записот за создавањето што е запишан во библиската книга Прва Мојсеева. Меѓутоа, не може да се рече дека се креационисти. Зошто? Прво, многу креационисти веруваат дека универзумот и Земјата и целиот живот на неа биле создадени пред околу 10.000 години, во текот на шест дена од по 24 часа. Но, Библијата не кажува така.a Понатаму, креационистите имаат прифатено многу учења кои не се поткрепени во Библијата. Јеховините сведоци ги темелат своите верски учења исклучително на Божјата реч.

      Освен тоа, во некои земји зборот „креационист“ е синоним за фундаменталистичките групи кои активно учествуваат во политиката. Овие групи се обидуваат да убедат разни политичари, судии и педагози да ги прифатат законите и учењата кои се во склад со верските учења на креационистите.

      Јеховините сведоци се неутрални во политички поглед. Тие го почитуваат правото на властите да ги донесуваат и да ги спроведуваат законите (Римјаните 13:1-7). Меѓутоа, тие сериозно ја сфаќаат изјавата на Исус дека „не се дел од светот“ (Јован 17:14-16). Додека ја извршуваат својата јавна служба, тие им даваат на луѓето можност да дознаат колкава е ползата од тоа да се живее според Божјите мерила. Но, тие не ја прекршуваат својата христијанска неутралност поддржувајќи ги фундаменталистичките групи кои се обидуваат да воспостават граѓанско право кое би ги присилило другите да ги прифатат библиските мерила (Јован 18:36).

      [Фуснота]

      a Види ја статијата „Гледиште на Библијата: Дали науката противречи на извештајот од Прва Мојсеева?“, која се наоѓа на 18. страница од овој број.

  • Што учиме од природата?
    Разбудете се! 2006 | Септември
    • Што учиме од природата?

      „Прашај ја, те молам, стоката, и таа ќе те поучи, и небесните крилести суштества, и тие ќе ти кажат! Интересирај се за земјата, и таа ќе те поучи, морските риби ќе ти раскажат“ (ЈОВ 12:7, 8).

      ВО ПОСЛЕДНИВЕ години, научниците и конструкторите учат, буквално кажано, од растенијата и од животните. Сакајќи да создадат нови производи и да ја подобрат работата на веќе постоечките машини, тие ги изучуваат и ги копираат карактеристиките на различни организми — научно поле познато како биомиметика. Додека ги разгледуваш примерите што следат, запрашај се: ‚Кому навистина му припаѓа заслугата за овие творби?‘

      Да учиме од перките на китот

      Што можат да научат конструкторите на авиони од грбавиот кит? Изгледа многу. Еден возрасен грбав кит тежи околу 30 тона — колку еден натоварен камион — и има релативно круто тело со големи перки кои личат на крилја. Ова животно, долго 10 метри, е неверојатно подвижно под вода. На пример, кога се храни, грбавиот кит може да плива во спирални кругови под својот оброк од лушпари или риби, и цело време испушта млаз од меурчиња. Оваа мрежа од меурчиња, која е со пречник од околу 1,5 метри, ги собира и ги носи лушпарите и рибите на површината. Потоа китот го проголтува на брзина своето убаво сервирано јадење.

      Она што особено ги заинтересира истражувачите беше како ова суштество со круто тело успева да се врти во навидум невозможно мали кругови. Открија дека тајната е во обликот на перките на китот. Предниот раб на перките не е мазен како кај крилото на еден авион, туку е запчест, со еден ред испакнати грпки наречени туберкули.

      Додека китот ја сече водата, овие туберкули ја зголемуваат силата што го подига нагоре и го намалуваат отпорот на водата. Како? Во списанието Natural History се објаснува дека туберкулите предизвикуваат водата побрзо да се движи над перката со мазно, ротирачко движење, дури и кога китот се издига под многу остар агол. Кога предниот раб на перката би бил мазен, китот не би можел да прави такви мали кружни движења затоа што водата би се бранувала и би правела витли зад перката поради што китот не би можел да се издига нагоре.

      Каква практична корист може да има од ова откритие? Очигледно, на авионските крила направени според моделот на перката на грбавиот кит ќе треба да има помалку подвижни поклопки или други механички направи што ќе го променат воздушното струење. Таквите крила ќе бидат побезбедни и полесни за одржување. Џон Лонг, експерт по биомеханика, верува дека наскоро „најверојатно секој млазен патнички авион ќе има грпки какви што има грбавиот кит на своите перки“.

      Обид да се копира крилото на галебот

      Се разбира, крилјата на авионите веќе го копираат обликот на крилјата на птиците. Меѓутоа, конструкторите неодамна отидоа чекор понапред во тоа. „Истражувачите од Универзитетот во Флорида направија прототип на летало со далечинско управување кое е способно да лебди, брзо да се спушта и да се издигнува како галебот“, се вели во списанието New Scientist.

      Галебите ги изведуваат своите неверојатни аеробатски движења така што ги свиткуваат крилјата во зглобот на лактот и на рамото. Следејќи го овој модел на еластично крило, „61 сантиметар долгото прототипно летало користи мал мотор кој контролира низа метални шипки што ги движат крилјата“, се вели во списанието. Овие мудро конструирани крилја му овозможуваат на малото летало да лебди и нагло да се спушта меѓу високите згради. Американското воздухопловство сака да направи вакво летало кое лесно се управува за да го користи во откривањето на хемиското или биолошкото оружје во големите градови.

      Обиди да се копираат стапалата на геконот

      Човекот може многу да научи и од копнените животни. На пример, малиот гуштер познат како гекон може да се искачува по ѕидови и да оди по тавани. Дури и во библиски времиња, ова животно било познато по својата неверојатна способност (Изреки 30:28). Што се крие зад способноста на геконот да ја побие гравитацијата?

      Способноста на геконот да се залепи дури и на мазни стаклени површини доаѓа од многу ситната влакнеста структура со која се покриени неговите стапала. Стапалата не испуштаат лепило, туку користат многу мала молекуларна сила. Молекулите на двете површини се врзуваат една со друга поради многу слабите привлечни сили познати како сили Ван дер Валс. Обично гравитацијата лесно ги совладува овие сили, поради што еден човек не може да се искачи по ѕид ако само ги стави рацете на него. Меѓутоа, малите влакненца на стапалата на геконот ја зголемуваат површината што е во контакт со ѕидот. Кога ќе се помножат со илјадниците вакви влакненца, силите Ван дер Валс создаваат доволно привлечна сила што ќе ја издржи тежината на овој мал гуштер.

      Како ни користи ова откритие? Синтетичките материјали што се направени по урнекот на стапалата на геконот може да се користат како замена за чичка-лентата — уште една идеја позајмена од природата.a Во списанието The Economist е цитиран еден истражувач кој вели дека материјал направен од „гекон-лента“ би можел да се користи особено во „медицината, кога не можат да се користат хемиски лепила“.

      Кој ја заслужува честа?

      Во меѓувреме, НАСА усовршува робот со повеќе нозе кој оди како шкорпија, а конструкторите во Финска веќе имаат направено трактор со шест нозе кој може да се искачува преку пречки на истиот начин на кој што тоа го прават инсектите. Други истражувачи имаат направено материјал со мали ресички кои се отвораат и се затвораат на истиот начин како што тоа е случај кај боровите шишарки. Еден производител на автомобили проектира возило што го копира обликот на една риба од фамилијата Ostraciodontidae, која има необично мал отпор на телото. Други истражувачи, пак, за да направат полесен и поцврст оклоп за човечкото тело, ги испитуваат амортизациските способности на еден вид школки.

      Толку многу добри идеи доаѓаат од природата, што истражувачите имаат направено архива во која веќе се внесени илјадници различни биолошки системи. Научниците можат да бараат низ оваа архива за да најдат „природни решенија за своите проблеми при конструирањето“, се вели во списанието The Economist. Природните системи што се наоѓаат во оваа архива се познати како „биолошки патенти“. Обично, сопственик на патент е лицето или компанијата која законски регистрира некоја нова идеја или машина. Во врска со оваа архива на биолошки патенти, во The Economist се вели: „Со тоа што биомиметичките трикови ги нарекуваат ‚биолошки патенти‘, истражувачите само нагласуваат дека, всушност, природата е сопственик на патентите“.

      Од каде во природата сите овие интелигентни идеи? Многу истражувачи би ги припишале навидум генијалните градби во природата на милионите години на обиди и грешки во текот на еволуцијата. Но, други истражувачи дошле до поинаков заклучок. Микробиологот Мајкл Бехе во 2005 година, во весникот The New York Times напиша: „Од природата е очигледно дека се работи за создавање, а тоа ни остава простор да дојдеме до еден едноставен, убедлив аргумент: ако нешто изгледа, оди и квака како патка, тогаш, штом нема никаков цврст доказ за спротивното, мораме да заклучиме дека тоа е патка“. До каков заклучок дошол тој? „Не смееме да го игнорираме создавањето само затоа што е премногу очигледно.“

      Се разбира, конструкторот што ќе направи побезбедно, подобро авионско крило, заслужува да прими чест за својот изум. Слично на тоа, изумителот што ќе измисли повеќенаменски завој — или поудобен материјал за облека, или подобро моторно возило — заслужува чест за својот изум. Всушност, производителот што ќе копира туѓ изум, а нема да признае или да му ја оддаде честа на изумителот, може да биде сметан за криминалец.

      Според тоа, дали ти звучи логично, искусните и учени истражувачи, кои само бледо ги копираат природните системи за да решат тешки проблеми при конструирањето, да ѝ го припишат интелигентиот изум на оригиналната идеја на еволуцијата, во која не е вклучена никаква интелигенција? Ако за копијата е потребен интелигентен конструктор, тогаш што да кажеме за оригиналот? Навистина, кој заслужува поголема чест, учителот или ученикот кој ги имитира неговите методи?

      Логичен заклучок

      Откако ќе ги разгледаат доказите во природата кои укажуваат на создавање, многу луѓе што размислувале за тоа се чувствуваат исто како и псалмистот, кој напишал: „Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил, полна е земјата со твоите творби“ (Псалм 104:24). Библискиот писател Павле дошол до сличен заклучок. Тој рекол: „Зашто, неговите [Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:19, 20).

      Меѓутоа, многу искрени луѓе, кои вистински ја ценат Библијата и веруваат во Бог, тврдат дека Бог можеби ја искористил еволуцијата за да ги создаде чудата во природата. Но, што вели Библијата за тоа?

      [Фуснота]

      a Чичка -лентата е систем за закопчување составен од кукучки и јамки, кој е направен според градбата на семето на чичката.

      [Истакната мисла на страница 5]

      Од каде во природата сите овие интелигентни идеи?

      [Истакната мисла на страница 6]

      Кој е сопственик на патентот на природата?

      [Рамка/слики на страница 7]

      Ако за копијата е потребен интелигентен конструктор, тогаш што да кажеме за оригиналот?

      Ова многу подвижно летало ги копира крилјата на галебот

      Стапалата на геконот никогаш не се валкаат, никогаш не оставаат траги, се лепат на секаква површина освен на тефлон, и се лепат и се одлепуваат со многу мал напор. Истражувачите се обидуваат да ги копираат

      Конструкцијата на оваа риба, која создава необично мал отпор а е сепак стабилна, беше инспирација за замислата на ова возило

      [Извори на слики]

      Авион: Kristen Bartlett/ University of Florida; стапало на гекон: Breck P. Kent; риба и автомобил: Mercedes-Benz USA

      [Рамка/слики на страница 8]

      ПРИРОДНО МУДРИ НАВИГАТОРИ

      Многу животни се ‚природно мудри‘ кога треба да си го најдат патот додека се движат по нашава планета (Изреки 30:24, 25). Да разгледаме два примера.

      ◼ Контрола на сообраќајот кај мравките На кој начин мравките што одат во потрага по храна си го наоѓаат патот назад за да се вратат во својот мравјалник? Истражувачите во Обединетото Кралство откриле дека, освен тоа што оставаат мирисливи траги, некои мравки се служат со геометрија за да си направат патеки по кои полесно ќе можат да си го најдат патот до дома. На пример, црвената мравка „прави патеки кои во вид на зраци тргнуваат од нејзиниот мравјалник, а се раздвојуваат под агол од 50 до 60 степени“, стои во New Scientist. Што е толку специфично во оваа шема? Кога една мравка што се враќа во мравјалникот ќе дојде до место каде што се двои патот, инстинктивно тргнува по онаа патека што отстапува најмалку степени, и која сигурно ќе ја одведе дома. „Геометријата на раздвоените патеки“, пишува во истата статија, „овозможува да поминат што поголем број мравки низ мрежата од патеки, особено кога мравките одат по нив во два правца, а секоја мравка да потроши што помалку енергија доколку би одела во погрешен правец.“

      ◼ Птичји компаси Многу птици со извонредно прецизна точност прелетуваат големи растојанија по секакво време. Како? Истражувачите откриле дека птиците можат да го осетат магнетното поле на Земјата. Меѓутоа, „линиите на Земјиното магнетно поле се разликуваат од место до место и не покажуваат секогаш точно кон север“, стои во списанието Science. Што им помага на птиците преселници да не отстапат од курсот? Изгледа дека секоја вечер птиците точно си го местат својот внатрешен компас според зајдисонцето. Бидејќи положбата на зајдисонцето се менува во зависност од географската ширина и од годишното време, истражувачите мислат дека овие птици најверојатно умеат да се усогласат со тие промени преку „еден биолошки часовник што им кажува кое време од годината е“, стои во Science.

      Кој ја програмирал мравката да има познавања од геометријата? Кој ги опремил птиците со компас, биолошки часовник и мозок што може да ги протолкува информациите што ги даваат овие инструменти? Една неинтелигентна еволуција? Или еден интелигентен Творец?

      [Извор на слика]

      © E.J.H. Robinson 2004

  • Дали Бог се послужил со еволуција?
    Разбудете се! 2006 | Септември
    • Дали Бог се послужил со еволуција?

      „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“ (ОТКРОВЕНИЕ 4:11).

      НАБРЗО откако Чарлс Дарвин ја направи популарна теоријата за еволуција, многу таканаречени христијански цркви почнаа да бараат начин да го спојат своето верување во Бог со теоријата на еволуција.

      Денес, најугледните „христијански“ верски групи се спремни да ја прифатат идејата дека Бог мора на некој начин да се послужил со еволуција за да го создаде животот. Некои поучуваат дека Бог го програмирал универзумот да се развие на таков начин што живите суштества неизбежно би еволуирале од неживи хемиски материи, од кои на крајот би се развил човекот. Оние што го поддржуваат ова учење, познато како теистичка еволуција, мислат дека, откако веќе почнал тој процес, Бог повеќе не се мешал. Други сметаат дека, општо кажано, Бог дозволил еволуцијата да ги создаде повеќето фамилии на растенија и животни, но одвреме-навреме интервенирал за да помогне процесот да продолжи.

      Спој на учења — функционира ли тоа?

      Дали теоријата на еволуција навистина е во склад со учењата од Библијата? Ако еволуцијата е вистина, тогаш библискиот запис за создавањето на првиот човек Адам е само приказна од која треба да извлечеме морална поука, но која не треба да ја сфатиме буквално (1. Мојсеева 1:26, 27; 2:18-24). Дали Исус гледал така на библискиот запис? „Зарем не сте читале“, рекол тој, „дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско и рече: ‚Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ (Матеј 19:4-6).

      Овде Исус цитирал од записот за создавањето што е запишан во второто поглавје од 1. Мојсеева. Ако Исус верувал дека првиот брак бил измислена приказна, зарем ќе го спомнел како поткрепа за своето учење за светоста на бракот? Не. Исус укажал на записот од 1. Мојсеева затоа што знаел дека тоа е точна историја (Јован 17:17).

      И учениците на Исус верувале во записот за создавањето од 1. Мојсеева. На пример, евангелието на Лука го следи родословието на Исус сѐ до Адам (Лука 3:23-38). Ако Адам е измислен лик, во кој момент ова родословие би преминало од факт во мит? Ако коренот од ова семејно дрво е митолошки, тогаш колку уверливо би било тврдењето на Исус дека тој е Месијата, роден од лозата на Давид? (Матеј 1:1). Евангелскиот писател Лука рекол дека ‚внимателно испитал сѐ од почетокот‘. Очигледно тој верувал во записот за создавањето од 1. Мојсеева (Лука 1:3).

      Верата на апостол Павле во Исус била поврзана со тоа што имал доверба во записот од 1. Мојсеева. Тој напишал: „Поради тоа што смртта дојде преку човек, и воскресението на мртвите доаѓа преку човек. Зашто, како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15:21, 22). Кога Адам не би бил прататко на сите луѓе, оној преку кого „гревот влезе во светот и преку гревот смртта“, тогаш зошто би морал Исус да умре за да ги поништи последиците од наследениот грев? (Римјаните 5:12; 6:23).

      Да се поткопа верувањето во записот за создавањето од 1. Мојсеева значи да се поткопа самиот темел на христијанската вера. Теоријата на еволуција и учењата на Исус си противречат. Секој обид да се спојат овие две верувања може само да доведе до слаба вера која е склона да биде ‚фрлана од бранови и носена ваму-таму од секој ветар на учењето‘ (Ефешаните 4:14).

      Вера изградена на цврст темел

      Со векови Библијата трпи критики и напади. Секојпат се докажало дека Библијата е точна. Кога во неа се зборува за историја, здравје и наука, докажано е дека сето тоа е точно. Советите што се дадени во неа во врска со меѓучовечките односи се достојни за доверба и никогаш не застаруваат. Човечките филозофии и теории, како зелена трева, никнуваат и со текот на времето венеат, но Божјата реч „останува довека“ (Исаија 40:8).

      Учењето за еволуција не се ограничува само на полето на научната теорија. Тоа е човечка филозофија која се роди и цветаше со децении. Меѓутоа, во поново време, традиционалното учење за еволуција на Дарвин и самото еволуираше — всушност, мутираше — бидејќи има обиди да се објаснат сѐ поголемиот број докази дека сѐ во природата е создадено. Те охрабруваме да испиташ повеќе информации за оваа тема. Тоа можеш да го направиш така што ќе ги разгледаш и останатите статии во ова списание. Освен тоа, можеш да ги прочиташ и публикациите што се прикажани на оваа и на 32. страница.

      Откако ќе истражуваш на оваа тема, најверојатно ќе сфатиш дека ќе имаш поголема доверба во она што го вели Библијата за минатото. Што е уште поважно, ќе се зајакне твојата вера во ветувањата за иднината што се наоѓаат во Библијата (Евреите 11:1). Можеби ќе бидеш поттикнат да го фалиш Јехова, „Творецот на небото и на земјата“ (Псалм 146:6).

      ДОПОЛНИТЕЛЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА ЧИТАЊЕ

      Книга за сите луѓе Во оваа брошура се дадени конкретни примери за автентичноста на Библијата

      Постои ли творец кој се грижи за тебе? Испитај уште научни докази, и дознај зошто еден Бог полн со љубов би дозволил толкаво страдање

      Што навистина учи Библијата? Прашањето Каква е Божјата намера со Земјата? е одговорено во 3. поглавје од оваа книга

      [Истакната мисла на страница 10]

      Исус верувал во записот за создавањето од 1. Мојсеева. Дали бил во заблуда?

      [Рамка на страница 9]

      ШТО Е ЕВОЛУЦИЈА?

      Една дефиниција за „еволуција“ е: „Постепен развој“. Меѓутоа, овој збор се користи во повеќе контексти. На пример, се користи за да се опишат некои големи промени кај неживите работи — развојот на универзумот. Освен тоа, се користи и за да се опишат некои мали промени кај живите суштества — начинот на кој растенијата и животните се приспособуваат на својата средина. Но, овој збор најчесто се користи за да се опише теоријата дека животот настанал од неживи хемиски материи, кои се формирале во клетки што самите се размножуваат и полека се развиле во сѐ посложени творби од кои човекот е најинтелигентниот облик. Токму ова значење на зборот „еволуција“ се користи во оваа статија.

      [Извор на слика на страница 10]

      Фотографија од вселената: J. Hester and P. Scowen (AZ State Univ.), NASA

  • Интервју со еден биохемичар
    Разбудете се! 2006 | Септември
    • Интервју со еден биохемичар

      ВО 1996 година, Мајкл Џ. Бехе, сега професор по биохемија на Универзитетот Лихај во Пенсилванија (САД), ја издаде својата книга Црната кутија на Дарвин — биохемиски предизвик за еволуцијата (Darwin’s Black Box—The Biochemical Challenge to Evolution). Во Разбудете се! од 8 август 1997 година, имаше серија статии под наслов „Како сме дошле овде? Случајно или намерно?“, кои се осврнаа на книгата на Бехе. Во текот на оваа една деценија откако беше објавена Црната кутија на Дарвин, еволуционистите мака мачат да ги побијат аргументите на Бехе. Критичарите го обвинуваат за тоа што дозволил неговите верски убедувања — тој е римокатолик — да му го засенат научното просудување. Други, пак, тврдат дека неговите аргументи не се научни. Разбудете се! го интервјуираше професорот Бехе за да дознае зошто неговите идеи предизвикаа толку полемики.

      РАЗБУДЕТЕ СЕ!: ЗОШТО СМЕТАТЕ ДЕКА ЖИВОТОТ ДАВА ДОКАЗИ ДЕКА БИЛ СОЗДАДЕН ОД ИНТЕЛИГЕНТЕН ТВОРЕЦ?

      ПРОФЕСОР БЕХЕ: Секогаш кога ќе видиме како различни делови се организирани да извршуваат сложени функции, заклучуваме дека биле создадени. Да ги земеме за пример машините што ги користиме секој ден — косилка, автомобил, или дури и поедноставните работи. Еден пример што јас сакам да го користам е стапицата за глувци. Ќе заклучите дека некој ја направил затоа што гледате како нејзините различни делови се подредени така, што извршуваат функција со која ќе се фати глушецот.

      Денес науката е доволно напредната за да го открие најосновното ниво на живот. И, на наше големо изненадување, на молекуларно ниво, научниците открија сложена машинерија што одлично функционира. На пример, во живите клетки има мали молекуларни „камиони“ што ги пренесуваат материите од едната страна на клетката до другата. Има и ситни молекуларни „патокази“ што им кажуваат на овие „камиони“ дали да свртат лево или десно. Некои клетки имаат и молекуларни „надворешни мотори“ што ги движат клетките низ течност. Во други околности, кога ќе видат толку сложени работи да функционираат совршено, луѓето би заклучиле дека некој ги создал тие работи. Што и да тврди Дарвиновата теорија на еволуцијата, немаме друго објаснување за ваквата сложеност. Бидејќи сите сме увиделе дека таму каде што постои ваква организираност, мора да постои и некој што ја осмислил, оправдано е мислењето дека и овие молекуларни системи ги создал некој интелигентен творец.

      РАЗБУДЕТЕ СЕ!: СПОРЕД ВАС, ЗОШТО ПОВЕЌЕТО ВАШИ КОЛЕГИ НЕ СЕ СОГЛАСУВААТ СО ВАШИОТ ЗАКЛУЧОК ВО ВРСКА СО ПОСТОЕЊЕТО НА ИНТЕЛИГЕНТЕН ТВОРЕЦ?

      ПРОФЕСОР БЕХЕ: Многу научници не се согласуваат со моите заклучоци затоа што сфаќаат дека идејата за интелигентен творец укажува на нешто што е над науката — нешто што излегува од границите на физичкиот свет. На мнозина не им е пријатно поради овој заклучок. Меѓутоа, јас секогаш бев поучуван дека науката треба да ги следи доказите, сеедно каде водат тие. За мене е кукавичлук да отстапиш од нешто што е толку цврсто поткрепено со докази само затоа што мислиш дека заклучокот повлекува несакани филозофски импликации.

      РАЗБУДЕТЕ СЕ!: КАКО ИМ ОДГОВАРАТЕ НА КРИТИЧАРИТЕ КОИ ТВРДАТ ДЕКА, ДА СЕ ПРИФАТИ ИДЕЈАТА ЗА ИНТЕЛИГЕНТЕН ТВОРЕЦ Е ДОКАЗ ЗА НЕЗНАЕЊЕ?

      ПРОФЕСОР БЕХЕ: Заклучокот дека сѐ во природата е создадено не е резултат на незнаење. Тој не е резултат на она што не го знаеме; тој е резултат на она што го знаеме. Кога, пред 150 години, Дарвин ја објави својата книга Потекло на видовите, животот изгледаше едноставен. Научниците мислеа дека клетката е толку едноставна што може едноставно спонтано да избие од морската кал. Но, оттогаш науката откри дека клетките се страшно сложени, многу посложени од машините во нашиот свет во овој 21 век. Таа сложеност, која совршено функционира, укажува дека сѐ било создадено со цел.

      РАЗБУДЕТЕ СЕ!: ДАЛИ НАУКАТА ИМА НАЈДЕНО НЕКАКОВ ДОКАЗ СО КОЈ СЕ ПОТВРДУВА ДЕКА ЕВОЛУЦИЈАТА, ПРЕКУ ПРИРОДНА СЕЛЕКЦИЈА, МОЖЕЛА ДА ГИ СОЗДАДЕ СЛОЖЕНИТЕ МОЛЕКУЛАРНИ МАШИНИ ЗА КОИ ЗБОРУВАТЕ?

      ПРОФЕСОР БЕХЕ: Ако проверите во научните книги, ќе видите дека никој не направил сериозен обид — експериментален обид или детален научен модел — кој објаснува како настанале тие молекуларни машини со помош на процесите што ги спомнува Дарвин. Ова се случува и покрај фактот што во овие десет години откако е објавена мојата книга, многу научни организации, како што се Државната академија на науките и американското Здружение за унапредување на науката, упатија итни молби до своите членови да направат сѐ што можат за да ја побијат идејата дека живиот свет околу нас дава докази дека е создаден од интелигентен творец.

      РАЗБУДЕТЕ СЕ!: ШТО ИМ ОДГОВАРАТЕ НА ОНИЕ ШТО УКАЖУВААТ НА КАРАКТЕРИСТИКИ НА РАСТЕНИЈАТА ИЛИ ЖИВОТНИТЕ ЗА КОИ ТВРДАТ ДЕКА НЕ СЕ ДОБРО СОЗДАДЕНИ?

      ПРОФЕСОР БЕХЕ: Само поради тоа што не знаеме зошто некој организам има одредена карактеристика, не значи дека таа карактеристика нема важна улога. На пример, едно време се мислеше дека таканаречените спечени органи се доказ дека човечкото тело и другите организми се лошо создадени. На пример, едно време се сметаше дека слепото црево и крајниците се спечени органи и обично се вадеа со оперативен зафат. Но, потоа се откри дека овие органи играат важна улога во имунолошкиот систем и веќе не се сметаат за спечени органи.

      Друг фактор што не треба да се изостави е дека во биологијата, извесни работи навистина се случуваат случајно. Но, само затоа што мојата кола има вдлабнатина или ми е дупната гумата не значи дека колата или гумата не биле создадени. Слично на тоа, фактот што во биологијата некои работи се случуваат случајно, не значи дека високоразвиената, сложена молекуларна машинерија на живиот свет настанала случајно. Тоа едноставно нема логика.

      [Истакната мисла на страница 12]

      „За мене е кукавичлук да отстапиш од нешто што е толку цврсто поткрепено со докази само затоа што мислиш дека заклучокот повлекува несакани филозофски импликации“

  • Дали еволуцијата е факт?
    Разбудете се! 2006 | Септември
    • Дали еволуцијата е факт?

      „ЕВОЛУЦИЈАТА е исто толку факт колку што е факт и топлината од Сонцето“, тврди професор Ричард Докинс, познат еволуционист. Се разбира, експериментите и директните набљудувања докажуваат дека Сонцето е жешко. Но, дали експериментите и директните набљудувања даваат исто толку непобитни докази и за еволуцијата?

      Пред да одговориме на ова прашање, мора да разјасниме нешто. Многу научници забележале дека со текот на времето, потомците на живите суштества можат да претрпат незначителни промени. Чарлс Дарвин го нарекол овој процес „добивање потомство кај кое доаѓа до постепени промени“. Ваквите промени се забележани со директно набљудување и се докажани со експерименти, а одгледувачите на растенија и животни вешто ги користат.a Овие промени би можеле да се сметаат за факти. Меѓутоа, овие незначителни промени научниците ги нарекуваат „микроеволуција“. Дури и самиот збор го покажува она што го тврдат многу научници — дека овие мали промени се доказ за една сосема поинаква појава, појава што никој не ја видел и која тие ја нарекуваат макроеволуција.

      Значи, Дарвин отишол многу подалеку од ваквите видливи промени. Во својата прочуена книга Потеклото на видовите, тој напишал: „Според мене, сите живи суштества не се посебни созданија, туку директни потомци на само неколку суштества“. Дарвин рекол дека, во текот на долги временски периоди, овие првобитни „неколку суштества“, или таканаречени прости животни облици, малку по малку еволуирале — со помош на „незначително мали промени“ — во милионите различни животни облици што постојат на Земјата. Еволуционистите учат дека овие мали промени се надоврзале една на друга и довеле до големите промени што биле потребни рибите да станат водоземци и мајмуните да станат луѓе. Ваквите наводни големи промени се нарекуваат макроеволуција. На многу луѓе, ова второ тврдење им звучи разумно. Тие се прашуваат: ‚Ако можат да настанат мали промени во склоп на еден вид, тогаш зошто еволуцијата не би довела до големи промени во текот на подолги временски периоди?‘b

      Учењето за макроеволуција се темели на три главни претпоставки:

      1. Мутациите го даваат она што е потребно за да се создадат нови видови.c

      2. Природната селекција води до создавање на нови видови.

      3. Фосилите ги потврдуваат макроеволуционите промени кај растенијата и животните.

      Дали доказите за макроеволуцијата се толку силни што таа би требало да се смета за факт?

      Дали со мутациите можат да настанат нови видови?

      Многу детали од некое растение или животно се одредени врз основа на упатствата што се содржани во неговиот генетички код, планот што го содржи јадрото на секоја клетка.d Истражувачите откриле дека мутациите — или случајните промени — во генетичкиот код можат да доведат до промени кај потомците на растенијата и животните. Во 1946 година, Херман Џ. Милер, добитник на Нобелова награда и иницијатор на истражувањето на генетичките мутации, рекол: „Не само што ваквото надоврзување на многу ретки, најчесто ситни промени е главен начин на кој вештачки се усовршиле растенијата и животните, туку, што е уште поважно, е начин на кој се одвивала природната еволуција, водена од природната селекција“.

      Всушност, учењето за макроеволуција се темели на тврдењето дека со помош на мутациите не само што можат да настанат нови видови туку и сосема нови фамилии растенија и животни. Постои ли некаков начин да се провери ова смело тврдење? Па, разгледај што било откриено по околу 100 години истражувања на полето на генетиката.

      Кон крајот на 1930-тите, научниците воодушевено ја прифатија идејата дека, ако природната селекција можела да создаде нови видови растенија благодарение на случајни мутации, тогаш вештачката селекција на мутации предизвикана од човек би требало да биде уште поефикасна. „Меѓу повеќето биолози, а особено меѓу генетичарите и одгледувачите на растенија и животни, завладеа еуфорија“, рече во едно интервју за Разбудете се! Волф-Екехард Лониг, научник од германскиот Институт за истражување на одгледување растенија Макс Планк. Зошто сета таа еуфорија? Лониг, кој околу 28 години ги изучувал мутациите во гените на растенијата, рекол: „Овие истражувачи мислеа дека дошло време од корен да се промени традиционалниот метод на одгледување растенија и животни. Тие помислија дека, со тоа што ќе предизвикаат и ќе селектираат поволни мутации, ќе успеат да создадат нови и подобри растенија и животни“.e

      Научници во Соединетите Држави, во Азија и во Европа започнаа истражувачки програми во кои беа вложени огромни средства, користејќи методи што ветуваа дека ќе ја забрзаат еволуцијата. Какви беа резултатите по подолго од 40 години интензивно истражување? „И покрај огромните финансиски трошоци“, вели истражувачот Петер фон Зенгбуш, „обидот да се добијат сѐ попродуктивни подвидови со помош на озрачување се покажа неуспешен.“ Лониг рече: „Во 1980-тите, надежта и еуфоријата меѓу научниците во целиот свет згаснаа. Во западните земји беше напуштено одгледувањето со мутации како посебна гранка на истражувањето. Речиси сите мутанти покажаа ‚негативни селективни вредности‘, односно изумреа или беа послаби од природните видови“.f

      Сепак, податоците што се собрани сега, по околу 100 години истражување на полето на мутациите воопшто, и особено по 70 години одгледување со помош на мутации, им овозможуваат на научниците да дојдат до некои заклучоци во врска со способноста на мутациите да создадат нови видови. Откако ги испитал доказите, Лониг заклучил: „Мутациите не можат да променат еден вид [било растителен било животински] во сосема нов вид. Овој заклучок е во склад со сите искуства и резултати што се добиени од истражувањата на полето на мутациите во 20-тиот век собрани заедно, како и со законите на веројатноста. Така, законот на повторливи варијации укажува дека генетички прецизно дефинирани видови имаат граници што не можат да се поништат ниту да се отстранат со случајни мутации“.

      Размисли што значи сево ова. Ако високо школувани научници не можат да создадат нови видови со помош на вештачки предизвикани и избрани поволни мутации, дали е веројатно еден процес во кој не е вклучена никаква интелигенција да заврши подобра работа? Ако истражувањето покажува дека мутациите не можат да променат еден вид во сосема нов вид, тогаш како точно се одвивала макроеволуцијата?

      Дали природната селекција води до создавање нови видови?

      Дарвин верувал дека она што го нарекол природна селекција ќе биде во корист на оние животни облици што се најпогодни за околината, додека понепогодните со текот на времето ќе изумрат. Денешните еволуционисти велат дека, како што видовите се ширеле и се изолирале, природната селекција ги избирала оние што, поради генетичките мутации што се случувале кај нив, биле најпогодни за нивната нова средина. Како резултат на тоа, еволуционистите претпоставуваат дека овие изолирани групи, со текот на времето, се развиле во сосема нови видови.

      Како што забележавме претходно, доказите од истражувањата јасно покажуваат дека со помош на мутациите не можат да настанат сосема нови видови растенија или животни. Сепак, какви докази имаат еволуционистите за да го поткрепат тврдењето дека природната селекција избира корисни мутации за да се создадат нови видови? Во една брошура што во 1999 година ја издаде Државната академија на науките во Соединетите Држави, стои: „Еден особено убедлив пример на еволуција на нов биолошки вид се 13 видови зеби што ги изучувал Дарвин на Островите Галапагос, сега познати како зеби на Дарвин“.

      Во 1970-тите, една група за истражување предводена од Питер и Розмари Грант почнале да ги изучуваат овие зеби и откриле дека, по една година суша, зебите што имале малку поголеми клунови полесно преживеале отколку оние со помали клунови. Бидејќи големината и обликот на клуновите е еден од главните начини да се одредат 13-те вида зеби, овие откритија се сметаа за многу значајни. Во брошурата понатаму стои: „Грантови проценија дека, ако на островите настапува суша на секои 10 години, нов вид зеби би можеле да се појават дури по отприлика 200 години“.

      Меѓутоа, во истата брошура не се спомнуваат некои значајни, но непријатни факти. Во годините по сушата, бројот на зеби со помали клунови повторно се зголемил. Затоа, Питер Грант и дипломецот Лајл Гибс напишале во научното списание Nature во 1987 година дека увиделе „дека селекцијата оди во обратен правец“. Во 1991 година, Грант напишал дека „бројот на птици, подложни на природна селекција, осцилира горе-долу“ секогаш кога ќе се промени климата. Исто така, истражувачите забележале дека меѓу некои од различните „видови“ зеби доаѓало до парење и новото потомство преживувало полесно од родителите. Питер и Розмари Грант заклучиле дека, ако продолжи меѓусебното парење, за 200 години би можело да дојде до спојување на два „вида“ во само еден вид.

      Во 1966 година, еволуционистичкиот биолог Џорџ Кристофер Вилијамс напишал: „Мислам дека е жалосно што теоријата за природна селекција најнапред настана како објаснување на еволутивните промени. Таа е многу поважна како објаснување за одржување со помош на адаптација“. Во 1999 година, еволуционистот Џефри Шварц напишал дека, ако се исправни заклучоците на Вилијамс, природната селекција можеби им помага на видовите да се адаптираат на променливите услови за опстанок, но таа „не создава ништо ново“.

      Всушност, зебите на Дарвин не стануваат „ништо ново“. Тие си остануваат зеби. А тоа што меѓусебно се парат ги доведува во прашање методите што ги користат некои еволуционисти за да ги дефинираат видовите. Освен тоа, тие го изнесуваат фактот дека дури и угледните научни академии знаат да бидат пристрасни кога изнесуваат докази.

      Дали фосилите се доказ за макроеволуциони промени?

      Претходно споменатата брошура на Државната академија на науките му остава впечаток на читателот дека фосилите што ги пронашле научниците даваат повеќе од доволно докази за макроеволуцијата. Во оваа брошура се вели: „Толку меѓуоблици се откриени помеѓу рибите и водоземците, помеѓу водоземците и влекачите, помеѓу влекачите и цицачите, и кај потомците на приматите, што честопати е тешко прецизно да се открие кога настанува преод од еден во друг вид“.

      Оваа изјава, дадена со толкава увереност, е за изненадување. Зошто? Во 2004 година, во National Geographic фосилните пронајдоци беа опишани како „филм за еволуцијата од кој 999 од секои 1.000 слики останаа на подот на просторијата за монтажа“. Дали секоја илјадита „слика“ што преостанува уверливо го докажува процесот на макроеволуција? Што точно покажуваат фосилите? Најлс Елдреџ, убеден еволуционист, признава дека фосилите покажуваат дека долги временски периоди „кај повеќето видови имало само мали или никакви еволуциони промени“.

      До ден-денес, научниците во целиот свет откопале и каталогизирале околу 200 милиони големи фосили и милијарди микрофосили. Многу истражувачи се согласуваат дека овие обемни и детални откритија покажуваат дека сите главни групи животни се појавиле одеднаш и останале речиси непроменети, а многу видови исчезнале исто толку ненадејно како што се појавиле. Откако ги разгледува доказите што ги даваат фосилите, биологот Џонатан Велс пишува: „На ниво на царства, редови и класи, нема докази дека од заеднички предци се развило потомство со одредени промени. Судејќи според доказите што ги даваат фосилите и молекулите, тоа не е дури ниту добро потврдена теорија“.

      Еволуцијата — факт или бајка?

      Зошто многу угледни еволуционисти упорно тврдат дека макроеволуцијата е факт? Откако критикувал некои размислувања на Ричард Докинс, угледниот еволуционист Ричард Левонтин напишал дека многу научници се спремни да прифатат научни тврдења што се против здравиот разум „бидејќи имаме една првенствена обврска, обврската кон материјализмот“.g Многу научници одбиваат дури и да размислат за можноста дека постои интелигентен Творец бидејќи, како што пишува Левонтин, „не можеме да ја прифатиме дури ни идејата дека постои Бог“.

      Во врска со ова, социологот Родни Старк е цитиран во Scientific American, каде што вели: „Веќе 200 години се пропагира идејата дека, ако сакаш да бидеш човек што се разбира од наука, мора да си го ослободиш умот од прангите на религијата“. Понатаму, тој вели дека на универзитетите за научни истражувања, „религиозните луѓе си молчат“, а „нерелигиозните ги дискриминираат религиозните“. Според Старк, „во повисоките кругови [на научниот свет] награден е оној што не верува во Бог“.

      Ако го прифатиш како вистинито учењето за макроеволуција, мора да веруваш дека научниците што се агностици или атеисти нема да дозволат нивните лични верувања да влијаат врз нивното толкување на научните откритија. Мора да веруваш дека мутациите и природната селекција ги создале сите сложени облици на живот, и покрај тоа што по еден век истражувања, односно изучување на милијарди мутации, покажува дека со мутациите ниеден прецизно дефиниран вид не преминал во некој сосема нов вид. Мора да веруваш дека сите живи суштества постепено еволуирале од еден заеднички предок, иако фосилите јасно покажуваат дека главните видови растенија и животни се појавиле одеднаш и не еволуирале во некои други видови, дури ни во бескрајно долги временски периоди. Дали ти звучи дека ваквото верување се темели на факти, или на бајка?

      [Фусноти]

      a Оние што одгледуваат кучиња можат селективно да ги парат животните за да добијат потомци со покуси нозе или подолго влакно отколку нивните предци. Меѓутоа, промените што можат да ги предизвикаат одгледувачите на кучиња честопати се резултат на аномалии во функцијата на гените. На пример, малиот раст на јазовичарот е резултат на прекин во нормалниот развој на ’рскавицата, што доведува до џуџест раст.

      b Иако во оваа статија често го користиме зборот „вид“, треба да се забележи дека овој збор во библиската книга Прва Мојсеева не се користи како научен израз и затоа не треба да се меша со зборот „вид“ што се користи во науката.

      c Види ја рамката „Како се класифицирани живите организми?“

      d Истражувањата покажуваат дека цитоплазмата, мембраната и другите составни делови на клетката исто така играат улога во обликувањето на еден организам.

      e Изјавите на Лониг што се дадени во оваа статија се лично негови и не го претставуваат мислењето на Институтот за истражување на одгледување растенија Макс Планк.

      f Експериментите со мутациите секогаш покажуваа дека има сѐ помалку нови мутанти, и дека постојано се појавуваат веќе добиените мутанти. Од оваа појава, Лониг дошол до „законот на повторливи варијации“. Освен тоа, само помалку од 1 отсто од мутациите кај растенијата биле избрани за натамошно истражување, а помалку од 1 отсто од нив беа погодни за комерцијална употреба. Резултатите од одгледувањето со мутации кај животните беа уште полоши отколку кај растенијата, и овој метод беше сосема отфрлен.

      g Материјализмот, во оваа смисла, се однесува на теоријата дека материјата е единствената или основна реалност, дека сѐ во универзумот, вклучувајќи го и сиот жив свет, настанало без интервенција од некое натприродно суштество.

      [Истакната мисла на страница 15]

      „Мутациите не можат да променат еден вид [било растителен било животински] во сосема нов вид“

      [Истакната мисла на страница 16]

      Во најмала рака, зебите на Дарвин покажуваат дека еден вид може да се адаптира на промените во климата

      [Истакната мисла на страница 17]

      Според фосилните докази, сите главни групи животни се појавиле одеднаш и останале речиси непроменети

      [Табела на страница 14]

      (Види во публикацијата)

      КАКО СЕ КЛАСИФИЦИРАНИ ЖИВИТЕ ОРГАНИЗМИ

      Организмите се класифицираат во групи што прогресивно растат, од одредени видови до царства.h На пример, да ја споредиме класификацијата на луѓето со класификацијата на овошните мушички што се наведени подолу.

      ЛУЃЕ ОВОШНИ МУШИЧКИ

      Вид сапиенс меланогастер

      Род Хомо Дрозофила

      Фамилија Хоминиди Дрозофилиди

      Ред Примати Двокрилци

      Класа Цицач Инсекти

      Тип Хордови Членконоги

      Царство Животинско Животинско

      [Фуснота]

      h Забелешка: Во 1. поглавје од 1. Мојсеева се вели дека растенијата и животните требало да се размножуваат „според својот вид“ (1. Мојсеева 1:12, 21, 24, 25). Меѓутоа, зборот „вид“ што се наоѓа во Библијата не се користи како научен израз и не треба да се меша со зборот „вид“ што се користи во науката.

      [Извор на слика]

      Табелата се темели на книгата Икони на еволуцијата — наука или бајка? Зошто поголемиот дел од она што го учиме за еволуцијата е погрешно? (Icons of Evolution—Science or Myth? Why Much of What We Teach About Evolution Is Wrong), од Џонатан Велс

      [Слики на страница 15]

      Мутираната овошна мушичка (горе), иако е видоизменета, сепак е мушичка

      [Извор на слика]

      © Dr. Jeremy Burgess/Photo Researchers, Inc.

      [Слики на страница 15]

      Експериментите со мутациите кај растенијата секогаш покажуваа дека има сѐ помалку нови мутанти, и дека постојано се појавуваат веќе добиените мутанти (Прикажаниот мутант има поголеми цветови)

      [Извор на слика на страница 13]

      Од една фотографија на Mrs. J. M. Cameron/ U.S. National Archives photo

      [Извор на слика на страница 16]

      Глави на зеби: © Dr. Jeremy Burgess/ Photo Researchers, Inc.

      [Извори на слики на страница 17]

      Диносаурус: © Pat Canova/Index Stock Imagery; фосили: GOH CHAI HIN/AFP/Getty Images

  • Зошто веруваме во Творец
    Разбудете се! 2006 | Септември
    • Зошто веруваме во Творец

      Многу стручњаци од разни научни полиња можат да видат од природата дека постои интелигентен Творец. Ним не им е логично да веруваат дека сложената комплексност на животот на Земјата е чиста случајност. Затоа, повеќе научници и истражувачи веруваат во постоењето на Творец.

      Некои од нив станале Јеховини сведоци. Тие се уверени дека Богот за кого пишува во Библијата е Создателот и Конструкторот на материјалниот универзум. Зошто дошле до таков заклучок? Разбудете се! интервјуираше неколкумина од нив. Можеби ќе те интересираат нивните одговори.a

      „Незамислива комплексност на животот“

      ◼ КРАТКА БИОГРАФИЈА НА ВОЛФ-ЕКЕХАРД ЛОНИГ

      Во последниве 28 години се занимавам со научна работа на полето на генетските мутации кај растенијата. Од тие 28 години, 21 работам во Институтот за истражување на одгледување растенија Макс Планк, во Келн (Германија). Исто така, речиси три децении служам како старешина во едно христијанско собрание на Јеховините сведоци.

      Бидејќи вршам емпириски истражувања во генетиката и изучувам биолошки теми како што се физиологија и морфологија, доаѓам во контакт со огромната и честопати незамислива комплексност на животот. Изучувајќи ги овие теми, уште повеќе се уверив дека животот, дури и во најосновните облици, мора да го создал некој интелигентен творец.

      Научната заедница е сосем свесна за тоа колкава комплексност постои во живите творби. Но, овие фасцинантни факти обично се изнесуваат во контекст што ја поддржува еволуцијата. Меѓутоа, според моето мислење, доказите што се изнесуваат против она што го вели библискиот запис за создавањето, пропаѓаат кога ќе се подложат на научно испитување. Јас веќе со децении испитувам такви докази. По долго и внимателно изучување на живите суштества и откако увидов колку совршено се ускладени законите што владеат во универзумот за да може да има живот на Земјата, морам да верувам во постоењето на Творец.

      „За сѐ што гледам околу себе има причина“

      ◼ КРАТКА БИОГРАФИЈА НА БАЈРОН ЛЕОН МЕДОУЗ:

      Живеам во Соединетите Држави и работам за НАСА, во одделот за ласерска физика. Моментално сум вклучен во проектот за усовршување на технологијата со која ќе се подобри способноста за набљудување на глобалната клима, временските фактори и други појави што се случуваат на нашата планета. Служам како старешина во едно од собранијата на Јеховините сведоци во областа Килмарнок (Вирџинија).

      При моите истражувања, често ги користам принципите на физиката. Се трудам да сфатам како и зошто се случуваат некои работи. Во мојата струка наоѓам јасни докази дека за сѐ што гледам околу себе има причина. Сметам дека и од научна гледна точка е разумно да прифатиме дека Бог е првобитниот причинител на сѐ во природата. Законите во природата се премногу стабилни за да не верувам дека ги воспоставил некој Организатор, Творец.

      Ако овој заклучок е толку очигледен, тогаш зошто толку многу научници веруваат во еволуција? Дали можеби еволуционистите ги засноваат своите докази на однапред донесени претпоставки? Тоа не е нешто необично за научниците. Но набљудувањата, колку и да се убедливи, не гарантираат точен заклучок. На пример, еден истражувач на полето на ласерската физика може да тврди дека светлината е бран, сличен на звучниот бран, зашто таа честопати и се однесува како бран. Но, неговиот заклучок не е целосен зашто доказите уште потврдуваат дека светлината се однесува и како група честички, познати како фотони. Слично на ова, оние што тврдат дека еволуцијата е факт, ги засноваат своите заклучоци само на дел од доказите, и дозволуваат нивните претпоставки да влијаат врз тоа како ќе гледаат на доказите.

      Ме чуди тоа што сите ја прифаќаат теоријата за еволуција како факт, кога самите „стручњаци“ за еволуција водат полемики за тоа како наводно се случила еволуцијата. На пример, ќе ја прифатиш ли аритметиката како докажан факт ако некои стручњаци велат дека 2 плус 2 е 4, додека други велат дека збирот е 3 или можеби 6? Ако улогата на науката е да го прифати само она што може да се докаже, испита и повтори, тогаш теоријата дека целиот живот еволуирал од заеднички предок не е научен факт.

      „Не може да се добие нешто од ништо“

      ◼ КРАТКА БИОГРАФИЈА НА КЕНЕТ ЛОЈД ТАНАКА:

      Јас сум геолог и моментално работам во американскиот Државен завод за геолошки истражувања во Флагстаф (Аризона). Речиси три децении учествувам во научни истражувања на различни полиња на геологијата, вклучувајќи ја и геологијата на планетите. Многу статии со мои истражувања и геолошки карти на Марс се објавени во признати научни списанија. Како Јеховин сведок, поминувам околу 70 часа секој месец поттикнувајќи ги луѓето да ја читаат Библијата.

      Бев поучуван да верувам во еволуцијата, но не можев да прифатам дека огромната енергија што била потребна за да се создаде универзумот можела да се создаде без моќен Творец. Не може да се добие нешто од ништо. Цврст доказ за постоењето на Творец наоѓам и во самата Библија. Оваа книга дава безброј примери за научни факти токму од мојата струка. Некои од тие факти се дека Земјата има облик на сфера и дека е обесена „на ништо“ (Јов 26:7; Исаија 40:22). Овие факти биле запишани во Библијата долго пред да бидат докажани со испитувањата на луѓето.

      Да размислиме само за тоа како сме создадени. Обдарени сме со сетилна перцепција, со самосвесност, со способност за интелигентно размислување и за комуникација и со чувства. Особено имаме дарба да почувствуваме љубов, да бидеме благодарни за неа и да покажеме љубов. Еволуцијата не може да објасни како се родиле овие прекрасни особини во човекот.

      Запрашај се: ‚Колку веродостојни и сигурни се изворите на информации кои се користат како поткрепа за еволуцијата?‘ Геолошкиот запис е некомплетен, сложен и збунува. Еволуционистите не успеаја убедливо да ги докажат еволутивните процеси користејќи научни методи во лабораторија. И иако научниците обично користат добри техники за истражување со цел да соберат податоци, честопати, кога ги толкуваат своите откритија, врз нив влијаат себичните мотиви. Научниците се познати по тоа што, кога податоците не се уверливи или кога се противречни, ги застапуваат своите сопствени мислења. При тоа важна улога играат нивната кариера и нивното чувство на самопочит.

      И како научник и како изучувач на Библијата, ја барам целата вистина, што ги опфаќа сите познати факти и искуства за да дојдам до најточното разбирање. За мене, најголема смисла има верувањето во Творец.

      „Клетката дава очигледен доказ за создавање“

      ◼ КРАТКА БИОГРАФИЈА НА ПОЛА КИНЧЕЛО:

      Веќе неколку години работам како истражувач на полето на клеточната и молекуларната биологија и микробиологија. Моментално работам на Универзитетот Емори во Атланта (Џорџија, САД). Исто така работам како волонтер и ги поучувам за Библијата луѓето од руската заедница.

      Како дел од моето образование по биологија, четири години посветив на изучување на клетката и нејзините составни делови. Колку повеќе учев за ДНК, РНК, протеините и текот на метаболизмот, толку повосхитена бев од сложеноста, организираноста и прецизноста со кои сето тоа се одвива. И, иако бев воодушевена од огромното знаење што го стекнал човекот за клетката, уште повеќе ме восхитуваше помислата уште колку многу има да се учи. Една причина зошто верувам во Бог е тоа што клетката дава очигледен доказ за создавање.

      Проучувајќи ја Библијата, дознав кој е Творецот — Јехова Бог. Уверена сум дека тој не само што е интелигентен Творец, туку е и нежен и милостив Татко, кој се грижи за мене. Библијата објаснува која е смислата на животот и ни дава надеж за среќна иднина.

      Учениците, кои на училиште учат за еволуцијата, можеби не се сигурни во што да веруваат. Тоа навистина може да ги збуни. Ако веруваат во Бог, верата ќе им биде ставена на испит. Но, можат успешно да го поминат тој испит ако ги истражат многуте зачудувачки работи во природата што нѐ опкружува и ако продолжат да учат за Творецот и за неговите особини. Јас, лично, го правам тоа, и сум дошла до заклучок дека библискиот запис за создавање е точен и дека не ѝ противречи на науката.

      „Прекрасната едноставност на законите“

      ◼ КРАТКА БИОГРАФИЈА НА ЕНРИКЕ ХЕРНАНДЕЗ ЛЕМУС:

      Јас сум полновремен проповедник кај Јеховините сведоци. Исто така сум и теоретски физичар и работам на Државниот универзитет на Мексико. Моментално работам на изнаоѓање можно термодинамичко објаснување на појавата што е позната како гравотермална катастрофа, што е, всушност, механизам за растење на ѕвездите. Исто така се имам занимавано и со сложеноста на ДНК комбинациите.

      дноставно, животот е премногу комплициран за да може да настане случајно. На пример, да го разгледаме огромното количество информации што ги содржи молекулот на ДНК. Математичката веројатност само еден хромозом да настане случајно е помала од 1 спрема 9 билиони, нешто што е толку неверојатно што може да се смета за невозможно. Мислам дека е неразумно да се верува дека неинтелигентни сили можеле да создадат, не само еден хромозом, туку целата таа комплексност што постои во живите суштества.

      Освен тоа, кога го изучувам крајно сложеното функционирање на материјата, од микроскопско ниво па сѐ до движењето на огромните ѕвездени маглини во вселената, ме восхитува прекрасната едноставност на законите што го контролираат нивното движење. За мене, овие закони се многу повеќе отколку дело на еден Врвен Математичар — тие се како потпис на еден Врвен Уметник.

      Луѓето честопати се изненадени кога ќе им кажам дека сум Јеховин сведок. Понекогаш ме прашуваат како може да верувам во Бог. Нивната реакција е логична, зашто повеќето религии не ги поттикнуваат своите верници да бараат доказ за она за што се поучени или да истражуваат во врска со своите верувања. Меѓутоа, Библијата нѐ поттикнува да ја користиме својата „способност за расудување“ (Изреки 3:21). Сите докази што ги наоѓаме во природата и кои укажуваат на создавање, заедно со доказите од Библијата, ме уверуваат дека Бог не само што постои, туку е и заинтересиран за нашите молитви.

      [Фуснота]

      a Гледиштата што ги изнесуваат овие стручњаци не мора да значи дека се исти и со гледиштата на нивните работодавци.

      [Извор на слика на страница 22]

      Марс во позадина: со љубезна дозвола на USGS Astrogeology Research Program, http://astrogeology.usgs.gov

  • Фасцинантни шеми кај растенијата
    Разбудете се! 2006 | Септември
    • Фасцинантни шеми кај растенијата

      СИ ЗАБЕЛЕЖАЛ ли некогаш дека многу растенија растат во спирална форма? На пример, еден ананас може да има 8 спирални лушпи што одат во еден правец и 5 или 13 што одат во спротивниот правец. (Види ја слика 1.) Ако го разгледаш семето на сончогледот, ќе видиш 55 и 89 спирали што се вкрстуваат, а може да има и повеќе. Вакви спирали може да се видат дури и кај карфиолот. Кога веќе ќе почнеш да ги забележуваш спиралите, пазарувањето овошје и зеленчук ќе ти биде уште поинтересно. Зошто растенијата растат вака? Дали бројот на спиралите има некакво значење?

      Како растат растенијата?

      Повеќето растенија образуваат нови органи, како што се стеблото, лисјата и цветовите, од една мала централна точка на растење што се вика меристем. Секоја нова структура, наречена примордиум, се развива и расте од центарот во нов правец и секогаш е под ист агол во однос на претходниот израсток.a (Види ја слика 2.) Кај повеќето растенија, новите израстоци се подредени под одреден агол, поради што се формираат спирали. Колкав е тој агол?

      Да размислиме за овој проблем: Замисли си дека треба да направиш едно растение така, што новите израстоци ќе бидат густо наредени околу точката на растење, без празен простор меѓу нив. Да претпоставиме дека ќе избереш да направиш секој нов примордиум да расте и да ротира под агол од две петтини во однос на претходниот израсток. Во тој случај ќе наидеш на проблем, зашто секој петти примордиум ќе расте од истата точка и во ист правец. Меѓу низите ќе остане празен простор. (Види ја слика 3.) Факт е дека секоја проста дропка би довела до формирање низи со празен простор, наместо потполно да се искористи просторот. Само кога се под „идеален агол“, како што го нарекуваат, од приближно 137,5 степени, израстоците се идеално подредени. (Види ја слика 5.) Зошто овој агол е толку посебен?

      Идеалниот агол е идеален затоа што не може да се прикаже со едноставна дропка. Дропката 5/8 е близу до тој агол, 8/13 е поблизу, 13/21 уште поблизу, но со ниедна дропка не се изразува идеалната пропорција на ротирање. Затоа, кога од меристемот ќе се развие нов израсток под овој фиксен агол во однос на претходниот израсток, никогаш нема да се случи два израстока да се развијат во ист правец. (Види ја слика 4.) Како резултат на тоа, наместо да формираат краци, примордиумите формираат спирали.

      Интересно, при компјутерска симулација на примордиуми што растат од една централна точка, препознатливите спирали се создаваат само кога аголот меѓу новите израстоци е до секунда точен. Ако аголот не е точен макар и за една десеттина од степенот, ефектот се губи. (Види ја слика 5.)

      Колку ливчиња има на еден цвет?

      Интересно, бројот на спиралите кои се резултат на растот што се должи на идеалниот агол обично е број од низата позната како Фибоначиев број. Оваа низа прв ја опишал италијанскиот математичар Леонардо Фибоначи, кој живеел во 13 век. Во оваа прогресија, секој број после 1 е еднаков на збирот од претходните два броја — 1, 1, 2, 3, 5, 8, 13, 21, 34, 55 и така натаму.

      Цветовите на многу растенија кои имаат спирална шема, честопати имаат Фибоначиев број на ливчиња. Според некои изучувачи, обично лутичето има по 5 ливчиња, сангинаријата 8, врбицата 13, планинската ѕвездичка 21, маргаритката 34 и астрата 55 или 89 ливчиња. (Види ја слика 6.) Овошјето и зеленчукот честопати имаат одлики што одговараат на Фибоначиевиот број. На пример, кога ќе исечеме една банана попречно, ќе видиме дека има шема со пет страни.

      „Тој направил сѐ да е убаво“

      Уметниците уште одамна сфатиле дека идеалните пропорции се најубавото нешто за нашето око. Зошто растенијата образуваат нови израстоци точно под овој фасцинантен агол? Многу луѓе доаѓаат до заклучокот дека тоа е уште еден пример дека живите суштества се создадени.

      Кога размислуваат за тоа дека живите суштества се создадени и за нашата способност да уживаме во нив, мнозина во тоа ја гледаат раката на еден Творец кој сака да му се радуваме на животот. За нашиот Творец Библијата вели: „Тој направил сѐ да е убаво во свое време“ (Проповедник 3:11).

      [Фуснота]

      a Интересно, сончогледот е необичен, затоа што цветчињата што подоцна стануваат семе, наместо од центарот, почнуваат да образуваат спирали од работ на главата.

      [Графикони на страници 24 и 25]

      Слика 1

      (Види во публикацијата)

      Слика 2

      (Види во публикацијата)

      Слика 3

      (Види во публикацијата)

      Слика 4

      (Види во публикацијата)

      Слика 5

      (Види во публикацијата)

      Слика 6

      (Види во публикацијата)

      [Слика на страница 24]

      Крупен план на меристем

      [Извор на слика]

      R. Rutishauser, University of Zurich, Switzerland

      [Извор на слика на страница 25]

      Бел цвет: Thomas G. Barnes @ USDA-NRCS PLANTS Database

  • Дали е важно во што веруваш?
    Разбудете се! 2006 | Септември
    • Дали е важно во што веруваш?

      ДАЛИ мислиш дека животот има смисла? Ако е вистина она што го вели еволуцијата, тогаш изјавата што е цитирана во списанието Scientific American би била точна: „Нашето современо разбирање на еволуцијата подразбира... дека животот нема некоја подлабока смисла“.

      Размисли малку што значат овие зборови. Ако животот е бесцелен, тогаш и ти не би имал никаква друга смисла во животот освен да се обидуваш да правиш добри дела и, можеби, да ѝ ги пренесеш своите генетички карактеристики на следната генерација. Кога ќе умреш, засекогаш ќе престанеш да постоиш. Твојот мозок, со својата способност да размислува, да донесува заклучоци и да ја бара смислата на животот, едноставно би бил случаен производ на природата.

      Тоа не е сѐ. Мнозина од оние што веруваат во еволуцијата тврдат дека Бог не постои или барем дека не се меша во она што го прават луѓето. И во едниот и во другиот случај, нашата иднина би била во рацете на политичките, академските и верските водачи. Судејќи според она што го правеле тие во минатото, хаосот, конфликтите и корупцијата што го ништат човечкото општество би продолжиле и понатаму. А ако е точно дека сме настанале по пат на еволуција, би имало добра причина да живееме според фаталистичкото мото: „Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“ (1. Коринќаните 15:32).

      Но, Јеховините сведоци не ги прифаќаат овие тврдења. Исто така, Сведоците не ја прифаќаат ни претпоставката врз основа на која се темелат тие изјави — еволуцијата. Напротив, Сведоците веруваат дека она што стои во Библијата е вистина (Јован 17:17). Значи, тие веруваат во она што го вели таа во врска со нашето создавање: „Во тебе [Бог] е изворот на животот“ (Псалм 36:9). Овие зборови имаат длабоко значење.

      Животот има смисла. Нашиот Творец има прекрасна намера со сите оние што ќе одлучат да живеат во склад со неговата волја (Проповедник 12:13). Таа намера вклучува ветување за живот во еден свет во кој нема да има хаос, конфликти и корупција — дури ни смрт (Исаија 2:4; 25:6-8). Милиони Јеховини сведоци во целиот свет можат да потврдат дека ништо друго не може да му даде толкава смисла на животот како спознанието за Бог и вршењето на неговата волја! (Јован 17:3).

      Многу е важно во што веруваш, бидејќи тоа може да влијае не само врз твојата среќа денес туку и врз твојот живот во иднина. Изборот е твој. Ќе веруваш ли во една теорија што не успеала да даде објаснување за сѐ поголемите докази дека сѐ што е во природата е плански создадено? Или ќе го прифатиш она што го вели Библијата, имено, дека Земјата и животот на неа се производ на еден прекрасен Творец — Јехова, Богот што ‚создал сѐ‘? (Откровение 4:11).

  • Дали науката противречи на извештајот од 1. Мојсеева?
    Разбудете се! 2006 | Септември
    • Гледиште на Библијата

      Дали науката противречи на извештајот од 1. Мојсеева?

      МНОГУ луѓе тврдат дека науката го побива она што е запишано во библискиот извештај за создавањето. Но, вистинско несогласие постои помеѓу науката и верувањата на таканаречените христијански фундаменталисти, а не Библијата. Некои од тие групи погрешно тврдат дека, според Библијата, сето материјално творештво било создадено пред околу 10.000 години за шест дена од по 24 часа.

      Меѓутоа, Библијата не поткрепува еден таков заклучок. Да беше така, многу научни откритија во изминативе стотина години ќе ја побиеја Библијата. Внимателното проучување на она што го пишува во Библијата не открива никаква несогласност со утврдените научни факти. Од истата причина, Јеховините сведоци не се согласуваат со „христијанските“ фундаменталисти и со многу креационисти. Еве што навистина учи Библијата.

      Кога бил „почетокот“?

      Извештајот од 1. Мојсеева започнува со едноставната, силна изјава: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Библиските изучувачи се согласуваат дека во овој стих се опишува дејство што не се случило додека траеле деновите на создавање, за кои се раскажува од 3. стих натаму. Ова има едно многу длабоко значење. Според уводните зборови од Библијата, вселената, вклучувајќи ја и нашата планета Земја, постоела не се знае колку долго време пред да започнат деновите на создавање.

      Геолозите проценуваат дека Земјата е стара приближно 4 милијарди години, а астрономите пресметуваат дека вселената е стара можеби 15 милијарди години. Дали овие откритија — или нивни евентуални доразјаснувања во иднина — се во спротивност со 1. Мојсеева 1:1? Не. Во Библијата не е конкретно кажано колку време постојат „небото и земјата“. Науката не го побива она што стои во библискиот текст.

      Колку долго траеле деновите на создавање?

      Колку долго траеле деновите на создавање? Дали секој од нив траел дословни 24 часа? Некои тврдат дека, бидејќи Мојсеј — кој ја напишал 1. Мојсеева — го спомнал денот што следел по шесте дена на создавање како пример за седмичната сабота, секој од деновите на создавање мора да траел дословни 24 часа (2. Мојсеева 20:11). Дали она што е кажано во 1. Мојсеева го поткрепува овој заклучок?

      Не. Хебрејскиот збор што е преведен со „ден“ може да значи различно времетраење, а не само период од 24 часа. На пример, кога дава преглед на Божјите дела на создавање, Мојсеј се осврнува на сите шест дена на создавање како на еден ден (1. Мојсеева 2:4). Освен тоа, при првиот ден на создавање, ‚Бог светлината ја нарекол „ден“, а темнината ја нарекол „ноќ“‘ (1. Мојсеева 1:5). Овде, само еден дел од периодот од 24 часа е дефиниран со зборот „ден“. Секако, Библијата не дава никаква основа произволно да речеме дека секој ден на создавање бил долг по 24 часа.

      Тогаш, колку долги биле деновите на создавање? Она што е кажано во 1. и 2. поглавје од 1. Мојсеева покажува дека се работи за прилично долг временски период.

      Творештвата се појавуваат постепено

      Мојсеј го напишал својот извештај на хебрејски јазик, и го напишал од гледна точка на некој што стои на површината на Земјата. Овие два податока, како и фактот што вселената постоела пред да започнат деновите на создавање, помагаат да се растера голем дел од полемиките во врска со извештајот за создавање. Како тоа?

      Едно внимателно разгледување на извештајот од 1. Мојсеева ни открива дека настаните што започнале во текот на еден „ден“ продолжиле и во еден или повеќе од следните денови. На пример, пред да започне првиот „ден“ на создавање, светлината од Сонцето, кое веќе постоело, не можела да допре до површината на Земјата, веројатно поради густите облаци (Јов 38:9). Во текот на првиот „ден“, оваа пречка почнала да се расчистува, и тогаш дифузната светлина почнала да навлегува низ атмосферата.a

      На вториот „ден“, изгледа дека атмосферата продолжила да се расчистува, создавајќи простор помеѓу густите облаци што биле одозгора и океанот одоздола. На четвртиот „ден“, атмосферата постепено се расчистила до тој степен што „на небесниот свод“ се појавиле Сонцето и Месечината (1. Мојсеева 1:14-16). Со други зборови, од гледна точка на некој што е на Земјата, Сонцето и Месечината почнале да се гледаат. Сето тоа се одвивало постепено.

      Извештајот од 1. Мојсеева исто така ни кажува дека, како што атмосферата продолжила да се расчистува, на петтиот „ден“ почнале да се појавуваат суштества што летаат — вклучувајќи ги и инсектите и крилестите суштества. Меѓутоа, Библијата покажува дека во текот на шестиот „ден“, Бог сѐ уште ‚ги создавал од земја сите полски диви животни и сите небесни суштества што летаат‘ (1. Мојсеева 2:19).

      Јасно, од она што е кажано во Библијата постои веројатност дека некои од поголемите настани во текот на секој „ден“, односно период на создавање, се одвивале постепено, а не одеднаш, и можеби некои од нив продолжиле да се одвиваат и во следните ‚денови‘ на создавање.

      По нивните видови

      Дали ваквото постепено појавување на растенијата и животните значи дека Бог се послужил со еволуција за да ги создаде различните видови живи суштества? Не. Извештајот јасно покажува дека Бог ги создал сите основни „видови“ на растителен и животински свет (1. Мојсеева 1:11, 12, 20-25). Дали овие првобитни ‚видови‘ растенија и животни биле програмирани да се приспособат на променливите услови во околината? Што ги одредува границите на некој „вид“? Библијата не ни го кажува тоа. Меѓутоа, таа кажува дека живите суштества ‚се намножиле според својот вид‘ (1. Мојсеева 1:21). Од ова се гледа дека има граници во разновидноста во рамките на еден „вид“. И фосилите и денешните истражувања ја поткрепуваат идејата дека основните категории растенија и животни не се промениле многу во текот на долги временски периоди.

      Спротивно на она што го тврдат некои фундаменталисти, 1. Мојсеева не кажува дека вселената, вклучувајќи ја и Земјата и сите живи суштества на неа, била создадена за кратко време во релативно блиско минато. Наместо тоа, описот во 1. Мојсеева во врска со создавањето на вселената и појавата на живот на Земјата е во склад со многу неодамнешни научни откритија.

      Поради нивните филозофски верувања, многу научници го отфрлаат она што го вели Библијата — дека Бог создал сѐ. Меѓутоа, интересно е тоа што, во древната библиска книга 1. Мојсеева, Мојсеј напишал дека вселената имала почеток и дека животот се појавувал во етапи, постепено, во последователни временски периоди. Како можел Мојсеј да знае такви научно точни податоци пред околу 3.500 години? За тоа има само едно логично објаснување. Оној што има моќ и мудрост да ги создаде небото и Земјата сигурно можел да му ги даде на Мојсеј тие точни податоци. Ова уште повеќе го поткрепува тврдењето на Библијата дека е ‚вдахновена од Бог‘ (2. Тимотеј 3:16).

      [Фуснота]

      a Во описот на она што се случило првиот „ден“, хебрејскиот збор што се користи за светлина е ’ор, светлина воопшто; но во врска со четвртиот „ден“, зборот што се користи е ма’ор, и се однесува на извор на светлина.

      ДАЛИ СИ СЕ ЗАПРАШАЛ?

      ◼ Пред колку време Бог ја создал вселената? (1. Мојсеева 1:1).

      ◼ Дали Земјата била создадена за шест дена од по 24 часа? (1. Мојсеева 2:4).

      ◼ Како било можно она што го напишал Мојсеј во врска со создавањето на Земјата да биде научно точно? (2. Тимотеј 3:16).

      [Истакната мисла на страница 19]

      1. Мојсеева не вели дека вселената била создадена за кратко време во релативно блиско минато

      [Истакната мисла на страница 20]

      „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1).

      [Извор на слика на страница 18]

      Вселена: IAC/RGO/David Malin Images

      [Извор на слика на страница 20]

      Фотографија на NASA

  • Како да го одбранам моето верување во создавањето?
    Разбудете се! 2006 | Септември
    • Младите прашуваат...

      Како да го одбранам моето верување во создавањето?

      „Кога во класот се зборуваше за еволуцијата, сѐ беше спротивно од она што го знаев дотогаш. Таа беше прикажана како докажан факт, и тоа малку ме заплаши“ (Рајан, 18).

      „Кога имав 12-тина години, мојата наставничка беше закоравен еволуционист. Дури и го имаше залепено знакот на Дарвин на својот автомобил! Затоа се колебав отворено да кажам дека верувам во создавањето“ (Тајлер, 19).

      „Се уплашив кога наставничката по општествени науки рече дека следниот час ќе учиме за еволуцијата. Знаев дека ќе треба да објаснам што мислам јас по тоа спорно прашање“(Рејкел, 14).

      МОЖЕБИ и тебе, како на Рајан, Тајлер и Рејкел, ти е незгодно кога во одделението ќе се поведе разговор за еволуцијата. Ти веруваш дека Бог ‚создал сѐ‘ (Откровение 4:11). Насекаде околу себе гледаш докази дека некоја интелигентна личност осмислила сѐ. Но, учебниците велат дека сме настанале по пат на еволуција, а истото го вели и твојот наставник. Тогаш, кој си ти да се расправаш со „стручњаците“? И како ќе реагираат другите во класот ако почнеш да зборуваш за... Бог?

      Ако те загрижуваат ваквите прашања, не се вознемирувај! Не веруваш во создавањето само ти. Факт е дека дури и некои научници не ја прифаќаат теоријата за еволуција. Истото е случај и со многу наставници. Во Соединетите Држави, 4 од секои 5 ученици веруваат во Творец — и покрај она што го велат учебниците!

      Сепак, можеби ќе прашаш: ‚Што да кажам ако треба да го одбранам моето верување во создавањето?‘ Биди уверен дека, дури и ако си плашлив, ти можеш да го изнесеш своето гледиште. Меѓутоа, ќе треба малку да се подготвиш за ова.

      Преиспитај се во што веруваш!

      Ако твоите родители се христијани, можеби веруваш во создавањето само затоа што тие те учеле така. Но сега, како што растеш, сакаш да го обожаваш Бог „користејќи го својот разум“, поставувајќи цврст темел за своите верувања (Римјаните 12:1). Павле ги охрабрил христијаните од првиот век ‚сѐ да испитуваат‘ (1. Солуњаните 5:21). Како можеш да го направиш тоа во поглед на создавањето?

      Прво, размисли за она што го напишал Павле во врска со Бог: „Неговите невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20). Имај ги на ум овие зборови и добро размисли за човечкото тело, за Земјата, за бескрајната вселена или за морските длабочини. Размисли и за чудесниот свет на инсектите, на растенијата и на животните — за секое поле што те интересира тебе. Потоа, „користејќи го својот разум“, запрашај се: ‚Врз основа на што сум убеден дека постои Творец?‘

      За да одговори на ова прашање, 14-годишниот Сем посочува на човечкото тело. „Толку е сложено“, вели тој, „и сите негови органи толку добро функционираат во склад еден со друг. Не е можно човечкото тело да настанало по пат на еволуција!“ Холи, која има 16 години, се согласува со тоа. „Откако се откри дека имам дијабетес“, вели таа, „научив многу за тоа како функционира телото. На пример, ме воодушевува тоа како панкреасот — еден мал орган што се наоѓа зад желудникот — врши толку голема работа со тоа што ја одржува работата на крвта и на другите органи“.

      Други млади гледаат на оваа работа од поинаква гледна точка. „За мене“, вели 19-годишниот Џеред, „најголемиот доказ е тоа што сме духовни личности, како и тоа што имаме осет за убаво и желба да учиме. Овие особини не ни се неопходни за да преживееме, како што би нѐ уверувала еволуцијата. Единственото објаснување што ми е логично е тоа дека на Земјата нѐ создал некој што сакал да уживаме во животот.“ Тајлер, спомнат во почетокот, дошол до сличен заклучок. „Кога ќе размислам за тоа каква улога играат растенијата во одржувањето на животот и за тоа колку сложена градба имаат, уверен сум дека постои Творец.“

      Полесно е отворено да зборуваш за создавањето ако добро си размислил на таа тема и ако вистински си уверен во него. Затоа, исто како Сем, Холи, Џеред и Тајлер, одвој си време да размислуваш за чудесните работи што ги создал Бог. Тогаш, „слушај“ што ти „кажуваат“ тие. Без сомнение, ќе дојдеш до истиот заклучок како апостол Павле — дека ‚по она што е создадено се распознава‘ не само дека постои Бог туку и какви особини има.a

      Дознај што навистина учи Библијата

      Освен тоа што подлабоко ќе размислиш за сѐ што создал Бог, за да го одбраниш своето верување во создавањето треба да знаеш и што навистина учи Библијата во врска со таа тема. Нема потреба да се расправаш за работи за кои Библијата не вели ништо конкретно. Да разгледаме неколку примери.

      ◼ Во моите учебници стои дека Земјата и Сончевиот систем постојат милијарди години. Библијата не вели ништо за староста на Земјата и на Сончевиот систем. Она што е запишано во неа е во склад со мислењето дека вселената постоела милијарди години пред да започне првиот „ден“ на создавање (1. Мојсеева 1:1, 2).

      ◼ Мојот наставник вели дека не е можно Земјата да била создадена само за шест дена. Библијата не вели дека секој од шесте „дена“ на создавање траел дословни 24 часа. Повеќе информации во врска со тоа можеш да најдеш на страници 18-20 од ова списание.

      ◼ Во нашето одделение се дискутираше за неколку примери за тоа како животните и луѓето постепено се менувале. Библијата вели дека Бог ги создал живите суштества „според својот вид“ (1. Мојсеева 1:20, 21). Таа не ја поткрепува идејата дека животот настанал од нежива материја или дека Бог го започнал процесот на еволуција само од една единствена клетка. Сепак, секој ‚вид‘ содржи потенцијал за голема разнообразност. Значи, според Библијата, можно е да настанат промени во рамките на секој ‚вид‘.

      Биди убеден во она што го веруваш!

      Нема причина да ти биде незгодно или да се срамиш затоа што веруваш во создавањето. Кога ќе се земат предвид доказите, сосема е разумно — всушност, научно е — да веруваме дека нѐ создала некоја интелигентна личност. На крајот на краиштата, за да се верува во еволуцијата — а не во создавањето — треба огромна вера и чуда без чудотворец. Всушност, откако ќе ги прочиташ и другите статии од овој број на Разбудете се!, сигурно ќе се увериш дека доказите се во прилог на создавањето. А кога добро ќе размислиш за оваа работа користејќи здрав разум и логика, ќе се чувствуваш уште посигурен да ги браниш своите верувања пред другите ученици.

      До таков заклучок дошла и Рејкел, која веќе ја спомнавме. „Ми требаа неколку дена за да сфатам дека не треба да молчам во врска со моите верувања“, вели таа. „На наставничката ѝ ја дадов книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?, во која потцртав некои делови што сакав да ѝ ги посочам. Подоцна таа ми рече дека книгата ѝ помогнала да гледа на еволуцијата од сосема нов агол и дека во иднина ќе ги земе предвид тие информации кога ќе предава лекции на таа тема!“

      Повеќе статии од рубриката „Младите прашуваат...“ можеш да најдеш на Веб-страницата www.watchtower.org/ype

      [Фуснота]

      a На многу млади им користело да го разгледаат материјалот во книгите Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање? и Постои ли Творец кој се грижи за тебе? Двете се издадени од Јеховините сведоци.

      ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

      ◼ Како можеш на училиште лесно да го изнесеш своето верување во создавањето?

      ◼ Како можеш да покажеш ценење за Оној што создал сѐ? (Дела 17:26, 27).

      [Рамка на страница 27]

      „ОГРОМНИ ДОКАЗИ“

      „Што би му рекле на некој млад човек што бил воспитан да верува во Творец, но на училиште учи за еволуцијата?“ Ова прашање му било поставено на еден микробиолог, кој е Јеховин сведок. Како гласел одговорот? „Тоа треба да го сметаш за можност да си докажеш себеси дека постои Бог — не само затоа што така те поучиле твоите родители туку затоа што ти си ги испитал доказите и самиот си дошол до таков заклучок. Понекогаш, кога од наставниците се бара да ја ‚докажат‘ еволуцијата, сфаќаат дека не можат да ја докажат, и сфаќаат дека ја прифаќаат таа теорија едноставно затоа што така биле научени. И ти можеш да паднеш во истата замка во врска со твоето верување во Творец. Затоа, вреди да си докажеш себеси дека Бог навистина постои. Доказите се огромни. Не е тешко да ги најдеш.“

      [Рамка/слика на страница 28]

      ШТО ТЕ УВЕРУВА ТЕБЕ?

      Наведи три работи што те уверуваат тебе дека постои Творец:

      1. ․․․․․

      2. ․․․․․

      3. ․․․․․

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели