ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Дали да се крстам? — Прв дел: Што претставува крштавањето?
    Младите прашуваат
    • Еден млад човек се крштава во базен на еден конгрес на Јеховините сведоци.

      МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

      Дали да се крстам? — Прв дел: Што претставува крштавањето?

      Секоја година се крштаваат голем број млади лица кои пораснале како Јеховини сведоци. Дали и ти размислуваш да се крстиш? Тогаш, најпрво треба да разбереш што значи да му се заветуваш на Бог и да се крстиш.

      • Што е крштавањето?

      • Што значи да се заветуваш?

      • Зошто крштавањето е важно?

      • Што велат други млади

      • Заблуди и вистини

      Што е крштавањето?

      Крштавањето за кое се зборува во Библијата се врши со целосно потопување во вода, а не само попрскување со вода, и има длабоко симболично значење.

      • При крштавањето, со тоа што ќе бидеш потопен во водата јавно покажуваш дека повеќе не живееш за да си угодуваш само себеси.

      • Со излегувањето од водата покажуваш дека почнуваш нов живот во кој ќе ти биде најважно да му угодуваш на Бог.

      Со крштавањето јавно покажуваш дека го прифаќаш правото на Јехова да поставува мерила за исправно и погрешно и дека си му ветил дека по своја волја избираш да го правиш она што тој го бара од тебе.

      Размисли: Зошто треба пред другите да покажеш дека сакаш да живееш во склад со Јеховината волја? (Види 1. Јованово 4:19 и Откровение 4:11.)

      Што значи да се заветуваш?

      Пред да се крстиш, треба да му се заветуваш на Јехова. Како?

      Во лична молитва му ветуваш на Јехова дека ќе му служиш засекогаш и дека ќе го правиш она што тој го бара од нас без разлика на ситуацијата и без разлика на тоа што прават другите.

      Со крштавањето покажуваш пред сите дека си му го заветил својот живот на Јехова. Покажуваш дека си се откажал од себеси и дека сега му припаѓаш на Јехова (Матеј 16:24).

      Размисли: Зошто ќе имаш поубав живот ако му припаѓаш на Јехова? (Види Исаија 48:17, 18 и Евреите 11:6.)

      Зошто крштавањето е важно?

      Исус заповедал неговите следбеници да бидат крстени (Матеј 28:19, 20). Истото важи и за христијаните денес. Всушност, Библијата јасно кажува дека крштавањето е неопходно за спасение (1. Петрово 3:21).

      Меѓутоа, мотив за да се крстиш треба да бидат твојата љубов и ценење кон Јехова. Треба да имаш ист став како псалмистот кој напишал: „Со што да му возвратам на Јехова за сите добра што ми ги направи?... Ќе го повикам името Јеховино. Ќе му ги исполнам на Јехова своите завети“ (Псалм 116:12-14).

      Размисли: Какви добра ти направил Јехова тебе и како можеш да му возвратиш? (Види 5. Мојсеева 10:12, 13 и Римјаните 12:1.)

      Што велат други млади

      Миџин.

      „Му се заветуваш лично на Јехова, и тоа е сериозна работа. Животот посветен на Јехова е полн со благослови. И тоа е логично, зашто Јехова може да се грижи за нас подобро отколку ние самите“ (Миџин).

      Ембер.

      „Јехова веќе ја покажал својата љубов кон тебе. А со крштавањето, ти ја покажуваш својата љубов кон него. Огромна чест и огромен благослов е да си крстен слуга на Јехова!“ (Ембер).

      Џулијан.

      „Најважната одлука што некој може да ја донесе е да му се заветува на Бог и да се крсти. Но, тоа не треба да те плаши. Ако си подготвен и ако сакаш да се крстиш од исправни мотиви, тоа е најдобрата одлука во твојот живот“ (Џулијан).

      Заблуди и вистини

      ЗАБЛУДА — Само возрасните се доволно зрели за да може да се крстат.

      ВИСТИНА — Нечија зрелост не се одредува првенствено според неговата возраст, туку според неговата љубов кон Јехова и спремноста да му биде послушен. Иако сѐ уште биле млади, Јосиф, Самоил и Јосија покажале таква зрелост. Истото може да се каже и за многу млади денес.

      Библијата вели: „Детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно“ (Изреки 20:11).

      ЗАБЛУДА — Ако твоите пријатели се крстени, и ти треба да се крстиш.

      ВИСТИНА — Одлуката да се заветуваш и да се крстиш е лична одлука, и тој чекор треба да го направиш затоа што ти сакаш. Крштавањето не е обичај што треба го направиш на одредена возраст затоа што тоа се очекува од тебе или затоа што другите се крстиле.

      Библијата вели: „[Божјиот] народ спремно ќе се понуди“ (Псалм 110:3).

      ЗАБЛУДА — Ако не си крстен, не одговараш за своите постапки.

      ВИСТИНА — Ти одговараш пред Јехова, не откако ќе се крстиш, туку кога веќе знаеш што е исправно, а што погрешно во негови очи.

      Библијата вели: „Ако некој знае да го прави она што е исправно, а не го прави, тоа му е грев“ (Јаков 4:17).

      СОВЕТ: Ако те плаши одговорноста што доаѓа со тоа да си крстен Јеховин сведок, зошто не размислиш што е тоа што те плаши и што можеш да направиш во врска со тоа? Од помош може да ти биде поглавје 37 од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2.

      Резиме: Зошто крштавањето е важно?

      • Исус заповедал неговите ученици да бидат крстени.

      • Крштавањето е неопходно за спасение.

      • Огромна чест е да му се служи на Јехова како крстен христијанин.

  • Дали да се крстам? — Втор дел: Како да се подготвам за крштавање?
    Младите прашуваат
    • Една млада жена истражува за крштавањето со помош на Библијата и библиски публикации.

      МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

      Дали да се крстам? — Втор дел: Како да се подготвам за крштавање?

      Ако живееш според библиските мерила и развиваш блиско пријателство со Бог, веројатно размислуваш да се крстиш. Како ќе знаеш дали си спремен за тој чекор?a

      Во оваа статија

      • Колку треба да знам?

      • Што треба да правам?

      • Што велат други млади

      Колку треба да знам?

      Да се подготвиш за крштавање не значи да научиш напамет многу работи, како да се спремаш за тест на училиште. Сепак, треба да го користиш „својот разум“ за да бидеш уште поуверен дека она што го учиме од Библијата е вистина (Римјаните 12:1). На пример:

      • Дали си уверен дека Бог постои и дека тој заслужува да го обожаваш?

        Библијата вели: „Оној што му пристапува [на Бог] мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евреите 11:6).

        Прашај се: Зошто верувам во Бог? (Евреите 3:4). Зошто тој заслужува да го обожавам? (Откровение 4:11).

        Ти треба помош? Види ја статијата „Создавање или еволуција? — Прв дел: Зошто да верувам во Бог?“

      • Дали си уверен дека пораката во Библијата доаѓа од Бог?

        Библијата вели: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста“ (2. Тимотеј 3:16).

        Прашај се: Зошто верувам дека Библијата не е само книга полна со човечки идеи? (Исаија 46:10; 1. Солуњаните 2:13).

        Ти треба помош? Види ја статијата „Како може да ми помогне Библијата? — прв дел: Истражувај ја Библијата“.

      • Дали си уверен дека Јехова го користи христијанското собрание за да ја изврши својата намера?

        Библијата вели: „[На Бог] нека му е слава преку собранието и преку Христос Исус низ сите поколенија во сета вечност!“ (Ефешаните 3:21).

        Прашај се: Дали сметам дека она што го учам на христијанските состаноци доаѓа од луѓе или од Јехова? (Матеј 24:45). Дали одам на состаноците дури и кога моите родители не се во можност (ако ми дозволуваат)? (Евреите 10:24, 25).

        Ти треба помош? Види ја статијата „Зошто да одам на состаноците во салата на Јеховините сведоци?“

      Што треба да правам?

      Не треба да бидеш совршен за да се крстиш. Сепак, треба да покажеш дека навистина сакаш да го избегнуваш злото и да правиш добро (Псалм 34:14). На пример:

      • Дали живееш во склад со Јеховините мерила?

        Библијата вели: „Зачувајте чиста совест“ (1. Петрово 3:16).

        Прашај се: Како покажувам дека мојата „моќ на согледување“ е „извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14). Можам ли да се сетам на конкретни ситуации кога сум се спротивставил на притисокот од врсниците да направам нешто погрешно? Дали моите пријатели ме поттикнуваат да го правам она што е исправно? (Изреки 13:20).

        Ти треба помош? Види ја статијата „Како да ја обликувам својата совест?“

      • Дали сфаќаш дека си одговорен пред Јехова за своите постапки?

        Библијата вели: „Секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Римјаните 14:12).

        Прашај се: Дали сум искрен со себеси и со другите? (Евреите 13:18). Дали си ги признавам грешките, или сакам да ги скријам или вината да ја префрлам на некој друг? (Изреки 28:13).

        Ти треба помош? Види ја статијата „Што треба да направам кога ќе згрешам?“

      • Дали одржуваш блиско пријателство со Јехова?

        Библијата вели: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јаков 4:8).

        Прашај се: Што правам за да му се приближам на Јехова? На пример, колку често ја читам Библијата? (Псалм 1:1, 2). Дали редовно се молам? (1. Солуњаните 5:17). Колку се конкретни моите молитви? Дали моите пријатели се пријатели и на Јехова? (Псалм 15:1, 4).

        Ти треба помош? Види ги статиите „Како може да ми помогне Библијата? — втор дел: Уживај во читањето на Библијата“ и „Зошто да се молам?“

      СОВЕТ: За да се подготвиш за крштавање, прочитај го поглавје 37 од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2. Обрни посебно внимание на прашалникот на страници 308 и 309.

      a Прочитај ја статијата „Дали да се крстам? Прв дел“ која објаснува што значи и колку е важно да му се заветуваш на Бог и да се крстиш.

      Што велат други млади

      Габриела.

      „Прашалникот во врска со крштавањето во книгата Младите прашуваат ми помогна да видам каде да се подобрам пред да се крстам. А ми помогна и да си поставам цели кои сакам да ги постигнам откако ќе се крстам. Да му се заветуваш на Јехова е огромна одговорност, но и најголема чест што можеш да ја имаш“ (Габриела).

      Кејлеб.

      „Во Библијата пишува дека на Тимотеј му бил даден следниов совет: ’Остани во она што си го научил и во кое си се уверил‘“ (2. Тимотеј 3:14). „Одвој си време да ја проучуваш Божјата Реч за да се увериш дека тоа што го пишува во неа е вистина. Ти му се заветуваш на Јехова — не на луѓе — и затоа кога размислуваш за крштавање, најважно треба да ти биде што мисли Јехова“ (Кејлеб).

      Резиме: Како да се подготвам за крштавање?

      Преиспитај ги своите верувања. Дали си уверен дека Бог постои? Дека тој заслужува да го обожаваш? Дека Библијата е вдахновена од Бог? Дека Јехова користи организација за да ја изврши својата намера?

      Преиспитај ги своите постапки. Дали живееш во склад со Јеховините мерила? Дали преземаш одговорност за своите постапки? Дали одржуваш блиско пријателство со Јехова?

  • Дали да се крстам? — Трет дел: Што ме спречува?
    Младите прашуваат
    • Еден човек се крштава во езеро додека другите го гледаат од кејот.

      МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

      Дали да се крстам? ­— Трет дел: Што ме спречува?

      Дали помислата да му се заветуваш на Јехова и да се крстиш те плаши? Ако да, оваа статија ќе ти помогне да ги надминеш твоите стравови.

      Во оваа статија

      • Што ако направам сериозна грешка откако ќе се крстам?

      • Што ако се плашам од одговорноста што ја носи крштавањето?

      • Што ако се чувствувам недостоен да му служам на Јехова?

      • Што велат други млади

      Што ако направам сериозна грешка откако ќе се крстам?

      Зошто тоа те загрижува: Можеби познаваш некој што направил сериозен грев и бил отстранет од собранието (1. Коринќаните 5:11-13). Можеби се плашиш дека ќе се случи истото и со тебе.

      „Кога помислував на крштавање, ме плашеше помислата дека можеби нешто ќе оплескам. Можам само да замислам колку лошо би се чувствувале моите родители“ (Ребека).

      Главен стих: „Злосторникот нека го остави својот пат... и нека се врати кај Јехова, кој ќе му се смилува, кај нашиот Бог, зашто тој ќе му прости великодушно!“ (Исаија 55:7).

      Размисли: Иако непокајничките грешници се отстрануваат од собранието, Јехова покажува милост кон оние што понизно се каат и прифаќаат исправка (Псалм 103:13, 14; 2. Коринќаните 7:11).

      Факт е дека, иако си несовршен, ти можеш да се спротивставиш на искушението со помош на Бог (1. Коринќаните 10:13). Најпосле, кој одлучува како ќе постапиш? Ти? Или некој друг?

      „Се плашев дека ќе направам сериозна грешка откако ќе се крстам, но сфатив дека грешка би било ако не се крстам. Сфатив дека стравот од тоа што би можело да се случи утре не треба да ме спречи да направам нешто денес“ (Керен).

      Заклучок: Ти можеш да му останеш верен на Јехова и да не направиш сериозен грев — изборот е твој. Всушност, поголемиот дел од Јеховините слуги успеваат во тоа (Филипјаните 2:12).

      Ти треба додатна помош? Види ја статијата „Како да не им попуштам на искушенијата?“

      Што ако се плашам од одговорноста што ја носи крштавањето?

      Зошто тоа те загрижува: Можеби познаваш некои млади кои заминале далеку од семејството и пријателите за да ја зголемат својата служба за Јехова. Се плашиш дека истото ќе се очекува и од тебе.

      „Крстените христијани имаат можност да прават повеќе во службата за Јехова, но некои едноставно не се спремни да се стават на располагање или околностите не им го дозволуваат тоа“ (Мери).

      Главен стих: „Секој нека го испита своето дело, па ќе има причина за задоволство во самиот себе, а не споредувајќи се со други“ (Галатите 6:4).

      Размисли: Наместо да се споредуваш со другите, имај ги на ум зборовите од Марко 12:30: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце“.

      Забележи дека треба да му служиш на Јехова со сето свое срце — не со срцето на некој друг. Ако навистина го сакаш Јехова, ќе најдеш начин да му го дадеш твоето најдобро.

      „Иако крштавањето е сериозен чекор, тоа не ти го отежнува животот. Ако имаш добри пријатели, тие ќе ти помогнат. Тоа што постепено ќе преземаш одговорности, ќе те направи посреќен. Ако го избегнуваш крштавањето, ќе си направиш само штета“ (Џулија).

      Заклучок: Развивај сѐ поголема благодарност за љубовта што Јехова ти ја покажува. Тоа ќе те поттикне за возврат да му го дадеш твоето најдобро (1. Јованово 4:19).

      Ти треба додатна помош? Види ја статијата „Дали сум одговорна личност?“

      Што ако се чувствувам недостоен да му служам на Јехова?

      Зошто тоа те загрижува: Јехова е Владетел на целата вселена; во споредба со него, луѓето се ништо! Можеби се прашуваш дали Јехова воопшто знае дека постоиш.

      „Моите родители се Јеховини сведоци, и затоа си мислев дека моето пријателство со Јехова сум го ’наследила‘ и дека Јехова не ме привлекол мене лично“ (Натали).

      Главен стих: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“ (Јован 6:44).

      Размисли: Самото тоа што размислуваш за крштавање можеби покажува дека Јехова те привлекува и дека сака да биде уште поблизок со тебе. Ќе ја прифатиш ли таа покана?

      Не заборавај дека Јехова — не ти или некој друг — одлучува кого ќе привлече. Во неговата Реч тој нѐ уверува дека ако му се приближиш на Бог, и тој ќе ти се приближи тебе (Јаков 4:8).

      „Фактот дека го познаваш Јехова и дека те привлекол кон себе е доказ дека те сака. Затоа, ако мислиш дека не си достоен да му служиш, сети се дека Јехова не мисли така. А Јехова секогаш е во право“ (Селина).

      Заклучок: Ако ги исполнуваш библиските барања за крштавање, тогаш можеш да му служиш на Јехова. Што е уште поважно, тој заслужува да го обожаваш (Откровение 4:11).

      Ти треба додатна помош? Види ја статијата „Зошто да се молам?“

      Што велат други млади

      Скај.

      „Стравот да не згрешиш не треба да те спречува да се крстиш. Тоа е како една трка. Можеш да одлучиш да не трчаш од страв да не паднеш. Но, ако паднеш, можеш да станеш. Нема да ја завршиш трката ако никогаш не почнеш да трчаш“ (Скај).

      Винисио.

      „Стравот од сообраќајка не спречува една млада личност да полага за возачка дозвола. Исто е и со крштавањето. Треба да се концентрираме на тоа да одржуваме цврсто пријателство со Јехова, а не на стравот од тоа што би можело да се случи“ (Винисио).

      Резиме: Што ме спречува да се крстам?

      • Страв дека ќе направам сериозна грешка. Ти можеш да му останеш верен на Јехова и да не направиш сериозен грев — изборот е твој. Всушност, поголемиот дел од Јеховините слуги успеваат во тоа.

      • Страв од одговорност. Развивај сѐ поголема благодарност за љубовта што Јехова ти ја покажува. Тоа ќе те поттикне за возврат да му го дадеш твоето најдобро.

      • Страв дека сум недостоен. Ако ги исполнуваш библиските барања за крштавање, тогаш можеш да му служиш на Јехова. Што е уште поважно, тој заслужува да го обожаваш.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели