Мојата борба со ендометриозата
РАСКАЖАЛА ДЕВОРА АНДРЕОПУЛОС
НА САМИОТ почеток, да кажам дека не сум жена која е преокупирана со своето здравје. Не се загрижувам кога одвреме навреме ќе ме заболи нешто. Се обидувам да го прифатам животот таков каков што е. Има добри, но има и лоши денови.
Меѓутоа, кога бев тинејџерка, почна да ме мачи една силна болка. Во тешките денови на менструалниот циклус, честопати чувствував остра болка во јајниците, како и главоболки, дијареа, вртоглавица, гадење и болки во половината. Понекогаш истовремено имав по неколку од овие симптоми. Тогаш забележав дека ми е подобро ако вежбам и ако се одмарам, но ми беше тешко да најдам време за тоа.
Болката е лична работа. Не може да се измери и не може секогаш да им се опише на другите со убедливи зборови. Понекогаш цели денови лежев в кревет, исцрпена од симптомите што ги спомнав претходно, или се присилував да станам и да бидам поактивна, клукајќи се со аналгетици. Не можев да работам и да живеам нормален живот. Страшно се разочарав. Имав чувство дека нешто не е во ред. Но, кога одев на редовни лекарски контроли, успокојувачките зборови на лекарите ги растеруваа таквите мисли.
Кога ја поминав 30-тата година, овие симптоми се влошија. Без некоја видлива причина ме погаѓаа жестоки болки и потоа поминуваа. Сред ноќ се будев од остри болки. Во еден период спиев само неколку часа во текот на цела седмица. Освен тоа, понекогаш имав малку покачена температура која траеше по неколку дена. На крајот, пиев аналгетици за различни болки, спазмолитици за дебелото црево, таблети за желудникот и користев масти и таблети за половината.
Мајстор за мимикрија
Симптомите што ме измачуваа можеа да се припишат на неколку добро познати болести. Мојата состојба личеше на мигрена, сраснувања во карлицата, дисменореја (болна менструација), синдром на надразливо дебело црево, колит и гастрит. Голем дел од болките ги припишував на дисменорејата, но тогаш не знаев дека интензитетот на болките од дисменореја е сосема поинаков од она што го доживував јас.
Ми рекоа дека е вообичаено да имам болни менструации и болки и дека некои фактори кои би можеле да придонесат за тоа се наследните фактори, нередовното вежбање, долгочасовната канцелариска работа, проблеми со хормоните, заморот, стресот, како и фактот што ја поминав 30-тата година без да родам дете. Еден лекар ми рече дека сите симптоми се знак дека имам добро здравје!
Но, што е со другите мачни симптоми? Мојата исцрпеност се припишуваше на напорната работа и стресот. Температурата се припишуваше на заморот. Болките во дебелото црево и проблемите со желудникот се припишуваа на стресот и на лошиот начин на исхрана. Проблемот со ’рбетот и лошата положба на телото беа виновни за болките во грбот. Значи, изгледаше дека за сѐ има објаснување. Сепак, не се промени фактот дека јас воопшто не се чувствував добро.
Конечно, исправна дијагноза
Во април 1998 отидов на ултразвук, но резултатите покажаа дека имам здрави јајници. Следните четири месеци здравјето ми се влоши уште повеќе. Одлучив да појдам на лекар. Тој повторно ме прати на ултразвук и откри дека надвор од матката има нешто многу големо. Тогаш ме испрати на гинеколог. Гинекологот потврди дека веднаш до матката имам или многу голема циста или група од цисти, со димензии од 10 на 12 сантиметри — како да сум бремена четири месеци! И тогаш се посомнева дека причината за моите проблеми е ендометриозата.
Во почетокот бев збунета. За ендометриозата знаев многу малку. Имав толку многу прашања. Што е причината? Како ќе се одрази врз мојот живот? Потоа почувствував олеснување. Многу години имав чувство како да сум фатена во еден непрекинат циклус на болки. Кога не добивав терапија или задоволително објаснување после многуте лекарски испитувања, навистина се чувствував беспомошно и депримирано и на крајот се обвинував себеси дека претерано реагирам на нормалните, секојдневни болки. Си велев дека само си замислувам дека имам силни болки. Меѓутоа, сега имаше објаснување за сите загадочни симптоми.
Причини за болеста и можности за лекување
Докторот предложи оперативен зафат во текот на следните неколку дена — цистата или цистите можеа да прснат во секој момент. Меѓутоа, пред операцијата, мојот сопруг и јас одлучивме да ја испитаме оваа дијагноза и да научиме колку што можеме повеќе за овој туѓинец наречен ендометриоза.
Дознавме дека, според некои проценки, 30 проценти од жените кои се во репродуктивниот период можат да заболат од ендометриоза! Причината за оваа болест не е позната. Според една теорија, за време на менструацијата еден дел од менструалното ткиво се враќа низ јајцеводите, се имплантира (всадува) во абдоменот и таму почнува да расте. Друга теорија вели дека ткивото на ендометриумот (слузница на матката) преминува од матката во другите делови на телото преку лимфниот систем или крвотокот. Според една генетичка теорија, кај некои фамилии ендометриозата можеби се пренесува генетски или, пак, кај некои жени постојат фактори заради кои тие имаат предиспозиција за оваа болест. Некои ги обвинуваат токсините и диоксините во нашата загадена околина.
Ни рекоа дека секој случај на ендометриоза е поинаков. Местоположбата на имплантантите, длабочината до која продираат во ткивото и нивната големина придонесуваат за специфичната природа на оваа болест. Дознавме дека дури и најмалиот имплантант може да предизвика неподнослива болка ако иритира некој соседен нерв.
Некои лекари мислат дека конечно и дефинитивно решение е да се отстрани матката и јајниците. Меѓутоа, пред да се направи тоа можат да се користат хормони за да се запре овулацијата колку што е можно подолго време. Понекогаш ова може да ја натера ендометриозата да се повлече сѐ додека трае терапијата, а понекогаш до ова може да дојде дури и со месеци или години отпосле. Во некои случаи се препорачува и конзервативна хирургија, која може да вклучува поголеми зафати или интервенција со лапароскоп, при кои се отстрануваат или се уништуваат израстоците и на тој начин можат да се намалат симптомите.
Операција и повторно појавување на болеста
Во мојот случај изгледаше дека најмногу ќе одговара последново решение. Откако беа отстранети цистите по оперативен пат, се изненадив кога докторот ми рече дека со операцијата нема да бидат решени сите мои здравствени проблеми. Рече дека ќе треба да имам надеж и дека ќе треба да ја прифатам ситуацијата онаква каква што е за да продолжам да живеам колку што е можно понормален живот и покрај назадувањата до кои ќе дојде во иднина. Ме увери дека во секое време ќе стои на располагање да ми помогне.
Докторот рече дека секои три месеци ќе треба да одам на преглед на јајниците со ултразвук и дека ќе треба да бидам подготвена одвреме навреме да земам лекови, во зависност од мојата состојба. Ми препорача веднаш да почнам терапија со хормонот кој поттикнува лачење на гонадотропини. Тој во основа го спречи лачењето на хормони кои ја стимулираат функцијата на јајниците и ме доведе до лажна менопауза. Овој лек може да се зема само шест месеци бидејќи може да предизвика трошење на коскеното ткиво или други промени поврзани со менопаузата.
Околу еден и пол месец откако завршив со терапијата, повторно почувствував болка како нешто да ме пецка. Имав читано за процентот на повторно појавување на болеста и се обидов да се подготвам за следниот напад на ендометриоза. Но, не очекував да дојде толку брзо. Ултразвукот покажа дека сега има една голема циста на левиот јајник. Веднаш почнав да ги земам препишаните лекови во текот на цела седмица, и болката попушти. По неколку месеци цистата се повлече. Меѓутоа, по една година се појави друга циста. Како и да е, цел живот ќе мора да бидам на штрек и под лекарска контрола.
Бидејќи ендометриозата е хормонална болест и болест на имунолошкиот систем, има и други работи кои, освен лековите, му помагаат на моето тело да воспостави рамнотежа. Морав да направам промени во начинот на исхрана и внесов повеќе свеж зеленчук и многу овошје, како и витамини, и го намалив кофеинот. Повеќе вежбам и одвојувам повеќе време за одмор. Сето тоа ми помогна да го намалам непожелното дејство на лековите и да го зајакнам организмот.
Ја ценам сочувствителната поддршка и разбирањето полно со љубов што ми го даде мојот сопруг додека траеја овие тешки моменти. Освен тоа, моите колеги — доброволците во грчката подружница на Watch Tower Society — ми даваат поддршка и тоа многу ме радува. Над сѐ, црпам сила од мојот личен однос со Јехова, оној кој ‚ме поткрепи на моето легло при болест‘ (Псалм 41:3).
[Рамка/слика на страница 10]
Комуницирајте!
Болеста и болката можат да доведат до стрес во секој однос. Сепак, во исто време, тие даваат прилика за созревање. Кога изгледа дека болеста нема крај, заболениот може да почне да се однесува сосема поинаку. Ова може да претставува предизвик за членовите на семејството, особено за сопругот. Наместо да се откаже, сопругот треба да се обиде да ги развие и да ги користи вештините на комуницирање — споро да обвинува и брзо да простува.
Жената која страда од ендометриоза мора да има на ум дека целиот менструален циклус му е непознат на мажот и дека нејзината состојба може сосема да го збуни. Меѓутоа, ако сопругот целосно се вклучи во одмерувањето на проблемот, може да стекне поголемо разбирање. Еве неколку предлози за пациентката:
◼ Вашиот сопруг не може да Ви ги чита мислите; кажете му како и каде Ве боли
◼ Одберете лекар кој ќе Ве информира и Вас и Вашиот сопруг во врска со ендометриозата и кој, ако биде потребно, ќе одвои повеќе време
◼ Кажете му на Вашиот сопруг за промените кои ги чувствувате — вклучувајќи ги и позитивните промени!
◼ Замолете го да прочита нешто за оваа болест
[Рамка/графикони на страница 11]
Што е ендометриоза?
Ендометриозата го добила името од ендометриумот — слој клетки со кои е обложена матката. Ендометриозата е заболување при кое на различни места надвор од матката се појавува ткиво кое е слично на ендометриумот. Оваа болест може да се појави кај соседните органи, како што се јајниците, мочниот меур и тенките црева, а во некои случаи може да се појави дури и во карличниот предел.
Иако ендометриозата вклучува абнормално растење на ткивото, обично не е канцерозна. Она што ја прави ендометриозата абнормална не е самото ткиво туку неговата локација надвор од матката. Ендометријалното ткиво во матката помага во исхраната на фетусот кој се развива за време на бременоста. Кај жените кои не се бремени, тоа се исфрла за време на менструацијата.
Меѓутоа, не постои начин да се отстрани од телото ендометријалното ткиво кое е надвор од матката. Како резултат на тоа доаѓа до внатрешно крвавење, разградување на крвта и ткивото кои истекуваат од имплантантите, воспаление на околните подрачја и создавање лузни. Некои други компликации, во зависност од местоположбата на имплантантите, можат да бидат сраснување на ткива, крвавење во цревата или обструкција, нарушување на функцијата на мочниот меур и прскање на имплантантите, што може да ја прошири болеста. Со текот на времето овие симптоми можат да се влошат, иако во некои случаи е вообичаено периодично да се повлекуваат и повторно да се појавуваат.
[Графикони]
(Види во публикацијата)
Јајцеводи
Матка
Јајници
Ендометриум (Клетки кои го обложуваат ѕидот на матката)
Секој месец, ендометријалните имплантанти прскаат и крвават, но не постои начин да се отстранат од телото
Сраснувања на јајниците
Ендометријални имплантанти
Ендометријални имплантанти
[Рамка/слика на страници 12 и 13]
„НЕКОЈА ЧУДНА ЖЕНСКА БОЛЕСТ?“
За да дознаеме нешто повеќе за менталните и емоционалните последици од ендометриозата, Разбудете се! зборуваше со Мери Лу Балвег, претседател на Здружението за ендометриоза од Милвоки (Висконсин). Еве еден извадок од тоа интервју.
Какви емоционални последици остава ендометриозата врз жените?
Многу зависи од тоа како дејствува болеста во извесен период. Ако станува збор за тинејџерки, оваа болест може да биде многу разорна во емоционален поглед. Девојчињата не можат сосема да сфатат што се случува, особено заради тоа што ова заболување кај нив обично не се дијагностицира во тоа време. Исто така, тие се многу осетливи на овие работи. Не сакаат да разговараат во врска со тоа со своите родители или со некој друг. Затоа, овие млади девојки може да помислат дека не се толку цврсти или добри како другите луѓе. Честопати им е тешко да држат чекор со наставата на училиште и страда нивниот друштвен живот. Знаеме за многу девојчиња кои го напуштиле училиштето. Секоја седмица ни се јавува барем едно девојче кое нема добар успех на училиште заради сериозните здравствени проблеми поврзани со ендометриозата.
Каква е состојбата со жените кои се во брак и со постарите жени?
Болката може да доведе до збрка во бракот, особено ако сѐ уште не е поставена дијагноза за ова заболување кај жената. Штом се постави дијагноза, сопругот и сопругата можат да соработуваат бидејќи знаат што се случува. Потоа можат заедно да најдат начини за да ги ублажат негативните ефекти на оваа болест. Но, ако не е поставена точна дијагноза за ова заболување кај жената, навистина е тешко. Меѓу нашите вработени имаме една жена на која лекарот ѝ рекол — и тоа пред нејзиниот сопруг — дека таа само си ги замислува симптомите. Сопругот му поверувал на докторот и сега тие се разведени. Ваквиот недостиг на разбирање е голем предизвик. Ако отидете дома и му кажете на своето семејство дека имате некоја хронична болест, како што е мултиплекс склероза, веројатно ќе покажат сочувство и поддршка. Но, ако отидете дома и им речете дека имате ендометриоза — е тогаш, што е тоа? За нив тоа е некоја чудна женска болест за која никој не сака дури ни да зборува. Можеби нема да добиете никаква поддршка.
Што мислите, каква поддршка можат да ѝ дадат сопругот, децата и родителите на жената која има ендометриоза?
Пред сѐ, мислам дека тие треба да ѝ веруваат на жената и да веруваат дека нешто се случува со неа. Треба да се обидат да ѝ дадат поддршка како што би постапиле ако се работи за кој и да е друг здравствен проблем. Многу ќе помогне ако научат сѐ што можат за оваа болест. Ако знаете нешто повеќе за болеста, можете да ги разберете нејзините последици и исто така можете да ги разберете непожелните ефекти од лековите. Освен тоа, мислам дека повеќето општества создале едно табу — се срамат да зборуваат за биологијата на жената. Ова навистина е жалосно. Затоа, мислам дека најголемиот предизвик со кој се соочува целиот свет веројатно е тоа како да се променат ставовите на луѓето во врска со тоа што значи да се биде жена.
[Слика]
Мери Лу Балвег