Да се препознаат знаците
„Тагата е нормална, здрава емоција; депресијата е болест. Тешко е да се разбере и да се препознае разликата“ (д-р Дејвид Џ. Фаслер).
ДЕПРЕСИЈАТА, како и повеќето други заболувања, има симптоми што ја откриваат. Но, не е толку лесно да се препознаат знаците. Зошто? Затоа што речиси сите тинејџери, исто како и возрасните, повремено ги обзема нерасположение. Што е разликата помеѓу обичната потиштеност и депресијата? Таа е поврзана со интензитетот и со времетраењето на состојбата.
Интензитетот го вклучува степенот до кој негативните чувства го измачуваат младинецот. Потешка од некој помал напад на очај, депресијата е исцрпувачка емоционална болест што сериозно ја нарушува способноста на тинејџерот да функционира нормално. Д-р Ендрју Слаби ја опишува сериозноста на ова заболување со следниве зборови: „Замислете си ја најголемата физичка болка што некогаш сте ја почувствувале — скршена коска, забоболка или породилни болки — помножете ја со десет и тргнете ја настрана причината; тогаш можеби приближно ќе сфатите колкава е болката од депресијата“.
Времетраењето се однесува на тоа колку трае состојбата на апатичност. Според Леон Цитрин и Доналд Х. Мекњу, Помл., професори на клиника, „кај детето што не покажува знаци дека е утешено или не се враќа во нормален колосек во текот на една седмица откако станало потиштено (од која и да е причина) — или во текот на шест месеци откако доживеало некоја за него голема загуба — постои ризик да заболи од депресија“.
Вообичаени симптоми
Депресијата се дијагностицира дури откако младинецот ќе покаже повеќе симптоми секој ден, во поголем дел од денот, најмалку во текот на две седмици. Релативно кус напад се нарекува епизода на депресија. Дистимијата, која повеќе е хроничен облик на блага или умерена депресија, се дијагностицира кога симптомите ќе траат најмалку една година со пауза не подолга од два месеца. Во секој случај, кои се некои вообичаени симптоми на депресија?a
Ненадејна промена во расположението и однесувањето. Претходно послушниот тинејџер одеднаш е непријателски настроен. Бунтовничкото однесување, па дури и бегањето од дома се вообичаени кај депримираните тинејџери.
Социјална изолација. Депримираниот адолесцент се повлекува од пријателите. Или можеби пријателите се повлекуваат од депримираниот младинец, забележувајќи ја непожелната промена во неговиот став и однесување.
Намален интерес за речиси сите активности. Тинејџерот е необично пасивен. Некое хоби што до неодамна му било интересно, сега му е здодевно.
Забележителна промена во навиките на исхрана. Многу стручњаци сметаат дека нарушувањата како што се анорексијата, булимијата и компулсивното прејадување честопати се јавуваат паралелно со (а понекогаш можат да бидат предизвикани од) депресијата.
Проблеми со спиењето. Тинејџерот спие или премалку или премногу. Некои стекнуваат конфузни навики на спиење, при што остануваат будни цела ноќ и спијат во текот на денот.
Намален успех на училиште. На депримираниот адолесцент му претставува проблем да се сложува со наставниците и врсниците и нагло почнува да добива послаби оценки. Наскоро тинејџерот не сака да оди на училиште.
Ризични или самодеструктивни постапки. Постапките кои се ‚за влакно од смртта‘ можат да покажат дека младиот има мал интерес за животот. Самоосакатувањето (како што е расечување на кожата) може исто така да биде еден симптом.
Чувства на безвредност или непотребна вина. Тинејџерот станува премногу самокритичен и се чувствува како да не вреди ништо, иако фактите можеби покажуваат нешто друго.
Психосоматски проблеми. Кога не може да се најде никаква физичка причина, главоболките, болката во грбот, во стомакот и слични проблеми можат да укажуваат на депресија.
Постојано се јавуваат мисли за смрт или самоубиство. Преокупацијата со морбидни теми може да укажува на депресија. Истото е случај и со заканите за самоубиство. (Видете ја долната рамка.)
Биполарно растројство
Некои од истиве овие симптоми можат да бидат присутни и кај едно друго збунувачко заболување — биполарното растројство. Според д-р Барбара Д. Ингерсол и Сем Голдштајн, биполарното растројство (познато и како манично-депресивно растројство) е „болест што се карактеризира со епизоди на депресија проткаени со периоди во кои расположението и енергијата се на крајно високо ниво — всушност, многу над нормалното ниво на добро расположение“.
Оваа фаза на високо расположение се нарекува манија. Нејзините симптоми можат да вклучуваат брзо надоаѓање на мисли, претерана зборливост и намалена потреба од спиење. Всушност, заболениот може со денови да не спие без видливо да ја изгуби енергијата. Друг симптом за биполарно растројство е претерано импулсивно однесување без оглед на последиците. „Манијата честопати влијае врз размислувањето, просудувањето и социјалното однесување на начини што предизвикуваат сериозни проблеми и доведуваат во непријатна ситуација“, наведува еден извештај на Американскиот државен институт за ментално здравје. Колку време трае маничната фаза? Понекогаш само неколку дена; во други случаи манијата трае неколку месеци пред да му отстапи место на својот партнер, депресијата.
Најголем ризик да заболат од биполарно растројство постои кај оние што во фамилијата ја имаат таа болест. Добра вест е тоа што има надеж за болните. „Ако се дијагностицира рано и ако се лекува соодветно“, вели книгата The Bipolar Child (Биполарни деца), „овие деца и нивните семејства можат да имаат многу постабилен живот.“
Важно е да се забележи дека ниту еден симптом сам по себе не укажува на депресија или на биполарно растројство. Најчесто се поставува дијагноза врз основа на комбинација од симптоми покажани во еден подолг период. Сепак, останува прашањето: ‚Зошто ова збунувачко заболување ги погодува тинејџерите?‘
[Фуснота]
a Симптомите што се наведени овде се наменети да послужат како општ преглед а не како критериум за поставување дијагноза.
[Рамка на страница 6]
КОГА ЕДНО ДЕТЕ САКА ДА УМРЕ
Според американскиот Центар за контрола на болестите, во една од изминативе години, во Соединетите Држави повеќе млади луѓе го изгубиле животот извршувајќи самоубиство отколку што умреле од рак, срцево заболување, СИДА, вродени маани, мозочен удар, пневмонија, грип и хронично заболување на белите дробови заедно. Уште еден вознемирувачки факт: Драматично е зголемен бројот на известени самоубиства кај лица на возраст од 10 до 14 години.
Може ли да се спречи самоубиството кај адолесцентите? Во некои случаи, да. „Статистиките покажуваат дека на многу самоубиства им претходеле обиди или вербални навестувања и предупредувања“, пишува д-р Кетлин Мекој. „Кога Вашиот тинејџер дури и ќе спомне дека мисли на самоубиство, време е да обрнете грижливо внимание и да побарате професионална помош.“
Раширеноста на депресијата кај тинејџерите ја подвлекува потребата родителите и другите возрасни сериозно да ги сфатат сите показатели што младиот човек ги дава дека сака да си го одземе животот. „Речиси во секој случај на самоубиство што сум го разгледал, навестувањата за плановите на адолесцентот биле занемарени или потценети“, пишува д-р Андреј Слаби во својата книга No One Saw My Pain (Никој не ја виде мојата болка). „Роднините и пријателите не сфатиле колку се големи промените што ги гледале. Тие се сосредоточиле на последиците а не на проблемот што лежел во основата, така што ‚семејните проблеми‘, ‚дрогирањето‘ или ‚анорексијата‘ станале дијагноза. Понекогаш биле лекувани гневот, збунетоста и раздразливоста, но не и депресијата. Проблемот што лежел во основата останал, измачувајќи и гноејќи.“
Пораката е јасна: Сериозно сфатете ги сите навестувања кои укажуваат на склоност кон самоубиство!
[Слика на страница 7]
Бунтовното однесување понекогаш е знак дека станува збор за депресија
[Слика на страница 7]
Депримираните тинејџери честопати губат интерес за активностите што некогаш ги фасцинирале