Се менуваат ставовите кон староста
НА КОЈА возраст човек е стар? Изгледа дека одговорот зависи од тоа кого ќе го прашате. Тинејџерите со задоволство ќе го стават во оваа категорија секого што има повеќе од 25 години.
Од друга страна, пак, оперските пејачи го достигнуваат својот врв многу подоцна во животот. А во врска со оние што сакаат да се искачат високо на скалата на кариера, еден извештај во австралијанскиот весник The Sun-Herald тврди: „Денешната вистина е дека, ако не сте постигнале нешто до 40-тата, никогаш нема да постигнете ништо“.
Раширени претпоставки
Некои можеби мислат дека постарите луѓе се склони кон незгоди, бавно учат и брзо пропаѓаат физички. Дали е разумно да се изнесуваат такви претпоставки? Па, според статистиките на Светската здравствена организација, во регионот на цела Европа „во секоја трета сообраќајна несреќа загинува некој што е помлад од 25 години“. Освен тоа, најбрзо се опаѓа физички на возраст од 30 до 40 години, а не постојат докази дека интелектуалната способност на едно здраво лице се намалува со возраста.
Што е со претпоставката дека старите луѓе неизбежно мора да се болни? „Раширена заблуда е дека стареењето и болеста се синоними“, вели The Medical Journal of Australia. Факт е дека голем број стари лица имаат прилично добро здравје и не се сметаат себеси за стари. Некои го делат мислењето на американскиот државник Бернард Барух, кој рекол: „За мене староста е секогаш петнаесет години постара од мене“.
Тогаш, зошто кон старите луѓе честопати се покажува дискриминација, а понекогаш дури и отворена предрасуда? Одговорот во голема мера зависи од ставовите кон стареењето.
Ставови кон староста
„Американците се луди по младоста и го изопачиле гледиштето што го имаат медиумите кон старите“, тврди Макс Франкел во The New York Times Magazine. „Ветераните се речиси истерани од медиумскиот бизнис“, со жалење констатира тој. Ова може да помогне да се објасни еден современ парадокс што го забележа The UNESCO Courier: „Никогаш . . . едно општество не направило толку многу за своите најстари членови. Тие ја користат економската и социјалната заштита, но сликата што ја има општеството за нив е многу негативна“.
Дури и медицината не е имуна на ваквата предрасуда. Во The Medical Journal of Australia се вели: „Многу лекари, како и населението воопшто, сметаат дека за луѓето постари од 65 години е предоцна за превентивна нега . . . Негативниот став . . . довел до тоа постарите да бидат исклучени од многу важни истражувања“.
Истиот весник наведува: „Негативниот став кон старите луѓе и нивното етикетирање како ‚геријатриски пациенти‘, може да се искористи како изговор да им се даде полоша медицинска нега. Многу вообичаени, но споредни функционални проблеми, како што се намалениот вид и слух, се превидуваат или се прифаќаат како нормален дел од стареењето . . . Промената на ставот кон старите е од пресудна важност за една ефективна превентивна програма“.
„Можеби дојде време да ја измениме традиционалната дефиниција за тоа што значи староста и границата да ја поместиме нагоре, барем во развиените земји“, препорачува британското медицинско списание The Lancet. Зошто е важно тоа? Ова списание објаснува: „Изменетата дефиниција може да ги прекине мрачните, злокобни и страшни претскажувања што премногу често се користат за да се поткрепат предрасудите за ‚плима‘ од стари луѓе што трошат ‚неправеден дел‘ од недоволните средства за здравството“.
Сѐ повеќе стари луѓе
Вистина е дека има сѐ повеќе стари луѓе — и нивниот број станува сѐ поголем. „Во целиот свет, бројот на лица постари од 65 години ќе биде четирипати повисок во периодот помеѓу 1955 и 2025, а нивниот процент во вкупното население ќе биде двапати повисок“, известува The UNESCO Courier.
Бројот на стари лица во Индија веќе е повисок од вкупното население на Франција. Се смета дека во Соединетите Држави, 76 милиони лица што се родиле во првите 18 години по II светска војна ќе се пензионираат во текот на следниот половина век. Додека ваквиот тренд кон остареното население во светот загрижува многу економисти и здравствени работници, тој става под притисок и некои од нашите однапред создадени мислења за стареењето.
Повторно пишување на сценариото
Некои можеби го споредуваат животот со драма во три чина. Се очекува во првиот чин да преовладуваат младешката возбуда и образованието. Одговорностите на подигањето на семејството и непопустливиот притисок на работното место ја одредуваат атмосферата на вториот чин. Во третиот чин актерите се охрабрени да се повлечат на една столица подалеку од светлоста на рефлекторот и потиштено да чекаат да се спушти завесата.
Меѓутоа, од различни причини, вклучувајќи го и значајниот напредок во здравството и хигиената во 20-тиот век, должината на времето што „актерите“ го минуваат надвор од сцената во „третиот чин“ е зголемено за 25 години. Мнозина повеќе не се задоволни со тоа да бидат потиснати во неактивност со тоа што ќе појдат во пензија. Заради сѐ побројните редови на овие активни стари лица се јавува потреба сценариото да се напише одново.
Голем придонес
Општо прифатеното мислење дека повеќето стари лица зависат од другите луѓе едноставно не е точно. The New York Times Magazine извести дека во Соединетите Држави, „повеќето стари луѓе се независни потрошувачи од средната класа кои се побогати од младите двојки . . . и [дека] социолозите гледаат како се појавува една потенцијална група од . . . богати постари луѓе“. Филип Котлер, професор по маркетинг на универзитетот Нортвестерн во Соединетите Држави, коментирал во врска со ова. Тој рекол: „Наскоро трговците ќе ги сметаат за најпривлечна демографска мета богатите потрошувачи постари од 55 години“.
Придонесот на активните стари луѓе оди многу подалеку од монетарното влијание. The Sunday Telegraph од Синдеј забележа дека во Австралија „половина од сите неофицијални работни места за грижа за децата ги држат бабите, при што бабата им ги чува децата на повеќе од една третина вработени жени додека тие се на работа“.
На места како што е францускиот град Троа, насобраната мудрост на старите луѓе се смета за скапоцено богатство. Оваа мудрост се користи кога постарите се ангажираат по завршувањето на школските часови за да ги поучуваат децата на вештини како што се дрводелство, стакларство, обработка на камен, градежништво и водовод. Освен тоа што поучуваат, голем број постари лица одат на училиште за да стекнат различни вештини.
Според The UNESCO Courier од јануари 1999, „Париското меѓународно здружените на универзитети на третата возраст“ вели дека „во светот има повеќе од 1.700 универзитети за постари лица“. Во врска со ваквите универзитети, ова списание известува: „Иако нивната структура и методи на работа многу се разликуваат од земја до земја, универзитетите за постари лица обично имаат желба да им помогнат на старите луѓе да играат целосна улога во културниот и општествениот живот“. Се известува дека една таква институција во Јапонија има 2.500 студенти!
„Вкупниот придонес на постарите лица во нивните семејства и во заедницата е голем, иако е тешко да се измери бидејќи најчесто не е платен“, вели Александар Калаш, водач на групата на Програмата за стареење при Светската здравствена организација. Тој тврди: „Земјите . . . не треба да гледаат на остареното население како на проблем туку како на потенцијално решение на проблемите . . . а пред сѐ како на богатство што треба да се искористи“.
Несомнено, врз нашата способност да уживаме во напредните години може да влијаат сфаќањата и предрасудите на другите, но во голема мера таа зависи и од нашиот став кон животот. Што можете да сторите Вие за да останете ментално и физички активни дури и ако Вашето тело старее? Ве молиме, прочитајте ја рамката на страници 28 и 29 и забележете што велат некои стари луѓе, која е тајната за да се остане активен и да се ужива во животот.
Настојувајте да водите активен живот
Ќе забележите дека една вообичаена карактеристика на овие активни стари лица е тоа што одржуваат смисловен распоред за работа — сеедно дали за световна работа или како доброволци. Исто така, тие редовно вежбаат, активно се заинтересирани за луѓето од сите возрасти и ги задоволуваат своите основни духовни потреби. Како што можеби ќе забележите, овие тајни за среќен, активен живот ќе им користат и на младите и на старите.
Засега, непријатна вистина е тоа дека и Вие стареете, дури и додека ја читате оваа статија (Проповедник 12:1). Но, мудро ќе биде ако обрнете внимание на резимето на Bulletin of the World Health Organization (Билтен на Светската здравствена организација): „Исто како што здравјето ја поддржува активноста, така и активниот живот е најдобар начин да се биде здрав“.
[Рамка/слики на страници 28 и 29]
Тие остануваат активни и уживаат во животот
◼ ЈУЖНА АФРИКА: Пит Венцел, 77-годишен, е доброволец во полновремена служба.
„Сфаќам дека за да имам добра кондиција е важно редовно да вежбам. Во текот на изминативе неколку години се грижев за една мала градина. По таквите вежби се чувствувам како сосема друга личност. За да сработам што е можно повеќе, се обидов да бидам мотивиран од начелото ‚Неодлучноста е крадец на времето; одложувањето му е најголем соучесник‘.“
[Слика]
„Сфаќам колку е важно редовно да се вежба“ (Пит).
◼ ЈАПОНИЈА: Јошихару Шиозаки, 73-годишен, работи како стручен советник за неподвижен имот.
„Имам лумбаго, висок крвен притисок и Мениерова болест. Со велосипед патувам од дома до канцеларија четири дена седмично; во двата правци тоа изнесува 12 километри. За мене тоа е добра вежба бидејќи не предизвикува стрес за ’рбетот, а сепак ми ги зајакнува мускулите на нозете. Настојувам да одржувам мир со другите луѓе, вклучувајќи ги и соседите. Се трудам да не барам недостатоци и грешки кај другите. Сфатив дека луѓето побрзо реагираат кога се охрабрени отколку кога се критикувани.“
[Слика]
„Се трудам да не барам недостатоци кај другите“ (Јошихару).
◼ ФРАНЦИЈА: Леон Шалони, 84-годишна, е полновремен евангелизатор.
„Кога се пензионирав во 1982, ми беше тешко затоа што ја сакав мојата работа како фризерка. Немав обврски и затоа станав пионер, како што се нарекуваат полновремените евангелизатори на Јеховините сведоци. Тоа што имам многу библиски студии со заинтересираните лица ми помага да останам умствено активна. Немам автомобил и затоа многу пешачам. Така си го одржувам здравјето.
[Слика]
„Тоа што имам многу библиски студии ме држи умствено активна“ (Леон).
◼ БРАЗИЛ: Франсиско Лапастина, 78-годишен, е доброволец во полновремена служба.
„Обично не се навредувам кога некој ќе ме повреди или ќе ме игнорира. Претпоставувам дека тој си има свои притисоци и проблеми. Секој од нас има денови кога не е многу дружељубив. Се трудам да не им се лутам на другите и да имам на ум дека луѓето мора да ме трпат и мене. Ова ми помогна да стекнам многу вистински пријатели.“
[Слика]
„Се трудам да не им се лутам на другите“ (Франсиско).
◼ АВСТРАЛИЈА: Дон Меклин, 77-годишен, сѐ уште работи 40 часа седмично.
„Четири години по бајпас операцијата на срцето, и понатаму имам одлично здравје. Оваа операција не ја сметав за поглавје во мојот живот кое трајно ќе ме онеспособи. И понатаму секој ден одам на прошетки, како што правам со години. Кога бев млад и ќе забележев како другите предвремено стареат, секогаш донесував одлука да не дозволам да прифатам таков умствен став. Вистинско задоволство ми е да ги запознавам луѓето и да започнувам разговор. Ако во животот имаме духовна димензија, тогаш ќе го искусиме она што го пишува во Псалм 103:5: ‚[Јехова] ти го исполнува животот со добрини, твојата младост се обновува како на орелот‘.“
[Слика]
„Не остарувајте предвреме“ (Дон).
◼ ЈАПОНИЈА: Чијоко Чонан, 68-годишна, е полновремен евангелизатор.
„Клучот за одржување добро здравје е да избегнувам да ми се насобира стрес и да се исцрпувам. Се обидувам да не ги земам работите премногу на срце и утврдувам дека ми користи ако одвреме навреме правам промени. Неодамна почнав да учам да користам абакус за да правам вежби за прстите и умот. Мислам дека е добро да почнете да правите нешто ново.“
[Слика]
„Мислам дека е добро да почнете да правите нешто ново“ (Чијоко).
◼ ФРАНЦИЈА: Жозеф Кердудо, 73-годишен, полновремен волонтер.
„Еден важен начин да стареете отмено е да останете активни сѐ додека можете. Работата донесува задоволство, а треба да внимавате и на исхраната и да ги правите потребните промени. Мислам дека, кога животот има смисла, тоа ве прави поинакви. Мислам дека духовноста е многу важна како помош да останеме со добро здравје. Пред да станам Јеховин сведок, бев многу неодлучен и песимистичен. Познавањето на библиските вистини претставува извонредна сила што дава ментална јачина да се справите со различни ситуации.“
[Слика]
„Духовноста е многу важна“ (Жосеф).