Младите прашуваат . . .
Како да се справам со гневни луѓе?
„Тој вриеше од бес. Претпоставувам дека сакаше да ме претепа кога виде дека сум низок. Додека се повлекував наназад, реков: ‚Смири се. Почекај малку! Почекај малку! Зошто сакаш да ме тепаш? Ништо не сум ти направил. Не знам дури ни зошто си толку лут. Можеме ли да разговараме за тоа?‘“ (16-годишниот Дејвид).
ДАЛИ некогаш си бил мета на бесот на некој тепач? Библијата претскажала дека луѓето денес ќе бидат „свирепи, без љубов кон доброта“ (2. Тимотеј 3:3). И, иако си направил сѐ што можеш за да избегнеш ‚да се спријателуваш со гневлив и со бесен човек‘, можеби ќе има прилики кога едноставно нема да можеш да ги избегнеш гневните луѓе (Пословици 22:24). Како треба да реагираш кога ќе се најдеш во таква ситуација?
Како да се реагира на гневот
Денес, многу млади можеби ќе реагираат на тој начин што и самите ќе се разгневат. Но, тоа само создава уште поголема болка. Освен тоа, ако изгубиш контрола, ќе се спуштиш на ниво на оној што е бесен. Во Пословици 26:4 стои: „Не одговорувај му на безумниот, според неговата глупост, за да не станеш и самиот еднаков со него“. Младиот Џереми на тежок начин сфатил дека овие зборови се точни. Се сеќава на една случка во трпезаријата на училиште: „Имаше група деца што секогаш се задеваа меѓу себе и со другите. Многу често зборуваа за мене. Обично го игнорирав тоа што го зборуваа. Меѓутоа, кога едниот од нив почна да зборува за мајка ми, изгубив контрола и бесно му се нафрлив“. Со каков резултат? „Добро ме истепа“, вели Џереми.
Библијата го дава следниов мудар совет: „Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот“ (Пословици 15:1). Да, ако се реагира на гневот со ‚груб збор‘, ситуацијата само ќе стане уште полоша. Меѓутоа, благиот одговор честопати може да ги смири работите и да ја опушти напнатата ситуација.
Сети се на Дејвид, спомнат на почетокот. Тој успеал да го наговори тепачот да му објасни зошто е лут. Испаднало дека некој му го украл ручекот и тој само ја истурил својата фрустрација на првиот што му излегол на патот. „Тоа што ќе ме истепаш нема да ти го врати ручекот“, рекол Дејвид. Потоа му предложил двајцата да појдат во кафетеријата. „Бидејќи ја познавав келнерката“, раскажува Дејвид, „успеав да средам повторно да добие ручек. Се ракувавме и оттогаш е пријателски расположен кон мене“. Гледаш ли колку можат да бидат силни благите зборови? Како што гласи една пословица, „мекиот [благиот, NW] јазик крши и коски“ (Пословици 25:15).
Благоста — слабост или сила?
Како што е познато, идејата за ‚благ јазик‘ можеби не звучи привлечно. Можеби изгледа дека си појак или „мачо“ ако на гневот реагираш со гнев. Можеби страхуваш дека, ако си благ, другите ќе мислат дека ти, всушност, си слаб. Но, што значи тоа да се биде благ? Според еден прирачник, да се биде благ значи да се биде нежен. Меѓутоа, истиот извор додава: „Зад нежноста се крие железна цврстина“. Затоа, далеку од тоа да биде знак на слабост, благоста може да биде знак на сила. Како?
Па, како прво, лицето со благ нарав се контролира и не може да биде лесно исфрлено од рамнотежа. Од друга страна, пак, лицето што нема благост изгледа несигурно, фрустрирано, па дури и очајно. Исто така, му недостига самоконтрола. Бидејќи не може да ги контролира своите емоции, веројатно постојано ќе влегува во конфликти. Да, „разурнат град и без ѕидови, таков е човекот, кој нема власт над себеси“ (Пословици 25:28). Значи, силно е она лице што има благ нарав!
Библиски примери на благост
Размисли за Исус Христос. Тој рекол дека е „со благ нарав и понизен во срце“ (Матеј 11:29). Никогаш не станал груб или неразумен, не враќал зло за зло. Всушност, апостол Петар, личен пријател на Исус, известил: „Кога го навредуваа, [Исус] не враќаше со навредување. Кога страдаше, не се закануваше, туку му се доверуваше на оној кој праведно суди“ (1. Петрово 2:23). Но, не заборавај дека истиот тој Исус ‚влегол во храмот и ги исфрлил сите оние кои продавале и купувале‘ (Матеј 21:12). А кога и да се појавела потреба за божествена поддршка, Исус можел да повика „повеќе од дванаесет легии ангели“! (Матеј 26:53). Не, тој воопшто не бил слабак.
Разгледај го и примерот на судијата Гедеон, што е запишан во Библијата, во Судии 8:1—3. По една голема воена победа, некои војници од племето Ефраим биле навредени затоа што сметале дека не им била дадена прилика и тие да учествуваат во славната битка. „Како постапи со нас: не нѐ повика кога тргна во бој против Мадијамците?“, му упатиле предизвик тие. „И му приговорија жестоко.“ Гедеон бил ‚храбар јунак‘ (Судии 6:12). Лесно можел да одговори со насилство на нивните провокации. Наместо тоа, одговорил со благост и потполно ги разоружал тие брзоплети луѓе. „Па што сум направил јас кога ќе се споредам со вас?“, прашал Гедеон. Каков бил резултатот од овој скромен одговор? „Стивна нивниот гнев против него.“
И на крајот, разгледај го библискиот извештај за една жена по име Авигеја. Давид се криел како бегалец од својот непријател Саул, царот на Израел. Иако биле во изгнанство, Давидовите луѓе честопати ги чувале и ги штителе другите Израелци. Еден човек на кого му помогнале бил сопругот на Авигеја, Навал, кој бил многу богат човек. Меѓутоа, Навал бил „суров и опак“. Кога на Давидовите луѓе им требале намирници, побарале од Навал да им даде храна. Наместо да покаже благодарност за бесплатната заштита што му ја дала Давидовата дружина, Навал ‚ги истерал‘ луѓето што ги пратил Давид и ги вратил со празни раце (1. Самоил 25:2—11, 14).
Кога го чул ова, Давид се налутил и им заповедал на своите луѓе: „Препашете го секој својот меч!“ Давид и неговите луѓе тргнале да го убијат Навал и сите машки лица од неговото домаќинство кои немале никаква вина, но тогаш интервенирала Авигеја. Таа го пречекала Давид со великодушен подарок од храна и пиење. Се извинила за непростливото однесување на својот сопруг и го молела Давид да ги поштеди невините животи (1. Самоил 25:13, 18—31).
Понизните молби на Авигеја го одвратиле гневот на Давид. Впрочем, сфаќајќи колку опасен станал неговиот гнев, Давид рекол: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој те испрати денес кај мене во пресрет! Нека е благословена твојата мудрост, и благословена да бидеш ти што ме задржа денес за да не навалам врз себеси крвна вина и за да не набавам правда со своја рака“ (1. Самоил 25:32—35). Да, во многу случаи „благиот одговор“ може да го одврати бесот на другите. Меѓутоа, што ако твојот благ одговор нема таков ефект?
„Оддалечи се“
Можеш да избегнеш да додадеш дрва на разгорениот оган со тоа што едноставно ќе заминеш. „Кога ќе ги снема дрвата, огнот гасне“, вели Библијата. Исто така, таа советува: „Пред да избувне караница оддалечи се“ (Пословици 17:14; 26:20). „Едно момче што беше популарно во училиштето ми пристапи и сакаше да разговараме“, рекла 17-годишната Мериса. „Ми рече дека сум убава. Пред да бидам свесна за тоа, неговата девојка разбеснето ми пристапи. Ме обвини дека флертувам со нејзиното момче и сакаше да се тепа со мене! Се обидов да ѝ објаснам што се случи, но таа не сакаше да слуша. По часовите повторно дојде со уште неколку девојки за да ме тепаат! Веднаш го викнав портирот и ѝ објаснив на разлутената девојка дека не сакам да се тепам и дека нејзиното момче, всушност, беше тој што дојде кај мене. Потоа заминав.“ Мериса не подлегнала на своите емоции. Не само што се оддалечила од тепачката туку презела чекори да се заштити. Како што пишува во Пословици 17:27, „разумниот се воздржува во своите зборови, а трпеливиот човек е благоразумен“.
Но, што ако навистина си виновен затоа што си предизвикал нечиј гнев — можеби ненамерно? Извини се, и тоа брзо! Можеби тоа ќе биде сѐ што е потребно за да го одвратиш гневот на другиот. Живееме во времиња исполнети со притисоци и многу луѓе реагираат избрзано. Но, ако во своите постапки ги примениш библиските начела, веројатно ќе избегнеш да станеш жртва на нечиј гнев.
[Слики на страница 28]
„Благиот одговор ја ублажува јароста“
[Слика на страница 29]
Понекогаш едноставно ќе треба само да си заминеш