ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g03 8/5 стр. 30-31
  • Ограда што влијае врз временските прилики

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ограда што влијае врз временските прилики
  • Разбудете се! 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Се води изгубена битка
  • Сведоштво за човечката истрајност
  • Не е целосно промашување
  • Неочекуван ѕид што влијае врз временските прилики
  • Зачувај ја Божјата љубов
    Како да ја зачуваш Божјата љубов
  • ‚Изградувај се врз својата најсвета вера‘
    Зачувај ја Божјата љубов
  • Дали сте знаеле?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
Разбудете се! 2003
g03 8/5 стр. 30-31

Ограда што влијае врз временските прилики

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА

НЕКОГАШ ја делела државата Западна Австралија од горе до долу. Кога бил завршен во 1907, овој ѕид од дрво и жици, долг 1830 километри, бил најдолгата конструкција од ваков вид во светот. Нејзиниот официјален назив бил Ограда бр. 1 за заштита од зајаци.

Како што покажува самото име, оваа ограда најнапред била направена за да служи како заштитен ѕид против наездата од зајаци што нагрнале на запад низ цела Австралија кон крајот на 19 век. Денес, голем дел од оваа стогодишна барикада сѐ уште си стои на своето место. Меѓутоа, во последниве години, таа дошла во фокусот на интересот на научниците од една многу необична причина. Изгледа дека оваа преграда што ја направил човекот, индиректно влијае врз локалните временски обрасци.

Пред да истражиме како може една ограда малку повисока од еден метар да има такво влијание, да дознаеме нешто за историјата на оваа извонредна конструкција.

Се води изгубена битка

Во војната против наездата од зајаци, од 1901 до 1907 напорно работеле 400 работници за да ја направат Оградата бр. 1 за заштита од зајаци. Според Одделот за земјоделство на Западна Австралија, „со брод биле донесени околу 8.000 тони материјал, потоа биле транспортирани со железница во складишта, и на крајот биле пренесени по копнен пат со запреги од коњи, камили и магариња до далечните градилишта каде што се подигала оградата“.

На двете страни од оградата работниците ја искорнале вегетацијата правејќи една лента земјиште широка три метри. Некои од соборените стебла се користеле како колци за оградата, а онаму каде што немало дрвја биле увезени метални колци. Кога била завршена, оградата не служела само како преграда против зајаците туку и како нерамен пат што се протегал низ целиот континент.

Како една џиновска мрежа, оградата ги насочувала дојдените зајаци во заграденото земјиште, каде што умирале. Меѓутоа, зајаците се прекачувале врз некои делови од оградата. Како? Додека немилосрдно оделе кон запад, тие се качувале врз мртвите тела на другите зајаци што лежеле во купови до жицата и така се префрлувале на другата страна. Биле направени уште две огради што се разгранувале од првата. Оградите сочинувале мрежа со вкупна должина од 3.256 метри.

Сведоштво за човечката истрајност

Мал број чувари на оградата, како што бил Ф. Х. Брумхол, патролирале покрај оваа голема бариера. Во својата книга The Longest Fence in the World (Најдолгата ограда на светот), Брумхол вели: „Оној што патролираше . . . имаше должност да ја поправа оградата и патеката крај неа . . . да ги сече грмушките и стеблата до пропишаната широчина од двете страни на оградата [и] да ги одржува во добра состојба портите што ги имаше приближно на секои 32 километра по должината на оградата, како и да го испразнува [од зајаци] заграденото земјиште што служеше како стапица“.

Работата на чуварот мора да била една од најосамените професии на светот. Само во друштво на своите камили, секој од оние што патролирале имал за задача да се грижи за одреден број километри ограда, која се чинело како да се протега бескрајно кон хоризонтот. Некои од луѓето што патролирале го немале дури ни друштвото на камилите, па затоа требало да се возат со велосипед по нерамниот терен крај делот од оградата што им бил доделен. Денес, крај она што преостанало од оградата се патролира во релативно удобните возила со погон на четири тркала.

Не е целосно промашување

Иако оваа ограда можеби не успеала да ја запре наездата од зајаци, таа се покажала како ефикасна бариера против еден друг бељаџија — птицата ему, која живее само во Австралија. Во 1976, повеќе од 100.000 вакви џиновски птици што не летаат, решиле да мигрираат кон плодните полиња западно од оградата. Оградата го запрела нивното напредување и, иако морале да се убијат 90.000 птици, поголемиот дел од жетвата за таа година бил спасен од катастрофа.

Откако поминала таа криза, 1.170 километри од оградата биле зајакнати или свртени во друга насока за да се одбранат незаштитените обработливи полиња од емуата што мигрирале и од заталканите глутници диви кучиња. Како резултат на тоа, оваа ограда станала гранична линија. На исток лежи неуредната пустелија во срцето на Австралија. На запад се протегаат уредните полиња што ги обработуваат земјоделците.

Неочекуван ѕид што влијае врз временските прилики

Токму овој драстичен контраст во вегетацијата може да го објасни очигледното влијание на оградата врз временските прилики. Научното списание The Helix вели: „Колку и да изгледа неверојатно, врнежите се зголемија источно од оградата, а се намалија западно од оградата“. Така, дивата вегетација на исток природно добива постојан прилив на вода, додека фармерите на запад сѐ повеќе мораат да се потпираат на вештачко наводнување. Изнесувајќи една можна причина за ваквите промени, истото списание објаснува: „Во обработливите предели, од земјоделските култури со плитки корени не испарува толку вода колку што испарува од дивата вегетација со подлабоки корени“.

Коментирајќи за уште еден фактор, Том Лионс, професор по метереологија, вели: „Нашата теорија е дека, поради тоа што дивата вегетација има многу потемна боја од обработеното земјиште, таа ослободува во атмосферата повеќе топлина, а тоа доведува до . . . непредвидливи воздушни струења што помагаат да се создадат облаци“.

Оградата за заштита од зајаци можеби не ги спасила земјоделците од Западна Австралија од наездата од зајаци, но нејзиното очигледно влијание врз временските прилики и поуките што ги дава во врска со потребата од далековидо стопанисување со земјата сепак можат да се покажат скапоцени.

[Карта на страници 30 и 31]

(Види во публикацијата)

Ограда бр. 1 за заштита од зајаци

[Слика на страница 31]

Зајаци

[Слика на страница 31]

Патролирање крај оградата, во почетокот на 20 век

[Слика на страница 31]

Емуа

[Слика на страница 31]

Со должина од 1.833 километри, Оградата бр. 1 за заштита од зајаци некогаш била најдолгата непрекината ограда во светот. Таа ја одвојува пустелијата од обработуваното земјиште, создавајќи ѕид што влијае врз временските прилики

[Извори на слики на страница 31]

Сите фотографии во боја: Department of Agriculture, Western Australia; горе во средина: Со љубезна дозвола на Battye Library Image number 003582D

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели