Гледиште на Библијата
Дали за христијанското единство е потребна едноличност?
ИЗГЛЕДА дека денес религијата е позната по неединството. Дури и во една иста црква, луѓето можеби имаат најразлични спротивни верувања во поглед на доктрините или однесувањето. Една писателка се изразила вака: „Тешко е дури да се најдат и двајца луѓе што веруваат во ист Бог. Се чини дека во денешно време секој човек си има своја теологија“.
Сосема спротивно на ова, апостол Павле ги советувал коринтските христијани од првиот век ‚да зборуваат сложно‘ и да бидат „соодветно обединети во ист ум и во ист правец на размислување“ (1. Коринќаните 1:10). Денес некои го критикуваат советот на Павле. ‚Луѓето се различни‘, велат тие, ‚и погрешно е да се инсистира сите христијани да размислуваат или да постапуваат на ист начин.‘ Но, дали Павле навистина препорачувал роботска подложност? Дали Библијата остава место за лична слобода?
Единство, а не едноличност
Во едно друго писмо што го напишал Павле, тој ги поттикнал христијаните да му служат на Бог со нивната „сила на разумот“ (Римјаните 12:1). Според тоа, сигурно не би се обидувал да направи од членовите на коринтското собрание автомати што не размислуваат. Но, зошто им рекол да бидат „соодветно обединети во ист ум и во ист правец на размислување“? Павле го дал овој совет затоа што собранието во Коринт имало сериозни проблеми. Дошло до раздор, така што некои го сметале Аполо за свој водач, додека други повеќе ги сакале Павле или Петар или, пак, се држеле само за Христос. Таквото неединство не било мала работа бидејќи претставувало закана за мирот во собранието.
Павле сакал коринќаните ‚да го одржуваат единството на духот во обединувачката врска на мирот‘, како што подоцна ги опоменал христијаните во Ефес (Ефешаните 4:3). Тој ги охрабрувал браќата обединето да го следат Христос, да не се делат во разединети групи, односно секти. На овој начин ќе уживале во една мирољубива хармонија бидејќи ќе имале иста цел (Јован 17:22). Затоа, советот на Павле до коринќаните им помогнал да го преиначат своето размислување и да се унапреди единство, а не едноличност (2. Коринќаните 13:9, 11).
Единството е важно и во поглед на доктрините. Оние што ги следат стапките на Исус сфаќаат дека има само „една вера“, исто како што има само „еден Бог и Татко“ (Ефешаните 4:1—6). Затоа, христијаните водат сметка она што го веруваат да биде во склад со вистината што Бог ја открил во својата Реч во врска со себеси и своите намери. Тие се обединети во нивното верување за тоа кој е Бог и што бара тој. Исто така, тие живеат во склад со јасните морални мерила што се изложени во Божјата реч (1. Коринќаните 6:9—11). На овој начин христијаните остануваат обединети, како во поглед на доктрините така и во поглед на моралот.
Справување со разликите во мислењата
Меѓутоа, ова не значи дека на секој христијанин прецизно му е кажано како да размислува и што да прави во сите ситуации во животот. Во повеќето случаи се работи за личен избор. Да разгледаме еден пример. Извесни коринтски христијани од првиот век не биле сигурни дали да јадат месо што можеби доаѓало од некој идолски храм. Некои цврсто верувале дека, ако јадат од таквото месо, тоа би било чин на лажно обожавање, додека други сметале дека не било важно од каде е месото. Кога се справувал со ова осетливо прашање, Павле не изнел правило што ќе им каже на христијаните што да прават. Наместо тоа, признал дека луѓето би можеле да донесат различни одлуки во врска со тоаa (1. Коринќаните 8:4—13).
Денес христијаните можеби донесуваат одлуки што се поинакви од одлуките на другите христијани во поглед на вработувањето, здравјето, рекреацијата или некое друго поле што бара личен избор. Можеби некои ќе се вознемират поради таквите разлики. Можеби ќе се прашаат дали разликите во гледиштата би можеле да водат до расправии или поделби во собранието. Меѓутоа, не мора да биде така. Да илустрираме: Композиторите имаат само ограничен број ноти со кои компонираат, но сепак, постојат бескрајни можности да се создаде убава музика. Слично на тоа, христијаните донесуваат одлуки што се во границите на Божјите начела. Меѓутоа, тие имаат одредена слобода кога донесуваат извесни лични одлуки.
Како е можно да се зачува христијанското единство додека истовремено се задржува почит кон изборот на поединецот? Клучот лежи во љубовта. Љубовта кон Бог нѐ поттикнува спремно да се подложиме на неговите заповеди (1. Јованово 5:3). Љубовта кон другите луѓе нѐ поттикнува да ги почитуваме правата на другите да донесуваат одлуки врз основа на својата совест кога станува збор за лични работи (Римјаните 14:3, 4; Галатите 5:13). Павле дал добар пример во овој поглед кога се подложил на авторитетот на водечкото тело од првиот век кога станувало збор за доктрините (Матеј 24:45—47; Дела 15:1, 2). Во исто време, ги охрабрил сите да ја почитуваат совеста на сохристијаните во работи што биле оставени на лична одлука (1. Коринќаните 10:25—33).
Јасно, никој не треба да биде осуден затоа што донесува одлука врз основа на својата совест доколку таа не е во судир со библиските начела (Јаков 4:12). Од друга страна, пак, лојалните христијани нема да инсистираат на своите права на штета на совеста на другите луѓе или на сметка на единството во собранието. Исто така, не треба да тврдат дека имаат слобода да направат нешто што Божјата реч јасно го осудува (Римјаните 15:1; 2. Петрово 2:1, 19). Љубовта кон Бог треба да нѐ поттикне да ја усогласиме својата совест со Божјето размислување. Тоа, пак, ќе помогне да го зачуваме единството со нашите соверници (Евреите 5:14).
[Фуснота]
a На пример, можно е некои што обожавале идоли пред да станат христијани да не можеле да направат разлика помеѓу тоа да јадат месо и да учествуваат во чин на обожавање. Друга оправдана грижа било тоа што послабите христијани можеле да добијат погрешен впечаток и да се спрепнат.