Гледиште на Библијата
Дали хипнозата е за христијаните?
„Кај тебе нека не се најде некој . . . кој би баел“ (ВТОРОЗАКОНИЕ 18:10, 11).
ХИПНОТИЗМОТ е предмет на многу дебати и полемики.a Дури и на експертите на тоа поле им е тешко да го објаснат. Обично се смета дека хипнозата е променета состојба на свеста, односно транс. Меѓутоа, повеќето луѓе се позаинтересирани за тоа што може да се постигне со хипнозата отколку за тоа што претставува таа.
Во последниве години стана вообичаено лекарите во некои земји да препорачуваат хипноза како терапија. На пример, во списанието Psychology Today стои: „Хипнотерапијата може да лекува главоболки, да ги намали породилните болки, да Ви помогне да престанете да пушите, да ја замени анестезијата и да ги подобри навиките на учење — и тоа без нуспојави“. Од друга страна, пак, многу луѓе ја поврзуваат хипнозата со спиритизам и окултизам.
Кое е гледиштето на Библијата? Се разбира, Библијата не е медицински прирачник и не зборува директно за хипнозата. Но, начелата што се наоѓаат во Божјата реч можат да ни помогнат да го утврдиме Божјето гледиште.
Хипноза и окултизам — има ли некаква врска?
Дали тврдењето дека хипнозата е поврзана со окултизмот е само нечија фантазија? Фантастичните приказни од филмовите и романите можеби ја потхрануваат таа идеја, но врската помеѓу хипнозата и спиритизмот има реална основа. Во врска со хипнозата, Encyclopedia of Occultism and Parapsychology (Енциклопедија на окултизмот и парапсихологијата) објаснува: „Нејзината историја е нераздвојно испреплетена со окултизмот“. Верските трансови, кои низ историјата биле дел од гатањето и магијата, обично се сметаат за еден облик на хипноза. Исто така, свештениците во древните Египет и Грција предизвикувале еден вид хипнотизирана состојба кога се обидувале да лекуваат болести во името на нивните лажни богови.
Горенаведената енциклопедија забележува: „Дури и денес, многу хипнотички појави се класификувани како ‚спиритуализам‘ “. Иако е тешко да се одреди до кој обем различни облици на хипноза имаат врска со окултизмот, факт е дека Бог јасно ги осудува сите облици на спиритизам (Второзаконие 18:9—12; Откровение 21:8). Според тоа, христијаните не можат да ги игнорираат јасните небиблиски аспекти на хипнозата.
Влијание врз однесувањето
Што е со влијанието што го има хипнозата врз умот и однесувањето на една личност? Дали се вклучени некакви ризици? Една добра причина за загриженост е тоа што, кога е под хипноза, човек нема голема контрола врз своето однесување. Хипнотизерите што настапуваат на сцена ја користат оваа карактеристика, наведувајќи доброволци да прават работи што нормално не би ги правеле, па дури и да изгледаат како да се пијани.
Во врска со овие јавни претстави на хипноза во The Encyclopedia Americana стои: „Хипнотизираниот може да биде сосема отворен дури и за индиректни сугестии, има лесен пристап до своите обично многу скриени несвесни нагони и може, додека е под хипноза, да мисли дека неговото однесување не е ограничено од никакви општествени и лични бариери“. Во Collier’s Encyclopedia стои: „Хипнотизираниот во потполност се концентрира на своите способности, што го прави многу внимателен на сугестиите на хипнотизерот и тој спремно соработува во извршувањето на тие сугестии“.
Дали ова звучи безопасно? Дали би било препорачливо еден вистински христијанин да им дозволува на другите да влијаат врз неговиот ум преку хипнотички сугестии? Тоа би било спротивно на советот што го дал апостол Павле: „Да ги принесувате своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, како света служба со вашата сила на разумот. И престанете да се обликувате според овој систем на работи, туку преобразете се со обновувањето на својот ум за самите да се уверите која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:1, 2).
Дали еден христијанин би можел ‚да задржи чиста совест‘ ако дозволи да биде ставен во состојба во која не може потполно да ги контролира своите мисли или желби, па дури и постапки? (1. Петрово 3:16). Библијата советува: „Секој од вас да знае како да завладее со својот сопствен сад во осветување и чест“ (1. Солуњаните 4:4). Јасно, кога е под хипноза, човек не може да го следи овој совет.
Надеж за совршено здравје
Со оглед на горенаведените библиски начела, Јеховините сведоци избегнуваат техники што вклучуваат хипноза или самохипноза. Тие ја следат заповедта од Второзаконие 18:10, 11: „Кај тебе нека не се најде некој . . . кој би баел“. За оние што се соочуваат со здравствени проблеми постојат многу други видови лекувања што не вклучуваат изложеност на опасностите на окултизмот ниту, пак, дозволуваат други да манипулираат со нивниот ум.
Држејќи се настрана од практики што се спротивни на библиските начела, христијаните можат да имаат надеж да живеат засекогаш во Божјиот праведен нов свет. Тогаш човештвото ќе ужива во совршено телесно и душевно здравје без користење на хипноза (Откровение 21:3, 4).
[Фуснота]
a Хипнозата се дефинира како „состојба слична на сон во која обично Ве доведува друга личност при што хипнотизираниот може да се сети на заборавени или потиснати спомени, да има халуцинации и да биде подложен на зголемена сугестивност“ (The American Heritage Dictionary).