Комуникација — неопходна за сложениот екосистем на Земјата
КОГА Џули била бебе, нејзините родители нестрпливо го чекале моментот кога ќе ги изговори првите зборови. „Ниеден родител не може потполно да опише колкаво само задоволство е да се чуе детското усте како вели ,мама‘ и ,тата‘ “, рекла мајка ѝ на Џули. „Кога Џули првпат ми рече ,мама‘, имав чувство како да ме прегрнува со малите рачиња и да ми вели: ,Ти си мојата мамичка. Те сакам и сакам да зборувам со тебе‘. Никогаш нема да го заборавам тој посебен момент.“ Да, способноста да се комуницира е навистина скапоцен дар!
Се разбира, луѓето не се единствените суштества што имаат способност да комуницираат. И животните имаат некои извонредни начини на комуникација, иако првенствено се водени од инстинкт. На пример, на ледениот Антарктик, во времето на додворувањето на кралските пингвини, пред да започне зимата, тие го изведуваат нивниот годишен ритуал на меѓусебно гукање — но не од забава. Во прашање е животот на идното пингвинче на секоја двојка. Во која смисла?
Откако ќе го положи јајцето, женката му го предава на мажјакот да го грее во кожниот набор меѓу нозете обраснат со пердуви, додека таа оди на отворено море да бара храна. По околу 65 дена таа се враќа, тетеравејќи се и лизгајќи се на својот стомак по мразот, откако поминала можеби и 150 километри. Вистинско чудо е и самото тоа што успева да ја пронајде колонијата, но како успева да го пронајде својот партнер и нивното штотуку изведено пиленце меѓу десетиците илјади пингвини што гукаат? Во времето на додворувањето, секоја птица толку добро ги запомнува песните на другата птица што дури и откако биле одвоени повеќе месеци, тие успеваат да се пронајдат!
Освен феноменалната разновидност од звуци, комуникацијата меѓу животните вклучува и гестови, бои што го привлекуваат вниманието, блескави светлосни сигнали, како и сложени мириси. Освен тоа, колку и да изгледа неверојатно, дури и растенијата можат да комуницираат како меѓусебно така и со извесни животни, како што ќе видиме подоцна. Да, комуникацијата навистина е неопходна за екосистемот на Земјата, кој е меѓусебно многу зависен и сложен.
Дали сакате да дознаете нешто повеќе за некои од зачудувачките начини на комуникација во светот околу нас? И дали би сакале да го зголемите своето ценење за вештините на комуницирање, па дури и да ги подобрите? Во тоа можат да Ви помогнат следните статии.
[Слика на страница 3]
На кој начин женката на кралскиот пингвин успева да го пронајде својот партнер?