Гледиште на Библијата
Дали крвната група го одредува вашиот карактер?
ВО НЕКОИ земји е популарно да се проценува нечиј карактер врз основа на крвната група на личноста. На пример, во Јапонија не е ништо необично да се започне разговор со прашањето: „Која крвна група ја имате?“ Оние што го застапуваат ова мислење тврдат дека луѓето со крвна група А се смирени, одговорни и сомничави; оние што имаат крвна група Б се великодушни, со променливо расположение, наивни; итн. Исто така, се тврди дека на некој од извесна крвна група може да му биде тешко — или лесно — да се сложува со некого од друга крвна група.
Врз основа на ваквиот пристап, некои сметаат дека крвната група е важен фактор што треба да се земе предвид кога се прават паралелки во училиштата, кога се избираат раководители во претпријатијата, па дури и кога се избира брачен партнер. Дали има некаков доказ дека крвната група навистина го одредува нашиот карактер? Дали Библијата има да каже нешто во врска со тоа?
Што е крвна група?
Во The World Book Multimedia Encyclopedia е објаснето: „Мембраните на црвените крвни клетки содржат протеини наречени антигени. Во црвените крвни клетки се откриени повеќе од 300 антигени“. Кај некои луѓе има извесни антигени, а кај други нема, а некои антигени не можат да постојат истовремено кај едно лице. Затоа, како што стои понатаму во оваа енциклопедија, „врз основа на тоа дали се присутни или не се присутни извесни антигени, научниците ја класификувале човечката крв во различни групи“.
Најприфатен систем за класификација на крвните групи е АБ0-системот, според кој човечката крв е поделена на четири групи — А, Б, АБ и 0. Освен тоа, често се користи Rh-системот. Всушност, има околу 20 познати системи за класификација на крвни групи. Од сево ова јасно се гледа дека крвта е многу сложена. Во Encyclopædia Britannica стои: „Поради големиот број различни антигени што ги содржат црвените крвни клетки, многу е мала веројатноста кај различни луѓе, освен кај еднојајчаните близнаци, да има подеднаков распоред на супстанциите на крвната група“.
Ова укажува на тоа дека, прецизно кажано, секој има уникатна „крвна група“. Затоа, изгледа нема основа да се тврди дека луѓето од извесна крвна група имаат исти карактерни црти. Очигледно е дека нашиот карактер го одредуваат повеќе фактори.
Што го одредува нашиот карактер?
„Карактерот ги претставува оние карактеристики во однесувањето, како наследни така и стекнати, што ја прават секоја личност поинаква од другите“, објаснува Encyclopædia Britannica. Да, освен она што сме го наследиле, има и други фактори што влијаат врз развојот на нашиот карактер — како што е семејната средина, образованието, друштвото и добрите и лошите искуства. Според тоа, нашата генетичка градба не е единствениот фактор што го одредува карактерот. Дури и еднојајчаните близнаци, кои имаат иста генетичка градба, честопати имаат различен карактер.
Друга многу важна работа е тоа што нечија личност, односно карактер, може да се менува. Апостол Павле истакнал дека христијанските учења имаат моќ да ги променат луѓето. Тој напишал: „Соблечете ја старата личност со нејзините постапки и облечете ја новата личност, која се обновува по пат на точно спознание според сликата на Оној кој ја создал“ (Колошаните 3:9, 10). Христијаните признаваат дека се грешници и дека имаат наследено грешни склоности. За да бидат прифатени од Бог, мораат да ја променат својата личност.
Што ги овозможува таквите промени? Моќта на Божјата реч, односно нејзината порака. Во врска со силното влијание што го има Божјата порака, која денес можеме да ја најдеме во Библијата, Павле напишал: „Речта Божја е жива и врши силно влијание и е поостра од кој и да било меч со две сечила и продира дури до разделување на душа и дух, на зглобови и нивната срцевина, и може да ги распознае мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12). Кога некој се подложува на влијанието на Божјиот дух и се обидува да постапува во склад со моралните мерила што се изнесени во Библијата, неговиот карактер може постепено да се промени. Дел од христијанската личност што се обликувала на ваков начин е ‚нежната наклоност на сочувство, љубезноста, понизноста на умот, благоста и долготрпеливоста‘ (Колошаните 3:12).
Христијанска разумност
Точно, нема библиско начело што забранува да се изучуваат крвните групи. Но, дали тие имаат некаква врска со однесувањето на луѓето е сосема друга работа. Како што е случај со сѐ друго во животот, мораме да дозволиме Божјата реч да ги води нашите чекори (Псалм 119:105). Исто така, многу е битно да бидеме разумни (Филипјаните 4:5).
Секако дека би било многу неразумно некој да ја користи својата крвна група како изговор да не се труди да ги поправи своите карактерни маани. Без оглед на нивната генетичка градба, христијаните мораат постојано да ја обликуваат својата личност за да ги одразуваат особините на Јехова и Исус колку што е можно повеќе (Ефешаните 5:1).
Освен тоа, христијаните настојуваат да ги гледаат другите онака како што ги гледа Јехова. „Бог не е пристрасен“ (Дела 10:34, 35). Јехова радосно прифаќа секакви луѓе. Затоа, би било неразумно и нехристијански да се држиме настрана или да го избегнуваме друштвото на извесни поединци само поради нивната крвна група. Истото би важело и тогаш кога некој би сакал да се дружи само со оние што имаат крвна група со која тој „си одговара“. Библијата опоменува: „Ако и понатаму покажувате пристрасност, правите грев“ (Јаков 2:9).
Со напредокот на науката и технологијата, откриени се многу нови работи и поставени се многу нови теории во врска со човечкото тело. Сосема е природно човек да биде фасциниран од сето тоа. Сепак, христијаните треба да дозволат нивното размислување да го води Библијата — а не човечките теории. Во секој аспект од животот, христијаните мораат ‚да се уверат во сите работи‘ и ‚цврсто да се држат за она што е добро‘ (1. Солуњаните 5:21).