Нов дом за едно повредено врапче
„ЗАРЕМ уште ова ни треба?“ Тоа беше мојата прва реакција кога мојата сопруга донесе дома едно мало врапче што паднало од гнездото. Кога подобро го погледнав малото растреперено пиленце, срцето ми смекна. Сепак, се чудев како ли ќе преживее таа кревка душичка.a
Отпрвин моравме да го натераме нашето гостинче да касне малку од храната што му ја испасиравме. Но, веќе следниот ден малото врапченце редовно џивкаше за да добие храна. Џивкањето можеше да се чуе надвор во ходникот, иако имавме дупла врата на станот!
По пердувите на пиленцето беше јасно дека нашето врапченце е женско. По некое време, му се поврати силата и пак можеше да лета. Но, не успеавме да го натераме пак да си се врати надвор! ‚Веројатно не е доволно храбро за да излезе од дома‘, си мислевме. Затоа купивме кафез и си го посвоивме нашето мало врапченце како домашно милениче. Му дадовме име „Шпаци“, деминутивна форма од германскиот збор за „врапче“.
Еден ден сваривме ориз, што изгледа ѝ е омиленото јадење на Шпаци. Бидејќи оризот уште беше жежок, мојата сопруга го стави настрана, а пред Шпаци стави неколку зрна храна за птици. Како реагираше нашето мало пиленце? Ја наведна главата и со опашката ги истурка зрната од масата! Зачудени, јас и сопругата се погледнавме и се насмеавме. Веднаш ставивме малку од изладениот ориз пред Шпаци, кој по сѐ изгледа многу ѝ се допадна!
Грижата за ова убаво мало пиленце нѐ потсетува на она што им го рекол Исус на своите ученици: „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка од мала вредност? Па сепак ниедно од нив нема да падне на земја, а вашиот Татко да не знае за тоа“. Потоа им рекол: „Не плашете се: Вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29-31).
Вистинска утеха е кога знаеме дека Јехова ги гледа нашите маки и дека не ја заборава нашата истрајност (Исаија 63:9; Евреите 6:10). Да, сочувството што го чувствуваме за некое мало пиленце е само делче од љубовта што Јехова Бог ја чувствува за оние што му служат! (Приложено).
[Фуснота]
a Во некои случаи, да се земе болна или повредена птица дома може да биде опасно по здравјето или може да претставува прекршок на локалните прописи.