Чист дом — тоа зависи од сите нас
Од дописникот на Разбудете се! од Мексико
КОЛКУ е убаво кога човек живее во чиста, незагадена средина! Меѓутоа, затоа што во градовите има сѐ повеќе ѓубре и отпадоци, уште потешко е да ја зачуваме средината чиста и средена.
Општинските власти се трудат да ги одржуваат улиците чисти така што организираат собирање на ѓубрето, но и покрај ова, во некои делови ѓубрето се натрупува, што е непријатно за гледање и закана за општото здравје. Поради натрупаното ѓубре, се зголемува бројот на глувци, лебарки и други штетници што предизвикуваат болест. Можете ли да направите нешто во врска со оваа ситуација? Да, одржувајте си ги домот и околината чисти и уредни.
Исправен умствен став
Некои луѓе мислат дека валканите населби или домови се синоним за сиромаштија. Но, не мора да значи. Точно, кога нема доволно материјални средства, може да биде потешко да ја одржуваме чиста околината во која живееме. Но, како што вели една шпанска поговорка, „сиромаштијата и чистотата не се скарани“. Од друга страна, пак, фактот дека некој има доволно материјални средства не е гаранција дека ќе ја одржува својата околина чиста.
Чистотата во и околу домот зависи од умствениот став што нѐ тера да си го одржуваме домот чист. Всушност, тоа во голема мера зависи од умствениот став на сите во семејството. Затоа, добро е да разгледаме што може да направи секој од нас за да придонесе домот и маалото во кое живееме да бидат чисти.
Распоред за чистење
Изгледа дека работата на една мајка низ дома никогаш не завршува. Освен тоа што треба да направи јадење и да ги подготви децата за училиште, мора и да работи за да ги одржува домот и околината чисти. Сте забележале ли дека честопати мајката е таа што ги собира валканите алишта или личните предмети што децата ги оставаат во својата соба? Товарот на мајката може да ѝ се олесни ако се направи еден конкретен и јасен распоред за чистење во кој се вклучени сите од семејството.
Некои сопруги одредуваат кои работи треба да се завршат и да се исчистат секој ден, додека други делови од куќата можат да се чистат еднаш седмично, а трети, пак, еднаш месечно. Всушност, има некои работи што можат да се чистат и еднаш годишно. На пример, во бетелските домови на Јеховините сведоци во секоја земја, плакарите се чистат темелно еднаш годишно. Тоа е прилика да се исфрлат работите што повеќе не се користат и да се среди плакарот. Исто така, има распоред и за редовно чистење на ѕидовите.
Во домот има места што мораат да се одржуваат чисти за да имаме добро здравје, како, на пример, бањата. Иако површно може да се чисти секој ден, со потемелно чистење, можеби еднаш седмично, ќе се спречи да се наталожуваат бактерии. Некои сметаат дека не може да се избегне да се прават дамки во шолјата и дека е невозможно да се отстранат. Но, ќе најдеш домови во кои шолјата е секогаш чиста и светната. Сѐ што е потребно е редовно да се чисти и да се користат соодветни средства за чистење.
И кујната треба внимателно да се чисти. Иако секој ден ги миете садовите и ги чистите шпоретот и работните површини, одвреме-навреме — можеби барем еднаш месечно — треба да се направи потемелно чистење, на пример, да се исчисти зад кујнските апарати и под мијалникот. Ако редовно ги чистите шпајзот или плакарчињата, ќе спречите таму да си направат гнездо лебарките и другите штетни инсекти.
Соработка од семејството
Некои родители им поставуваат некои правила на своите деца и ги учат дека пред да заминат на училиште, мораат да си го наместат креветот, да ги стават валканите алишта таму каде што треба и да си ги средат работите. Добро правило за сите е: „Место за сѐ и сѐ на свое место“.
Исто така, некои членови на семејството може да имаат конкретна задача или некој дел од куќата што треба да го чистат. На пример, дали таткото ја средува и темелно ја чисти гаражата барем еднаш годишно? Може ли едно од децата да му помогне во тоа? Чија задача е да го искорне плевелот или да ја искоси тревата? Колку често мора да се прави тоа за куќата да изгледа убаво и однадвор? Дали во куќата има тавански простории или шпајз што треба да се провери за да се тргне сѐ што не е потребно па и тој дел да биде уреден? Ако има, кој ќе го стори тоа? Некои родители наизменично им даваат такви задачи на своите деца.
Затоа, направете добар распоред за да го одржувате својот дом чист. Сеедно дали самите чистите или заедно со своето семејство или, пак, треба да платите некој да Ви помогне, мора да се има добар распоред. Една мајка, чиј дом е многу уреден, ни кажува како целото семејство соработува за домот да биде чист: „Работата си ја распоредуваме меѓу мене и моите три ќерки. Норма Адријана ги чисти дневната соба, две спални соби, тремот и улицата пред куќа. Ана Хоакина е одговорна за кујната. Јас перам и се грижам за други работи, а Марија дел Кармен ги мие садовите“.
Убав надворешен изглед
Како изгледа куќата однадвор? Сеедно дали живеете во раскошна куќа или во скромен дом, треба да се направи распоред за чистење и одржување на куќата однадвор. На пример, можеби паднала една шарка од портата на оградата. Знаете колку грдо ќе изгледа портата ако ја оставите така додека на крајот не се откачи. Истото може да се каже и за ѓубрето што се трупа пред влезот или на тротоарот. Исто така, понекогаш околу куќата се оставаат натрупани канти, алати и други работи што можат да станат прибежиште за штетниците.
Некои семејства одредиле дека еднаш дневно или еднаш седмично — во зависност од потребите — ќе метат и ќе чистат околу куќата, во што спаѓа и тротоарот, па дури и улицата пред куќата. Вистина е дека на некои места властите имаат многу добар систем за одржување на чистотата во населбите, но на други места општината нема организирано такво нешто. Без сомнение, околината во која живееме ќе изгледа многу подобро и ќе биде поздрава ако сите ние го дадеме нашиот дел за да ја одржуваме чиста.
Некои семејства не само што имаат распоред со задачите што беа спомнати погоре, туку и го запишуваат тој распоред и го поставуваат на место каде што целото семејство може да го види и да го следи. Ова може да донесе одлични резултати. Се разбира, овде не вклучивме сѐ што треба да знаете за чистењето. На пример, треба да одлучите кои средства за чистење се најпогодни во вашата средина и кои апарати и алати можете да ги набавите во рамките на вашите средства.
Овие кратки предлози без сомнение ќе им помогнат на сите во семејството да бидат свесни колку е важно домот и околината да се одржуваат чисти. Запамтете, тоа не зависи од средствата туку од умствениот став.
[Рамка на страници 28 и 29]
Практичен распоред за чистење на домот
Искористи го дополнителниот простор за да додадеш свои точки на списокот
Важна забелешка: Може да биде многу опасно ако ги мешате средствата за чистење, особено ако мешате средство за белење со амонијак.
✔ Секој ден
❏ Спална: Намести ги креветите и раскрени ги работите
❏ Кујна: Измиј ги садовите и мијалникот. На работните маси и на масата нека нема расфрлани работи. Доколку е потребно, измети го или избриши го подот
❏ Бања: Измиј ги мијалникот и шолјата. Раскрени ги работите
❏ Дневна соба и други соби: Стави сѐ на свое место. Исчисти го мебелот површно. Доколку е потребно, измети го, избриши го или правосмукај го подот
❏ Целата куќа: Исфрли го ѓубрето
✔ Седмично
❏ Спална: Смени ја постелнината. Доколку е потребно, измети го, избриши го или исчисти го подот со правосмукалка. Избриши прашина
❏ Кујна: Исчисти го шпоретот, кујнските апарати и под мијалникот. Избриши го подот
❏ Бања: Исчисти ја кадата и сите елементи. Исчисти ги со средство за дезинфекција шолјата, шкафчињата и сите други површини. Смени ги крпите. Измети го или избриши го подот
✔ Месечно
❏ Бања: Измиј ги темелно сите ѕидови
❏ Целата куќа: Исчисти ги касите на вратите. Со правосмукалка или на друг начин темелно исчисти го тапацираниот мебел
❏ Градина, двор, гаража: Измети ги и исчисти ги ако е потребно. Не оставај да се собира ѓубре или непотребни работи
✔ Секои шест месеци
❏ Спална: Испери ги прекривачите
❏ Кујна: Испразни го и темелно исчисти го фрижидерот
❏ Бања: Испразни ги и исчисти ги полиците и фиоките. Фрли ги сите непотребни работи или оние на кои им поминал рокот
❏ Целата куќа: Исчисти ги лустерите, вентилаторите и прекинувачите. Исчисти ги вратите. Избриши ги ролетните, прозорците и рамките на прозорците
✔ Годишно
❏ Спална: Испразни ги и темелно исчити ги плакарите. Фрли ги непотребните работи. Испери ги кебињата. Помини ги со правосмукалка или добро исчукај ги душеците. Испери ги перниците
❏ Кујна: Испразни ги и темелно исчисти ги полиците, шкафчињата и фиоките. Фрли ги непотребните работи. Тргни ги кујнските апарати за да можеш да исчистиш зад и под нив
❏ Целата куќа: Измиј ги сите ѕидови. Исчисти го тапацираниот мебел и испери ги завесите
❏ Гаража или подрум: Измети ги темелно. Суреди ги или фрли ги непотребните работи
[Слики на страница 30]
„Место за сѐ и сѐ на свое место“
[Слики на страница 30]
Може да ви биде од помош ако се ослободите од работите што повеќе не ги користите