ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 1/09 стр. 12-16
  • Го најдовме она што го баравме

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Го најдовме она што го баравме
  • Разбудете се! 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Контакт со белците
  • Повторно кај моите
  • Неодговорени прашања
  • Родео-јавач
  • Кај свештеникот
  • Молитвата ни даваше најголема сила
  • Најпосле добив одговор на моите прашања!
  • Бев одушевен од одговорите во Библијата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Радосна што и покрај тешкотиите воспитав осум деца да му служат на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
Повеќе
Разбудете се! 2009
g 1/09 стр. 12-16

Го најдовме она што го баравме

Раскажал Берт Толман

Ми се будат пријатни спомени секогаш кога ќе помислам на моето рано детство во Резерватот Блад — заедница од домородци во Алберта (Канада) кои му припаѓаат на народот Црни стапала. Живеевме во близина на Карпестите Планини и прекрасното езеро Луиз.

ПОТЕКНУВАМ од семејство со седум машки и две женски деца. Јас, моите браќа и сестрите честопати одевме кај баба ни. Таа беше многу вредна и нѐ подучи за традиционалниот начин на живот на нашите предци од племето Црни стапала. Научивме како да собираме диви бобинки, да подготвуваме традиционални јадења и да садиме бавча. Дедо ми и татко ми ме носеа на лов и риболов. Ловевме елени и лосови заради месото и кожата. Нашите родители беа трудољубиви и дадоа сѐ од себе за да ни обезбедат пристоен дом. Животот во резерватот беше прекрасен.

Меѓутоа, сѐ се смени кога баба ми умре во 1963 год. Бидејќи тогаш имав само 5 години, овој настан ме збуни. Ништо не можеше да ме утеши. Иако бев мал, се прашував: ‚Ако постои Творец, каде е? Зошто луѓето умираат?‘ Понекогаш ми беше толку тешко што дури гласно офкав. Кога моите ќе ме прашаа што ми е, велев дека нешто ме боли.

Контакт со белците

Пред да умре баба ми, слабо контактиравме со белци. Секогаш кога ќе ги сретневме, некој од нашите ќе речеше: „Сите се исти — злобни, алчни и бесчувствителни. Нема ништо човечко во нив“. Бев предупреден дека само малкумина се искрени и дека не треба да им се верува. Иако сакав да ги запознаам, бев претпазлив бидејќи белците од нашето место честопати нѐ исмејуваа и нѐ понижуваа.

Кратко по смртта на баба ми, моите родители се оддадоа на алкохол, и тоа многу ми го загорчи животот. Кога имав осум години, почнаа да нѐ посетуваат двајца Мормони, кои ми изгледаа како добри луѓе. Моите се согласија со нивниот предлог да учествувам во една програма која, како што разбрав, имаше цел да им помага на индијанските деца да се променат на подобро со тоа што ќе живеат меѓу белци. По сѐ изгледа, околностите ги принудија моите да заклучат дека најдобро би ми било да живеам со друго семејство. Бев шокиран и разочаран зашто пред тоа тврдеа дека не треба да им се верува на белците. Бидејќи не сакав да одам, се обидов некако да се извлечам. Најпосле, моите успеаја да ме наговорат велејќи дека со мене ќе дојде и еден од моите постари браќа.

Но, кога стигнавме во Ванкувер (Британска Колумбија), нѐ разделија со брат ми, а мене ме одведоа во едно место оддалечено 100 километри! Бев скршен. Иако ме сместија во добро семејство, тоа за мене беше вистински шок и бев преплашен. По десет месеци се вратив дома.

Повторно кај моите

Иако ситуацијата дома не беше многу сменета, ми беше мило што се вратив. На мое олеснување, кога имав околу 12 години, татко ми и мајка ми престанаа да пијат. Но, јас веќе имав тргнато по лош пат бидејќи и самиот почнав да пијам и да се дрогирам. За да ги оставам лошите навики, родителите ме поттикнуваа да се занимавам со нешто, меѓу другото и со родео, кое многу ми се допаѓаше. За родеото беше потребна вистинска храброст. Научив како да успеам да се одржам најмалку осум секунди врз грбот на див бик што клоца без да бидам фрлен, и тоа држејќи се само со една рака за јаже врзано околу телото на животното.

Кога бев тинејџер, индијанските главатари ме подучија за традиционалната религија. Тоа многу ме заинтересира бидејќи воопшто не ми се допаѓаше „религијата на белците“. Ми изгледаше дека обичаите на Црните стапала ги учат луѓето на љубезност и правда — особини што ги немаше во голем број „христијански“ религии. Се чувстував опуштено во друштвото на Индијанци и ми се допаѓаше блискоста меѓу членовите на семејствата и пријателите, и нивната смисла за хумор.

Некаде во тоа време дознав какви неправди трпеле Индијанците со векови. Чув дека белците рашириле болести меѓу нас и дека ги истребиле бизоните од кои најмногу зависеше нашиот опстанок. Се вели дека американскиот полковник Р. И. Доџ рекол: „Убијте колку што можете повеќе бизони. Секој убиен бизон значи еден Индијанец помалку“. Ваквиот став многу ги разочарал Црните стапала и ги навел да се чувствуваат беспомошно.

Освен тоа, некои политички водачи и верски лица кои ги поддржуваа правеа сѐ што можеа за да ги претопат Индијанците, кои ги сметаа за дивјаци. Мислеа дека треба да се искорени сѐ што е поврзано со нивната култура, верувања, однесување и јазик и да се замени со обичаите и културата на белците. Некои млади Индијанци во Канада беа малтретирани во интернатски училишта што беа под покровителство на црквата. Други се оддадоа на дрога и алкохол, стануваа насилни или извршија самоубиство — проблеми кои сѐ уште се присутни во резерватите.

За да не западнат во вакви проблеми, некои Индијанци решија да ја отфрлат културата на Црните стапала. Со своите деца почнаа да комуницираат на англиски јазик, наместо на својот мајчин јазик, и се обидуваа да усвојат дел од начинот на живеење на белците. Меѓутоа, наместо да бидат прифатени, многумина беа исмејувани, и тоа не само од некои белци туку и од своите сонародници, кои честопати ги нарекуваа „јаболко-Индијанци“ — однадвор црвени, а однатре бели.

Ми беше жал кога гледав колку многу страда мојот народ. Копнеев по денот кога Индијанците од нашиот и од другите резервати во Канада и САД ќе живеат во подобри услови.

Неодговорени прашања

Додека бев тинејџер, си мислев дека никогаш нема да бидам прифатен од другите. Моето чувство на ниска вредност честопати се претвораше во гнев. Чувствував дури и омраза кон белците. Меѓутоа, мајка ми, татко ми и тетка ми ме предупредија да не дозволам да ме обземат негативни чувства на омраза и одмазда. Наместо тоа, ме поттикнаа да простувам, да покажувам љубов и да не им обрнувам внимание на предрасудите на луѓето. Подоцна дознав дека овој совет е во склад со библиските начела. Освен тоа, сѐ уште копнеев да го дознаам одговорот на прашањата што ме мачеа уште како дете. Почнав да се прашувам зошто сме на Земјата и зошто има толку многу неправди. За мене немаше никаква смисла некој да живее кратко време и на крајот да умре. Бев збунет.

Кога и да ни дојдеа Јеховини сведоци на врата, ме испраќаа мене да им отворам. Секогаш покажував почит кон нив бидејќи изгледаше дека немаат предрасуди. Иако ми беше тешко да ги формулирам моите прашања, секогаш водевме интересни разговори. Ми остана во сеќавање посетата на Џон Брустер и Хери Калиху, Сведок од племето Црни стапала. Долго разговаравме шетајќи се низ преријата. Ми даде и една книга и успеав да ја прочитам до половина пред да ја изгубам.

Родео-јавач

Барав совети од постарите во резерватот. Но, иако го ценев нивното мислење за многу работи, никогаш не добив задоволувачки одговор на моите прашања во врска со животот. Кога имав околу 16 години, си заминав од дома и целосно му се посветив на родеото. На забавите кои се приредуваа по натпреварите многу се пиеше, а некои земаа и дрога. Совеста ме печеше бидејќи знаев дека таквото однесување е погрешно и бев свесен дека мојот начин на живот не му се допаѓа на Бог. Честопати го молев Творецот да ми помогне да го правам она што е исправно и да најдам одговор на прашањата што сѐ уште ме измачуваа.

Во 1978 год., додека бев во Калгари, запознав една млада Индијанка по име Роуз. Нејзиниот татко беше од племето Кри, а мајка ѝ беше од Црните стапала. Нѐ интересираа слични работи и ми беше лесно да разговарам со неа отворено и слободно. Се засакавме и во 1979 год. се венчавме. Потоа ни се родија ќерката Карма и синот Џеред. Роуз е навистина добра мајка и верна сопруга, која секогаш е спремна да ме поддржи. Во една прилика, додека со моето семејство бев на гости кај постариот брат, најдов една книга со наслов Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.a Она што го прочитав ми беше многу интересно и звучеше многу логично. Но, токму кога мислев дека почнувам да ја разбирам библиската порака, забележав дека повеќе страници во книгата се искинати. Јас и Роуз сторивме сѐ за да ги најдеме овие страници, но не успеавме. Сепак, продолжив да се молам за помош.

Кај свештеникот

Пролетта 1984 год., Роуз го роди нашето трето дете — прекрасна ќеркичка на која ѝ го дадовме името Кајла. Меѓутоа, по само два месеца, Кајла почина од вродена срцева маана. Бевме скршени од болка и не знаев како да ја утешам Роуз. Таа ме убеди да појдам со неа кај католичкиот свештеник во нашиот резерват за да добиеме утеха и одговор на нашите прашања.

Го прашавме зошто нашата ќеркичка мораше да умре и каде е сега. Тој ни одговори дека Бог ја зел Кајла бидејќи му требал уште еден ангел. Тогаш се прашав: ‚Ако Бог е Семоќен Творец, зошто мораше да ни ја земе ќерката за да му биде ангел? Каква корист би имал од едно беспомошно бебенце?‘ Во текот на целиот разговор, свештеникот ниту еднаш не ја отвори Библијата. Си заминавме со чувство на безнадежност.

Молитвата ни даваше најголема сила

Беше понеделник наутро при крајот на ноември 1984 год. Долго се молев и очајно го преколнував Бог да ми помогне да станам подобра личност, да го разберам светот околу себе и да сфатам која е смислата на животот. Истото утро, на вратата ни тропнаа Дајана Белеми и Карен Скот, две жени кои беа Јеховини сведоци. Тие беа многу искрени, љубезни и со одушевеност сакаа да зборуваат со нас за пораката што ја носат. Ги сослушав, ги зедов од нив Библијата и книгата Преживеј за живот на новата земја (Survival Into a New Earth)b и се согласив истата седмица Дајана да наврати повторно со својот сопруг Дерил.

Дури откако си заминаа, се сетив дека ова мора да е одговор на мојата молитва. Бев толку возбуден што почнав нестрпливо да чекорам низ куќата и едвај чекав Роуз да се врати од работа за да ѝ кажам што се случи. Се изненадив кога ми кажа дека претходната вечер и таа му се молела на Бог да ѝ помогне да ја пронајде вистинската религија. Тој петок, почнавме да ја проучуваме Библијата. Подоцна дознавме дека истиот ден пред да нѐ посетат, Карен и Дајана не можеле да ги најдат куќите каде што планирале да проповедаат. Меѓутоа, кога ја виделе нашата куќа, нешто како да ги терало да дојдат кај нас.

Најпосле добив одговор на моите прашања!

Роднините и пријателите беа збунети и во почетокот не беа баш среќни што ја проучуваме Библијата. Потоа почнаа да ни вршат притисок велејќи дека си го уништуваме животот и дека ги фрламе во вода нашите таленти и способности. Меѓутоа, решивме да не му вртиме грб на нашиот нов Пријател — Творецот, Јехова Бог. На крајот на краиштата, најдовме нешто скапоцено — прекрасните вистини и светите тајни во Божјата реч, Библијата (Матеј 13:52). Во декември 1985 год., се крстив заедно со Роуз. Нашите роднини сега ги почитуваат Јеховините сведоци бидејќи кај нас можеа да забележат многу позитивни промени откако се крстивме.

Најпосле го најдов она што го барав! Библијата дава едноставен и логичен одговор на важните прашања. Бев задоволен кога дознав која е смислата на животот, зошто умираме и дека, според Божјето ветување, повторно ќе може да бидеме заедно со нашата ќеркичка Кајла и да се радуваме гледајќи ја како расте во совршени околности (Јован 5:28, 29; Откровение 21:4). Со текот на времето, дознав и дека не треба да си го упропастуваме телото, да покажуваме непочитување кон животот и да се натпреваруваме со другите (Галатите 5:26). Не ми беше лесно, но одлучив да престанам со јавањето бикови и со родеото за да му угодам на Бог.

Библијата ни помогна да се ослободиме од суеверијата од кои се плашат многу Индијанци, како што е верувањето дека, ако ти дојде був или ако завива куче, ќе ти умре некој од семејството. Ослободени сме од стравот дека некакви невидливи духови во живите суштества или во неживите предмети ќе ни направат нешто лошо (Псалм 56:4; Јован 8:32). Сега имаме големо ценење и почит кон Јеховиното прекрасно творештво. Имам пријатели од многу националности кои ми се духовни браќа и сестри и кои нѐ сметаат за еднакви на себе — соверници кои му служат на истиот Бог (Дела 10:34, 35). Мнозина од нив вложуваат големи напори да ги запознаат културата и верувањата на Индијанците и да го научат јазикот на Црните стапала за да можат успешно да им ја пренесуваат библиската порака.

Нашето семејство живее во Резерватот Блад во јужна Алберта, каде што имаме мал ранч. Сѐ уште ни се допаѓа културата на Индијанците — традиционалните јадења, музиката и игрите. Лично не учествуваме во свечените игранки познати како паувау, но сакаме да ги гледаме кога тоа е соодветно. Се обидувам нашето културно наследство да им го пренесам на моите деца, со кои понекогаш зборувам на јазикот на Црните стапала. Многу Индијанци се познати по своите прекрасни особини како што се љубезноста, понизноста и личниот интерес за роднините и за пријателите. Познати се и по својата гостољубивост и по почитта што ја покажуваат, не само кон својот народ, туку и кон луѓето со поинакво потекло. Сѐ уште ги ценам ваквите особини и им се восхитувам.

Најсреќни сме кога ги трошиме времето и средствата за да им помагаме на другите да го запознаат и да го засакаат Јехова. Нашиот син, Џеред, служи како доброволец во подружницата на Јеховините сведоци близу Торонто. Јас служам како старешина во собрание Меклиод, а заедно со Роуз и Карма служиме како општи пионери, односно полновремени проповедници. Ни причинува вистинско задоволство да проповедаме на нашиот мајчин јазик, односно на јазикот на Црните стапала. Многу се радувам кога гледам како другите ја прифаќаат вистината за Творецот и за неговите намери.

Во врска со Јехова, Библијата вели: „Ако го бараш, ќе ти дозволи да го најдеш“ (1. Летописи 28:9). Благодарен сум што тој си стои на зборот и ни помогна мене и на моето семејство да го најдеме она што го баравме.

[Фусноти]

a Издадена од Јеховините сведоци. Повеќе не се печати.

b Издадена од Јеховините сведоци. Повеќе не се печати.

[Истакната мисла на страница 13]

‚Ако постои Творец, каде е? Зошто луѓето умираат?‘

[Истакната мисла на страница 16]

‚Многу Индијанци се познати по своите прекрасни особини како што се љубезноста и понизноста‘

[Слика на страница 12]

Баба ми ме подучи за традиционалниот живот на Црните стапала

[Слика на страница 15]

Родеото ми стана главна преокупација

[Слика на страница 15]

Специјалниот трактат „Можеш да му веруваш на Творецот“ го има и на јазикот на Црните стапала

[Слика на страница 15]

Со радост зборувам со другите за Библијата

[Слика на страница 15]

Со моето семејство денес

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели