Мигрена — што можеш да направиш?
Една ведра службеничка по име Џојс внимателно го чита документот што го држи. Одеднаш, некои делови од страницата избледуваат. Пред очите почнуваат да ѝ играат бели точки, кои потоа се претвораат во чудни цик-цак линии и необични геометриски фигури. По неколку минути, Џојс едвај гледа. Бидејќи сфаќа што ѝ се случува, веднаш пие мала капсула наменета за вакви ситуации.
ЏОЈС страда од мигрена, која во неколку работи се разликува од обичната главоболка. На пример, за разлика од повремените главоболки, мигрената секогаш се случува по одредена шема. Освен тоа, болката е толку неподнослива што оној што ја има не може да ги извршува ни највообичаените активности.
Кои се симптомите? Болката е пулсирачка и може да ја зафати само едната страна од главата. Мигрената може да предизвика и гадење, како и претерана осетливост на светлина. Нападот може да трае од неколку часа до неколку денови.
Иако повеќето луѓе повремено имаат тензични главоболки, мигрена имаат само 10 отсто од луѓето. Мигрената почесто се јавува кај жените отколку кај мажите. Некои случаи се потешки, некои полесни, но најчесто болниот мора да отсуствува од работа неколку дена годишно. Мигрената е причина за помали приходи и може лошо да се одрази врз семејниот и врз друштвениот живот. Затоа, Светската здравствена организација ја вбројува меѓу 20-те најчести причини од кои некој може да ја изгуби способноста за работа.
Кратко пред нападот, некои имаат симптоми како што се студени дланки, исцрпеност, глад и промени во расположението. Непосредно пред главоболката може да имаат вртоглавица, зуење во ушите, трпки по телото, двојна слика, отежнат говор или чувство на слабост во мускулите.
Причините за мигрена сѐ уште не се потполно јасни, но се смета дека се работи за нарушување на нервниот систем кое влијае врз крвните садови во главата. Пулсирачката болка најверојатно се должи на струењето на крвта низ крвните садови што се зафатени. Во списанието Emergency Medicine пишува: „Пациентите со мигрена имаат наследено особено осетлив нервен систем врз кој лесно може да влијаат разни фактори, како што се недоволно спиење, јаки миризби, патување, прескокнување оброци, стрес и промени во нивото на хормоните“. Оние што страдаат од мигрена често може да имаат и напади на анксиозност, синдром на надразнети црева и депресија.
Како да си помогнеш?
Не можеш да го смениш нервниот систем што си го наследил. Но, можеш да направиш нешто за да не се активира мигрената. Некои водат дневник, кој им помогнал да увидат кои видови храна или околности им предизвикуваат напади.
Секој случај е различен. Лорејн открила дека нејзината мигрена се поклопува со менструалниот циклус. Таа вели: „Некаде кон средината на циклусот, добивам мигрена од каков и да било напор или силна дразба — потешка работа, топлина или студ, силна бучава, па дури и зачинета храна. Затоа, во овој период се трудам да бидам умерена и во мирна атмосфера“. Џојс, која има мигрена веќе 60 години, вели: „Портокалите, ананасот и црното вино веднаш ми предизвикуваат мигрена, па затоа ги избегнувам“.
Не е лесно да се установи што сѐ предизвикува мигрена, затоа што нападот обично е комбинација од неколку фактори. На пример, некогаш можеш да јадеш чоколадо без да имаш последици, но другпат од него добиваш мигрена, што најверојатно се должи на уште некој фактор.
Дури и ако не можеш да ги откриеш причините за твојата мигрена или да го избегнеш она што ја предизвикува, постојат и други начини да ја намалиш можноста да дојде до напад. Стручњаците препорачуваат болните секој ден да си легнуваат и да стануваат во исто време. Ако сакаш подолго да поспиеш за време на викендот, препорачуваат да станеш во вообичаеното време, да правиш нешто неколку минути, па пак да се вратиш в кревет. Промените во количината на кофеинот може исто така да предизвикаат мигрена, па затоа пожелно е да не пиеш повеќе од два филџана кафе или две лименки кола дневно. Бидејќи и гладот може да предизвика мигрена, гледај да не прескокнуваш оброци. Многу честа причина за мигренозните напади е стресот, кој не е лесно да се избегне, но пробај да најдеш начин да се опуштиш, на пример смени нешто во рутината, читај ја Библијата или слушај релаксирачка музика.
Какви третмани стојат на располагање?
Постојат голем број третмани за мигрена.a Сонот е еден од најдобрите лекови. Некои аналгетици кои можат да се набават без рецепт веројатно ќе ти ја намалат болката за полесно да заспиеш.
Во 1993 год., на пазарот излегоа триптаните, нов вид лекови за мигрена што се издаваат на рецепт. Списанието Medical Journal of Australia ги нарече „голем чекор напред во терапијата на мигрена“, додавајќи: „Појавата на триптаните... за мигренозните и кластер главоболките беше речиси исто што и пеницилинот за бактериските инфекции!“
Мигрената не е смртоносна болест, што значи дека лековите за мигрена не спасуваат животи како што е случај со лековите за инфекција. Меѓутоа, триптаните многу им го олеснија животот на оние кои, поради мигрената, со години не можеа нормално да функционираат. Иако сѐ уште мораат да прават промени како оние што ги спомнавме, некои пациенти велат дека за нив триптаните се чудотворен лек.
Меѓутоа, секој лек си има и добри и лоши страни. Што е лошо кај триптаните? Како прво, една таблета триптан може да чини колку ручек во добар ресторан, и затоа се користат главно во случај на умерена и силна мигрена. Освен тоа, триптаните не дејствуваат кај секого, а за некои не е препорачливо да ги земаат од здравствени причини. Иако засега не е пронајден лек за физичката состојба која ја наследиле болните од мигрена, списанието Emergency Medicine го дава следниов заклучок: „Со новите и подобрени лекови за мигрена, навистина нема причина пациентите да трпат болки“.
[Фуснота]
a Разбудете се! не се залага за некој посебен начин на лекување. Секој треба добро да размисли и да избере како ќе се лекува.
[Слика на страница 23]
Некои водат дневник кој им помага да увидат кои видови храна или околности водат до напади
[Слика на страница 23]
Слушањето релаксирачка музика го ублажува стресот, кој е честа причина за мигрена
[Слика на страница 23]
За мигрената, наследна болест што го онеспособува болниот, често постои успешна терапија