Зошто се толку популарни?
КОИ од следниве начини на комуникација си ги користел во текот на изминатиот месец?
Разговор лице в лице
Рачно напишано писмо или картичка
Телефонски повик
Имејл
СМС-порака
Месинџер
Видеоврска
Социјални мрежи
Денес, како никогаш порано, има толку многу начини на кои можеш да одржуваш контакт со другите. Секој од нив си има и добри и лоши страни. Да разгледаме неколку примери:
РАЗГОВОР ЛИЦЕ В ЛИЦЕ
Добри страни: Ја забележуваш секоја нијанса во изразите на лицето, во тонот на гласот и во гестовите.
Лоши страни: И двете лица мора да одвојат време за да се сретнат.
РАЧНО НАПИШАНО ПИСМО ИЛИ КАРТИЧКА
Добри страни: Срдечен и личен начин на комуникација.
Лоши страни: Треба време за да се напише и денови за да стигне до примачот.
ИМЕЈЛ
Добри страни: Може брзо да се напише и да се испрати.
Лоши страни: Обично не се пренесуваат чувства или може погрешно да се протолкуваат.
Стигнавме до социјалните мрежи. Некои велат дека тоа е најдобриот начин на комуникација. Постојат стотици социјални мрежи, а најпопуларната — Фејсбук — има околу 800 милиони корисници! Во списанието Time стои: „Да беше Фејсбук држава, ќе беше трета најголема држава во светот, веднаш по Кина и Индија“. Што се социјални мрежи, и зошто станаа толку популарни?
Социјална мрежа е веб-страница која им овозможува на корисниците да разменуваат информации со избрана група пријатели. „Тоа е одличен начин да се одржуваат контакти“, вели Џин (21). „Преку социјалните мрежи е лесно да се покажат слики од патувања и некои настани.“
Зошто едноставно не напишеш писмо? ‚Одзема многу време‘, велат некои. Освен тоа, скапо е да вадиш слики. Тогаш, зошто да не се јавиш по телефон? И тоа одзема време — особено затоа што треба да му ѕвониш на секој посебно, а некои нема да бидат дома или нема да можат да разговараат кога можеш ти. А како е со мејловите? „Никој повеќе не одговара на мејлови“, се жали Даниела (20), „па дури и да одговори, тоа може да биде после неколку седмици. На социјалната мрежа само ставам коментар во кој ќе спомнам што правам, а пријателите можат да стават коментар за да кажат како тие си го поминале денот. Сите сме во тек со сѐ веднаш штом ќе се вклучиме. Супер е!“
Тоа не значи дека на социјалните мрежи се водат само празни разговори. На пример, кога ќе се случи некоја катастрофа — како што беа земјотресот и цунамито што на 11 март 2011 год. опустошија делови од Јапонија — многумина ги користат социјалните мрежи за да дознаат како се нивните блиски.
Да видиме што вели Бенџамин кој живее во САД. „По цунамито во Јапонија телефонските врски беа во прекин“, вели тој. „Еден познајник ми кажа дека ѝ испратил мејл на една наша пријателка во Токио, но не добил никаков одговор од неа. Тогаш, го зедов мобилниот телефон, на кој имам пристап на интернет, и го отворив профилот што таа го имаше на една социјална мрежа. Веднаш видов дека ставила кратка порака за да каже дека со неа е сѐ во ред и дека подоцна ќе ни даде повеќе информации.“
Бенџамин понатаму вели: „За да стапам во контакт со моите пријатели што ја познаваат, а немаат профил на социјална мрежа, морав да му пратам мејл на секој од нив поединечно. Ми требаше време за да ги најдам нивните имејл адреси и да му пишам на секој од нив. Некои ми вратија во рок од неколку дена. Еден пријател ми одговори дури по две седмици! Тие пријатели добиваа толку многу мејлови што не стигнуваа да одговорат на сите. Да беа на некоја социјална мрежа ќе се заштедеше многу време. За само неколку минути, сите ќе беа во тек со најновите информации!“
Очигледно, социјалните мрежи имаат добри страни. Но, дали кријат и некакви опасности? Ако да, кои се тие и како можеш да ги избегнеш?
[Рамка/слики на страница 5]
КАКО ФУНКЦИОНИРА
1. Пишуваш порака (правиш апдејт на статус) на твојот профил.
2. Сите од твојот список со пријатели ја добиваат пораката кога ќе го отворат својот профил — и ти ги добиваш нивните пораки кога ќе го отвориш својот профил.