Аин Џалут — пресвртница во светската историја
СУРОВИ монголски коњаници тргнале во поход, срамнувајќи го со земја секој град што одбивал да се предаде. Во февруари 1258 год., го истуриле својот бес врз Багдад и ги пробиле неговите ѕидини. Цела седмица убивале и пљачкосувале. Исламскиот свет живеел во страв и трепет од наездата на Монголите.a
Монголите продолжиле со својот поход кон запад. Па така, во јануари 1260 год., Алепо (Сирија) го снашла истата судбина како Багдад. Во март, Дамаск ги отворил своите порти пред Монголите и се предал без борба. Набрзо потоа, Монголите ги зазеле палестинските градови Наблус (во близина на древниот град Сихем) и Газа.
Монголскиот војсководец, Хулагу, му поставил ултиматум и на муслиманскиот владетел на Египет, султанот ал-Музафар Саиф ал-Дин Кутуз — или да се предаде или неговата земја ќе се соочи со невиден ужас. Египетската војска броела 20.000 луѓе, а војската на Хулагу била 15 пати побројна. „На муслиманскиот свет му се заканувало истребување“, вели проф. Назир Ахмед, исламски историчар. Можел ли Кутуз да направи нешто?
Кутуз и мамелуците
Кутуз бил мамелук, роб со турско потекло. Мамелуците служеле како војници-робови за ајубидските султани од Каиро (Египет). Но, во 1250 год., овие робови ги собориле своите господари и завладеале со Египет. Кутуз, кој и самиот бил војник-роб, стекнал голема моќ и станал султан во 1259 год. Бил вешт војник спремен да се бори до последен здив. Меѓутоа, шансите да ги победи Монголите биле слаби. Но, токму тогаш се одиграле низа настани кои го свртеле текот на историјата.
До Хулагу стигнал глас дека во далечната Монголија починал монголскиот хан Монгке. Свесен дека во неговата татковина ќе има борба за превласт, се повлекол од фронтот со поголемиот дел од својата војска. Зад себе оставил помеѓу 10.000 и 20.000 војници кои, според него, биле доволни за да го порази Египет. На Кутуз веднаш му било јасно дека ситуацијата се свртела во негова корист. Сфатил дека, ако сака да го порази непријателот, не смее да ја испушти шансата.
Меѓутоа, помеѓу Египет и Монголите имало уште една закана за муслиманите — крстоносците кои дошле во Палестина за да ја освојат „Светата земја“ во име на христијанството. Кутуз побарал од нив да му дозволат да помине низ нивната територија и да ги купи потребните работи за да се судри со Монголите во Палестина. Крстоносците се согласиле. На крајот на краиштата, Кутуз им бил единствената надеж да ги истераат Монголите, кои и ним им задавале главоболки исто колку и на муслиманите.
Така била поставена сцената за решавачката битка помеѓу мамелуците и Монголите.
Аин Џалут во Палестина
Војските на мамелуците и на Монголите се судриле во септември 1260 год. кај Аин Џалут во ездралонската долина. Се претпоставува дека Аин Џалут се наоѓал во близина на древниот град Мегидо.b
Историчарот Рашид ал-Дин вели дека мамелуците ги намамиле Монголите во заседа кај Мегидо. Кутуз го скрил поголемиот дел од коњицата во ридовите околу долината и наредил мал дел да тргне во напад за да ги испровоцира Монголите во противнапад. Монголите мислеле дека тоа е целата мамелучка војска, па затоа тргнале во јуриш. Тогаш, Кутуз го задал решавачкиот удар. Наредил скриените коњаници да ја нападнат монголската војска по крилните позиции. Непријателот бил поразен.
Ова бил прв пораз за Монголите откако, 43 години претходно, го почнале својот воен поход од Монголија кон запад. Иако според бројноста на војските битката кај Аин Џалут не била голема, таа се смета за една од најзначајните битки во историјата. Зошто? Затоа што муслиманите избегнале истребување, се видело дека Монголите не се непобедливи, а мамелуците успеале да си ги повратат териториите.
По битката
Подоцна, Монголите во повеќе наврати ги нападнале Сирија и Палестина, но никогаш повторно не биле закана за Египет. Потомците на Хулагу се населиле во Персија, го прифатиле исламот, а со текот на времето станале и заштитници на исламската култура. Нивните територии станале познати како персиски илханат, односно „подреден ханат“.
Кутуз не уживал долго во победата. Кратко по битката го убиле неговите соперници. Еден од нив бил и Бајбарс I, првиот султан на обединетото царство на Египет и Сирија. Мнозина сметаат дека тој е вистинскиот основач на мамелучката династија. Неговото ново царство — кое било добро управувано и богато — опстојало два и пол века, сѐ до 1517 год.
Во тој период од околу 250 години, мамелуците ги истерале крстоносците од Светата земја, ги развиле трговијата и производството, ја поддржувале уметноста и изградиле болници, џамии и училишта. Под нивното владеење, Египет станал главен центар на муслиманскиот свет.
Битката кај Аин Џалут не се одразила само врз Блискиот Исток. Таа оставила белег и врз западната цивилизација. Во списанието Saudi Aramco World пишува: „Доколку Монголите успееле да го освојат Египет, по враќањето на Хулагу ќе можеле да продолжат преку Северна Африка и да го поминат Гибралтарскиот Проток“. А со оглед на тоа што Монголите веќе биле стигнати до Полска, тогаш ќе ја имале Европа во рака.
„Под такви околности, дали Европа воопшто би ја доживеала ренесансата?“ продолжува списанието. „Веројатно светот денес би бил многу поинаков.“
[Фусноти]
b Бидејќи на ова место се воделе голем број одлучувачки битки, зборот „Мегидо“ се поврзува со добро познатата битка наречена Армагедон — на хебрејски Хар Мегидон. Библијата го поврзува Армагедон со „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“ (Откровение 16:14, 16).
[Карта на страница 12]
(Види во публикацијата)
Дамаск
СИРИЈА
Тавор
Ездралонска долина
Аин Џалут (близу Мегидо)
Наблус (Сихем)
Ерусалим
Газа
ЕГИПЕТ
[Слика на страница 12]
Локацијата на древниот град Мегидо
[Слика на страница 13]
Војските на мамелуците и на Монголите се судриле во ездралонската долина кај Аин Џалут во септември 1260
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слика на страница 14]
Урнатините на древниот град Сихем, и дел од современиот град Наблус во позадина