Помош за лицата со анксиозни растројства
„Често се случува срцето да почне силно да ми бие, да ме облее студена пот и да не можам да дојдам до здив. Ме обзема страв, немир и се чувствувам изгубено“ (Изабела, на 40-ина години, страда од панично растројство).
АНКСИОЗНОСТА може да се опише како „чувство на вознемиреност, или страв, и загриженост“. На пример, дали некогаш си бил преплашен кога пред тебе излегло бесно куче? Што се случува кога кучето ќе си замине? Ги снемува и стравот и загриженоста, нели? Но, во кои случаи анксиозноста станува растројство?
Кога анксиозноста, или вознемиреноста, станува хронична, односно кога трае и откако повеќе нема причини за неа, таа може да премине во растројство. Според едно истражување на Техничкиот универзитет во Дрезден, околу 14 отсто од населението во Европа страда од анксиозни растројства. Да се навратиме на Изабела, цитирана во почетокот. Постојаната анксиозност, како што е во нејзиниот случај, може да има сериозни последици.
Тоа може негативно да се одрази и врз семејството. Но, не е сѐ црно. Во една публикација издадена од американскиот Државен институт за ментално здравје пишува: „Има многу добри терапии за анксиозните растројства, а со истражувањата се доаѓа до нови начини на лекување што можат да им помогнат на повеќето луѓе со вакви растројства да водат продуктивен и исполнет живот“.
И семејството и пријателите можат да му помогнат на оној што има анксиозно растројство. Како?
Како да им се помогне
Давај поддршка: Моника, која има генерализирано анксиозно растројство и посттрауматско стресно нарушување, објаснува со што се соочува: „Повеќето луѓе не можат да ги разберат моите емоционални проблеми“.
Како резултат на тоа, оние што страдаат од анксиозно растројство обично толку се уплашени дека ќе бидат погрешно разбрани што се обидуваат да го скријат својот проблем од другите. Поради тоа се измачуваат со чувства на вина, а така само уште повеќе им се влошува емоционалната состојба. Затоа, многу е важно да имаат поддршка од семејството и пријателите.
Информирај се повеќе: Ова особено се однесува за оние што имаат некој близок со анксиозно растројство, на пример, некој од семејството или близок пријател.
Тешете се меѓусебно: На соверниците во Солун, апостол Павле им го дал следниов поттик: „Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг“ (1. Солуњаните 5:11). Ова можеме да го правиме и со нашите зборови и со тонот на гласот. Треба да им покажеме на нашите пријатели дека многу ни значат и да внимаваме да не ги навредиме со нешто.
Да ги земеме за пример тројцата таканаречени пријатели на Јов, по кого е именувана и една книга од Библијата. Како што веројатно знаеш, тие луѓе му рекле на Јов дека сигурно крие некој грев штом толку страда.
Затоа, труди се да ги разбереш чувствата на оној што има анксиозно растројство. Слушај внимателно. Потруди се да гледаш на работите од негова гледна точка, а не од своја. Додека слушаш, не избрзувај со заклучоци. Тоа го направиле тројцата пријатели на Јов, па затоа се наречени „мачни тешители“. Од нивните зборови на Јов му било уште потешко! (Јов 16:2).
Кога зборуваш со лице со анксиозно растројство, слушај внимателно. Остави го да каже како се чувствува. Тоа може да ти помогне подобро да разбереш низ што минува. И помисли на добрите резултати! Можеби ќе успееш да му помогнеш да води поисполнет и подобар живот.
[Рамка/слика на страница 27]
Видови анксиозни растројства
Многу е важно да се разберат анксиозните растројства, особено кога од такво растројство страда некој од семејството или близок пријател. Да разгледаме пет вида анксиозни растројства.
Панични растројства. Да се навратиме на Изабела, која ја спомнавме во почетокот. Нападите на вознемиреност не се единственото нешто што ѝ го отежнува животот. „По секој напад, постојано сум во страв дека следува нов“, вели таа. Затоа, луѓето со ваков проблем обично избегнуваат места каде што некогаш добиле напад. Некои одат до тој степен што не излегуваат од дома или, пак, со некоја ситуација што ги плаши можат да се соочат само ако се со некого во кого имаат доверба. Изабела објаснува: „До напад може да дојде ако останам сама. Но, кога сум со мајка ми, се чувствувам сигурно. Не можам ни да помислам да не е крај мене“.
Опсесивно-компулзивно растројство. Кај некој што е опседнат со бактерии или нечистотија може да се јави нагон, односно да се чувствува под компулзија (принуда), постојано да си ги мие рацете. Рејнан, кој е воден од сличен нагон, вели: „Умот нон-стоп ми е во хаос зашто постојано размислувам за грешките што сум ги направил, анализирајќи ги милион пати од секој можен агол“. Поради тоа, Рејнан има опсесија да им кажува за грешките и на другите. Нему постојано му треба некој да го смири. Но, лековите многу му помагаат да ја држи под контрола својата опсесија.a
Посттрауматско стресно нарушување (ПТСН). Во поново време, овој израз се користи за да се опишат голем број психолошки симптоми што може да се јават кај луѓе што доживеале тешки трауми во кои претрпеле физичка повреда или биле во опасност од таква повреда. Лицата со ПТСН може лесно да се уплашат, да бидат раздразливи, со отапени чувства, да изгубат интерес за работите во кои порано уживале и да станат рамнодушни кон другите — особено кон оние со кои порано биле блиски. Некои стануваат агресивни, па дури и насилни и склони се да избегнуваат ситуации што ги потсетуваат на трауматскиот настан поради кој се нашле во ваква состојба.
Социјална фобија. Овој израз се користи за луѓе кои се претерано плашливи и загрижени за тоа каков впечаток ќе остават пред другите, дури и во секојдневната комуникација. Некои постојано чувствуваат страв дека другите критички ги набљудуваат. Пред да одат на некој настан, се секираат со денови или со седмици. Нивниот страв може да стане толку силен што ќе им попречува во работата, училиштето или во другите секојдневни активности. Може да ги спречи и да стекнат нови пријатели или да ги задржат старите.
Генерализирано анксиозно растројство. Моника, која ја спомнавме претходно, страда од ова растројство. Денот ѝ минува во „претерани грижи“, иако има мали или никакви причини за тоа. Лицата со вакво растројство помислуваат на најлошото и претерано се загрижени за здравјето, за пари, за семејни проблеми или за проблеми на работа. Анксиозност може да предизвика дури и самата помисла дека ги чека уште еден нов ден.b
[Фусноти]
a Разбудете се! не се залага за некој конкретен начин на лекување.
b Овие информации се темелат на една публикација издадена од Државниот институт за ментално здравје при Министерството за здравство и социјална помош на САД.
[Слика на страница 26]
„Тешете се меѓусебно“