ЗЕМЈИ И НАРОДИ
Во посета на Камерун
ПРИПАДНИЦИТЕ на народот Бака — познати и како Пигмеи — веројатно биле првите жители на Камерун. Но, во 16 век пристигнале Португалците. Неколку стотици години потоа, Фуланите — муслимански народ — го освоиле северен Камерун. Денес, 40 отсто од жителите на Камерун се изјаснуваат како христијани, 20 отсто како муслимани, а останатите 40 отсто се дел од традиционалните африкански религии.
Јеховините сведоци издаваат библиска литература на јазикот баса, кој се зборува во Камерун
Луѓето што живеат во селските средини на Камерун се многу гостољубиви. Домаќините ги пречекуваат и ги покануваат гостите во својот дом каде што им нудат вода и храна. Да одбиеш гостопримство се смета за навреда, а да прифатиш е комплимент.
Кога ќе влезеш, прво се поздравуваш со сите во куќата и прашуваш како се. Обичај е дури да прашаш и како се животните. „Кога гостинот ќе стане да си оди, не е доволно само едно ‚пријатно‘“, вели Џозеф, роден Камерунец. „Обично, домаќинот излегува на улицата за да го испрати гостинот, при што продолжуваат со муабетот. По некое време, ќе го поздрави и ќе се врати дома. Гостинот што нема да го испратат вака може да помисли дека не бил добредојден.“
Кануата од издлабено дрво се вообичаена глетка на реката Санага. Едрата се направени од секаков материјал што може да се најде
Кога група пријатели јадат заедно, се случува да јадат од иста чинија — понекогаш и со раце. Во Камерун, овој обичај е симбол за единство. Всушност, понекогаш се користи за повторно да се зближат пријателите кои од некоја причина се оддалечиле. Во некоја смисла, со ваквиот заеднички оброк како да велат „Сега се смиривме“.
Јеховините сведоци, кои го издаваат ова списание, се организирани во повеќе од 300 собранија во Камерун и поучуваат за Библијата околу 65.000 лица