ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Зошто купуваме?
    Разбудете се! 2013 | Јуни
    • [Слика на страница 8]

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА: КУПУВАМЕ ЛИ БЕЗ МЕРКА?

      Зошто купуваме?

      Во една анкета спроведена на светско ниво во 2012 год., половина од испитаниците рекле дека купуваат работи што не им требаат. Две третини од нив изразиле загриженост поради тоа што се купува премногу. Таквата загриженост може да биде оправдана. Многу потрошувачи запаѓаат во сѐ поголеми долгови. Истражувачите велат дека наместо да се чувствуваме позадоволни кога купуваме многу работи, тоа може да ни го зголеми стресот и да ни ја одземе радоста! Тогаш, зошто купуваме толку многу?

      КАКО потрошувачи, преплавени сме со реклами. Која е целта на рекламите? Да ги претворат нашите желби во потреби. Рекламерите се свесни дека потрошувачите главно се водат од емоции. Затоа прават сѐ за рекламите да бидат привлечни, а купувањето да изгледа возбудливо.

      Книгата Зошто го купуваме она што не ни треба (Why People Buy Things They Don’t Need) вели: „Кога потрошувачот планира да купи нешто, обично си прави цел филм во главата за тоа како оди да го бара производот, како го наоѓа и на крајот како го купува“. Според некои експерти, купувачите може толку да се возбудат додека купуваат што дословно може да им се покачи адреналинот. Џим Пулер, стручњак на полето на рекламната индустрија, вели: „Ако еден трговец насети дека купувачот е возбуден и дека ќе може лесно да го фати на емоции, секако ќе гледа да го искористи тоа“.

      Што ќе ти помогне да не станеш жртва на лукавите рекламни агенти? Не дозволувај да те понесат емоциите. Наместо тоа, добро размисли што ветуваат рекламите и каква е реалноста.

      ВЕТУВАЊЕ: „Подобар живот“

      Сосема е нормално да сакаме подобар живот. Рекламите нѐ бомбардираат со пораки дека сите наши желби — подобро здравје, сигурност, живот без стрес и подобри односи со другите — може да се остварат ако ги купиме вистинските производи.

      РЕАЛНОСТ

      Колку повеќе расте бројот на работи што ги поседуваме, толку повеќе може да опаѓа квалитетот на нашиот живот. За да се грижиме за материјалните работи, треба време и пари. Стресот се зголемува поради долговите и имаме помалку време за семејството и пријателите.

      Колку повеќе расте бројот на работи што ги поседуваме, толку повеќе може да опаѓа квалитетот на нашиот живот

      Начело: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15).

      ВЕТУВАЊЕ: „Ќе бидеш некој и нешто“

      Малкумина признаваат дека купуваат работи само за да се покажат пред другите. Но, Џим Пулер вели: „Купувањето е еден вид натпревар. На луѓето многу им е важно она што ќе го купат да биде подобро од она на пријателите, соседите, колегите и роднините“. Затоа, во рекламите производите обично ги користат успешни, богати луѓе. Пораката е: „И ти можеш да бидеш како нив!“

      РЕАЛНОСТ

      Ако нашата вредност ја одредуваме споредувајќи се со другите, никогаш нема да бидеме задоволни. Кога ќе стигнеме до некое ниво, веднаш сакаме да одиме на следното.

      Начело: „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро“ (Проповедник 5:10).

      ВЕТУВАЊЕ: „Ќе покажеш кој си и што си“

      Во книгата Убави, светкави работи (Shiny Objects) стои: „Вообичаен начин да им кажеме на другите кои сме (или кои би сакале да бидеме) е преку материјалните работи што ги имаме“. Рекламерите се свесни за тоа и се трудат брендовите — а посебно луксузните брендови — да ги поврзат со одреден стил на живеење и вредности.

      Како се гледаш себеси и како сакаш другите да те гледаат? Како човек со стил? Како спортски тип? Каков имиџ и да посакуваш, рекламната индустрија ветува дека ќе го имаш ако го купиш вистинскиот бренд.

      РЕАЛНОСТ

      Ниеден производ нема да нѐ направи нешто што не сме ниту, пак, подобри личности.

      Начело: „Вашиот украс нека не биде надворешен, имено... украсувањето со злато или облекувањето облеки, туку тоа нека биде тајниот човек на срцето“ (1. Петрово 3:3, 4).

      Исправно гледиште за материјалните работи

      [Слика]

      Она што се ветува во рекламите многу често нема допирна точка со реалноста. Меѓутоа, има проверени совети за тоа како да водиме урамнотежен, исполнет живот. Сите начела наведени во оваа статија се наоѓаат во Божјата Реч, Библијата. Библијата не вели дека е погрешно да имаме материјални работи, туку дека сме посреќни кога во нашиот живот „нема љубов кон парите“ (Евреите 13:5).

      Современи методи на рекламирање

      Освен телевизијата, печатениот материјал и онлајн рекламирањето, современата рекламна индустрија користи сѐ поголем број софистицирани методи.

      [Слика]

      ПРИКРИЕНО РЕКЛАМИРАЊЕ: Производите и брендовите речиси незабележливо се прикажуваат во ТВ-програми, филмови и видеоигри.

      [Слика]

      ГЕРИЛА РЕКЛАМИРАЊЕ: Платени застапници ги користат производите и со одушевеност зборуваат со другите за нив во секојдневни ситуации, не оставајќи впечаток дека се платени за тоа.

      РЕКЛАМИРАЊЕ ОД УСТА НА УСТА: Потрошувачите се поттикнати да зборуваат за производите со своите пријатели и да коментираат на социјалните мрежи. Како мотивација, потрошувачите може да добијат дел од производите или некои други награди.

      [Слика]
  • Како да трошиш со мерка
    Разбудете се! 2013 | Јуни
    • [Слика на страница 10]

      Како да трошиш со мерка

      Освен што сме изложени на притисок од рекламите, и нашите чувства и навики може да бидат причина за претерано трошење. Еве шест предлози што можат да ти помогнат да внимаваш колку трошиш.

      1. Не купувај импулсивно. Ја сакаш ли возбудата кога одиш во шопинг или кога ќе најдеш нешто по супер цена? Ако тоа те возбудува, можеби си склон да купуваш импулсивно. За да се спротивставиш на таа склоност, закочи малку и размисли реалистично какви ќе бидат последиците ако го купиш, го поседуваш и го одржуваш она што планираш да го купиш. Застани за момент и сети се на некои работи што си ги купил, а за кои подоцна си се каел. Остави малку време да ти спласнат емоциите, па потоа донеси конечна одлука.

      2. Не купувај само за да си го подобриш расположението. Шопингот може за кратко да ти го крене расположението. Но, кога ќе се вратат негативните мисли, може да чувствуваш уште поголем притисок да бараш олеснување преку трошење пари. Наместо да го користиш купувањето за да си го подобриш расположението, побарај поддршка од пријателите или зафати се со некоја физичка активност, на пример, оди на прошетка.

      3. Не купувај чисто од забава. Големите шопинг центри го претворија купувањето во еден вид забава. Можеби одиш по продавниците или пребаруваш на Интернет чисто од забава, но голем дел од она што го гледаш таму е така осмислено за да роди во тебе желба да купуваш. Оди на купување само кога ти треба нешто конкретно и купи го само она што ти треба.

      4. Внимателно избирај го друштвото. Животниот стил и разговорите на твоите пријатели многу влијаат врз твоите желби. Ако трошиш премногу само за да бидеш како нив, тогаш избери пријатели кои не ставаат голем акцент на парите и на материјалните работи.

      5. Мудро користи ги кредитните картички. Со кредитните картички многу е лесно да купуваш без да мислиш на последиците. Труди се секој месец да ги вратиш потрошените средства навреме. Биди информиран колкава е каматната стапка и месечниот минимум за плаќање на твојата картичка. Исто така, разгледувај други понуди за да најдеш картичка што најмногу ќе ти се исплати. Биди претпазлив со премиум картичките кои имаат поголем кредитен лимит и кои нудат поволности кои, всушност, не ти се потребни. Наместо да купуваш на кредит, кога сакаш да купиш нешто поскапо, заштеди си пари и плати во готово.

      6. Биди свесен за својата финансиска состојба. Многу е полесно да трошиш ако не си свесен за својата финансиска состојба. Затоа, редовно проверувај си ги сметките. На темел на тоа колкави примања имаш и колку си трошел претходно направи си реалистичен план колку да трошиш месечно. Запишувај си колку трошиш и провери дали се држиш за планот. Замоли некој пријател да ти помогне да ги разбереш работите поврзани со финансиите што не ти се добро познати.

      Заштити ги децата од пропагандата во рекламите

      [Слика]

      Децата се посебна мета на рекламната индустрија, а причината е очигледна. Младите купуваат и трошат повеќе од кога и да е порано. Во САД, тинејџерите секоја година трошат милијарди долари.

      Меѓутоа, истражувачот Џулиет Шор вели дека децата што се научени да трошат многу се посклони кон детска депресија и анксиозност и имаат полоши односи со родителите. Како можеш да ги заштитиш своите деца? Еве некои практични работи што ги направиле некои родители.

      ПОУЧИ ГИ: „Не можеш сосема да ги заштитиш децата од рекламите затоа што ги има насекаде. Затоа, на нашите ќерки им објаснуваме дека рекламната индустрија има себични цели и дека фирмите што се рекламираат само сакаат да земаат пари. Воопшто не им е гајле за нас“ (Џејмс и Џесика).

      НЕ ПОПУШТАЈ: „Децата ти вршат притисок да им купиш нешто и ќе направат сѐ за да те натераат. Но, многу е важно да не попуштиш. Кога-тогаш ќе научат дека не може да добијат сѐ што ќе посакаат. Додека растеше нашата ќерка, како родители ние често зборувавме како да бидеме урамнотежени и какви граници да поставиме“ (Скот и Кели).

      НЕ ГЛЕДАЈТЕ МНОГУ РЕКЛАМИ: „Како семејство, многу малку гледаме ТВ. Таа едноставно не е дел од нашиот семеен живот. Времето што би го потрошиле на ТВ го пополнуваме со други активности. Готвиме и јадеме заедно, а нашите синови се страстни читачи“ (Џон и Џенифер).

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели