-
Дали протестите се решение?Разбудете се! 2013 | Јули
-
-
ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА
Дали протестите се решение?
Јеховините сведоци, кои го издаваат ова списание, се политички неутрални (Јован 17:16; 18:36). Иако во оваа статија се наведени конкретни примери за граѓански немири, ова списание не издига ниту една нација и не зазема страни во однос на политичките прашања.
ОНА што се случило на 17 декември 2010 год. било капката што ја прелеала чашата. Мохамед Буазизи, 26-годишен уличен продавач од Тунис, веќе бил револтиран затоа што не можел да најде подобра работа. Освен тоа, знаел дека корумпираните државни службеници бараат мито. Тоа кобно утро, инспекторите му ги конфискувале производите што ги продавал — круши, банани и јаболка. Кога сакале да му ја одземат и вагата, се спротивставил, а некои очевидци велат дека една полицајка му удрила шлаканица.
Понижен и бесен, Мохамед отишол до блиската владина зграда за да се пожали, но никој не сакал да го сослуша. Некои велат дека пред зградата извикал: „Па добро, луѓе, од што да живеам!?“ Потоа се полеал со запалива течност и се самозапалил. За помалку од три седмици им подлегнал на повредите.
Ваквиот очајнички чин на Мохамед Буазизи предизвика бурни реакции во Тунис, па дури и пошироко. Мнозина сметаат дека неговото самозапалување беше искрата што ги разгоре протестите со кои беше соборен режимот во Тунис, но и за протестите што брзо се проширија и во други арапски земји. Европскиот парламент им ја додели на Буазизи и на четворица други активисти наградата за слобода на мислата „Сахаров“ за 2011 год. Истата година лондонскиот весник The Times го прогласи Буазизи за личност на годината.
Како што покажува овој пример, протестите може да донесат промени. Но, која е причината за неодамнешниот бран протести? Има ли друго решение?
Зошто толку протести?
Некои од причините за голем број од протестите се:
Незадоволство од општествениот систем. Кога луѓето се задоволни од локалната влада и од економскиот систем, не чувствуваат потреба да протестираат — соработуваат со институциите за да ги решат проблемите. Од друга страна, луѓето полесно се решаваат на протести кога гледаат дека во системот владее неправда и корупција и дека само една мала група луѓе се повластени.
Повод. Честопати, одреден настан може да биде искрата што ќе ги натера луѓето да мислат дека мораат да ги преземат работите во свои раце. На пример, случајот со Мохамед Буазизи предизвика масовни протести во Тунис. Во Индија, штрајкот со глад против корупцијата од страна на активистот Ана Хазаре ги поттикна неговите приврзаници да излезат на протести во 450 градови.
Уште многу одамна, во Библијата било запишано дека живееме во свет во кој „човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9). Денес, корупцијата и неправдата се уште пораширени отколку во времето кога биле запишани овие зборови. Всушност, луѓето се посвесни од кога и да е порано дека политичкиот и економскиот систем ја изневериле нивната доверба. Мобилните телефони, Интернет и вестите што се емитуваат 24 часа на ден овозможуваат дури и некои настани што се случуваат во изолирани места да предизвикаат масовни реакции.
Што се постигнува преку протестите?
Оние што ги поддржуваат граѓанските немири тврдат дека преку протестите се постигнува следново:
Подобри услови за сиромашните. Како резултат на протестите против покачувањето на кириите во Чикаго (Илиноис, САД) за време на Големата депресија од 1930-тите, градските власти решија да ги повлечат налозите за иселување и издејствуваа вработување за некои од учесниците во протестите. И во градот Њујорк имаше слични протести по кои 77.000 семејства, кои претходно беа исфрлени на улица, успеаја да се вратат во своите домови.
Отстранување на неправдите. Бојкотот на градскиот автобуски сообраќај во Монтгомери (Алабама, САД) во 1955/1956 год. водеше до укинување на законите за расна сегрегација во автобусите.
Стопирање на градежни проекти. Во декември 2011 год., десетици илјади протестираа против изградбата на термоцентрала на јаглен во близина на Хонг Конг за која сметаа дека ќе биде голем загадувач. На крај, проектот беше откажан.
Иако некои можат да ги остварат своите цели преку протести, Божјето Царство го нуди најдоброто решение
Се разбира, демонстрантите не ги остваруваат секогаш своите цели. На пример, наместо да им ги исполнат барањата, политичарите може да ги казнат. Неодамна, претседателот на една блискоисточна земја го даде следниов коментар за тамошните протести: „Мора да возвратиме со железна тупаница“. Во тие протести илјадници лица го изгубија животот.
Дури и ако демонстрантите ги остварат своите цели, протестите неизбежно носат нови проблеми. Еден човек кој помогнал да биде соборен владетелот на една африканска земја, за списанието Time го изјави следново во врска со новиот режим: „Од утопија, брзо премина во хаос“.
Има ли подобар начин?
Многу видни луѓе сметале дека имаат морална одговорност да го кренат својот глас против угнетувачките системи. На пример, покојниот чешки претседател, Вацлав Хавел, кој поминал неколку години в затвор како активист за човекови права, во 1985 год. го напишал следново: „На [еден дисидент] не му преостанува ништо друго освен да го даде својот живот — и го дава само затоа што нема друг начин да покаже дека цврсто верува во она за што се залага“.
Она што во очај го направиле Мохамед Буазизи и некои други лица ги потврдува зборовите на Хавел. Неодамна, во една азиска земја десетици лица се запалија во знак на протест против ограничувањата на верската и политичката слобода. Коментирајќи ги чувствата што стојат зад ваквите екстремни постапки, еден човек го изјави следново за списанието Newsweek: „Ние немаме оружје и не сакаме никого да повредиме. Што друго ни преостанува?“
Библијата нуди решение за неправдата, корупцијата и угнетувањето. Во неа се зборува за една влада која Бог ја воспоставил на небото и која ќе ги замени сегашните политички и економски системи поради чиј неуспех се покренале бројни протести. Во едно пророштво за нејзиниот владетел стои: „Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник. Од угнетување и од насилство ќе ја откупи нивната душа“ (Псалм 72:12, 14).
Јеховините сведоци веруваат дека само Божјето царство може да донесе мир во светот (Матеј 6:9, 10). Затоа, тие не учествуваат во протести. Но, дали е нереално да веруваме дека владата воспоставена од Бог може да ги отстрани сите причини за протести? Може да звучи нереално. Но, многу луѓе стекнале доверба во Божјата влада. Зошто не дознаеш нешто повеќе за неа?
-
-
Гледав неправда на секој чекорРазбудете се! 2013 | Јули
-
-
Гледав неправда на секој чекор
РОДЕН сум во 1965 год. во сиромашно семејство во Северна Ирска. Пораснав во грофовијата Дери за време на судирите помеѓу католиците и протестантите кои траеја над 30 години. Католиците сметаа дека се дискриминирани од страна на протестантското мнозинство во власта обвинувајќи го за изборни манипулации, полициска бруталност, дискриминација во однос на вработувањето и за неправилности во станбената политика.
Гледав неправда на секој чекор. Не ни памтам колку пати бев претепан, извлечен од кола или колку пати ми беше вперен пиштол. Полицијата и војниците безброј пати ме испрашуваа и ме претресуваа. Се чувствував обесправен и си мислев: ‚Ми останува или да се помирам со ова или да возвратам!‘
Во 1972 год., учествував во протестните маршови во сеќавање на 14-те души што британските војници ги убија во Крвавата недела. Учествував и во маршовите по штрајкот со глад во чест на републиканските затвореници кои во 1981 год. гладуваа до смрт. Поставував забранети знамиња и пишував антибритански графити. Секогаш имаше ново ѕверство или убиство на католик, а тоа за нас беше повод да протестираме. Често се случуваше еден мирен протест да прерасне во насилен бунт.
На факултет се приклучив на студентските протести за зачувување на природата. Подоцна се преселив во Лондон. Таму учествував во социјалистички маршови против владината политика која се чинеше дека работи во корист на повисоките класи, а на штета на сиромашните. Учествував во синдикалните штрајкови против намалувањето на платите, а во 1990 год. и во маршот против воведувањето личен данок. Учесниците во тој марш направија големи штети на плоштадот Трафалгар.
Но, по некое време се разочарав од сѐ. Со протестите не само што не ги остваривме нашите цели туку уште повеќе се разгоре омразата.
И покрај искрените мотиви, луѓето не можат да донесат правда
Некаде во тоа време, еден пријател ме запозна со Јеховините сведоци. Тие ми покажаа од Библијата дека на Бог не му е сеедно кога гледа дека страдаме и дека ќе ја отстрани сета штета што ја предизвикуваат луѓето (Исаија 65:17; Откровение 21:3, 4). И покрај искрените мотиви, луѓето не можат да донесат правда. Потребно ни е водство од Бог. Освен тоа, само тој има моќ да го отстрани влијанието на демонските сили кои се одговорни за многу проблеми во светот (Еремија 10:23; Ефешаните 6:12).
Сега ми е јасно дека учеството во протести е како да се трудиш со лажица да црпиш вода од брод што тоне. Многу ми олесна кога дознав дека иде време кога ќе нема неправди и кога сите ќе бидат еднакви.
Од Библијата учиме дека Јехова Бог „ја сака правдата“ (Псалм 37:28). Ова е една причина зошто можеме да бидеме сигурни дека тој ќе воспостави правда — нешто што е невозможно за луѓето (Даниел 2:44). Ако сакаш да дознаеш повеќе, можеш да стапиш во контакт со Јеховините сведоци во твоето место или да одиш на нашата интернет-страница www.jw.org/mk.
-