ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Дали светот навистина оди во пропаст?
    Разбудете се! 2017 | Бр. 6
    • Часовникот на судниот ден

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СВЕТОТ ОДИ ВО ПРОПАСТ?

      Дали светот навистина оди во пропаст?

      УШТЕ на самиот почеток на 2017 год., научниците излегоа со една лоша вест. Во јануари, една група научници објавија дека светот е чекор поблизу до најголемата катастрофа во историјата на човештвото. За да покажат колку сме близу до крајот на светот, тие ја поместија стрелката на симболичниот часовник на судниот ден за 30 секунди нанапред. Сега овој часовник покажува само две и пол минути до полноќ, што е најблизу до глобална катастрофа во последните 60-ина години!

      Во 2018 год. научниците планираат повторно да ја разгледаат состојбата за да утврдат колку сме близу до крајот на светот. Дали часовникот на судниот ден повторно ќе укаже на неизбежна катастрофа од невидени размери? Што мислиш ти? Дали светот навистина оди во пропаст? Не е лесно да се даде одговор на ова прашање. Дури и експертите имаат поделени мислења на ова поле. Некои воопшто не веруваат дека ќе дојде до катастрофа која ќе стави крај на сѐ.

      Всушност, милиони луѓе имаат надеж за подобра иднина. Тие се уверени дека има докази кои покажуваат дека човештвото и нашата планета ќе постојат засекогаш и дека квалитетот на животот ќе се подобри. Можеме ли да им веруваме на тие докази? Дали светот може да се спаси?

      „Часовникот на судниот ден е симболичен часовник прифатен од многу земји, кој покажува колку сме близу до уништување на човештвото со некои од опасните човечки изуми. Меѓу нив предводи нуклеарното оружје, но тука се и сета технологија што влијае врз климата, новите биотехнологии и интернет-технологијата, кои би можеле да предизвикаат непоправлива штета врз нашиот живот и врз нашата планета — сеедно дали намерно, поради погрешна проценка или, пак, случајно“ (Bulletin of the Atomic Scientists).

  • Во потрага по одговор
    Разбудете се! 2017 | Бр. 6
    • ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СВЕТОТ ОДИ ВО ПРОПАСТ?

      Во потрага по одговор

      АКО сѐ побројните лоши вести те плашат, не си единствениот. Во 2014 год. Барак Обама, тогашниот претседател на САД, изјави дека, поради сите лоши вести со кои излегуваат медиумите, многумина сметаат „дека светот е надвор од контрола... и никој не може да го запре“.

      Сепак, кратко по таа изјава, тој со жар зборуваше за некои актуелни стратегии за решавање на многу од светските проблеми. Одредени владини иницијативи Обама ги нарече „добра вест“ и рече дека самиот тој „има голема надеж“ и дека е „голем оптимист“. Со други зборови, тој кажа дека луѓето кои имаат искрени намери, со своите напори можат да го спасат светот од пропаст.

      Ваков позитивен став имаат и многу други. На пример, некои ја полагаат својата доверба во науката, сметајќи дека брзиот напредок на технологијата ќе ги реши проблемите во светот. Еден експерт за дигитална технологија и иновации со увереност изјавил дека до 2030 год. „технологијата ќе биде илјада пати помоќна, а до 2045 год. милион пати помоќна“. Потоа додал: „Прилично добро ни оди. Иако проблемите со кои се соочуваме никогаш не биле поголеми, имаме способност да ги решиме дури и пред да се случат“.

      Колку, всушност, се сериозни проблемите во светот? Дали сме на работ на глобална катастрофа? Иако некои научници и политичари промовираат подобра иднина, многу луѓе се чувствуваат несигурно. Зошто е тоа така?

      Нуклеарна експлозија

      ОРУЖЈЕ ЗА МАСОВНО УНИШТУВАЊЕ. И покрај своите најдобри напори, Обединетите нации и некои други организации не успеале да се изборат за нуклеарно разоружување. Наместо тоа, дрските политички лидери се потсмеваат на законите за контрола на оружјето. Земјите кои со години имаат нуклеарно оружје избезумено ги усовршуваат старите бомби и измислуваат нови, уште посмртоносни. Некои земји кои порано немале оружје за масовно уништување, сега имаат моќ да ги покосат животите на огромен број луѓе.

      Бидејќи многу земји се поспремни за нуклеарна војна повеќе од кога и да било порано, светот е доста опасно место за живеење, дури и во време на „мир“. Во едно научно списание пишува: „Особено загрижувачки се смртоносните автономни вооружени системи кои, на пример, ќе можат да убиваат без човечка наредба или надзор“ (Bulletin of the Atomic Scientists).

      Човек лежи во болница

      ЗДРАВЈЕТО ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК. Науката не може да ни гарантира добро здравје. Факторите кои предизвикуваат болести, како што се висок крвен притисок, прекумерна тежина, загаден воздух или злоупотреба на дрога, се сѐ позастапени. Многу луѓе умираат од разни непреносливи болести како, на пример, рак, срцеви заболувања и дијабетес. Сѐ повеќе расте и бројот на лица кои страдаат од други болести, вклучувајќи ги и психичките нарушувања. А во последниве години сме сведоци на неочекувано ширење на опасни епидемии како, на пример, вирусите ебола и зика. Кој е заклучокот? Луѓето не можат да ги спречат болестите, и се чини дека нема надеж за живот без болести.

      Загадување на воздухот и на водата

      ЧОВЕКОТ ЈА УНИШТУВА ПРИРОДАТА. Фабриките и понатаму ја загадуваат атмосферата. Секоја година милиони луѓе умираат поради загадениот воздух што го дишат.

      Многу луѓе, заедници и државни служби исфрлаат отпадни води, медицински и земјоделски отпад, пластика и други загадувачи во океаните. Во една енциклопедија пишува: „Тие токсични загадувачи го трујат морскиот животински и растителен свет, како и луѓето кои се хранат со загадена морска храна“ (Encyclopedia of Marine Science).

      Освен тоа, има сѐ поголем недостиг на питка вода. Британскиот писател на научни трудови, Робин Меккај, отворено предупредува: „На светот му се заканува таков недостиг на вода кој ќе се одрази врз секое делче од Земјината топка“. Политичарите признаваат дека проблемот со недостиг на вода главно е предизвикан од луѓето и дека претставува сериозна опасност.

      Торнадо

      ПРИРОДАТА ГО ВОЗВРАЌА УДАРОТ. Бури, урагани, торнада, тајфуни, земјотреси — ваквите природни појави предизвикуваат катастрофални поплави, лизгање на земјиштето и други страшни последици. Од нив се погодени или умираат сѐ повеќе луѓе. Според едно истражување објавено од страна на НАСА, може да очекуваме „уште посилни бури, смртоносни топлотни бранови и поекстремни периоди на поплави и суши“. Дали природата ќе го уништи човештвото?

      Веројатно можеш да се сетиш и на други фактори кои се закана за нашиот опстанок. Сепак, тоа што ќе ги анализираш сите лоши работи што се случуваат денес нема да ти помогне да го најдеш одговорот на најважните прашања за иднината. Некои сметаат дека истото важи и ако го слушаме она што го тврдат политичарите и научниците. Но, како што беше спомнато во претходната статија, многумина дошле до логични одговори на прашањата поврзани со состојбата на светот и со иднината. Каде можат да се најдат вакви одговори?

  • Што вели Библијата?
    Разбудете се! 2017 | Бр. 6
    • Еден човек во новиот свет што го ветил Бог

      Предвидувањата претставени со часовникот на судниот ден нема да се остварат, бидејќи Бог ветува убава иднина за човештвото и за Земјата

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СВЕТОТ ОДИ ВО ПРОПАСТ?

      Што вели Библијата?

      ТЕШКИТЕ услови во кои живееме денес биле проречени во Библијата пред многу векови. Освен тоа, Библијата содржи и пророштва за подобра иднина. Библиските пророштва не треба брзо да се отфрлат бидејќи голем дел од нив веќе се исполниле, и тоа до најситен детаљ.

      На пример, да ги разгледаме следниве пророштва:

      • „Ќе се крене народ против народ и царство против царство, и ќе има глад и земјотреси на разни места“ (Матеј 24:7).

      • „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:1-4).

      Овие пророштва опишуваат еден свет за кој некои би рекле дека е во хаос и дека оди во пропаст. На некој начин, светот во кој живееме навистина е надвор од контрола — надвор од контролата на луѓето. Според Библијата, луѓето немаат ниту доволно мудрост ниту моќ за трајно да ги решат проблемите. Тоа е истакнато во следниве стихови:

      • „Некој пат му се чини на човекот исправен, но на крајот води во смрт“ (Изреки 14:12).

      • „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9).

      • „Човекот... не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23).

      Ако луѓето и понатаму си тераат по свое, светот најверојатно ќе се соочи со катастрофа од глобални размери. Но, тоа нема да се случи! Зошто? Еве што вели Библијата:

      • Бог „ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5).

      • „Едно поколение заминува, друго доаѓа, а земјата останува засекогаш“ (Проповедник 1:4).

      • „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).

      • „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16).

      Овие библиски стихови ни го даваат одговорот. Човештвото нема да изумре поради загадување, недостиг на храна и вода или, пак, глобална епидемија. Исто така, светот нема да биде уништен во нуклеарна катастрофа. Зошто може да бидеме сигурни во тоа? Затоа што иднината на нашата планета лежи во рацете на Бог, а не на луѓето. Иако Бог им дал слободна волја на луѓето, последиците од своите одлуки ќе си ги сноси секој човек лично (Галатите 6:7). Светот не е како еден воз над кој е изгубена контролата и кој сигурно ќе заврши катастрофално. Бог поставил ограничувања во врска со тоа колкава штета може да предизвикаат луѓето и нема да им дозволи да го уништат животот на Земјата (Псалм 83:18; Евреите 4:13).

      Но, во иднина Бог ќе направи уште нешто. Тој ќе воспостави „изобилен мир“ (Псалм 37:11). Позитивните работи поврзани со нашата иднина, за кои зборувавме во оваа статија, се само делче од прекрасните ветувања кои милиони Јеховини сведоци ги дознале проучувајќи ја Библијата.

      Јеховини сведоци има низ целиот свет, и тоа на различна возраст и со најразлично етничко потекло. Тие му служат на единствениот вистински Бог, Јехова, чие име е запишано во Библијата. Јеховините сведоци не се плашат од иднината, бидејќи во Библијата пишува: „Вака вели Јехова, Творецот на небесата, оној што е вистинскиот Бог, оној што ја обликува и ја направи земјата, оној што ја зацврсти и не ја создаде залудно, туку ја обликува за да биде населена: ’Јас сум Јехова, и нема друг‘“ (Исаија 45:18).

      Во оваа статија разгледавме неколку библиски стихови за иднината на Земјата и на човештвото. Нешто повеќе можеш да прочиташ во 5. поглавје од брошурата Добра вест од Бог!, издадена од Јеховините сведоци и достапна на www.jw.org/mk

      Можеш и да го гледаш видеоклипот Зошто Бог ја создал Земјата?, достапен на www.jw.org/mk. (Оди на ИЗДАНИЈА > ВИДЕОТЕКА)

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели