ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Зошто да се држам за библиските мерила?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
    • ПОГЛАВЈЕ 34

      Зошто да се држам за библиските мерила?

      Голем одмор е. Си зборуваш со уште две девојки и тогаш го здогледувате новиот тип.

      „Знаеш дека многу му се допаѓаш на Иван?“ ти вели првата девојка. „Му се познава по тоа како те гледа. Просто те голта со очите!“

      „И знаеш уште што?“ се наведнува и ти шепнува другата. „Нема девојка!“

      Ти веќе и си претпоставуваше дека е така. Па, пред некој ден Иван те покани кај него на забава. Се разбира, го одби, иако длабоко во себе се прашуваше што ќе беше да прифатеше.

      Првата девојка ти ги пресекува мислите.

      „Штета што јас имам дечко“, вели таа. „Инаку, би се фатила со него без око да ми трепне.“

      Потоа се загледува во тебе, малку зачудена. Знаеш што е следно.

      „Еј, а зошто ти немаш дечко?“ те прашува.

      Од тоа прашање ти се крева косата! Всушност, ти би сакала да имаш дечко, но ти било кажано дека е најдобро да имаш врска дури кога ќе бидеш спремна за брак. Да не беше...

      „Твојата религија, нели?“ ти вели другата девојка.

      ‚Како да ми ги прочита мислите‘, си велиш.

      „Ти не знаеш ништо друго освен Библијата, Библијата, Библијата“, те пецка. „Па дај живеј малку!“

      ДАЛИ те зафркавале некогаш затоа што се држиш за библиските мерила? Ако да, можеби се прашуваш да не пропушташ нешто. Дијана се чувствувала така. Таа вели: „Библиските мерила ме гушеа. И јас сакав да живеам без ограничувања како другите на училиште.“

      Сурова реалност

      Искуството не е секогаш најдобриот учител. Всушност, мудро е и во склад со Библијата е да учиш од грешките на другите. Тоа го сфатил и псалмистот Асаф. Едно време тој мислел дека библиските мерила премногу го ограничуваат. Но, гледајќи ги оние што ги напуштаат Божјите патишта, ја видел суровата реалност. Асаф подоцна заклучил дека тие се на „лизгаво место“ (Псалм 73:18).

      Имајќи го ова на ум, размисли за зборовите на неколку млади кои некое време ги отфрлиле библиските мерила и имале предбрачни сексуални односи.

      ● Што влијаеше врз твоето размислување и врз твоите постапки?

      Дијана: „На училиште сите имаа дечко или девојка и изгледаа многу среќни. Кога бев со нив и ги гледав како се бакнуваат и се прегрнуваат, им завидував и се чувствував осамено. Честопати со часови си фантазирав за некој дечко што ми се допаѓаше. Тоа уште повеќе ми ја зголемуваше желбата да бидам со него“.

      Марко: „Читав и гледав работи во кои сексот беше поставен на пиедестал. Мојата љубопитност сѐ повеќе растеше затоа што зборував за секс и со другарите. Потоа, кога ќе бев насамо со некоја девојка, си мислев дека можеме да се допираме и да се милуваме без да имаме секс, дека можам да запрам кога сакам“.

      Алек: „Редовно гледав порнографија на Интернет. Почнав и многу да пијам. А одев и на забави со млади кои немаа речиси никакво ценење за библиските морални мерила“.

      Теа: „Знаев дека предбрачниот секс не е во ред, но не го мразев. Немав намера да почнам со сексуални односи пред брак, но чувствата го победија разумот. Едно време не чувствував никаква грижа на совеста“.

      ● Дали поради таквиот живот беше посреќен?

      Дијана: „Отпрвин ме обзеде чувство на слобода и бев среќна што конечно се вклопувам во друштвото. Но, тоа не траеше долго. Почнав да се чувствувам валкано, ниско, празно. Се јадев што толку лесно си ја продадов невиноста“.

      Алек: „Сѐ полесно си ги задоволував погрешните желби. Но во исто време, имав силно чувство на вина и бев разочаран од самиот себе“.

      Теа: „Неморалот ми ја уништи младоста. Мислев дека јас и мојот дечко одлично ќе се забавуваме, ама не беше така. На крајот, само си нанесовме болка и тага. Многу ноќи заспивав целата во солзи, жалејќи што не постапив онака како што нѐ учи Јехова“.

      Марко: „Почнав да се чувствувам како дел од мене да умрел. Се трудев да не обрнувам внимание на тоа како влијаат моите постапки врз другите, но не можев. Ме болеше кога сфатив дека со тоа што гледав мене да ми биде убаво, ги повредував другите“.

      ● Каков совет би им дале на младите кои понекогаш помислуваат дека библиските морални мерила ги ограничуваат?

      Теа: „Држи се за Јеховините мерила и дружи се со оние што го прават истото. Така ќе бидеш посреќен“.

      Дијана: „Не се работи само за тебе и за она што го сакаш ти. Твоите постапки ќе влијаат и врз другите. А ако не ги слушаш советите на Бог, ќе си направиш само лошо“.

      Алек: „Кога си неискусен, си мислиш дека другите имаат многу возбудлив живот. Нивните мислења ќе влијаат и врз тебе. Затоа мудро избирај ги пријателите. Имај доверба во Јехова и ќе се поштедиш од многу причини за каење“.

      Марко: „Некои од највредните работи што ти ги дава Јехова се достоинството и невиноста. Ако ги фрлиш во вода само затоа што не можеш да се контролираш, тогаш си паднал многу ниско. Разговарај за своите проблеми со родителите и со други зрели луѓе. Ако направиш грешка, не чекај, туку отворено признај ја и поправи ја. Ако правиш онака како што нѐ советува Јехова, ќе имаш вистински внатрешен мир“.

      Библиските мерила — ограничување или заштита?

      Јехова е „среќниот Бог“, и сака и ти да бидеш среќен (1. Тимотеј 1:11; Проповедник 11:9). Мерилата што се запишани во Библијата се за твое добро. Додуша, можеби ти сметаш дека те ограничуваат — дека ти ги врзуваат рацете. Но, всушност, библиските морални мерила се како сигурносен појас, кој те штити од повреда.

      Можеш потполно да ѝ веруваш на Библијата. Ако избереш да живееш според нејзините мерила, не само што ќе го радуваш Јехова, туку и тебе лично ќе ти биде добро (Исаија 48:17).

      ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

      Можеш да бидеш пријател со Бог. Дознај како.

      КЛУЧЕН СТИХ

      „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро“ (Исаија 48:17)

      ПРЕДЛОГ

      Размисли како на помалиот брат или сестра би им објаснил колку се мудри библиските мерила. Кога зборуваш за твоите верувања, ги всадуваш уште подлабоко и во своето срце.

      СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

      Потребни се само неколку моменти за да си го расипеш пријателството со Јехова, но за да го поправиш може да ти требаат и години.

      ПЛАН!

      За да сфатам колку се мудри библиските мерила, ќе ․․․․․

      Ако почнам да им завидувам на оние што живеат според мерилата на светот, ќе ․․․․․

      Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

      ШТО МИСЛИШ?

      ● Во врска со последиците од непослушноста кон Божјите закони, зошто личното искуство не е најдобриот учител?

      ● Што научи од Дијана, Марко, Алек и Теа?

      ● Зошто некои луѓе гледаат на библиските мерила како на нешто што им ги врзува рацете, но зошто таквото гледиште е кусогледо?

      [Истакната мисла на страница 285]

      ››Болката што ја чувствуваш кога ќе добиеш казна поради некој престап и не е толку лоша во споредба со болката што ја чувствуваш кога се трудиш да го скриеш престапот‹‹ (Дона)

      [Слики на страница 288]

      Библиските мерила не ти ја ускратуваат среќата, туку те штитат

  • Како да станам пријател со Бог?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
    • ПОГЛАВЈЕ 35

      Како да станам пријател со Бог?

      По една случка што многу го потресла, Џереми сфатил колку вреди да се биде пријател со Бог. „Кога имав 12 години, татко ми нѐ напушти“, раскажува тој. „Една вечер, откако си легнав, го преколнував Јехова да го натера татко ми да се врати.“

      Очаен, Џереми почнал да ја чита Библијата. Кога дошол до Псалм 10:14, бил длабоко трогнат. Во тој стих за Јехова се вели: „Тебе ти се предава несреќникот, детето без татко. Ти си му помошник“. Џереми вели: „Почувствував како Јехова да ми зборува мене и ми кажува дека тој ми е помошник; тој е мојот Татко. Зарем би можел да имам подобар татко од него?“

      СЕЕДНО дали си во слична ситуација како Џереми или не, Библијата покажува дека Јехова сака да му бидеш пријател. Всушност, Библијата вели: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8). Размисли што значат овие зборови: Иако не можеш да го видиш — и во никој случај не си му рамен — Јехова Бог те повикува да му бидеш пријател!

      Но, за да бидеш пријател со Бог, ќе треба да вложиш труд. На пример, ако дома имаш некое собно цвеќе, знаеш дека тоа не расте само од себе. За да расте, мораш редовно да го полеваш и да го чуваш на соодветно место. Исто е и кога станува збор за пријателството со Бог. Што можеш да направиш за едно такво пријателство да станува сѐ поцврсто?

      Важноста на проучувањето

      За пријателство треба двонасочна комуникација — и да слушаш и да зборуваш. Исто е и со пријателството со Бог. Кога ја читаме и ја проучуваме Библијата, слушаме што ни кажува Бог (Псалм 1:2, 3).

      Добро, можеби проучувањето и не ти е баш омилен начин да го минуваш времето. Повеќето млади попрво би гледале ТВ, би играле некоја игра или едноставно би се дружеле со пријателите. Но, ако сакаш да си го зајакнеш пријателството со Бог, нема бегање. Треба да слушаш што ти кажува така што ќе ја проучуваш неговата Реч.

      Но, не грижи се. Проучувањето на Библијата не мора да ти биде товар. Можеш да научиш да уживаш во тоа — дури и ако не се сметаш себеси за тип што е многу по учењето. Првото нешто што треба да го направиш е да си одвоиш време за проучување на Библијата. „Си имам распоред“, вели една девојка по име Лиза. „Веднаш штом ќе станам, читам едно поглавје од Библијата.“ Марија (15) има малку поинаков распоред. „Читам по малку од Библијата секоја вечер пред да си легнам“, вели таа.

      За сам да си направиш програма за проучување, разгледај ја рамката на 292. страница. Потоа, на линијата напиши кога би можел да одвоиш 30-тина минути за да ја проучуваш Божјата реч.

      ․․․․․

      Но, распоредот е само почеток. Кога ќе почнеш вистински да проучуваш, можеби ќе сфатиш дека не е баш секогаш лесно да ја читаш Библијата. Можеби и ти се согласуваш со Језраел (11), кој отворено вели: „За некои делови од Библијата треба многу концентрација, а и не се баш интересни“. Ако и ти мислиш така, не се предавај. Секогаш кога проучуваш имај на ум дека тоа е време кога слушаш што ти кажува Јехова Бог, твојот пријател. Впрочем, колку ќе ти биде интересно проучувањето на Библијата и колку ќе извлечеш од него зависи од тоа колку вложуваш!

      Молитвата е многу важна

      Молитвата е начинот на кој ние му зборуваме на Бог. Размисли само колку прекрасен подарок е молитвата! Можеш да му се обратиш на Јехова Бог во секое време, било дење било ноќе. Тој е секогаш спремен да те сослуша. Освен тоа, тој сака да чуе што имаш да му кажеш. Затоа Библијата нѐ поттикнува: „Во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (Филипјаните 4:6).

      Како што покажува овој стих, има многу работи за кои можеш да зборуваш со Јехова. Можеш да зборуваш за проблемите и грижите што те мачат. Би можел да му кажеш и за кои работи си му благодарен. Па, зарем не им заблагодаруваш на своите пријатели кога ќе направат нешто добро за тебе? Истото можеш да го правиш и со Јехова, кој направил за тебе многу повеќе од кој и да било пријател (Псалм 106:1).

      На линиите напиши некои работи за кои ти си му благодарен на Јехова.

      ․․․․․

      Сигурно одвреме-навреме те притискаат стравови и грижи кои ги чувствуваш како голем товар врз плеќите. Но, Псалм 55:22 нѐ охрабрува: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“.

      На линиите напиши кои твои грижи би сакал да ги вклучиш во своите молитви.

      ․․․․․

      Лично искуство

      Има уште еден аспект од твоето пријателство со Бог што не треба да го занемариш. Псалмистот Давид напишал: „Вкусете и видете колку е добар Јехова“ (Псалм 34:8). Давид го составил 34. Псалм откако поминал низ еден тежок период. Бегал од цар Саул кој го гонел за да го убие — што било прилично страшно доживување. Згора на тоа, морал да се крие меѓу своите непријатели, Филистејците. Кога се соочил со навидум неизбежна смрт, итро се преправил дека е луд и така успеал да избега (1. Самоилова 21:10-15).

      Давид за влакно извлекол жива глава, но тоа не го припишал на својата интелигенција. Заслугата му ја припишал на Јехова. Претходно, во 34. Псалм, напишал: „Го барав Јехова, и тој ми одговори, од сите мои стравови ме ослободи“ (Псалм 34:4). Значи, Давид од лично искуство можел да им каже на другите ‚да вкусат и да видат колку е добар Јехова‘.a

      Ти текнува ли на некоја случка која ти потврдила дека Јехова се грижи за тебе? Ако да, напиши ја на линиите. Она што си го доживеал не мора да биде нешто драматично. Размисли за едноставни секојдневни благослови, кои можеби понекогаш лесно ги земаме здраво за готово.

      ․․․․․

      Можеби родителите те поучуваат за Библијата. Тоа е вистински благослов. Сепак, ти треба да стекнеш свој однос со Бог. Ако не си го направил тоа, за почеток од помош можат да ти бидат информациите од ова поглавје. Јехова ќе ги награди твоите напори. Библијата вели: „Молете, и ќе ви се даде. Барајте, и ќе најдете“ (Матеј 7:7).

      ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈА 38 И 39

      ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

      Тешко ти е да зборуваш со другите за Бог? Дознај како можеш да ги браниш своите верувања.

      [Фуснота]

      a Во некои Библии изразот „вкусете и видете“ е преведен како „откриј самиот“, „дознај самиот“ и „искуси самиот“ (Contemporary English Version, Today’s English Version и The Bible in Basic English).

      КЛУЧЕН СТИХ

      „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3)

      ПРЕДЛОГ

      Читај само по четири страници од Библијата секој ден и ќе ја прочиташ за отприлика една година.

      СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

      Тоа што ја имаш оваа книга и ги прифаќаш библиските совети дадени во неа покажува дека Јехова е заинтересиран за тебе (Јован 6:44).

      ПЛАН!

      За да извлечам повеќе од проучувањето на Библијата, ќе ․․․․․

      За да се молам поредовно, ќе ․․․․․

      Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

      ШТО МИСЛИШ?

      ● Што можеш да направиш за повеќе да уживаш во проучувањето на Библијата?

      ● Зошто Јехова сака да ги слуша молитвите на несовршените луѓе?

      ● Како да го подобриш квалитетот на своите молитви?

      [Истакната мисла на страница 291]

      ››Кога бев помала, во молитвите повторував сѐ едно исто. Сега се трудам во молитвата да ги спомнам и убавите и лошите работи што ми се случиле преку денот. А бидејќи нема два исти дена, никогаш не ги повторувам истите работи‹‹ (Ева)

      [Рамка/слика на страница 292]

      Истражувај ја Библијата

      1. Одбери библиски извештај што би сакал да го прочиташ. Моли се да го разбереш она што ќе го читаш.

      2. Читај внимателно. Не брзај. Додека читаш, вклучи ја својата фантазија. Користи колку што можеш повеќе сетила: Труди се да ги гледаш настаните, да ги слушаш гласовите на ликовите, да го помирисаш воздухот, да ја вкусиш храната итн. Живо претстави си ги настаните!

      3. Размислувај за она што си го прочитал. Размислувај за вакви прашања:

      ● Зошто Јехова го вклучил овој извештај во својата Реч?

      ● На кои личности треба да се угледам, а кои ми покажуваат како не треба да се постапува?

      ● Кои корисни поуки можам да ги извлечам од овој извештај?

      ● Што учам од овој извештај за Јехова и за тоа како постапува тој?

      4. Кратко помоли му се на Јехова. Кажи му што си научил од проучувањето на Библијата и како планираш да го примениш тоа во својот живот. Секогаш благодари му на Јехова за дарот што ти го дал — неговата Реч, Светото писмо!

      [Слика]

      „Твојата реч е светилка на мојата нога и светлина за мојата патека“ (Псалм 119:105)

      [Рамка/слика на страница 294]

      Сѐ со ред

      Премногу си зафатен за да се молиш? Немаш време да ја проучуваш Библијата? Честопати, причина за тоа е како ќе си ги подредиш работите.

      Пробај да го направиш овој експеримент: Земи една кофа и во неа стави неколку големи камења. Потоа наполни ја кофата со песок — до врв. На крај кофата е полна со камења и со песок.

      Сега испразни ја кофата. Овој пат песокот и камењата стави ги по обратен редослед: Стави го песокот, а потоа обиди се да ги ставиш внатре и камењата. Нема место? Е нема, затоа што овојпат прво го стави песокот во кофата.

      Што учиме од ова? Библијата вели: ‚Проценете што е најважно‘ (Филипјаните 1:10). Ако на прво место ги ставиш малите работи, како што е рекреацијата, ќе ти се чини дека во животот никогаш немаш доволно место за големите работи — духовните активности. Но, ако го следиш советот од Библијата, ќе видиш дека имаш место и за духовни активности и за рекреација. Сѐ зависи од тоа што ќе ставиш прво во твојата кофа!

      [Слика на страница 290]

      Како едно собно цвеќе, за да расте, пријателството со Бог треба да се негува

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели