-
Што прават старешините за собранието?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 15
Што прават старешините за собранието?
Финска
Поучување
Грижа за поединците
Сведочење
Во нашата организација нема платено свештенство. Напротив, исто како кога било основано христијанското собрание, поставени се надгледници, односно старешини ‚да го пасат Божјето собрание‘ (Дела 20:28). Овие старешини се духовно зрели мажи кои предводат во собранието и се грижат за него, „не со сила, туку доброволно; не поради нечесна добивка, туку горливо“ (1. Петрово 5:1-3). Што прават тие за нас?
Се грижат за нас и нѐ штитат. Старешините му даваат на собранието совети темелени на Библијата и го штитат во духовен поглед. Свесни дека Бог им ја доверил оваа важна одговорност, старешините не се поставуваат над Божјиот народ, туку се трудат да ни биде добро и да бидеме радосни (2. Коринќаните 1:24). Како што еден пастир внимателно се грижи за секоја своја овца, така и старешините се трудат да го запознаат секој член на собранието (Изреки 27:23).
Нѐ поучуваат како да ја вршиме Божјата волја. Секоја седмица, старешините предводат во поучувањето на собраниските состаноци за да ја зајакнат нашата вера (Дела 15:32). Овие верни мажи предводат и во проповедањето, соработувајќи со нас и обучувајќи нѐ за секоја гранка на службата.
Нѐ охрабруваат како поединци. За да му помогнат на секој од нас да си го зајакне односот со Јехова, старешините од нашето собрание може да дојдат кај нас дома или да поразговараат со нас во салата за да ни дадат помош и утеха од Библијата (Јаков 5:14, 15).
Освен она што го прават за собранието, повеќето старешини се и вработени и имаат семејни обврски на кои треба да им посветат време и внимание. Овие трудољубиви браќа ја заслужуваат нашата почит (1. Солуњаните 5:12, 13).
Какви одговорности имаат собраниските старешини?
Како старешините покажуваат дека се грижат за нас како поединци?
-
-
Какви одговорности имаат слуга-помошниците?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 16
Какви одговорности имаат слуга-помошниците?
Мјанмар
Точка на состанок
Состанок за проповедање
Одржување на салата
Во Библијата се опишани две групи христијани кои се грижат за собраниските одговорности — ,надгледниците и слуга-помошниците‘ (Филипјаните 1:1). Обично има повеќемина такви браќа што служат во секое собрание. Какви задачи извршуваат слуга-помошниците?
Му помагаат на старешинството. Слуга-помошниците се духовни, доверливи и совесни браќа, сеедно дали се помлади или постари. Тие се грижат за важни, но обично рутински организациски и технички задачи што мора да се завршат во собранието. Така старешините можат да се посветат на своите одговорности околу поучувањето и грижата за браќата.
Вршат практични задачи. Некои слуга-помошници служат како редари што имаат задача да ги пречекаат сите што доаѓаат на состанок. Други имаат задачи околу озвучувањето, делењето на литературата, се грижат за собраниските сметки и им даваат подрачја за сведочење на објавителите. Исто така, помагаат и околу одржувањето на салата. Старешините може да ги замолат да им помагаат на постарите во собранието. Каква задача и да добијат, слуга-помошниците спремно ја извршуваат, со што ја стекнуваат почитта на другите (1. Тимотеј 3:13).
Тие се добар пример во собранието. За некој да стане слуга-помошник, важно е да има убави христијански особини. Со своите точки на состаноците слуга-помошниците ни ја зајакнуваат верата. Тие предводат во проповедањето, а со тоа ја поттикнуваат и нашата ревност. Секогаш се спремни да соработуваат и така придонесуваат за радоста и единството во собранието (Ефешаните 4:16). Со текот на времето, и тие може да ги исполнат условите да служат како старешини.
Какви луѓе се слуга-помошниците?
Како слуга-помошниците помагаат сѐ во собранието да тече како што треба?
-
-
Како ни помагаат покраинските надгледници?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 17
Како ни помагаат покраинските надгледници?
Малави
Состанок за проповедање
Проповедање
Состанок со старешини
Во Христијанските грчки списи често се спомнуваат Варнава и апостол Павле. Тие служеле како патувачки надгледници и ги посетувале првите собранија. Зошто? Затоа што вистински биле заинтересирани за доброто на нивните духовни браќа и сестри. Павле рекол дека сака ‚да се врати и да ги посети браќата‘ за да види како се. Бил спремен да помине стотици километри за да оди и да ги зајакне (Дела 15:36). Ист став имаат и нашите патувачки надгледници денес.
Доаѓаат да нѐ охрабрат. Еден покраински надгледник посетува 20-ина собранија и поминува по една седмица двапати годишно со секое од нив. Можеме многу да учиме од искуството на овие браќа и на нивните сопруги, доколку се во брак. Тие се трудат да се запознаат и со младите и со постарите и сакаат да одат во служба со нас и кај оние со кои ја проучуваме Библијата. Овие надгледници, заедно со старешините од собранието, одат кај објавителите за да ги зајакнат, а нѐ охрабруваат и со своите говори на состаноците и собирите (Дела 15:35).
Се грижат за сите. Покраинските надгледници се вистински заинтересирани за духовната состојба на собранијата. Тие имаат состанок со старешините и слуга-помошниците за да видат каков напредок има во собранието и за да им дадат практични совети како да ги извршуваат своите одговорности. Им помагаат на пионерите да бидат успешни во својата служба, а многу сакаат да ги запознаат и новите во собранието и да чујат како напредуваат духовно. Секој од овие браќа спремно се дава себеси како „соработник, кој служи за [наше] добро“ (2. Коринќаните 8:23). Треба да се угледаме на нивата вера и да му бидеме оддадени на Бог како нив (Евреите 13:7).
Зошто покраинските надгледници ги посетуваат собранијата?
Како можеш да извлечеш корист од нивните посети?
-
-
Како им помагаме на нашите браќа кога се во неволја?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 18
Како им помагаме на нашите браќа кога се во неволја?
Доминиканска Република
Јапонија
Хаити
Кога ќе се случи некоја катастрофа, Јеховините сведоци веднаш се организираат за да им помогнат на своите браќа што се наоѓаат во погодените подрачја. Тоа покажува дека меѓу нас владее вистинска љубов (Јован 13:34, 35; 1. Јованово 3:17, 18). Како си помагаме?
Донираме средства. Кога во првиот век Јудеја била зафатена од голем глад, христијаните од Антиохија им испратиле финансиска помош на своите духовни браќа (Дела 11:27-30). Слично на тоа, кога ќе дознаеме дека нашите браќа во некој дел од светот се погодени од некоја неволја, испраќаме доброволни прилози преку нашето собрание за да се обезбеди материјална помош за оние во најтешка состојба (2. Коринќаните 8:13-15).
Даваме практична помош. Старешините кои се на местото на несреќата се трудат да стапат во контакт со секој член на собранието за да се уверат дека сите се добро. Може да биде формиран одбор за помош кој ќе се погрижи да бидат обезбедени храна, вода за пиење, облека, засолниште и медицинска помош. Многу Сведоци доброволно и на свој трошок одат да помагаат во акциите за помош или околу поправките на оштетените домови и сали. Единството што постои во нашата организација и искуството што го имаме стекнато работејќи заедно ни помагаат брзо да реагираме во време на неволја. Иако спремно им пружаме рака на „своите браќа по вера“, кога можеме, им помагаме и на другите, без разлика на нивната религија (Галатите 6:10).
Даваме духовна и емоционална поддршка. На оние што преживеале некаква катастрофа многу им треба утеха. Во такви тешки времиња, црпиме сила од Јехова, „Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3, 4). Ние сакаме да им ги кажеме библиските ветувања на оние што се во очај, уверувајќи ги дека наскоро Божјето Царство ќе им стави крај на сите трагедии што носат болка и страдања (Откровение 21:4).
Зошто Јеховините сведоци можат брзо да реагираат кога ќе се случи некоја катастрофа?
Каква духовна утеха можеме да им дадеме на оние што преживеале?
-
-
Кој е верниот и разборит роб?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 19
Кој е верниот и разборит роб?
Духовната храна ни користи на сите
Кратко пред да умре, Исус разговарал насамо со четворица свои ученици — Петар, Јаков, Јован и Андреј. Кога кажал кој ќе биде знакот за неговата присутност во последните денови, поставил едно многу важно прашање: „Кој е верниот и разборит роб кого неговиот господар го поставил над своите слуги за да им дава храна во вистинско време?“ (Матеј 24:3, 45; Марко 13:3, 4). Исус ги уверил своите ученици дека тој како нивен „господар“ ќе постави луѓе што редовно ќе обезбедуваат духовна храна за неговите следбеници во времето на крајот. Кој го сочинува верниот и разборит роб?
Тоа е мала група следбеници на Исус помазани со свет дух. ‚Робот‘ е Водечкото тело на Јеховините сведоци. Тој обезбедува навремена духовна храна за своите соверници. Нам ни е неопходна храната што овој верен и разборит роб ни ја дава во право време (Лука 12:42).
Робот управува со Божјиот дом (1. Тимотеј 3:15). Исус му ја дал на верниот и разборит роб сериозната одговорност да води сметка за сѐ што е поврзано со активностите на земниот дел на Јеховината организација — да се грижи за материјалните поседи, да го организира проповедањето и да нѐ поучува преку нашите собранија. Според тоа, за да ни го даде во право време она што ни е потребно, „верниот и разборит роб“ нѐ храни духовно преку публикациите што ги користиме во нашата служба, како и преку програмата што се изнесува на состаноците и собирите.
Робот е верен затоа што верно се држи за библиските вистини и за својот налог да ја проповеда добрата вест и разборит е затоа што мудро се грижи за сѐ што му припаѓа на Христос на Земјата (Дела 10:42). Јехова го благословува трудот на робот, а доказ за тоа е што сѐ повеќе луѓе ја прифаќаат вистината и што добиваме изобилство духовна храна (Исаија 60:22; 65:13).
Кого поставил Исус да обезбедува духовна храна за неговите ученици?
Во која смисла робот е верен и разборит?
-
-
Како функционира Водечкото тело денес?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 20
Како функционира Водечкото тело денес?
Водечкото тело од првиот век
Се чита писмо од водечкото тело
Во првиот век, една мала група христијани — „апостолите и старешините во Ерусалим“ — служеле како водечко тело што донесувало важни одлуки кои го засегале целото христијанско собрание составено од помазаници (Дела 15:2). Како успевале да донесат едногласни одлуки? Проверувале што велат светите списи за некоја тема, дискутирале за неа и се подложувале на водството што го добивале од Божјиот дух (Дела 15:25). Исто е и денес.
Бог го користи Водечкото тело да ја врши неговата волја. Помазаните браќа што служат во Водечкото тело длабоко ја проучуваат Божјата Реч и имаат големо искуство во врска со тоа како да се решаваат некои прашања поврзани со организациски и духовни работи. Тие се состануваат секоја седмица и дискутираат за потребите на нашето меѓународно братство. Исто како во првиот век, даваат упатства темелени на Библијата преку писма, преку патувачките надгледници и слично. Тоа помага Божјите слуги низ целиот свет да размислуваат и да постапуваат според исти начела и мерила (Дела 16:4, 5). Водечкото тело го надгледува подготвувањето на духовната храна и именувањето на одговорни браќа и дава поттик да проповедаме во поголема мера.
Водечкото тело го следи водството од Божјиот дух. Водечкото тело за сѐ бара водство од Севишниот Владетел, Јехова, и од Главата на собранието, Исус (1. Коринќаните 11:3; Ефешаните 5:23). Членовите на Водечкото тело не се сметаат себеси за водачи на Божјиот народ. Тие, заедно со сите помазани христијани, „го следат Јагнето [Исус] каде и да појде“ (Откровение 14:4). Водечкото тело е многу благодарно кога се молиме за него.
Кој го сочинувал водечкото тело во првиот век?
Како Водечкото тело денес бара водство од Бог?
-
-
Што е Бетел?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 21
Што е Бетел?
Графички оддел (САД)
Германија
Кенија
Колумбија
На хебрејски јазик, зборот Бетел значи „Божји дом“ (1. Мојсеева 28:17, 19, фуснота). Тоа е соодветно име за објектите што Јеховините сведоци ги имаат низ целиот свет и од каде што се организира проповедањето. Водечкото тело се наоѓа во главното седиште во државата Њујорк (САД) и оттаму ги надгледува подружниците во многу земји. Како група, оние што служат во овие објекти се познати како бетелско семејство. Тие живеат и работат заедно, јадат заедно и ја проучуваат Библијата заедно (Псалм 133:1).
Посебно место во кое владее самопожртвуван дух. Во секој Бетел има мажи и жени кои се потполно посветени на тоа да ја вршат Божјата волја и да прават сѐ што можат за Царството (Матеј 6:33). Ниту еден од нив не добива плата, но на секој му е обезбедено сместување и храна, а добива и мал паричен износ за своите лични потреби. Секој член во Бетел има своја задача. Некои имаат задачи во канцеларија, во кујна или во трпезарија. Други имаат задачи во печатница, книговезница, во пералница или помагаат во одржувањето и чистењето на објектите.
Место кое помага да се врши проповедањето. Главната цел на секој Бетел е библиската вистина да стигне до што повеќе луѓе. Пример за тоа е и оваа брошура. Пишувањето беше надгледувано од Водечкото тело, потоа електронски беше испратена до стотици преведувачки тимови низ целиот свет, испечатена на брзи машини за печатење во печатниците низ разни Бетели и доставена до повеќе од 110.000 собранија. Со секој чекор од овој процес бетелските семејства помагаат да се врши најважната задача денес — да се проповеда добрата вест (Марко 13:10).
Кој служи во Бетел, и кои работи се обезбедени за нив?
Кое важно дело се поддржува со сѐ што се прави во Бетел?
-
-
Што се прави во една подружница?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 22
Што се прави во една подружница?
Соломонови Острови
Канада
ЈАР
Членовите на бетелското семејство служат во различни одделенија и со својата служба го поддржуваат проповедничкото дело во една или повеќе земји. Некои служат во преведувачки тимови, печатат списанија, подврзуваат книги, складираат литература, снимаат аудио и видео материјали или се грижат за други работи поврзани со подрачјето за кое е одговорна подружницата.
Активностите ги надгледува Одбор на подружницата. Секоја подружница ја надгледува Одбор на подружницата составен од тројца или повеќе искусни старешини кои се поставени од Водечкото тело. Одборот редовно го известува Водечкото тело како напредува делото во секоја земја што е под надлежност на тој одбор и за проблемите што можеби ќе се појават. Таквите извештаи му помагаат на Водечкото тело да одлучи кои теми да бидат разгледани во некои идни публикации и на состаноците и на собирите. Претставници на Водечкото тело редовно ги посетуваат подружниците и им даваат упатства на Одборите како да ги извршуваат своите задачи (Изреки 11:14). За време на посетата претставникот на главното седиште одржува охрабрувачки говор за оние што живеат на подрачјето што го надгледува подружницата.
Им помага на локалните собранија. Одговорни браќа од подружницата даваат одобрување за основање на нови собранија. Исто така, им даваат упатства на пионерите, мисионерите и покраинските надгледници кои служат на подрачјето на подружницата. Тие ги организираат собирите и конгресите, ја надгледуваат изградбата на нови сали и се грижат литературата да се испорача до собранијата. Сѐ што се прави во подружницата придонесува проповедањето да се одвива организирано (1. Коринќаните 14:33, 40).
Како Одборите на подружниците му помагаат на Водечкото тело?
За кои работи се грижи подружницата?
-
-
Како се пишува и како се преведува нашата литература?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 23
Како се пишува и како се преведува нашата литература?
Одделот за пишување (САД)
Јужна Кореја
Ерменија
Бурунди
Шри Ланка
За да можеме да ја објавуваме ‚добрата вест на секој народ и племе и јазик и народност‘, издаваме литература на преку 750 јазици (Откровение 14:6). Како успеваме во тоа? Со помош на писатели и ревносни преведувачи од цел свет — сите Јеховини сведоци.
Оригиналниот текст се подготвува на англиски. Водечкото тело ја надгледува активноста на Одделот за пишување кој се наоѓа во нашето главно седиште. Овој оддел ја организира работата на писателите што служат во седиштето и во некои други подружници. Поради тоа што писателите се со најразлично потекло, во нашите публикации се обработуваат теми што се интересни за луѓе од сите култури.
Текстот се праќа до преведувачите. Откако пишаниот текст е подготвен и одобрен, електронски се праќа до преведувачките тимови низ светот, кои го преведуваат, го проверуваат и го коригираат. Тие се трудат да ги најдат „точните зборови на вистината“ со кои потполно ќе ја пренесат смислата на англискиот текст на својот јазик (Проповедник 12:10).
Компјутерите го забрзуваат процесот. Компјутерот не може да ги замени писателите и преведувачите. Меѓутоа, нивната работа може да се забрза со помош на електронски речници, разни компјутерски програми и алатки за истражување. Јеховините сведоци имаат направено еден компјутерски систем — MEPS (Multilanguage Electronic Publishing System) — кој овозможува преведениот текст да се внесе на стотици јазици, да се спои со сликите и да се подготви за печатење.
Зошто го вложуваме сиот тој труд, дури и за јазици што ги зборуваат само неколку илјади луѓе? Затоа што Јеховината волја е „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4).
Како се подготвуваат нашите публикации?
Зошто ја преведуваме нашата литература на толку многу јазици?
-
-
Како се финансира нашето дело?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 24
Како се финансира нашето дело?
Непал
Того
Британија
Секоја година нашата организација бесплатно објавува и дистрибуира стотици милиони Библии и други публикации. Градиме и одржуваме подружници и сали за состаноци. Издржуваме илјадници бетелски слуги и мисионери, а пружаме и хуманитарна помош во време на катастрофа. Можеби се прашуваш како се финансира сето тоа.
Не се зема десеток, не се плаќа членарина и не е задолжително да се даваат прилози. Иако се потребни многу средства за нашето дело на проповедање, ние не бараме пари од луѓето. Пред повеќе од еден век, во вториот број на списанието Стражарска кула беше кажано дека ние веруваме дека Јехова нѐ поддржува и дека „никогаш нема да молиме за пари ниту да бараме помош од луѓе“ — и никогаш не сме го направиле тоа! (Матеј 10:8).
Нашите активности се финансираат со доброволни прилози. Многу луѓе го ценат она што го правиме и затоа даваат доброволни прилози. И самите ние радосно даваме од своето време, сила, пари и други средства за да се врши Божјата волја по целата Земја (1. Летописи 29:9). Во нашите сали и на нашите собири и конгреси има кутии за доброволни прилози во кои може да пушти прилог секој што сака. Исто така, може да се приложи и преку нашата интернет-страница jw.org. Оние што даваат прилози најчесто се луѓе со скромни примања, исто како сиромашната вдовица која пуштила две парички во ковчежето за прилози во храмот — гест што Исус искрено го пофалил (Лука 21:1-4). И денес, секој може редовно да „става настрана“ и да дава „како што одлучил во своето срце“ (1. Коринќаните 16:2; 2. Коринќаните 9:7).
Уверени сме дека Јехова и понатаму ќе ги поттикнува оние што од срце сакаат ‚да му искажуваат чест со својот имот‘ да даваат прилози за Царството за да може да се изврши неговата волја (Изреки 3:9).
По што се разликува нашата организација од другите религии?
За што се користат доброволните прилози?
-
-
Зошто и како ги градиме нашите сали?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 25
Зошто и како ги градиме нашите сали?
Боливија
Нигерија, пред и потоа
Тахити
Главното библиско учење за кое се зборува во Салите на Јеховините сведоци е Божјето Царство — истата тема за која зборувал и Исус (Лука 8:1).
Во нив се учи вистината за Бог. Салите на Јеховините сведоци се места од кои тие го организираат проповедањето во нивната околина (Матеј 24:14). Овие објекти се разликуваат по големината и изгледот, но тоа се скромни градби, а во многу од нив се состануваат повеќе собранија. Бидејќи бројот на објавители и собранија постојано расте, во последниве години изградивме десетици илјади нови сали, во просек по пет на ден. Како е возможно тоа? (Матеј 19:26).
Се градат со помош на прилозите што се даваат за таа цел. Овие прилози се испраќаат до подружницата за да може парите да им послужат на собранијата кои сакаат да изградат сала или да ја реновираат онаа што веќе ја имаат.
Ги градат доброволци со најразлично потекло и вештини. Во многу земји има формирано групи за изградба на сали составени од браќа и сестри. Тие се селат од едно до друго собрание во една земја — дури и до подалечни места — за да им помагаат на локалните собранија околу изградбата на нивната сала. Во други земји, некои браќа се задолжени да ги надгледуваат изградбата и реновирањето на Салите на Јеховините сведоци во одреден регион. Иако вешти мајстори доброволно ги даваат своето време и сила, повеќето од оние што работат на градилиштата се волонтери од локалното собрание. Сето ова е возможно поради Јеховиниот дух и сесрдниот труд на неговиот народ (Псалм 127:1; Колошаните 3:23).
Зошто градиме сали за состаноци?
Што ни овозможува да градиме сали низ целиот свет?
-
-
Како да ја одржуваме нашата сала?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 26
Како да ја одржуваме нашата сала?
Естонија
Зимбабве
Монголија
Порторико
Салите каде што Јеховините сведоци ги одржуваат своите состаноци го величаат Божјето свето име. Затоа, нам ни е чест да ја одржуваме Салата чиста, уредна и во добра состојба, а тоа го сметаме и за важен дел од нашето обожавање. Секој може да помогне околу одржувањето.
Учествувај во чистењето по состанокот. По секој состанок, браќата и сестрите со задоволство ја средуваат и ја чистат салата. Редовно се прави и потемелно чистење. Некој старешина или слуга-помошник го организира чистењето, обично следејќи список со работи што треба да се завршат. Во зависност од потребите, подот се мете, се смука или се пребришува, се брише прашината, се редат столчињата, се чистат тоалетите, се бришат прозорците и огледалата, се фрла ѓубрето или се чисти околу салата. Ако и на нашите деца им дадеме некои задолженија, ќе ги научиме да го ценат местото каде што го славиме Бог (Проповедник 5:1).
Помогни околу поправките. Секоја година се прави детална проверка на салата, и однадвор и однатре. Според она што ќе се утврди при проверката, редовно се вршат поправки за салата да биде во добра состојба, со што се избегнуваат непотребни трошоци (2. Летописи 24:13; 34:10). Кога салата е чиста и кога добро се одржува, таа е достојно место во кое го славиме нашиот Бог. Со тоа што помагаме во тие работи покажуваме колку ги сакаме Јехова и местото каде што го славиме (Псалм 122:1). Но, тоа остава и убав впечаток во околината (2. Коринќаните 6:3).
Зошто треба да се грижиме за нашите сали?
Што се организира за да ја одржуваме салата чиста?
-
-
Како ни користи собраниската библиотека?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 27
Како ни користи собраниската библиотека?
Израел
Чешка
Бенин
Кајмански Острови
Сакаш ли да истражуваш за да си го зголемиш библиското знаење? Би сакал ли да дознаеш повеќе за некој конкретен стих, лик, место или нешто друго што е спомнато во Библијата? Си размислувал ли дали Божјата Реч може да ти помогне во врска со некој личен проблем? Тогаш, користи ја собраниската библиотека.
Содржи многу публикации што ни помагаат да истражуваме. Веројатно ги немаш сите библиски публикации на Јеховините сведоци што ги има на твојот јазик. Но, во собраниската библиотека ги има повеќето публикации. Во неа може да има и разни преводи на Библијата, добар речник и други книги. Слободно користи ја библиотеката пред и по состаноците. Ако во Салата има и компјутер, би можел да ја користиш Библиотеката со публикации на Јеховините сведоци. Тоа е компјутерска програма која содржи многу наши публикации и има опции што овозможуваат лесно да се пребарува на некоја тема, збор или стих.
Им користи на учесниците на состанокот Нашиот живот и служба. Собраниската библиотека може да ти биде од голема помош кога ја подготвуваш својата задача. Надгледникот на овој состанок е одговорен за библиотеката. Тој треба да се погрижи во неа да бидат ставени најновите публикации и да биде добро организирана. Тој или оној со кого проучуваш можат да ти покажат како да ги бараш информациите што ти требаат. Меѓутоа, ниедна публикација не смее да се изнесува од библиотеката. И, се разбира, треба да ги чуваме публикациите и да не пишуваме ништо во нив.
Библијата објаснува дека, за да го пронајдеме „знаењето за Бог“, мораме да бидеме спремни да трагаме по него „како по скриено богатство“ (Изреки 2:1-5). Собраниската библиотека може да ти помогне да ја започнеш таа потрага.
Што содржи собраниската библиотека?
Кој може да ти покаже како да ја користиш библиотеката?
-
-
Што има на нашата интернет-страница?Кој ја врши Јеховината волја денес?
-
-
ПОГЛАВЈЕ 28
Што има на нашата интернет-страница?
Франција
Полска
Русија
Исус Христос им рекол на своите следбеници: „Нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да го слават вашиот Татко, кој е на небесата“ (Матеј 5:16). За таа цел, ја користиме современата технологија, вклучувајќи го и Интернет. На нашата интернет-страница, jw.org/mk, можеш да најдеш многу информации за верувањата и активностите на Јеховините сведоци. Што има на неа?
Библиски одговори на некои вообичаени прашања. Можеш да ги најдеш одговорите на некои од најважните прашања воопшто. На пример, трактатите Ќе им дојде ли крај на страдањата? и Ќе има ли воскресение? се достапни онлајн на преку 600 јазици. Можеш да го најдеш и Светото писмо — превод Нов свет на повеќе од 130 јазици, а и голем број публикации за проучување на Библијата, меѓу кои и книгата Што навистина учи Библијата? и тековните броеви на Стражарска кула и Разбудете се! Многу од овие публикации може да ги читаш или да ги слушаш онлајн или да ги преземеш во различен формат, на пример, MP3, PDF или EPUB. Можеш и да отпечатиш неколку страници за некој што се интересира за Библијата, и тоа на неговиот јазик! Достапни се и видеопубликации на повеќе знаковни јазици. Можеш да симнеш снимки со драмско читање на Библијата, библиски драми и убава музика во која можеш да уживаш во слободното време.
Точни информации за Јеховините сведоци. На страницата се ставени и најновите вести и видеоклипови во врска со нашето меѓународно дело, настани поврзани со Јеховините сведоци и вести за нашите акции за помош при катастрофи. Можеш да најдеш информации за претстојните конгреси и како да стапиш во контакт со нашите подружници.
На овој начин пуштаме светлината на вистината да свети и до најоддалечените краеви на Земјата. Таа достига до луѓе од секој континент, дури и од Антарктикот. Наша желба е „Јеховината реч брзо да се шири“ по целиот свет, за слава на Бог (2. Солуњаните 3:1).
Како преку нашата интернет-страница им се помага на многу луѓе да ја дознаат библиската вистина?
Што би сакал да пребаруваш на нашата интернет-страница?
-